Меѓународен форум за мир во организација на Граѓански патеки-Битола
Со платформа за мир чекор поблиску до евроинтеграција
„Ги потсетуваме државите дека се обврзани да ги почитуваат и имплементираат европските декларации и конвенции за човекови права... Вооружените насилства, тероризмот и криминалот бараат одговорна и долгорочна политика, а демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите права и одржливиот развој се најдобра превентива и лек. Упатуваме заложба за подобра соработка помеѓу земјите на Југоисточна Европа...“ - стои, покрај другото, во Платформата за мир која досега ја потпишаа 50-тина НВО од регионот на Југоисточна Европа, упатувајќи заедничка порака за мир во регионот.
Платформата, изготвена на македонски, грчки, српски, албански и англиски јазик, е првиот официјален документ на Меѓународната мрежа за евроинтеграција чии членки се невладини организации од Македонија, од Србија и Црна Гора, од Албанија и од Грција кои работат на младинска проблематика, граѓанско општество и човекови права.
Со оглед на актуелната безбедносно-политичка состојба во Македонија во контекст на регионот на Југоисточна Европа, претставници на членките на мрежата од 5 до 7 септември се состанаа во Битола на „Форумот за мир“, организиран од „Граѓански патеки“ со поддршка на Советот на Европа.
„Потпишувајќи ја Платформата во 5 до 12 часот на 7 септември, членките на Меѓународната мрежа за евроинтеграција ја потенцираа итноста на конкретните мировни иницијативи кои во практиката треба да бидат имплементирани во духот на Пактот за стабилност. Платформата ќе биде упатена до владите на Македонија, на Србија и Црна Гора, на Грција и на Албанија, како и до институциите на меѓународната заедница“ - истакнува Анета Шијакова, претседател на „Граѓански патеки“.
„Европа е повеќе заинтертесирана за интеграција, отколку за дезинтеграција на балканските земји“ - истакна во изјавата емитувана на Форумот Раде Богдановиќ, поранешен амбасадор, нагласувајќи дека на Балканот постојат силни перспективи за добрососедска соработка. Богдановиќ, со оглед на своето искуство како координатор за балканска соработка за време на СФРЈ, поранешен српски амбасадор во Албанија, генерален српски конзул во Грција, советник на Владата на Танзанија и амбасадор во Либија, денес е виш консултант на Граѓански патеки во рамките на Програмата за меѓународна интеграција и претставник за Србија и Црна Гора.
На Форумот за мир членките на Меѓународната мрежа за евроинтеграции ја претставија својата стратегија за натамошно јакнење на мрежата преку отвореност за нови организации и обезбедување дополнителна поддршка на Платформата која во наредниот период ќе „патува“ на средби на невладини организации низ Балканот, под мотото „ЗАЕДНО СМЕ ПОГЛАСНИ, ПОВИДЛИВИ И ПОСИЛНИ!!!“.
НВО Граѓански патеки е избрана за координатор на Меѓународната мрежа за евроинтеграции за наредните 6 месеци, со главна задача да ги координира предвидените програми за разоружување „Оружје во замена за развој“ и за борба против корупцијата предвидени со Платформата.
А. Шијакова
---
Невладините организации од Македонија, Србија и Црна Гора, Грција и Албанија учеснички на Форумот за мир во Битола на 06.09.2003 ја усвоија следната:
ПЛАТФОРМА ЗА МИР
1. Ги потсетуваме државите дека се обврзани да ги почитуваат, презентираат и имплементираат европските декларации и конвенции за човекови права, со посебен акцент на правото на слобода и слободно изразување; правото на избор и јавното искажување на религиската припадност; почитувањето на традициите, обичаите и јазикот; почитувањето на правата на етничките групи.
2. Сметаме дека вооружените насилства, тероризмот и криминалот како несакани појави побаруваат одговорна и долгорочна политика. А демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите права и одржливиот развој се најдобра превентива и лек. Ги потсетуваме владите од регонот дека со своите активности или со пасивниот однос кон актуелните состојби можат да создадат услови за вооружени насилства и тероризам.
3. Упатуваме заложба за подобра соработка помеѓу земјите на Југоисточна Европа за борба против вооруженото насилство, тероризмот и криминалот кои често се меѓусебно поврзани, со посебен акцент на криминалот кој е поддржан од одредени субјекти на власта.
4. Обрнуваме внимание на важноста за изградба на социјална и развојна политика во интерес на чуствителните региони и популации (со посебен осврт на младината) кои служат како инкубатори за зародиш и развој на криминалот, вооруженото насилство и тероризмот. Предлагаме “Оружје во замена за развој”, програми кои би овозможиле собирање на оружјето за инфраструктурна помош во кризните подрачја.
5. Апел до претставниците на верските заедници со своите активности да создадат услови за ширење идеи за ненасилство и поголема толеранција, како и меѓусебно разбирање.
6. Воспоставување унифицирана регионална законска регулатива, компатибилна со европските стандарди за борба против корупција. Едукација на населенито како превентива во однос на негативното влијание на корупцијата врз развојот на регионот.
7. Привлекување стратешки инвестиции, размена на искуства и развивање регионална стратегија за подобро искористување на природните ресурси.
Продолжување и зајакнување на процесот на мрежна интеграција, како и заеднички настап на целата мрежа на НВО од регионот, со отвореност за потпишување од страна на нови потенцијални членки.
ЗАЕДНО СМЕ ПОГЛАСНИ, ПОВИДЛИВИ И ПОСИЛНИ!!! |