Улогата на граѓанското општество во процесот на приближување кон Европската Унија
Сектор кој треба да менаџира со евроинтеграциите
Граѓанскиот сектор е сектор кој треба да го обезбеди потребниот консензус - педесет плус еден процент гласови на граѓаните кои ќе гласаат за влез во ЕУ, како што впрочем тоа го сториле и жителите на сите земји кои се веќе дел од оваа заедница, истакна Радмила Шеќеринска
До каде е Македонија на својот пат кон Европската Унија и што граѓанскиот сектор може да направи за приближување на нашата земја кон ЕУ беа централни прашања на панелот за улогата на граѓанското општество во процесот на евроинтеграциите. На панелот на кој модератор беше Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата институт отворено општество Македонија, а учествуваа Радмила Шеќеринска,вицепремиер во владата на Република Македонија, Гордана Дувњак, уредник на политичка рубрика во редакција ‘’Утрински Весник’’ и Лидија Димова од Центарот за европско образование, за едно нешто имаше консензус. Фазата кога само декларативно се залагавме за влез во Европска Унија е минато за Македонија, нешто што дефинитивно мора да остане зад нас. Последен момент е од стоење или заложби за реформски курс да преминеме во реформатори.
‘’Невладиниот сектор не треба да прашува што владата или Европската Унија може да сторат за граѓанското општество, туку сите вклучени во работата на невладиниот сектор мора да се прашаат што може да направат за граѓаните’’, реЧе Милчин.
За значењето на улогата на граѓанскиот сектор во процесот на евроинтеграциите вицепремиерката Радмила Шеќеринска истакна дека токму граѓанскиот сектор е сектор кој треба да го обезбеди потребниот консензус - педесет плус еден процент гласови на граѓаните кои ќе гласаат за влез во ЕУ, како што впрочем тоа го сториле и жителите на сите земји кои се веќе дел од оваа заедница.
‘’Реформите претстојат’’, рече Шеќеринска, ‘’но ќе има многу реформи кои ќе бидат непопуларни, сите ќе прашуваат која е цената на влезот во Европската Унија и кој ќе го плати цехот. Овие прашања не се поставуваат само во Македонија. И во други земји кои веќе се членки на оваа заедница со години имаше натегања околу донесување на одредени закони кои ги налага Брисел, а кои се навидум непопуларни за одредена земја или нација. Во невладиниот сектор гледам некој кој ќе менаџира со процесот на евроинтеграции, кој ќе им објасни на граѓаните што значи самиот процес, сектор кој ќе биде храбар да им поставува прашања од суштинска важност на политичарите како пред изборите, така и за време на изборите, сектор кој ќе следи кој што ветил, а што остварил. ‘’
Во земја со два милиона жители, како што е случај со Македонија, неизоставно се наметнува прашањето за човечките ресурси.
‘’Македонија треба посериозно да се занимава со своите кадри, со своите ресурси и да ги користи’’, објасни Шеќеринска која додаде дека граѓанскиот сектор и тука мора да одигра клучна улога бидејќи во годините по осамостујувањето токму кадрите од невладиниот сектор имаа пристап кон дообуки и квалификации од разни области со што нивното знаење и искуство е незаменливо во евроинтеграциските процеси.
Лидија Димова пак, ја претстави белата книга за европското владеење. ‘’Заложбата на политичарите од земјите на Европска Унија е да ја приближат работата на европските институции до граѓаните’’, објасни Димова.
И на крај јасно се наметнува прашањето, каква е улогата на медиумите во европските процеси на интеграција?
‘’Голем проток на идеи и информации бара излегување од идеолошки матрици и рамки. Медиумите во Македонија и до сега покажаа дека имаат храброст и визионерство да одат чекор напред пред политиката. Но, треба да се внимава и да се избегнува ефтин сензационализам и непрофесионалност, објасни Гордана Дувњак’’, уредник во ‘’Утрински Весник’’.
|