|
ONLINE ВЕРЗИЈА |
|
ПЕЧАТЕНА ВЕРЗИЈА |
|
Д-Р НАТАША ГАБЕР-ДАМЈАНОВСКА, НАУЧЕН СОВЕТНИК
Невладините се еднакво „чисти“ или „валкани“ колку и општеството
Пишува Зоран Андоновски
Д-р Наташа Габер - Дамјановска е научен соработник во Институтот за социолошки, политичко-правни истражувања. Се занимава со состојбите во невладниот сектор и на политичката сцена во земјава. Габер – Дамјановска е еден од авторите на Законот за невладините организации, а последните настани на овој план беа повод за разговор со неа.
Како гледате на ова што се случува со „Транспарентност“? Колку НВО-ата се врзани за политиката? Сметам дека е навистина неумесно кога ситуацијата во целокупниот граѓански сектор се поистоветува со состојбите кои постојат во една организација, како што е тоа во моментот. Секако дека е мошне непријатно кога една организација од рангот на „Транспарентност“ минува низ ваков тип на турбуленции, особено бидејќи задача и е да биде фокусирана токму на најголемите проблеми на македонското општество, а не и самата таа да емитува во јавноста негативен впечаток за нејзините внатрешни односи и работење. Сепак треба да сме сите свесни за генералниот впечаток кој една ваква организација го оддава наспрема домашната и меѓународната јавност, бидејќи тоа кажува многу, како за националните состојби така и за политичката култура на сите, а не само на директно инволвираните. Граѓанскиот сектор е еднакво „чист“ или „валкан“ колку што се и другите делови на македонското општество.
Зошто е толку жестока битката за превласт во некои невладини? Бизнис ли е да се води и има невладина кај нас? Факт е дека во последната деценија и половина граѓанските организации во голема мерка биле активни и работеле благодарејќи на странски донации. Исто така е факт дека во скора иднина тие извори постепено ќе пресушуваат, бидејќи процена е дека приоритетите на помошта кон нашата држава веќе се од друга, системско-реформска природа, па затоа веќе поддршката ќе треба да се насочи во тој правец. Со евентуални исклучоци и тоа само на определени донори за време на двете кризни ситуации во 1999 и 2001 година, најголемиот дел од средствата доаѓале преку легален (банкарски) пат и тоа биле често средства од странски влади и меѓународни организации, што значи средства од граѓаните-даночни обврзници. Со оглед на тоа дека се знае дека евентуални „валкани“ пари се генерираат од криминални активности и во принцип циркулираат во готовина, недозволиво е да се шпекулира дека донаторите (особено овие) ги „перат“ преку граѓанскиот, значи и преку легалниот банкарски (??) сектор кај нас. За жал, ова уверување кружи многу често како шлагворт во медиумите и служи за подгревање на сензационализмот кој евидентно е привлечен за ушите на пошироката публика. Лично би правела разлика за тоа што би значело евентуалното злонамерно повлекување на проектни пари во кеш и со цел за лично збогатување, но тоа не се нарекува „перење пари“ туку наједноставно- кражба.
Како може да се цени дали некоја невладина е активна и како да се мери нејзиниот учинок? Наједноставен начин да се увиди дали некоја организација навистина работи е реалниот учинок што таа го произведува (било да се работи на пример за нов закон против семејното насилство, остварување на изборно набљудување и сл) или да се види бројот на директните корисници кои имаат некаква корист од активноста или проектот (селското население каде е изграден водоснабдителен систем, бројот на сиромашни ученици кои добиле стипендии за понатамошно образование, број на деца со пречки во развојот кои го посетуваат дневниот центар, бројот на лица зависници од дрога кои ги посетуваат центрите за помош и поддршка, бројот на лица кои побарале помош на СОС-телефоните, остварени обуки за јакнење на капацитетот на различни организации и институции и многубројни други активности). Всушност целта на најголемиот број на овие организации е да им помогне или да го подобри квалитетот на живот на што поголем број население, што значи пред се на обичниот човек. Бројот на организации кои се занимаваат со т.н. висока политика и кои го консумираат – за жал - најголемиот медиумски интерес за нивните активности е неспоредливо помал во однос на овие организации посветени на дневните животни проблеми. Затоа, сметам дека е неправедно да се фрла сенка на работењето на голем број луѓе што со добра волја и енергија сакаат да помогнат како на себе, така и на другите. Негативното третирање на сите овие организации деструктивно влијае врз добрата волја на граѓаните да го дадат својот општествен придонес онолку колку што секој може и умее.
Што се однесува до средствата кои се трошат на ваквите програмски активности и проекти, значајно е да се истакне дека оние организации кои без колебање ги изложуваат на увид на јавноста програмските определби и проекти, придружени со сопствените годишни завршни сметки и оние кои евентуално дополнително обезбедуваат и независен ревизорски извештај даваат индиции за коректно работење.
Луѓе од невладиниот сектор, причините за турбуленциите ги лоцираат и во Законот за НВО-ата. Вие, заедно со проф. Борче Двитковски го подготвувавте овој закон. Се согласувате ли дека тој има недостатоци? Сегашниот Закон за здруженија на граѓани и фондации е изгласан во 1998 година. Од тој период до денес етапно се јави потреба тој да се дополни или коригира во некои делови, имајќи предвид дека и состојбите во секторот градуално се развиваа. Уште од 2004 година во рамките на Министерството за правда беше формирана работна група која имаше задача да работи за амендирање на постојниот Закон. Приготвените предлози се дискутираат веќе подолго време и за жал се уште не се проследени до Собранието на разгледување. Од друга страна, актуелно се промовираат амандмани што имаат главно врска со новата процедура на регистрирање на организациите со едношалтерскиот систем, а сето друго најверојатно ќе чека подобри времиња.
Во кој правец мислите дека треба да се измените? Компарирајќи како се одвива овој процес во земјите од регионот, морам да кажам дека тие се во многубројни домени што ја дополнуваат основната законска рамка во многу понапредна фаза од нас. Имено, веќе сите имаат усвоено (секоја држава со своите специфични решенија) норматива што се однесува на определени видови на даночни ослободувања за секторот. Ваквите ослободувања секако дека не би важеле за секоја организација, туку само за оние што ја имаат потребната изградена структура, експертиза од областа, сериозност, но над се со своето работење да остваруваат некој „јавен интерес“. Значи овде не би спаѓале организации кои се основаат за остварување на некое на пример задоволство или хоби, како што би било, на пример, играњето карти. Идејата е државата, преку свои законски поставени предуслови (кои ќе ја гарантираат сериозноста на граѓанската организација) да биде во состојба на оние организации што тоа ќе го побараат да им го доделува статусот на „организација од јавен интерес“, но истовремено и да биде во можност поодблизу да ги контролира дали работат правилно. Ваквиот статус воопшто не би гарантирал дека ваквите организации би биле бездруго финансирани од државата. Логиката на давањето на даночните бенефиции е бидејќи организацијата би остварувала (сервисирала) некаков општествен интерес, државата преку нив да обезбеди подолгорочна одржливост на таа организација. Овој аспект е мошне важен, бидејќи поседува свој индиректен механизам за понатамошно поттикнување на работењето на ваквите општествено корисни граѓански организации. Странските искуства исто така говорат дека може да се размислува и за поизразено поттикнување на донаторството, посебно на масовното донаторство и на бизнис секторот преку определени даночни бенефиции, како и овозможувањето организациите да имаат некаква економска активност преку која би можеле да обезбедат одржливост. Разбирливо, во целиот овој систем активно би се вклучиле и Министерството за финансии и УЈП со дополнителна адаптација на сегашната регулатива, но и со редовна контрола на финансиското работење на организациите. Недовербата која моментално постои за евентуалното заобиколување на идните законски одредби или нивна злоупотреба, не би смеела да биде ограничувачка во обидите да се пронајдат соодветни модуси, бидејќи остварувањето на владеењето на правото, заедно со санкциите со кои државата редовно располага може да бидат доволен обесхрабрувачки фактор за евентуални злоупотреби.
|
|
|
|
Крај на почетокотТоа што треба да го изнесам во овој простор, не е вообичаениот став , туку коментар за последниот број на „Граѓански свет” во оваа форма.
| |
Кампањата “Учиме за ЕУ” Прашањето за уставното име на Македонија го засени интересот за УнијатаШто е Европска Унија? Кои се земјите членки на ЕУ? Која е целта на проширувањето на ЕУ? Кои се симболите и химната на ЕУ? Зошто е создадена Европската Унија? Ова се некои од прашањата кои им се поставуваат на основците и средношколците од 102 училишта во земјава, како дел од кампањата “Учиме за ЕУ”, којашто ја реализираат Секретаријатот за европски прашања во Владата и Министерството за образование и наука. | |
Реализирана најголемата еколошка акција кај нас Македонија засади над два милиони саднициНад 2 милиони садници засадени во еден ден е апсолутниот рекорд кој го постигнаа граѓаните на Македонија на 12 март, Денот на дрвото. Во граѓанската акција “Ден на дрвото - засади ја својата иднина” учествува околу 200.000 граѓани, вклучувајќи ги и децата од градинките, учениците, студентите и дипломатите. Граѓанската акција за пошумување на Македонија од самиот почеток ја иницира еден од нашите најпознати уметници, оперскиот пејач Борис Трајанов, а вклучени беа и близу 170 познати имиња од јавниот живот, меѓу кои и Калиопи, Каролина Гочева, Индира Кастратовиќ, Бубо Каров и други. | |
Катерина Хаџи-Мицева Кодекси на добро однесувањеКодексот на добро однесување се дефинира[1] како доброволен договор помеѓу неколку организации со заеднички интерес, за одредени принципи или стандарди на однесување, коишто даваат насоки, или пак се обврзувачки за организациите, развиен преку заедничко учество и соработка во донесувањето. Бидејќи кодексот е механизам кој се донесува доброволно и е вид на саморегулирање, начинот на неговото спроведување мора однапред да биде одреден и механизмите треба да бидат вградени во кодексот | |
Граѓанска организација Англунипе - Тетово Факултативната настава на ромски јазик - препознатлива активностГраѓанската организација „Англунипе” од Тетово дејствува во областа на развојот на образованието на ромската популација и на човековите и материјалните ресурси на Ромите во земјава. Се залага за вклучување на Ромите во институциите на системот, за надминување на проблемите на заедницата на локално и на национално ниво. Освен програми за образование, спроведува и програми за развој на економските ресурси и за унапредување на правата на децата Роми и на жената Ромка | |
Донација Нов парк од Космофон за штитениците на заводот во Демир КапијаСпецијалниот завод за лицата со посебни потреби во Демир Капија доби нов спортско-рекреативен парк, донација од компанијата Космофон. Паркот е изграден во дворот на заводот на површина од 280 метри квадратни. Неговите штитеници ќе можат да се рекреираат на игралишта за ракомет и мал фудбал, во посебниот дел со нишалки, патеки од павер-елементи и фонтана, а целата околина е засадена со зеленило | |
Проект на Биосфера од Битола Уреден дворот на Домот за доенчиња и мали децаВо изминатите седум месеци Центарот за едукација и заштита на животната средина и природата Биосфера од Битола работи на проектот “Со љубов за нашите деца”, чија цел е прибирање средства од локални извори за просторно уредување на дворот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола | |
|
|