За првпат во Македонија
Ромски економски форум

На Форумот се разгледуваат теми - владината и меѓународната програма за Ромите во Македонија, развој на малите и средните претпријатија и можностите за вработување на Ромите во Македонија, економските можности за ромските жени во Македонија и сл.
За првпат во Македонија, од 25 до 26 март, 2004 г., во х. Александар палас во Скопје, се одржува Ромски економски форум. Форумот го организираат Ромскиот меѓународен центар во Македонија (РМЦМ), Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), ХДЗР Месечина – Гостивар, ЦРЗ Дром – Кумaново, ХДЗР Кхам – Делчево, ЗЖР Есма од Скопје, РОЖМ Даја од Куманово, Ромаверситас од Скопје, Хоризонти – Скопје, Филис Демирова, дипломиран менаџер за царина и шпедиција и Шемси Шаинов, дипломиран економист. Ромскиот економски форум финансиски е поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации УНДП, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Амбасадата на Швајцарија во Македонија – Швајцарска агенција за развој и сработка, Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации УНХЦР, Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), Британската амбасада и Амбасадата на САД во Македонија.

Во името на организаторот, Форумот го отвори Зоран Димов, претседател на РМЦМ, поздравувајќи ги присутните претставници од граѓанскиот сектор, пред с'e од ромскиот, владините претставници, дипломатскиот кор во земјава, бизнисмените и сите присутни Роми, со верување дека од Форумот ќе произлезат конкретни оперативни заклучоци.
„Факт е дека во Македонија Ромите се оставени најдолу, на маргините на општеството. Мојата организација, преку членарини, преку донации, преку фирми, се обидува да најде средства да ги спроведе своите активности насочени кон подобрување на животот на Ромите во Куманово, пред с'e, на образовен план. Но, се надевам дека од овој Форум ќе научиме како да продолжиме понатаму да бараме алтернативни донации за продолжување на активностите, за самофинансирање, зашто факт е дека и странските донации ќе престанат да доаѓаат во онаа форма којашто ја знаеме“, ни рече Мибера Демировска, претседателка на Ромското хуманитарно здружение на жените КХАМ од Куманово.

На Форумот, Јован Ананиев од ИСППИ, презентира можеби и еден фрапантен податок од истражувањата спроведени во периодот 25.12.2003-09.01.2004 во ромски населби во Македонија со популација над 2,5 отсто Роми. Истражувањето било направено со помош на локални ромски граѓански организации: „Овој дел од истражувањето покажува дека над 50 отсто од анкетираните Роми одговориле дека при барањето работа се соочиле со етничка дискриминација, односно биле одбиени само затоа што се припадници на друга етничка заедница. Фрапантно е тоа што во последниве години сме работеле токму на отстранување на овој проблем, а резултатите се овие“, додаде Јован Ананиев.
„Дали ќе биде успешен овој форум, ќе зависи од тоа какви ќе бидат предлозите, препораките и заклучоците на крајот на форумот. Во секој случај, за поздравување е ваквата активност зашто е прва од овој тип, а ги вклучува скоро сите субјекти битни за социо-економскиот живот во земјата“, беа зборовите на Милан Демировски, претседател на Ромската заедница „Нијами“ (Правда), еден од учесниците на Форумот.
На Форумот се разгледуваат неколку теми – владината и меѓународната програма за Ромите во Македонија, развој на малите и средните претпријатија и можностите за вработување на Ромите во Македонија, економските можности за ромските жени во Македонија и сл.
Даниел Медароски
|