НВО САЕМ Организатор: ФИООМ
Секторски панел: „Културните ресурси за локален развој“
Програмата „Живо наследство“ стартуваше во Македонија, а потоа се прошири во Бугарија, Романија и Босна и Херцеговина. Нејзина главна цел е поттикнување на одржливиот развој на локални заедници преку ресурсите од областа на културното наследство
Воведничарот Иван Додовски од Програма „Живо наследство“, во своето воведно излагање се осврна на искуствата од спроведувањето на Програмата „Живо наследство“ во Македонија. Таа во Македонија се спроведува од 2000 година, како заедничка иницијатива на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и на Фондација Крал Бодуен – Белгија. Тоа е регионална програма која стартуваше во Македонија, а потоа се прошири во Бугарија, Романија и Босна и Херцеговина. Во Македонија, досега, преку оваа програма се поддржани 19 проекти. Позитивните ефекти од тригодишното искуство од оваа програма се: развој на човечките и институционалните капацитети, стекнување нови знаења и вештини, поврзување на заедниците, соработка со медиумите, вработување, развој на туризмот.
Кирил Чавков, градоначалник на општина Ново Село, ја нагласи важноста на вклученоста на локалното население во сите фази на проектот. потенцирајќи дека волонтерската посветеност и ентузијазмот ги заменија претходната недоверба и сомничавост која постоела кај локалното население од село Смоларе при првичните разговори за овој проект. Сега, населението од Смоларе се соочува со можноста за развој на мали бизниси бидејќи водопадот стана популарна туристичка дестинација.
Љупчо Кочовски, од Проектот за Развој на општините преку културата, се осврна на кредитот, овозможен од Светската банка во висина од 5 милиони долари за Проектот Развој на локалните заедници преку културата, кој веќе две години се спроведува во Македонија. Тој посочи дека досега е работено во три пилот-општини (Берово, Пахчево и Делчево), каде се развиени 20-тина проекти, а се прават подготовки за започнување на втората фаза, која ќе се одвива во неколку субрегиони и за таа цел се формираат локални и регионални тимов во координација со проектната канцеларија во Скопје.
Ристо Палигора од Проектот „Маловишта – традиција што трае“, зборуваше за искуството од проектот што, исто така, преку Програмата „Живо наследство“ се спроведува во битолското село Маловишта. Тој накусо го опиша селото и неговите природни и културни ресурси. Преку овој проект, младите добиваат обука за резбарскиот занает, а жените ја пренесуваат вештината на ткаење од волна и козјо влакно (мутафџиство). Проектот се одвива во тесна соработка со локалното население, кое ја гледа можноста за својот локален развој и развој на малите бизниси преку заживување на традиционалните занаети. По воведните излагања, се разви дискусија на која Тихомир Илиевски и Менде Трајковски ги искажаа позитивните искуства од спроведување на двата проекти од Програмата „Живо наследство“, кои се спроведоа во Бања Банско (обука на лица со посебни потреби за копаничарската вештина) и Мариово (детски камп „Итар Пејо„). Тереза Филобок зборуваше за позитивното искуство од спроведувањето на проектот пијанечко-малешевска свадба во Делчево, ккако дел од Проектот Развој на општините преку културата.
|