НВО САЕМ Организатор: Движење на екологистите на Македонија
Панел-тема: „Јаловиштата во Македонија – ризик за животната средина“
Директен повод за темата е инцидентот во рудникот Саса во септември, оваа година, како и фактот дека повеќе рудници се во фаза на продажба
Тони Јовановски, претставник од Движење на екологистите на Македонија, во своето воведно излагање се осврна на активностите на ДЕМ во врска со јаловиштата, како потенцијална опасност за околината. Тој наведе дека ДЕМ врши мониторинг на поголемите јаловишта во Македонија и настојува да воспостави и одржува комуникација со сите вклучени страни, како што се претпријатијата кои ги експлоатираат рудниците, надлежните институции, локалната самоуправа, медиумите и граѓаните. Во врска со инцидентот со Саса, беше речено дека активистите на ДЕМ реагирале побрзо од институциите, барајќи најпрвин спречување на излевањето, а потоа санација на последиците, како и мобилизирање на засегнатите страни за што се воспоставени контакти со интерресорското координативно тело, медиумите и граѓаните, па дури е барана и кривична одговорност и е покрената кривична пријава.
Сокол Клинчаров од Министерството за животна средина, нагласи дека и покрај директните напади врз Министерството за животна средина, соодветна одговорност сносат и министерствата за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство. Според него, проблемите со јаловиштата се исти во цел свет и нивното разрешување бара соработка на сите надлежни институции, притоа споредувајќи го примерот со Саса со примери од развиените земји. Во Македонија овој процес е значително отежнат од нејасно дефинираните надлежности на институциите и лошата економска состојба. Тој подетално ја објасни состојбата со хидројаловиштата Злетово, Саса, Бучим и Тораница, депониите на пепел во Осломеј и РЕК Битола и техногените депонии во Југохром и Лојане. Најголемиот број од јаловиштата се лоцирани во басенот на реката Вардар кој опфаќа скоро 80 проценти од површината на Македонија и оттука, последиците директно се одразуваат на водните ресурси, вклучително и изворот Рашче, а досега нема било каква рекултивација на било кој површински коп од страна на претпријатијата кои ги искористуваат.
Јосиф Митриќески од Земјотелски факултет, потсети дека кај нас се врши мониторинг на вода и воздух, но не и на почва. Нема правна рамка за максимално дозволените концентрации на штетни материи во почвата, ниту јасно дефинирана одговорност кај надлежните институции и затоа е важно итно да се отпочне процес на донесување регулатива како основа за барање одговорност од прекршителите.
Антонио Ефремов од Рударски институт, истакна дека рудниците имаат голема економска важност и мора да продолжат да функционираат. ДЕМ треба да ја употреби својата моќ во процесот на нивната продажба да бидат јасно дефинирани обврските и на новите сопственици и на надлежните институции. Тој нагласи и дека недоволно се консултираат домашните експерти за важни прашања од оваа област.
Марјан Додовски, поранешен министер за животна средина, изрази незадоволство од отсуството на информации од страна на надлежните институции за случајот со Саса.
Учесниците во панел-дискусијата на крајот ги донесоа следните заклучоци: да се забрза процесот за донесување законска регулатива за максимално дозволената концентрација на штетните елементи во почвата, јасно да се дефинираат надлежностите меѓу министерствата и да се поттикне поголема меѓусекторска соработка, надлежните институции да информираат за можните директни и индиректни последици од јаловиштата, да се врши постојан мониторинг на состојбата со јаловиштата и останатите жаришта, да се обезбеди поголема вклученост на домашните експерти во проценката на влијанието врз животната средина и изнаоѓањето соодветни решенија, како и да се организира поширока дебата со вклучување на сите засегнати страни. Исто така, беше заклучено Владата да ги почитува препораките од ревизијата на институтот Адам Смит, претходно ревидирани од домашни експерти и да ги вклучи во договорите со идните корисници на рудниците со јасно разграничување на нивните обврски, ДЕМ во соработка со стручни лица постојано да го држи интересот и вниманието врз проблемот со јаловиштата и да врши притисок врз надлежните институции посебно во поглед на обврските во процесот на продажбата на рудниците, како и да се иницираат активности насочени кон подобрување на комуникацијата и соработката меѓу локалната и централната власт, бизнис секторот и граѓанските организации. |