Нов проект за подобри мали и средни претпријатија
Поддршка на претприемништвото во Македонија
Без успешни мали и средни претпријатија, не може да има ни успешни големи прептријатија
Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), Штедилница Можности, во соорганизација со Единицата за координација на проектите ИФАД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за економија, Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), СЕЕД и Фондот за кредитирање на мали и средни претпријатија (Фонд МСП), на 11 мај, годинава, во Скопје, во х. Холидеј ин, ги презентираа активностите предвидени со проектот „Поддршка на претпремништвото во Македонија“.
„Досега постоеше значителен географскиот дисбаланс на употреба на заеми за малите и средните претпријатија. Многу поактивен беше вардарскиот регион, отколку пелагонискиот, охридскиот или полошкиот регион. Со спроведувањето на овој проект планираме да се доближиме до претриемачите од сите региони во Македонија и да видиме со кои проблема се соочуваат тие при барањето или користењето на заеми“, истакна Сашо Клековски, застапник на МРФП. Проектот ги доближува информациите до крајните корисници за изворите на средства за поддршка на претприемништвото во Р. Македонија и дава придонес во формирање соодветни услови за развој на МСП.
„И министерството за економија е активно вклучено во овој проект. Развојот на малите и средните претпријатија е многу битен за секое општество. Во западните земји тие учествуваат со 60 проценти во целокупното стопанство на земјата. Без успешни мали и средни претпријатија не може да има ни успешни големи прептријатија“, рече министерот за економија, Стевче Јакимовски. Во рамките на проектот, во 13 градови низ Македонија, организаторите ќе го промовираат проектот „Поддршка на претпремништвото во Македонија“, започнувајќи од Битола, веќе од наредниот ден, на 12 мај. Потоа ќе следуваат Кавадарци, Струмица, Куманово, Велес, Кочани, Тетово, Гостивар, Прилеп, Охрид, Гевгелија, Штип, со завршна презентација во Скопје. Ваквиот пристап е само мал придонес во намалувањето на дебалансот кој постои во регионалната дистрибуција на кредитите и другата поддршка на претприемништвото во Македонија. Организаторите, за таа цел, подготвија публикација, која го носи истиот наслов на проектот - „Поддршка на претпремништвото во Македонија“, во која се презентирани кредитни линии и други финансиски услуги, финансиски институции преку кои се спроведуваат кредитните линии, програми и проекти во делот на нефинансиски услуги и вклучени консултанти во одделни кредитни линии. Публикацијата ќе биде дистрибуирана за време на презентациите и има за цел да им го олесни пристапот на претприемачите до сите извори кои значат поддршка на претприемништвото во Македонија. |