НВО Саем –- 4 форум на граѓанското општество во Македонија (НВО Саем)
-Информација за настан-
НВО Саемот- 4 Форум на граѓанското општество во Македонија ќе се одржи од 03 до 05 декември 2004 година на Скопски саем. (Апликациите може да ги најдете тука.)
На НВО Саемот можат да учествуваат:
- здруженија на граѓани и фондации регистрирани во Македонија;
- странски и меѓународни организации и агенции со седиште во Македонија;
- Владини институции (министерства, агенции).
На НВО Саемот ќе бидат поканети и гости од регионот.
Целта на овој настан е да создаде простор за размена на искуства и да го поттикне меѓусебното разбирање и почитување на граѓанските организации, да поттикне поголем дијалог меѓу граѓанските организации, да го зголеми нивото на нивната комуникација, координација и соработка, да ја зголеми информираноста на јавноста и другите актери за активностите на граѓанските организации, како и да придонесе кон размената на информации со организации од регионот.
НВО Саемот се состои од три компоненти:
- Форумски активности;
- Изложбен дел;
- Социо-културни настани.
НВО Саемот ќе има носечка тема и фокус-земја кои треба да дадат обележје на настанот и да провејуваат во сите негови компоненти. Носечка тема ќе биде Европската интеграција на Македонија, додека фокус-земја ќе биде Словенија.
1. ФОРУМСКИ АКТИВНОСТИ
а) Јавни дебати (форумски расправи)
Форумскиот дел ќе се состои од отворени јавни дебати (пленарни сесии, панели, тркалезни маси) каде што ќе се дискутира за повеќе прашања и теми кои го засегаат целиот сектор, но и општата јавност.
б) Едукативни сесии
Составен дел на форумските активности ќе бидат едукативните сесии на кои ќе се дискутира на теми поврзани со јакнењето на институционалниот капацитет на граѓанските органзиации. Сесиите во основа ќе имаат информативен карактер.
- Самоорганизација на настаните Во рамките на Форумскиот дел ќе има можност за самоорганизирање форумски расправи и едукативни сесии од страна на граѓанските организации. Самоорганизацијата за форумските расправи и едукативните сесии подразбира определување тема, обезбедување воведничари за соодветната тема и фацилитатор (како и сместување, надомест и др., доколку е потребно). Организаторите на Форумот ги обезбедуваат просторот, терминот и техничката опрема (озвучување, проектор ЛЦД и сл.).
За таа цел, се повикуваат сите заинтереситани граѓански организации најдоцна до 22 октомври 2004 година да пријават тема за дискусија и за едукативна сесија.
Формуларот за пријавување теми може да се симне од линкот подолу, да се добие по електронска пошта, или да се подигне во просториите на МЦМС.
Бидејќи носечката тема ќе биде Европската интеграција на Македонија се препорачува темите кои ќе бидат предложени за расправа и едукативните сесии да бидат во таа насока.
Доколку има пријавени теми кои не се во согласност со целите на Форумот или има пријавено повеќе од можниот капацитет за одржување, Програмскиот одбор ќе направи селекција на пријавените теми.
2. ИЗЛОЖБЕН ДЕЛ
НВО Саемот овозможува претставување на учесниците преку изложбен простор (штандови, постери и аудио-визуелни презентации).
Формуларот за пријавување теми може да се симне од линкот подолу, да се добие по електронска пошта, или да се подигне во просториите на МЦМС.
Штандови
a) Основен изложбен простор
Основниот изложбен простор за презентација изнесува 9 м2 и се состои од: изработка на штандови од систем-октанорам; панел-табли дуплекс, покривање со теписон, инфопулт 100/100 или 2 од 50/50, испишување име на учесник со блок-букви на македонски јазик, маса со 4 столици, осветлување со рефлектор, довод за електрична енергија.
Секоја потреба од дополнителна опрема (пр. пристап до интернет на штандот и сл.) се наплаќа, додека комуникацијата за истото ја прават самите организации учеснички на настанот со Скопски саем.
Доколку организациите имаат поинаква замисла за изгледот на својот штанд, можат самите да го уредат, со претходна најава и комуникација со Скопски саем.
Организациите кои сакаат дополнителен натпис на штандот, покрај македонскиот јазик (кој влегува во цената на чинење со закупот на штандот) да биде испишан на друг јазик и писмо, сами ги покриваат трошоците во износ од 320 денари од натпис (табла). Максималниот број табли кои може да се постават на штандот е три.
Цената на чинење е 1000 денари за м2 или 9.000 денари вкупно.
- Организациите кои имаат годишен буџет за 2003 година помал од 500.000 денари, имаат можност да користат бесплатен штанд доколку заедно настапат три организации. Овие организации ќе треба во рокот предвиден за уплата да достават депозит во вредност од 3.600 денари, кој ќе биде вратен по одржувањето на настанот. Депозитот ќе биде гаранција за постојаното присуство на организациите на штандовите во текот на траењето на настанот.
- Организациите кои имаат буџет за 2003 година меѓу 500.000 и 5.000.000 денари, покриваат 40% од вкупната сума на чинење или 3.600 денари за основниот штанд од 9 м2.
- Организациите кои имаат годишен буџет над 5.000.000 денари и меѓународните организации и агенции плаќаат полн износ на чинење (1000 денари за м2).
b) Дополнителен изложбен простор
Секоја организација ќе има можност да закупи поголем простор од основниот. Во тој случај организациите плаќаат полн износ на чинење (1.000 денари за м2).
Постер-презентација
- Организациите кои имаат годишен буџет за 2003 година помал од 500.000 денари, имаат можност да користат бесплатна постер-презентација.
- Цената на чинење на постер-презентацијата за организациите кои имаат годишен буџет за 2003 година поголем од 500.000 денари изнесува 500 денари.
АВ (аудио-визуелна) презентација
АВ-презентацијата подразбира компјутерско претставување кое е бесплатно, но само во случај ако организациите избрале друг начин за презентација. Презентацијата треба да биде подготвена во комјутерската програма „MS Power Point“ од страна на самите организации од максимум 20 страници. АВ-презентацијата треба да биде доставена најдоцна до 7 ноември 2004 година.
3. СОЦИО-КУЛТУРНИ НАСТАНИ
За време на НВО Саемот ќе бидат организирани неколку социо-културни настани кои ќе бидат базирани на сопствената креативност на граѓанските организации и ќе значат промоција на културното наследство и вредности.
Исто како и форумските расправи и едукативните сесии, ќе постои можност за самоорганизација на социо-културните настани. За потребите на настанот ќе бидат доделени и финансиски средства (мали грантови).
Доколку има пријавени настани кои не се во согласност со целите на Форумот или има пријавено повеќе од можниот капацитет за одржување, Програмскиот одбор ќе направи селекција на пријавените настани.
Можност за покривање на трошоците за сместување
За граѓанските организации кои имаат седиште надвор од Скопје и околните градови Куманово, Тетово, Гостивар и Велес ќе постои можност за делумно покривање на трошоците за сместување за едно лице од организацијата. Предност ќе имаат организациите кои ќе организираат форумска расправа или едукативна сесија и организациите кои според висината на годишниот буџет припаѓаат на првите две категории (под 500.000 мкд и меѓу 500.000 и 5.000.000 мкд).
ПРИЈАВУВАЊЕ
Пријавувањето за НВО Саемот – 4 форум на граѓанското општество во Македонија е до 1 ноември 2004 година, во МЦМС на адресата: „Никола Парапунов“ бб, поштенски фах 55, 1060 Скопје.
Заради навремено организирање на просторот, организациите кои ќе се пријават до 22 октомври ќе бидат субвенционирани со 10% од сумата во соодветната категорија.
Организаторот го задржува правото да не ги вклучи организациите кои ќе се пријават по предвидениот рок (1 ноември).
Исто така, организации пријавени по 1 ноември плаќаат 20% повеќе од сумата во соодветната категорија.
Пријавите ќе бидат достапни и на: www.graganskisvet.org.mk и www.mango.org.mk.
Лице за контакт е Кренар Кука, тел. 02/3065-381 лок. 134 (во периодот од 11 до 15 часот, секој работен ден), факс 02/3065-298 e-mail: nvosaem@mcms.org.mk.
Влезот на НВО Саемот за учесниците е слободен.
|