Кампањата „Кажи Македонија“ на Градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје
Граѓаните испраќаат протести до Стразбур

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Институтот Евро Балкан, Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), ОХО и Транспарентност Македонија, организаторите на кампањата „Кажи Македонија“, денеска, на 24 март, од 11 до 14 часот пред Градскиот трговски центар во Скопје, влезот кон плоштадот Македонија, започнаа акцијата за јавно испраќање разгледниците и јавно потпишување на протестното писмо составено од Институтот Евро Балкан.
 Владимир Милчин (ФИООМ), Љупчо Јордановски (претседател на Собранието на Република Македонија и в.д. претседател на Република Македонија)
 Љубомир Данаилов Фрчковски (Правен факултет)
Против објавувањето на уредбата на Советот на Европа за употреба на референцата „Бивша Југословенска Република Македонија“ и за термините за означување на граѓаните, припадниците на македонското малцинство во други земји, културата, јазикот, традицијата и сл., денес, до Советот на Европа во Стразбур и до Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, честитки со протестна содржина испратија политичари, бизнисмени, пејачи, глумци, спортисти и многу заинтересирани граѓани за оваа кампања.
„Упатив ’поздрав‘ до Советот на Европа во Стразбур и во Канцеларијата во Скопје од Македонија на кирилично писмо и во загради, на англиски јазик, потенцирав дека тоа е напишано на македонски јазик. Одлична е оваа идеја, само, можеби треба да имате поголема поддршка и од владиниот сектор“, ни кажа Жидас Даскаловски, еден од граѓаните кои го оставија својот протестен потпис.
 Сашко Кедев (претседателски кандидат) и Ганка Самоиловска-Цветановска (пратеници)
Граѓаните го потпишуваа и протестното писмо коешто ќе биде испратено до г. Јан Клејсен (Jan Kleijssen), директор на Канцеларијата на генералниот секретар, до Совет на Европа, до странските мисии во РМ, до Владата на РМ, до Собранието на РМ, до Кабинетот на Престедателот на РМ, до локалните и меѓународните медиуми, до Организацијата на Обединети нации и до сите други заинтересирани страни.
„Ние сме Македонци, сме се родиле во Македонија и зборуваме македонски. Тоа е нашата порака до Стразбур. Се надевам дека на оваа идеја ќе ви се приклучат и уште волонтери“, беа зборовите на граѓаните Ивица Најдовски и Сандра Петровска упатени до Стразбур.
Кампањата продолжува и во наредните денови. До петок, 26 март, од 11 до 14 часот повторно пред Градскиот трговски центар во Скопје, ќе се продолжи со јавното испраќање разгледниците и јавното потпишување на протестното писмо.Наредниот ден акцијата ќе се пресели во Градскиот парк во Скопје, а од понеделник, 29 март, кампањата ќе се прошири низ целата земја.
Д. Медароски
(Напомена: заинтересираните медиуми може да добијат поквалитетни верзии на фотографииве, во форма погодна за печатење, доколку се обратат до Македонскиот центар за меѓународна соработка на адресата mcms@mcms.org.mk.)

 Аднан Ќахил и Чедомир Краљевски (пратеници)



 Каролина Ристова (пратеничка)
 Лилјана Поповска (потпретседателка на Собранието на Република Македонија)



 Бени Шаќири (Нон стоп), Александар Митевски (музичар) и Антонио Димитриевски (ТВ водител)


 Народниот правобранител Бранко Наумовски
 Виолета Томовска (пеачка)

 Драган Антоновски (ТВ уредник)
 Игор Ивановски и Јани Макрадули (пратеници)
|