МЕЃАШИ
Прибежиште за Четири Семејства од Арачиново
Во Прифатилиштето за деца во кризна состојба, во просториите на ПДАС Меѓаши во Скопје, уште од почетокот на кризата во скопското село Арачиново, привремено се наоѓаат четири семејства од селото. Според зборовите на извршниот директор на Меѓаши, г. Драги Змијанац, Прифатилиштето за деца во кризна состојба било предвидено да започне со работа во текот на минатата година, со 24-часовна покриеност од професионално вработени психолог, педагог и социјален работник и со СОС-линија, но воената криза наложила отворање на вратата на Прифатилиштето за неколку семејства од Арачиново, времено раселени од своите домови.
 - Во Прифатилиштето за деца во кризна состојба сега имаме 15 лица, 7 деца и 8 возрасни,, односно четири фамилии од Арачиново. На располагање имаат занимална, пералница, кујна, трпезарија, купатило, сите се во одделни соби. Повремено организираме заеднички посети на кино, театри, заеднички славевме Нова година, Божиќ, па сега, здравје, ќе го славиме и Велигден - вели г. Змијанац.
Децата се на возраст од неколку месеци до десетина години. Нивните мајки се невработени. Главите на фамилиите, татковците, на тој план се снаоѓаат некако. Г-ѓа Валентина Стојановска е мајка на две деца. Во Меѓаши, со сопругот и со децата, е од 18 јуни. - Покривот на куќата ни е целосно разурнат, како и вториот кат. Погодени се со тенковска граната. По релативното смирување на ситуацијата, мојот сопруг, а во неколку наврати и јас, го посетивме нашиот имот во Арачиново. Куќата ни изгледаше тажно. Спас гледаме во државата, да ни најде пристојно привремено живеалиште, зашто ние не сме виновни за нашето раселување. Овде е навистина добро и изразуваме голема благодарност до Меѓаши, но колку долго може да живее едно четворочлено семејство во една соба? – вели таа.
Другите три семејства се наоѓаат во Меѓаши од 15 јуни. И г-ѓа Сузана Јовановиќ е тука со својот сопруг и со своите две ќеркички. Едната од нив се родила пред седум месеци, на 1 август. - Досега ја немам посетено нашата куќа во Арачиново... Или барем тоа што останало од неа. Мажот ми го стори тоа неколку пати и така знам дека од куќата нема ништо. Не се враќам таму, опасно е, нека ми остане само во сеќавањето. Еден ден ќе и раскажувам на ќеркичката за нејзиниот дом. ни рече г-ѓа Јовановиќ.
Г-ѓа Билјана Јовановиќ ја споделува судбината со своите сограѓанки. И таа е тука со својот сопруг и со најмалото дете во Прифатилиштето – Александар. Како што го гордо ни кажа, Александар се родил на 25 јуни, на денот на ослободувањето на Арачиново. А, од куќата скоро не останало ништо. Четвртото семејство, Ѓорѓевиќ, нема големи оштетувања на куќата. Но и тие се плашат да се вратат таму, заради чувството на несигурност. - Треба многу да се работи на враќање на соживотот во Арачиново. Засега е многу тешко да се зборува за тоа. Тука сум со мојот сопруг и со двете ќеркички, едната од две, а другата од седум години, ни рече г-ѓа Елизабета Ѓорѓевиќ.
Редовната исхрана на овие семејства ја обезбедува Меѓаши. Повремено доаѓа хуманитарна помош за нив и од други организации, но, како што самите кажуваат, полека како сите да почнуваат да ги забораваат.
Даниел Медароски
|