Марија Стамболиева
Придобивки од прекуграничните партнерства
“Луѓето кои имаат јака емоционална и социјална поддршка живеат подолго од луѓето кои поентираат помалку во нивниот социјален индекс на вмрежување”
д-р Лиза Беркман, епидемиолог, Универзитет Јеил
Уште во антички времиња, Аристотел ќе го прогласи човекот за зоон политикон, или социјално битие. Луѓето не можат да живеат сами. Емоционалната потреба за други луѓе е длабоко поврзана со егзистенцијални прашања. Моќта на луѓето да се здружат во името на остварување заедничка цел, која во спротивно не би можела да се оствари по пат на индивидуални напори, е инструмент за развој на еден ентитет или на заедницата. И самиот термин “граѓанско здружение” буквално е резултат од здружување на луѓето со слични интереси и заради постигнување одредени ефекти во заедницата. Соработката се наметнува како алтернатива на натпреварот и с$ повеќе се применува како научена лекција по бројните војни и конфликти, кои човештвото ги има преживеано досега и с$ уште ги преживува. На европскиот континент најмаркантен пример за тоа е создавањето на Европската Унија, што првенствено се случи со намера да се спречи какво било уништување на европското тло по Втората светска војна, преку создавање економска меѓузависност на европските држави. На Балканот, по болниот и крвав пат на распаѓање на Социјалистичка Југославија во 90-тите години на минатиот век, тоа се гледа во разните иницијативи за промоција на регионалната соработка, на разни нивоа (политички, економски, граѓански).
Партнерството е еден вид соработка, или поточно заедничко учество на два или повеќе субјекти во некој подвиг, активност, залагање, со претходно дефинирани обврски и очекувани резултати за секој учесник. Земајќи ги предвид позитивните придобивки од партнерствата, граѓанските организации (ГО), односно невладините организации, на кои се однесува овој текст, склучуваат партнерства. Меѓутоа, дали истите ќе се одлучат да склучат партнерство, во голема мера зависи од тоа дали ќе преовлада процената за остварена корист или опасност од ризик, што се различни кај различните видови партнерства.
Зошто партнерство?
Граѓанските здруженија склучуваат партнерства меѓусебно, со јавните институции, со единиците на локалната самоуправа, со бизнис-секторот, со независни донатори. Она што е заедничко за сите овие партнерства е што секоја од инволвираните страни во придонесувањето кон заеднички утврдените вредности поаѓа од сопствените интереси. Така, на пример, државните институции соработуваат со граѓанските организации за јакнење на сопствениот имиџ, а граѓанските организации соработуваат поради јавните фондови или за јакнење на свеста кај другите сектори (бизнис-секторот, јавноста, генерално) за одреден проблем. Од друга страна, потенцијален ризик што се јавува во партнерствата со јавниот сектор е тоа што постојат бројни административни и бирократски пречки, кои може да го загрозат проектот, краткорочниот интерес на Владата, или евентуалниот политички притисок којшто може да се јави за време на имплементирање на проектот. Единиците на локалната самоуправа соработуваат со граѓанските здруженија, како еден од начините да се доближат до граѓаните, а граѓанските здруженија заради решавање одреден проблем во општината. Потенцијален ризик во овие партнерства е, на пример, ранливоста на граѓанските организации при евентуална промена на политичкото опкружување или проблеми при утврдување на приоритетите при годишното буџетирање. Бизнис-секторот соработува со граѓанските организации заради подобрување на својот имиџ и промоција меѓу потенцијалните потрошувачи, а организациите заради обезбедување одржливост што често пати тешко се остварува кај нефлексибилните владини или донаторски фондови. Потенцијални ризици коишто можат да се јават овде се, на пример, губењето на легитимитетот на организацијата, а за бизнис-секторот залудното трошење ресурси, во случај на неуспех на проектот. Соработката со независни донатори на организацијата & носи постојани извори на приходи и јакнење на имиџот, а на донаторот сигурност за резултат. Ризикот кај овие партнерства може да биде обвинување за нетранспарентност во работата на донаторот, во случај кога тој соработува само со одредени организации.
Со оглед на фактот дека и граѓанскиот сектор во Македонија е од поново време и се гради во изминатите петнаесеттина години, партнерствата меѓу различни субјекти се нешто што исто така етапно се развива. Поради немање традиција во склучување партнерства, во прво време соработката беше стимулирана од разните фондации и донатори, кои го диктираа алоцирањето средства. Подоцна партнерствата покрај како стимул, се наметнаа и како потреба за здружување во заеднички сили за изнаоѓање средства за реализација на проектите. Радува фактот што во последно време с$ повеќе се забележуваат и примери на јакнење на свеста за бенефициите од соработка, пред с$ како резултат на зајакнувањето на одредени организации и порастот на мотивацијата за активности со поголем дострел, во кои поделбата на обврските е неопходна олеснителна околност. Меѓутоа, овие примери с$ уште се спорадични, и тоа поизразени само кај одредени видови партнерства (пр. меѓу граѓанските организации меѓусебно). Се поставува прашањето: “Колку од овие партнерства се одвиваат на меѓународно ниво”?
Примери на успешна прекугранична соработка
Како што може да се види од погореспомнатото, повеќето од овие партнерства се одвиваат меѓу самите граѓански организации и кога станува збор за меѓународно ниво. Организациите се здружуваат со цел полесно да остварат одредена заедничка цел или полесно да се стекнат со финансиска поддршка од одредени меѓународни фондови. Како и да е, придобивките за заедницата остануваат. Таков е случајот со Југоисточната мрежа на студентски организации, кои организираа серија активности во периодот од 2003 до 2005 година, во интерес за лобирање на владите на земјите од регионот во насока на имплементирање на реформите во високото образование според утврдените принципи на Болоњската декларација и подигнување на свеста за потребите и проблемите на студентите од регионот. Иако веќе дел од една европска мрежа, т.е. дел од Европската студентска организација (ЕСИБ), овие организации ги препознаваат заедничките интереси, условени од заедничката традиција и сличните политичко-економски системи на уредување на односните земји, и се здружуваат во долгорочно партнерство.
Од друга страна, и самите донатори промовираат проекти предложени од страна на повеќе организации, раководени од приоритетите на самата фондација. Оваа пракса особено е позната за институциите на Европската Унија, па така, на пример, уште од самото постоење на младинската програма на Европската комисија, во рамките на сите 5 акции, се предвидува прекугранична соработка1 како услов инкорпориран во самата програма, во насока на создавање услови за активно и одговорно учество на младите луѓе во демократските општества и промоција на концептот на европско граѓанство. Многу од одржаните активности, како што се семинарите, тренинзите, младинските размени и волонтерствата, послужија како појдовна точка за размена на контакти и поттикнување нови идни партнерства. А, постоењето европски фондови коишто инвестираат во тоа, се дополнителен мотив.
И покрај тоа што повеќето партнерства се јавуваат меѓу граѓански организации со различен национален предзнак, не се непознати и партнерства меѓу граѓански организации од разни земји и странски влади. Таква е, на пример, програмата ФРЕСТА2 на Данското министерство за надворешни работи. Тоа е програма којашто егзистира од 1999 година и којашто особено поддржува и промовира прекугранична соработка генерално, а во последните години со фокус на Југоисточна Европа. Оваа програма е започната на тој начин што секретаријатот на ФРЕСТА во 1999 г. покани точно утврдени партнери од Данска со искуство во областа на демократизацијата и развојот да земат учество во програмата за развој на граѓанското општество во Југоисточна Европа. Оттогаш, данските партнери воспоставија контакти со партнери од Југоисточна Европа, првенствено иницирајќи пилот-проекти, за да продолжи таа соработка, благодарение на позитивните искуства, и наредните години со истите тие партнери, кои почнаа да се вмрежуваат во партнерски мрежи на организации во точно утврдени области на дејствување: млади, човекови права, бегалци и медиуми. Додека под областите човекови права и бегалци дејствува по една мрежа партнерски организации, под медиуми две, под областа млади дејствуваат дури осум партнерски мрежи на организации.
Партнерства се јавуваат и меѓу повеќе меѓународни граѓански организации. И покрај тоа што самите меѓународни граѓански организации имаат широко развиени мрежи на членски организации и поголема финансиска стабилност и независност, па се претпоставува дека тие би немале интерес да се здружуваат со други, сепак и овие организации се одлучуваат на партнерство со друга меѓународна организација. Така, на Европскиот младински форум3 не му се непознати ваков вид партнерства меѓу сопствените членки, исто така и меѓу меѓународни граѓански организации. Па, сепак, и самиот Европски младински форум во изготвувањето и спроведувањето на т.н. Балкански младински проект, стапи во партнерство со Кер интернационал (ЦАРЕ Интернатионал) од Босна и Херцеговина и од Хрватска. Тоа е проект којшто во изминатите три години се спроведува токму на територијата на Балканот4, со цел да го забрза долгорочниот развој на проактивната младинска политика и демократскиот младински граѓански сектор во Југоисточна Европа. Ова партнерство беше мотивирано пред с$ од потребата да се постигнат планираните ефекти, што не би било комплетно или барем отежнато во ситуација на отсуство на директни контакти со младински граѓански организации од регионот или постоење на истите само со одредени секторски организации5, или застапени само во одредени земји преку нивното членување во одредени организации членки6 на Европскиот младински форум.
Особено интересен пример се партнерствата коишто се воспоставуваат меѓу интернационални владини организации. Таков пример е партнерскиот договор склучен меѓу Европската комисија и Советот на Европа во областа на младинската политика, младинското истражување и младинската работа. Првиот партнерски договор беше потпишан во 1998 година, и тоа со цел за организирање обуки за млади лидери и младински активисти, за да се проширува низ годините со други партнерски потфати во областа на креирањето младински политики, истражувачки семинари, промоција на образованието за човековите права, интеркултурен дијалог и промоција на концептот европско граѓанство.
Покрај очигледните позитивни резултати, инволвираните страни неминовно наидуваат на одредени препреки во секојдневното работење, кои мора да се предвидат, или барем идентификуваат при нивното јавување, со цел истите да се премостат и со цел партнерството да може да се нарече успешно, како и да се создадат услови за продолжување на соработката од времено или партнерство ад-хок, до долгорочно, односно трајно партнерство.
Евентуални ризици при градењето прекугранични партнерства
Постојат најразлични типови проблеми коишто се јавуваат при секое партнерство, а тоа се однесува и на прекуграничните партнерства. Самата дефиниција на поимот партнерство, како што беше погоре спомнато, очекува претходно точно утврдување на обврските на учесниците во партнерството, што може да стане особено проблематично во зависност од тоа дали партнерството е формално или неформално. Повеќето од прекуграничните партнерства се неформални и се формираат врз основа на често пати генерални правила на играта. Во ваква ситуација, посебни партнерски договори се исклучок и обично се склучуваат од страна на партнерските организации со донатор, а не меѓусебно. Оттука, потенцијален ризик, кој може да ја загрози реализацијата на предвидените активности, а уште повеќе партнерскиот однос, е кога една од страните нема да ги исполни своите обврски (предвидени со проектот или утврдени по пат на устен договор). Ова е особено важно кога се предвидуваат обврски со различен интензитет и според тоа нееднаква застапеност на партнерите, или пак, од друга страна, различна големина на партнерите, а рамноправност на обврските, па поради тоа немање капацитет кај некои од нив да го исполнат својот дел од надлежностите и појава на фрустрации поради доминација на другиот. Ваквиот ризик не постои само поради непочитување на обврските од намера или неможност на една од страните да ги исполни обврските, туку заради тоа што во отсуство на точно дефинирани задачи, партнерите може да имаат различни очекувања и сфаќања за истите. Дополнителен проблем е кога се јавува конфликт поради непредвидени начини на решавање спорови, условени од неформалноста на партнерството.
Друга потешкотија којашто изразено се јавува кај прекуграничните партнерства е што истите обично гравитираат околу одредени проектни активности, за кои конкретно биле обезбедени финансиски средства, па така одржливоста на партнерството се доведува во прашање, по завршувањето на финансиската поддршка. Ваквиот проблем потешко им паѓа, пак, на формалните мрежи, заради тоа што додека неформалните мрежи се распаѓаат без поголеми последици, кај формалните тоа не е толку едноставно, особено бидејќи обично се инволвирани дополнителни финансиски средства, но и човечки судбини (правни тошоци, трошоци околу одржувањето канцеларија или централна управа, вработени лица и сл.).
И покрај тоа што формалните партнерства имаат еден вид гаранција како формални договори, повторно и овде може да дојде до непочитување на договорите. Ова е посебно изразено во земји каде постојат правно-политички и економски кризи, па според тоа и побарувањето и остварувањето на правата од договорот се оневозможени. Ваквите злоупотреби можат да се јават од страна на т.н. “домашни” организации од овие земји, но и од страна на “странските” партнери или донатори, кои ги користат правните празнини или нефункционирањето на правниот систем за да остварат некаква корист и со тоа го загрозуваат кредибилитетот на локалната организација.
Овие и слични проблеми или ризици коишто се јавуваат кај прекуграничните партнерства, неопходно е да се препознаат за да може да отпочне процесот на нивно надминување.
Заклучоци
Олеснувачка околност притоа е можноста да се анализираат и одговорно да се пресликаат искуствата на успешните примери на партнерства од регионот и од Европа. Меѓутоа, со оглед на фактот што секогаш подостапни се информациите за успехот отколку за настанатите недоразбирања и тешкотии, теоријата не е доволна и самите организации мораат да развијат механизми коишто ќе одговараат на нивните потреби. Притоа, добро е доколку партнерствата започнуваат со активности коишто се случуваат во ограничен временски период и особено доколку се од помал опсег, бидејќи во тој случај партнерите имаат можност без поголем ризик да ја испитаат можноста за идна соработка. За довербата потребно е претходно заедничко искуство, како и период на стекнување на истата, за време на кој партнерите ќе имаат можност да се позиционираат, препознавајќи ги потребите на другиот, без притоа да ги изгубат предвид сопствената индивидуалност и идентитетот. Независно од тоа дали партнерите поаѓаат од различни интере си при здружувањето, или пак постојат разлики меѓу нив во однос на големината на организацијата или тежината на надлежностите, сето тоа мора претходно да биде лоцирано и прифатено од страна на сите инволвирани партнери, бидејќи еден од клучните фактори на успехот е коалициите да се градат демократски по принципот “оддолу нагоре”. Во таа насока, од интерес е да се диференцираат “правилата на играта”, не во смисла на неизбежно формализирање на партнерството, туку од интерес на неговата одржливост. Имено, граѓанските здруженија се “жива” категорија, пред с$ поради променливоста на луѓето кои ги сочинуваат. И покрај тоа што едни луѓе си одат, други доаѓаат, мисијата и целите кај една сериозна организација потешко се менуваат, па оттука и сериозниот пристап кон партнерите може само да има позитивен повратен ефект врз самата организација. Впрочем, само таква организација, со зајакнат кредибилитет пред лицето на домашната и на меѓународната заедница, може да придонесува за вистинско остварување на целите, во чие име и се формираат партнерствата, и да придонесе за подобрување на квалитетот на животот и општата благосостојба.
|