|
ONLINE ВЕРЗИЈА |
|
ПЕЧАТЕНА ВЕРЗИЈА |
|
Транспарентност и одговорност во граѓанскиот сектор
д-р Миодраг Лабовиќ
Отвореноста и проодноста на новите невладини организации во компетитивниот граѓански сектор
Вовед
Бројните емпириски истражувања спроведени од релевантни странски и домашни научни институции потврдија, а самата практика докажа дека ендемската распространетост на системската корумпираност во Македонија не го заобиколи и граѓанскиот сектор. Имено, нетранспарентноста и неодговорноста длабоко се навлезени и во граѓанскиот сектор, во неговата најавангардна сфера - невладините организации4, коишто, патем речено, се најповикани за градењето на јавната свест, помеѓу другото и за нетолеранцијата на општествената болест број еден - корупцијата, во чијашто основа, всушност, почиваат нетранспарентноста и неодговорноста. Се разбира дека ваквата констатација колку и да е генерална, секогаш од неа имало и ќе има исклучоци од основното правило, бидејќи, помеѓу другото, токму ислучоците го потврдуваат правилото.
Всушност, нетранспарентноста, или, непостоењето на цврсто пишани и јасно предвидени постапки преку кои се овозможува отвореност и достапност за увид на секој од заинтересираните субјекти, овозможувајќи им на тој начин услови за подеднакви шанси, од една страна, и неодговорноста, или, непостоењето на цврсто етаблирани правни основи и механизми за доследно применување на законските и други прописи за санкционирање на разните злоупотреби, од друга страна, ја поттикнуваат корупцијата дури и кај оние луѓе што природно не се склони кон тоа, или, пак, не тргнале со таква намера. Притоа, зборувајќи за длабоката заснованост и нераскинлива поврзаност на нетранспарентноста и неодговорноста со корупцијата, како два клучни елементи коишто покрај другото го сочинуваат нејзиното јадро, треба да се напомене дека ја подразбираат корупцијата во нејзината најширока смисла. Имено, тука веќе не станува збор за корупцијата во нејзината еднодимензионална криминогена структура на давање и примање поткуп, туку се работи за генералниот концепт на корумпирана политика, преку којшто не се добива само материјална корист, ами се стекнуваат и нематеријални предности и корист.1
Цели
Често слушаме и читаме дека целта на големите меѓународни финансиери за развој на цивилното општество во Македонија е поттикнувањето, оспособувањето и јакнењето на што поголем број невладини организации, па дури и граѓани-поединци од маргинализираните групи, за активно вклучување во процесите на одлучување, со што цивилното општество ќе добие на својата “масовност” и поактивна улога во решавањето на најгорливите проблеми во современата македонска транзициска преобразба. Тоа значи контратеза на создавањето монополски невладини организации, односно “елита” и во најмасовната општествена сфера. Меѓутоа, кај нас се случува токму обратното. Веќе имаме толку моќни невладини организации, коишто, спротивно на иманентната непрофитабилност, функционираат како најмоќни профитни претпријатија. На распишаните конкурси за доделување на поголемите грантови, речиси, без исклучок, добиваат едни те исти “имиња”. Ретко кога добиваат кандидати од помалку познатите или новорегистрираните невладини организации (а да не зборуваме за поединци, кога и тие се повикани да учествуваат на конкурсите), што не се во тесна врска со општествено-политичкиот естаблишмент (“кремот”) во државата.6 На тој начин, власта длабоко ги вкопува своите “пипци” на контрола, токму во овој сегмент на којшто оригинално и автохтоно му припаѓа не само правото, туку и обврската да ја контролира и насочува владата во донесувањето на нејзините одлуки.
Во овој сегмент, покрај сите причини од социо-културен и економски карактер, коишто лежат во основа на нашата политичка и правна култура и свест, такви какви што се, добар дел од одговорноста можат да понесат и претставниците на меѓународните и странските организации, големите финансиери на благородната мисија за развој на цивилното општество во Македонија.
Имено, претставниците на донаторите во Македонија, наместо да ги остваруваат благородните цели на нивните принципали и да ги пренесуваат позитивните искуства од земјите на донаторите, тие побргу го прифаќаат фолклорот на македонската културна матрица за корумпирано однесување според познатиот принцип: “Добива оној што најмногу може да даде”, се разбира, с$ друго, само не квалитетно осмислени проекти коишто ќе вродат со одредени ефекти.
Иако донаторите имаат свои цели и своја агенда во чијшто редослед на приоритети неспорно е дека не можеме да се мешаме, сепак неопходно е да се отворат хоризонтите на новите видувања и да се укаже на можните правци за отстранувањето на досегашните пречки, како и промовирањето на нови решенија доколку навистина се сака да се помогне во барањето одговори на предизвикот: Како невладините организации и целото цивилно општество да станат помалку фригилни, а повеќе моќни во нивното незаменливо влијание врз власта; Како да се поттикне развојот на политичката и правната култура и свеста и како да се охрабрат граѓаните повеќе конструктивно, а помалку деструктивно да го практикуват основното природно право на отпор спрема секоја корумпирана и ненародна власт, запишано уште од Големата француска буржоаска револуција, а притоа да се неутрализираат новите, во суштина стари конзервативни и правнопозитивистички изговори за недопуштеноста на популистичките методи, изразени преку т.н. “улична” демократија и барањето за исклучивото решавање на конфликтните прашања преку институциите на системот, кога тие институции воопшто не функционираат праведно според постулатите на демократско-правната држава, или, пак, не сакаат ниту да чујат за легитимните и оправдани барања на граѓаните.
Проблеми
Отстранувањето на досегашните пречки за остварување на планираните цели најмногу се однесува на самите услови коишто се поставуваат при распишувањето на конкурсите за доделување грантови, при што речиси неизбежни се ограничувањата од типот: “Предност имаат оние невладини организации со ждебело’ портфолио, односно, оние кои имаат претходно искуство во работа на проекти финансирани од меѓународни донатори; Претходно остварени контакти и богата соработка со други неевладини организации; Однапред обезбеден дел од средствата потребни за финансирање на проектот од други извори” и слично, што сето тоа е во ред во одредени случаи од оправдани причини. Меѓутоа, треба да се знае дека тоа не придонесува за реализација на горепосочените цели за развој на граѓанскиот сектор, бидејќи таквите услови, уште во старт, ги елиминираат новорегистрираните и почетнички невладини организации, како и независните интелектуалци и експерти, кои имаат многу што да кажат во врска со најгорливите општествени проблеми, а истите не припаѓаат ниту на владиниот сектор, ниту на институционално етаблираниот невладин сектор. Едноставно, невозможно е некој да ги исполнува условите за претходно стекнато искуство, пред да се роди. Дури и тие со најмногу стекнато искуство, на почетокот немале никакво искуство, но сепак им било овозможено да го стекнат тоа искуство. Според тоа, во таквите поставени услови, сигурно е дека нема место за новите почетници меѓу невладините организации и независните интелектуалци и експерти од коишто можат да потекнат значајни идеи и импулси, што, впрочем, е основната намера за вложувањето на големите пари што странските и меѓународните донатори ги даваат за поттикнувањето на развојот на граѓанскиот сектор во Македонија.
Решенија
Најприоритетните потреби за решавање на досегашните проблеми, со цел за реална поддршка и развој на граѓанскиот сектор во Македонија, што максимално ќе ја оствари својата улога на автохтон промотор на идеи и силна брана против корумпираноста и секаков друг вид “скршнување” на власта и општеството во целина, треба да бидат насочени кон следните пунктови на потранспарентно и поодговорно однесување во граѓанскиот сектор:
1. Донаторските организации треба да размислат за предвидување поголеми средства во нивните буџети, програми, фондови, коишто ќе бидат наменети за реализација на иницијативи кои изворно потекнуваат од независните експерти и интелектуалци од домицилната држава - Македонија, наспроти досегашната практика на наметнување приоритетни теми.
Во спротивно, парите инвестирани само кон невладините организации (кои, сепак, како институционализирани облици со бирократска инфраструктура, не ги изразуваат најавтентично импулсите на граѓанскиот сектор), нема да ја оправдаат својата намена. Затоа, многу поголемо значење и внимание донаторите во своите програми и фондови треба да им посветат на “инпутите” што најавтентично доаѓаат од независните домашни експерти, кои многу побрзо успеваат да ги детектираат и препознаат проблемите со коишто приоритетно се соочува државата, отколку моќните донаторски организации зад кои стои огромен бирократски апарат или домашните бирократизирани невладини организации;
2. Поддржување на новите почетници меѓу невладините организации, како и независните експерти кои нудат иницијативи за значајни проекти во сите сфери на општественото живеење, а посебно и за прашањата од врвен национален интерес како што се спречувањето на корупцијата, воспоставувањето на принципот на владеењето на правото итн., преку утврдување на такви критериуми што ќе поставуваат стимулативни услови за нивниот развој, како значајни актери во омасовувањето и активирањето на креативните потенцијали на граѓанскиот сектор;
3. Достапност за увид во резултатите од јавните конкурси за доделувње грантови и финансирање на значајни општествени проекти на оние заинтересирани субјекти, коишто не добиле на конкурсот. Таквата достапност ја отвара можноста за вистинска транспарентност во одлучувањето, преку овозможувањето на правото на увид, како и задолжителното давање на образложение на кандидатите, со цел тие да видат поради кои причини победил(е) друг(и) кандидат(и), а не самите тие. Таквата постапка ја јакне заемната доверба и потребата од меѓусебна соработка;
4. Поригорозна и систематска контрола на средствата што се доделуват за грантовите, бидејќи тие не ретко служат за лично богатење, преку прикажување фиктивни трошоци во сметките за извршените работи, коишто, најчесто, се исполнуваат само формално, или во нивната најгруба форма - колку да помине редот;
5. Оценка на резултатите од предвидените ефекти што требало да настанат со реализирањето на проектот. Таквите оценки понатаму можат да послужат како дополнителна стимулација или изолирње на кандидатите кои ги злоупотребиле доделените средства, односно не ги искористиле во согласност со целите на проектот.
Заклучок
Можеби целата оваа конструкција повеќе се потпира на меѓународниот фактор, отколку на оригиналната улога на граѓанскиот сектор за развивање и јакнење на свеста за нетолеранција на нетранспарентноста и неодговорноста во граѓанскиот сектор и во сите други сегменти на општествениот живот во Македонија. Меѓутоа, за една работа мора да сме на чисто. Таквата благородна и честита улога, која не треба никој да му ја подарува на цивилното општество (граѓанскиот сектор), бидејќи таа нему бездруго му припаѓа, е долгорочен и мачен процес во земја како што е Република Македонија. Имено, во услови на сеопшта корумпираност, пресудниот импулс што треба да тргне токму од цивилното општество во долгоочекуваната антикорупциска кампања како суштинска матрица преку којашто впрочем треба да се разрешат и прашањата на (не)транспарентноста и (не)одговорноста, тешко дека ќе може да се оствари само со појавување пред ТВ камерите, со лепењето плакати, прикажувањето преку видеоспотови, билборди и сл.
Оттука, во Република Македонија работите нема да тргнат напред ниту во оваа сфера, којашто по природа на работите е автохтона и најповикана да изврши влијание за поведување сериозна војна против нетранспарентноста и неодговорноста без организиран и симултан притисок, од една страна на меѓународните фактори, пред с$ оние најголемите донатори кои издвојуваат големи пари за развојот и јакнењето на улогата на граѓанскиот сектор во Македонија, и од друга страна на самиот граѓански сектор, но организиран на многу поавтентична основа, изразувајќи ги сите автохтони идеи, решенија и предлози на сите оние коишто искрено се засегнати со надминувањето на овие негативни состојби во граѓанскиот сектор. Истовремено, граѓанскиот сектор како дел од општеството и на тој начин нераскинливо поврзан со сите други општествени сегменти, ќе може да ја оствари најоптимално својата авангардна и благородна улога на поттикнување, насочување и контрола, со цел за ставање во општествено толерантни рамки на овие крајно разорувачки и погубни појави во целото општество.
1 Во септември 2001 година, од страна на авторот, во рамките на емпириските истаржувања за неговиот докторски труд, спроведена е анкета на репрезентативен примерок од 1200 испитаници од повеќеслојна структура, при што помеѓу другите 11 униноминални прашања, беше поставено и прашањето: “Во која од наведените институции има најмногу корупција?” Од вкупно наведените 19 институции, односно општествени области, невладиниот сектор се најде на 18 место, или со 6,08 % беше наведена како една од најмалку корумпираните сфери на јавниот живот во Република Македонија, но сепак, како што покажаа податоците, не е поштедена од тој маѓепсан круг.
2 Во горенаведената смисла, вредно е да се напомене дека етимолошката генеза на зборот корупција е од латинско потекло и во буквален превод значи расипаност, односно неморално и неправедно однесување.
3 Ваквата констатација емпириски е базирана на продлабочените и повторени интервјуа со репрезентативен примерок од 150 претставници од невладиниот сектор во Република Македонија, спроведени од страна на авторот во мај 2002 година. Исто така, оваа констатација емпириски е потврдена од бројните искажувања на претставници од невладиниот сектор на подготвителни состаноци пред доделувањето на некои грантови, кога од страна на донаторите јасно е кажано дека новорегистрираните НВО нема што да бараат, а на тоа бурно реагираа најголем број од невладините организации коишто од оправдани причини немаат богато портфолио. Истите проблеми од страна на повеќе НВО беа изнесени и на состанокот на коалицијата “Македонија без корупција” што се одржа во Скопје на 17.04.2003 г. |
|
|
|
Крај на почетокотТоа што треба да го изнесам во овој простор, не е вообичаениот став , туку коментар за последниот број на „Граѓански свет” во оваа форма.
|  |
Кампањата “Учиме за ЕУ”
Прашањето за уставното име на Македонија го засени интересот за УнијатаШто е Европска Унија? Кои се земјите членки на ЕУ? Која е целта на проширувањето на ЕУ? Кои се симболите и химната на ЕУ? Зошто е создадена Европската Унија? Ова се некои од прашањата кои им се поставуваат на основците и средношколците од 102 училишта во земјава, како дел од кампањата “Учиме за ЕУ”, којашто ја реализираат Секретаријатот за европски прашања во Владата и Министерството за образование и наука. |  |
Реализирана најголемата еколошка акција кај нас
Македонија засади над два милиони саднициНад 2 милиони садници засадени во еден ден е апсолутниот рекорд кој го постигнаа граѓаните на Македонија на 12 март, Денот на дрвото. Во граѓанската акција “Ден на дрвото - засади ја својата иднина” учествува околу 200.000 граѓани, вклучувајќи ги и децата од градинките, учениците, студентите и дипломатите. Граѓанската акција за пошумување на Македонија од самиот почеток ја иницира еден од нашите најпознати уметници, оперскиот пејач Борис Трајанов, а вклучени беа и близу 170 познати имиња од јавниот живот, меѓу кои и Калиопи, Каролина Гочева, Индира Кастратовиќ, Бубо Каров и други. |  |
Катерина Хаџи-Мицева
Кодекси на добро однесувањеКодексот на добро однесување се дефинира[1] како доброволен договор помеѓу неколку организации со заеднички интерес, за одредени принципи или стандарди на однесување, коишто даваат насоки, или пак се обврзувачки за организациите, развиен преку заедничко учество и соработка во донесувањето. Бидејќи кодексот е механизам кој се донесува доброволно и е вид на саморегулирање, начинот на неговото спроведување мора однапред да биде одреден и механизмите треба да бидат вградени во кодексот |  |
Граѓанска организација Англунипе - Тетово
Факултативната настава на ромски јазик - препознатлива активностГраѓанската организација „Англунипе” од Тетово дејствува во областа на развојот на образованието на ромската популација и на човековите и материјалните ресурси на Ромите во земјава. Се залага за вклучување на Ромите во институциите на системот, за надминување на проблемите на заедницата на локално и на национално ниво. Освен програми за образование, спроведува и програми за развој на економските ресурси и за унапредување на правата на децата Роми и на жената Ромка |  |
Донација
Нов парк од Космофон за штитениците на заводот во Демир КапијаСпецијалниот завод за лицата со посебни потреби во Демир Капија доби нов спортско-рекреативен парк, донација од компанијата Космофон. Паркот е изграден во дворот на заводот на површина од 280 метри квадратни. Неговите штитеници ќе можат да се рекреираат на игралишта за ракомет и мал фудбал, во посебниот дел со нишалки, патеки од павер-елементи и фонтана, а целата околина е засадена со зеленило |  |
Проект на Биосфера од Битола
Уреден дворот на Домот за доенчиња и мали децаВо изминатите седум месеци Центарот за едукација и заштита на животната средина и природата Биосфера од Битола работи на проектот “Со љубов за нашите деца”, чија цел е прибирање средства од локални извори за просторно уредување на дворот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола |  |
|
|