Проф. д-р Снежана Адамческа
Граѓанското образование во основното училиште (педагошки проблеми и дилеми)
Вовед
По осамостојувањето на Република Македонија и појавата на комплексните промени на транзицијата, се актуелизира граѓанскиот концепт на образованието кој непосредно кореспондира со тенденциите за негово осовременување и ослободување од дотогашните идеолошки предзнаци. Иницијативите за воведување еден нов концепт за размислување на поединецот како дел од општествената заедница претставува етаблирање на нова филозофија во целокупниот воспитно-образовен систем кој во тој момент како да се најде на крстосница во својот развој.
Бројни се факторите кои суштествено влијаеја врз градењето на новиот граѓански концепт: пазарната економија, политичкиот плурализам, напуштањето на единствената филозофска основа на воспитанието и с$ позачестената свртеност кон европските развиени системи кои овој концепт го практицираа и го третираа како сопствена цивилизациска придобивка. На тој план с$ уште се присутни дилемите околу определувањето на идентитетот на воспитно-образовниот систем во Република Македонија - дали да се тргне со градењето на сопствен автентичен систем којшто ќе ги почитува докрај сопствените традиции, или ќе ги користи искуствата од развиените воспитно-образовни системи во Европа и светот.
Досегашниот еднодецениски развој и искуствата покажаа дека и првиот и вториот пристап не можат да го решат проблемот брзо и едноставно. Бројните проектни процеси во основното и средното образование кај нас, иницирани од домашните потреби, а поддржани од меѓународни фактори, покажаа дека т.н. внатрешни реформи на системот суштествено не ја менуваат неговата физиономија, бидејќи главно беа насочени кон дидактичко-методичка трансформација и преобразба на најосетливиот сегмент од училишната дејност - наставата. Менувањето на стилот на работа на наставникот, засилен со осмислена технолошка поддршка и обука којашто промовира партнерство и проактивност на ученикот и наставникот претставува значаен исчекор напред во ефектуирањето на наставниот процес.
Во тој контекст, с$ повеќе се истакнува потребата од сеопфатно гледање на образованието чиј квалитет започна да се мери и вреднува врз основа на јасно утврдени параметри: курикуларен пристап во физиономирањето на наставните програми по сите предмети, иновиран редизајн на учебниците, клима на поддршка на ученикот во текот на наставните и процесите кои се учат, динамичен и високофреквентен „фит-бек“ во учењето, вреднување на т.н. скриен курикулум во одделението/класот и континуирана професионална поддршка и обука на наставниците.
Со ваквите концепциски решенија и интервенции во системот с$ повеќе бледнеат критиките за стереотипите на нашата наставна практика, а истовремено полека стивнуваат гласноговорниците за нагласен академизам, фактографија во знаењата на ученикот, интелектуализам, отсуство на апликативност и можност за примена на стекнатите знаења, дискутабилен субјективитет на ученикот во наставата и училишниот живот, робување на дидактичко-методичкиот ларпурлартизам на наставникот и нездравата клима на борба за оценки, а не за знаења.
Воспитно-образовниот систем во Република Македонија во последниве десетина години објективно покажа голема флексибилност во однос на промените и потребите од промени, првенствено преку внесување квалитативно нови димензии во изведбено-процесните аспекти на наставата и преку постепеното градење модел за професионално педагошко усовршување на наставничкиот кадар.
Колкави се придобивките од овие инвестиции во образованието во овој миг тешко може да се каже, пред с$ заради недоволната и неконзистентна стратешка концепција за континуирано вреднување на резултатите. Присутните колебања на тој план само ја потврдуваат тезата дека во нашиот воспитно-образовен систем во изминатата деценија помалку беа застапени радикални зафати, а многу повеќе доминираа промени со компромиси.
Воведувањето на граѓанското образование во основното и средното образование претставува сериозна стратешка определба во која секаков вид компромиси беа премавнати преку тенденцијата барем еден програмски и оперативен сегмент да се имплементира целосно и со однапред утврдена методологија. Останува отворено прашањето дали и колку понудениот концепт на граѓанско образование/култура во нашиот систем има автентичен карактер, дали се гради врз основа на постојната филозофија и традиции во нашето образование, или да се имплементира врз туѓи искуства и потреби. Актуелно е и прашањето дали неговата имплементација не го наруши постоечкиот баланс и сознајната таксономија и методологија на дизајн на наставните програми во основното и во средното образование.
Нашите досегашни искуства говорат дека и релативно успешни зафати во воспитно-образовниот систем често завршуваат како добро сеќавање, бидејќи отсуствуваат механизми за следење и вреднување на постигнувањата во рамките на секоја иницирана промена. Оттаму и се добива впечаток дека сите иновативни зафати или промени или имаат парцијален карактер, или се одвиваат во текот на релативно кус временски период или се реализираат мошне успешно, но со завршница којашто нема компарации со други искуства бидејќи никој не почувствувал потреба да ги вреднува ефектите.
Во такви услови тешко може да се говори за осмислена стратегија за имплементација на промените кои како по навика имаат бучен почеток и тивок крај без измерен ефект. Во јавноста ваквите потези често се идентификуваат како логика на обиди и грешки, како експериментирање или како напори за кои воспитно-образовниот систем не е доволно дораснат.
Позадина
По осамостојувањето на Република Македонија се појавија низа иницијативи за менување на концепциските основи на образованието, не само од аспект на деидеологизацијата на дејноста, туку и од аспект на етаблирање нови насоки за развој и приближување кон развиените образовни системи. Голем исчекор на тој план беше направен со несомнено едногласниот став дека еден од параметрите на осовременување и светско стандардизирање на нашето образование е воведувањето на граѓанскиот концепт. Првичните напори беа проследени со низа дилеми и спротивставени мислења околу низа суштински прашања: дефинирање на бројните аспекти на граѓанскиот концепт, изработка на конзистентна терминологија, избор на содржини, дидактичка локација и физиономија на еден стожерен предмет или повеќе наставни предмети, обезбедување механизми за континуитет на граѓанското образование низ сите степени на образование итн.
Можност за презентација на различните идеи на експертскиот тим иницијаторите и претставниците на пошироката педагошка и стручна јавност имаа на тркалезната маса на тема: Местото, целите и методиката на граѓанското образование во Македонија, одржана на 13.11.1997 година на Филозофскиот факултет во Скопје. Тркалезната маса се одржа во рамките на проектот Образование за граѓанско општество на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет. Овој проект е финансиран од Центарот за граѓанско образование од Калабасас, Калифорнија, САД.
Сите понатамошни активности во рамките на проектот се одвиваа во насока на развивање на идејата и практиката на моделот на граѓанско образование во Република Македонија.
Наставните програми и учебниците кои во оваа експертиза ги користиме како извори за елаборација на основните педагошки параметри претставуваат проектни документи/продукти од сите напори на тимот кој со голем ентузијазам успеал да создаде пилот-рамка за имплементација на граѓанскиот концепт како социолошка и педагошка парадигма на основното и средното образование во Р. Македонија.
Потреба од педагошка анализа
Основната ориентација на воведувањето на граѓанското образование во основните и средните училишта во Република Македонија се базира на потребата од себесознавање на ученикот како единка и како субјект на општествената заедница која тој започнува да ја забележува од најраното свое детство. Градењето на јас-концепт, во сопствената свест и во свеста на другите, развива нови патишта за откривање на сопствената личност на која во различни ситуации и се даваат различни предзнаци: ќерка, син, внук(а), ученичка, ученик, потрошувач, купувач, граѓанин и сл.
Овие вредности и ефекти од образовниот процес досега тешко можеа да се препознаат. Во услови на авторитарен стил на работа во наставниот процес, јас-концептот потешко доаѓа до израз и сите обиди за воспоставување демократски стил на работа ученикот го ставаат во позиција да ги следи процесите, а не да учествува во нив. Преминот од улогата на статист кон улогата на актер во наставата не е ниту социолошки, ниту психолошки. Станува збор за педагошки проблем кој треба, мора и може да бара и да најде нови филозофски основи на својата мисија во општеството и во животот на секој поединец.
Негувањето на колективизмот кој замижува пред специфичностите и посебностите на поединецот не создава услови тој да ја анализира и осознае сопствената личност и да ги негува личните вредности, како иницијативност, проактивност и свест за сопствените можности и потреби.
Во таа смисла, во педагошка смисла граѓанскиот концепт на образованието не претставува само проектна интервенција, акција која анимира само дел или неколку сегменти од образовниот процес. Концепцискиот карактер на граѓанското образование ги поттикнува речиси сите компоненти на системот, почнувајќи од менување и трансформација на улогата на наставникот и сите аспекти на неговото иницијално образование и професионално усовршување, преку редизајн на курикулумот и иновирање на учебниците, до етаблирање нови модели и стратегии на евалуација на ефектите од воведувањето на овој концепт.
Од посебно значење се и микромеодичките димензии на наставниот и процесот на учење кој е насочен кон стекнување знаења и развој на умеења и вештини кои се препознатливи во свеста и однесувањето на ученикот. Овие аспекти и очекувања имаат пред с$ педагошки карактер и нивната присутност или отсутност во новиот концепт треба да се воочат, одмерат и споредат со досегашниот стил на работа.
Иманентно својство на секој нововостановен концепт е утврдувањето на неговото влијание врз веќе поставените аспекти на дејствување, што значи, идентификација на параметрите врз чија основа новиот концепт внесува трансформативни елементи во физиономијата на наставните планови, концепциските решенија во содржинска и процесна смисла, можностите за развој на кроскурикуларни приоди во реализацијата на целите на концептот, менување на статусот на субјектите во наставата и сл. Затоа и говориме дека граѓанското образование во основното и средното образование не е само проектна иновација, туку концепт со сеопфатна структура и внатрешна динамика која зачнува, но и решава низа проблеми и ефектуира резултати од крупно значење за системот.
Имајќи ги предвид овие согледувања и состојби неопходно се наметнува потребата од утврдување на педагошкиот идентитет на граѓанското образование/култура во основното кај нас. Како програмски и оперативно-изведбен зафат граѓанското образование се наметна како изграден систем од идеи и практика кој заживеа во првите степени од системот на образование. Педагошката анализа нема тенденција да ги анализира сите сегменти на граѓанското образование, бидејќи тоа би претставувало комплексна методолошка постапка која е условена од подолгорочно следење и на наставната практика.
Предмет на анализа на граѓанското образование е утврдувањето на педагошките параметри на реализацијата на граѓанското образование/култура во основните во Република Македонија од аспект на наставните програми и учебниците.
Клучни поими на анализата се: наставни програми, учебници, основно образование.
Оперативни поими се: методичко-дидактичка рамка, физиономија и дизајн, концепциски решенија, ликовна поддршка, дидактичка апаратура, дефинирање поими, поставување содржини, иницирање активности, иницирање проактивност на субјектите во наставниот процес, графичко-илустративни решенија, дефинирање на цели во наставните програми, програмска конзистентност, методи и техники на вреднување.
Одделенска настава
Граѓанското образование/култура во основното училиште се имплементира како комплексна програма во чија физиономија егзистираат релативно независни и самостојни програмски компоненти со различен педагошки третман и статус. Во обидите веќе добиените програмски содржини да се вметнат во постојните програми, дизајнерите на граѓанското образование објективно се нашле пред сериозна дилема што ја разрешиле со понуда на различни модели. Дилемите се однесуваат на следните прашања:
- На кој начин содржините од граѓанско образование да се имплементираат во постојните програмски содржини, без да се менува нивната физиономија, дизајн и структура?
- Во кои постојни програмски подрачја можат да се реализираат целите на граѓанското образование?
- Кои модели на примена да се имплементираат за да не се наруши постојната конзистентна структура на наставните планови и програми во основното образование?
Во однос на првата дилема, очигледно се наишло на сериозни проблеми, бидејќи содржините од граѓанско образование се структуирани како заокружена целина, со дефиниран концепт кој не трпи дисперзија и којшто го негира кроскурикуларниот пристап на реализација. Поради потребата од сознајна конзистенција во одделенската настава, граѓанското образование егзистира како паралелен програмски корпус којшто наоѓа одредена програмска подлога во општественото програмско подрачје. Врските со тоа подрачје се тешко препознатливи, бидејќи отсуствува основниот документ за имплементација на граѓанското образование, а тоа е редефинирана програма во која можат да се идентификуваат и целите на граѓанското образование. Методологијата на имплементација на граѓанското образование ја исклучува интервенцијата во постојните наставни програми и вештачки ги надоврзува неговите содржини кои во практиката можат да имаат споредно значење и третман. Тоа особено се однесува на одделенската настава, каде содржините од граѓанско образование се реализираат врз основа на учебници, а не врз основа на сеопфатна анализа на постојните програми во кои граѓанското образование може да го најде сопственото место.
Врз основа на тоа може да се заклучи дека педагошкиот и дидактичкиот статус на граѓанското образование во одделенската настава на основното училиште е можне проблематичен. Една од причините за тоа е и засега недоволните професионални компетенции на наставниците за поголема аналитика кон програмите и целното програмирање на наставниот процес.
Евидентно е дека отсуството на сеопфатен приод во иницијалната имплементација и осмисла на граѓанското образование неговите содржини ги претвора во програмски департман којшто во практиката може да има секундарно значење. Дизајнерите на граѓанското образование овој факт морале да го имаат предвид.
Второ, моделот на вештачка интеграција на граѓанското образование во одделенската настава води кон поврзување на содржините од општественото програмско подрачје кое има сопствена структура и логика и што е најбитно има сопствена програмска подлога. Останува отворено прашањето дали и колку концептот на граѓанското образование може да функционира ако почетниот модел за имплементација е припојување, а не интегрирање во рамките на една единствена програмска рамка.
Треба да се забележи дека носечки критериум за интеграција не се содржините, туку целите. Секаков поинаков приод води кон програмска дихотомија и нееднаков третман на компонентите на програмата. Останува прашањето: зошто во процесот на имплементација на граѓанското образование не е вклучена и етапата на редизајн на програмите од општественото програмско подрачје за одделенска настава? На тој начин ќе се овозможи содржините од граѓанско образование истовремено да претставуваат освежување и на пристапите на работа со учениците во рамките на сите, а особено во рамките на општественото програмско подрачје.
Трето, препознатливи се најмалку три различни модели на имплементација на содржините по Граѓанско образование во основното образование: припојување содржини во рамките на програмите од општественото програмско подрачје во одделенската настава; реализација на целите на граѓанското образование/култура како содржина на работа на одделенскиот час (петто и шесто одделение); реализација на целите на граѓанска култура како посебен наставен предмет (седмо и осмо одделение).
Ова разнообразие на модели говори за различниот третман на целите и содржините по граѓанско образование којшто води кон програмското департманство и секундарниот третман. Убедени сме дека концептот на граѓанското образование не претендира да има третман на дидактички експеримент. Потребата од негово имплементирање во основното образование е несомнена, но таа имплементација морала да следува по добро осмислена стратегија во која програмското втемелување мора да има приоритетно значење. Со ваквите решенија направен е преседан кој се темели на содржинско припојување, а не и на целно интегрирање.
Се наметнува уште едно прашање коешто објективно отвора нова дилема: дали е потребно едно подрачје чии содржини се вметнуваат во постојните наставни програми на основното уилиште да се покрива со цела серија учебници. Во педагошка смисла таа состојба води кон одговорот дека учебниците ги заменуваат програмите, а тоа претставува сериозен превид и неприфатлива практика којашто не може да се оправда ниту со актуелноста на содржините, ниту со атрактивноста на граѓанското образование. Според таа логика, на пример, во иднина во одделенската настава на основното училиште може да се практикува изработка на серија учебници по картографска писменост, по сообраќајна култура, основи на информатичко образование, еко-култура, по економско образование и сл. Мисијата на граѓанското образование мора да се насочи кон афирмација на нови принципи во изработката на наставните програми. Само на тој начин неговите цели можат да имаат рамноправен третман во наставната реализација. Неразбирлив е отпорот кон редизајн на програмите за одделенска настава во кои и целите и содржините од граѓанско образование можеле мошне лесно и безболно да претставуваат интегрален дел и компонента на програмска конзистентност.
Предметна настава
Во овој потсистем на основното образование граѓанското образование е програмирано во вид на два модела: содржини наменети за реализација на одделенскиот час за петто и шесто одделение и наставен предмет граѓанска култура за седмо и осмо одделение. Наставни програми се изработени само за посебниот предмет граѓанска култура. Отсуството на наставни програми или друг вид програмска основа за граѓанското образование/култура во петто и шесто одделение се должи на непостоењето дидактичко-методички претходник на истите - програми за одделенска настава. Со ваквиот потег очигледно е дека недоследноста раѓа непринципиелност врз која не може да се гради конзистентен систем од знаења и вештини кои се очекуваат од учениците.
Овие глобални концепциски решенија на граѓанското образование/култура во основното училиште треба сериозно да се преиспитаат и како прашање на континуитет и како методолошки пристап во имплементирањето цели и содржини кои се релативно нови. Различниот третман на граѓанското образование во програмска смисла ја нарушува природната рамнотежа на мерните карактеристики на програмските документи врз основа на кои се одвиваат процесите на наставната реализација. Со ваквиот приод отсуствува секаков вид принципиелност во методологијата и стратегијата на изработка на програмите кои во крајна линија нудат содржини без конзистентно дефинирани цели кои не можат да се препознаат во постојните програми.
Се добива впечаток дека основата на концепциските решенија на граѓанското образование во основното училиште се темели на два непринципиелни приода: прво, постојните програми еднаш служат како основа за припојување на новите содржини (одделенска настава), и второ, постојните програми се игнорираани и е востановен нов наставен предмет којшто ја следи сопствената логика и структура, а ги занемарува целите и содржините кои можат и треба да претставуваат сознајна основа за усвојување на граѓанското образование. Ова прашање треба сериозно да се преиспита, особено во дизајнирањето нов концепт на наставни програми за основното образование во кој не смее да има простор за припојување содржини, туку треба да се следи стандардната процедура и методологија за изработка на концепт.
Не би сакале овие наши забелешки да бидат сфатени како преиспитување на концептот на граѓанското образование. Напротив, тоа претставува современа тенденција којашто се гради и збогатува со нови содржини во сите развиени воспитно-образовни системи. Во прашање е методологијата на имплементација којашто требала да биде со одмерени чекори и поголема поткрепа на нашата општествана стварност, како во однос на изборот на содржините наменети за одделенска настава, така и во однос на нивното функционално интегрирање со содржините од постоечките наставни програми.
Концепциските решенија во граѓанското образование за предметна настава има повисок степен на автентичност, особено во петто и шесто одделение каде основен програмски проблем е училиштето и училишниот живот и организација и локалната заедница како општествен амбиент на живот и работа на учениците. Содржините за овие две одделенија за учениците се блиски, проблемите потекнуваат од нивното секојдневно живеење и даваат можност ученикот да ги запознава од нивната суштинска страна.
Промоцијата на граѓанското образование во наставен предмет во седмо одделение наметнува низа проблеми кои се условени од дидактичко-сознајната таксономија на овој предмет во системот на другите наставни предмети. Наставните содржини по граѓанско образование во овие две одделенија изобилуваат со категории чија апстрактност произлегува и од користењето на мошне строга терминологија. Нејзиното усвојување бара сериозна сознајна подлога во друг наставен предмет или менување на концептот и статусот на предметот.
Програмските проблеми од граѓанско образование/култура несомнено и недвосмислено произлегуваат од секојдневниот живот на учениците, но се поставува прашањето колку тие умеат да ја согледаат комплексноста и сложеноста, меѓузависноста и условеноста меѓу тие категории кои бараат поголем и поширок сознаен хоризонт. Сметаме дека програмските содржини од граѓанско образование/култура за овие две одделенија ја наложува потребата од реализација на целите од други наставни предмети кои, пред с$, временски кореспондираат со сознајните категории во граѓанската култура (уставно уредување, историја на 20 век, политичка економија, елементи од социологија). Со оглед на фактот што станува збор за основно и задолжително образование, содржините од граѓанска култура можат да ја играат улогата на сознаен стимулатор за поттикнување интерес за апстрактната сфера на општественото живеење. Како наставен предмет со конзистентна програма граѓанската култура сега е ставена во несоодветен дидактички табор кој може да се одрази врз нејзината ефикасност, особено ако се има предвид и тоа што засега овој предмет нема солидна сознајна подлога во останатите наставни предмети. Едно од можните излезни решенија за тоа може да биде продолжување на статусот на граѓанското образование/култура како наставно подрачје (и во седмо и во осмо одделение) чија реализација би била во рамките на одделенскиот час.
Заклучни согледувања
Иницијативата и практицирањето на граѓанското образование/култура во основното и средното образование во Република Македонија претставува сериозен системски зафат кој заради своето значење и карактер заслужува поддршка за понатамошна имплементација и усовршување. Досегашната примена на овој зафат со право ја заинтересира севкупната стручна јавност, бидејќи според својата суштина води кон редефинирање на филозофските основи на воспитанието и образованието чии текови с$ повеќе се движат во правец на современите европски модели на образование.
Може да се каже дека воведувањето на граѓанското образование кај нас претставува најсериозен обид за културна и цивилизациска кореспонденција на нашиот воспитно-образовен систем со светот и еден од механизмите за негово интегрирање во европските и светските современи тенденции. Искуствата на тој план упатуваат на сознание дека во процесот на засега пилотското имплементирање на овој сегмент нашиот воспитно-образовен систем покажа значајна флексибилност и податливост на веќе постоечките концепти кои без поголеми тешкотии го прифатија граѓанското образование како природен процес на осовременување.
Овој момент го истакнуваме меѓу другото и заради фактот што граѓанското образование/култура не смее да има третман на обична програмска интервенција. Неговото функционирање во системот треба да се базира на осмислен и методолошки разработен концепт којшто безболно тежнее кон реализација на своите цели.
Во светот, односно во развиените образовни системи, содржините на овој концепт се развиваат и реализираат во рамките на програмското подрачје општествени науки каде децата од најрана училишна возраст се запознаваат со формите на општественото живеење и дејствување. Во Франција, на пример, „Едуцатион цивиљуе“ претставува програмска основа за изучување историја, социологија и други општествени науки, бидејќи започнува да се изучува уште од шестата година. Овој засега најуспешен европски модел се покажа, меѓу другото, особено ефикасен, зашто успеа да се афирмира како солидна сознајна основа и дидактичка претпоставка за реализација на воспитните цели на наставата (патриотизам, лојалност, заедништво и сл.).
Сите компоненти на имплементација на граѓанското образование/култура во нашиот воспитно-образовен систем создаваат еден единствен комплекс кој треба и мора да се консолидира врз конзистентен систем од вредности чии димензии засега имаат одредени неусовршености:
- Концептуализацијата на наставните програми по граѓанско образование/култура содржи одредени недоследности кои се однесуваат на постоење неединствени критериуми во нивната структура. Свежината на содржините треба да биде поткрепена со издржан дидактичко-методички концепт во кој би се препознавале современите пристапи на работа;
- Различната структура на наставните програми по граѓанско образование во основното треба да се надминат со прифаќање на единсвтен модел на градење концепт кој за учениците (и наставниците) ќе биде подеднакво привлечен, различен во однос на програмите на останатите наставни предмети. Во тие рамки особено треба да се обрне внимание на програмите за основното образование во кои би можел да доминира модуларниот пристап на конципирање;
- Воочлива е неконзистентност меѓу наставните програми и концепциските решенија на учебниците по граѓанско образование/култура. Секаков вид компарација меѓу овие две компоненти укажува на методичко-дидактичка неусогласеност која се должи на недоволното следење на учебниците на духот во програмите. И покрај модерниот дизајн на учебниците, присутната дидактичка апаратура упатува на класични модели на работа во кои доминираат репродуктивните приоди на учење;
- Неопходно е сериозно преиспитување на решенијата присутни во реализацијата на програмата по граѓанско образование за одделенска настава, особено за почетните две одделенија. Иницијалните поимни концепти кои се развиваат во правец на четврто одделение многу тешко можат да ги втемелат знаењата кои треба да се стекнат во предметната настава на основното образование. Нивната апстрактност и сложеност може да биде причина за сериозни пропусти во знаењата и разбирањата на децата кои веќе во петтото одделение треба да усвојат систем од знаења и вештини коишто вештачки се надоврзуваат на четирите поимни концепти.
|