Транспарентност и одговорност во граѓанскиот сектор
Николаки Миов
Обелоденувањата на финансиските извештаи во функција на транспарентност и одговорност во граѓанското општество
Апстракт
Во Република Македонија во досегашниот период на транзиција граѓанскиот сектор доживува брз подем и е постојано во првите редови на демократските промени. Тој ја докажа способноста да функционира успешно и во кризни услови. Сепак, јавноста не му ја укажува довербата што му припаѓа. Дел од причините за ова е и во самиот граѓански сектор кој е недоволно транспарентен и не успеа да ги издвои оние организации каде личните интереси се пред целите на организирањето. Овој напис е заснован на моето искуство и како волонтер во граѓанскиот сектор и како професионален сметководител во јавната практика и укажува на потребата од саморегулирањето во граѓанскиот сектор и обелоденување на финанансиските извештаи во форма поинаква од општоприфатената во моментов.
Клучни зборови: Непрофитен сектор, граѓански организации, обелоденување, саморегулирање, финансиски извештаи, транспарентност и одговорност.
Вовед
По добриот стар обичај на судот на чаршијата во нашата држава граѓанските организации се колективно осудени како „крадци и измамници“. Казната е исто колективна и се огледува во минималните привилегии кои ваквите организации ги уживаат од страна на даночната легислатива и обидите за минимизирање на резултатите од нивното учество во градењето на односите во државата.
Но, исто, по нашиот стар обичај чекаме некој друг да побара поединечна одговорност од организација или нејзин раководител. Ваквата поединечна одговорност не ја бара ни граѓанскиот сектор сам од себе, и покрај тоа што има многубројни организации чија основна определба е барањето одговорност во многу други сегменти на државата.
Елементот на контрола се препушта на Управата за јавни приходи и донаторот. Управата тоа го прави само од аспект на јавните давачки без навлегување во рационалноста на трошење на средствата, а донаторот тоа го прави од аспект на своето сфаќање на краткорочните цели кои треба да се постигнат, со долгорочните цели и воопшто граѓанското организирање и неговата улога надвор од фокусот.
Решенијата се бараат на страната на државата која со ефективна законска регулатива би требало да ги реши сите прашања, па дури и да предвиди какви можат да бидат потребите во иднина. Такво нешто не е постигнато ниту во држави каде власта има далеку помалку наталожени и дневни проблеми, а уште помалку може да се очекува кај нас.
Саморегулирање
Во западните земји од деведесеттите до денес си повеќе се засилува иницијативата за потребата од саморегулирање на непрофитните организации. Основни инструменти кои се употребуваат во овој процес се транспарентноста и обелоденувањето.
И кај нас треба да се промовира ваквиот начин на донесување правила по кои треба да се однесуваат здруженијата на граѓани. Тоа што смеете да го обелодените ретко е погрешно, а уште поретко може да биде измама. Транспарентноста ќе овозможи и одвојување на добрите од лошите практитки и процедури во работата на граѓанските организации преку меѓусебно споредување.
Кај нас често е на завидно ниво вештината на одбегнување правила кои се наметнати со принуда. Можеби правила кои не се наметнати со принуда, правилата на саморегулирање, ќе се почитуваат далеку повеќе. Во секој случај, нивното донесување не може да штети.
Ваквите правила можат да добијат форма на кодекси на етика, стандарди за финансиско известување, принципи на добра практика. Интересна форма се сертифицирањето и акредитацијата од страна на независни агенции или граѓански организации како потврда на воведување и одржување добри практики во организациите, нешто слично на системите на квалитет кај стопанските субјекти.
Во сите нив основен столб на градење доверба се транспарентноста и обелоденувањето. Некогаш е доволно некои работи да се објават на огласна табла на ѕидот на канцеларијата на организацијата па работењето да биде транспарентно. Со развојот на електронската комуникација известувањето на јавноста престана да биде скапа работа и повеќе е прашање на време и желба на членовите на организацијата, отколку на пари. Доброволното објавување на периодичните и годишните извештаи за работа на граѓанските организации е прашање на создавање една интернет-страница на која ќе можат да ги објават. Секој заинтересиран ќе ја посети страницата и ќе може да добие информации за граѓанската организација кон која го насочил интересот. Еден таков пример на интернет е њњњ.гуидестар.орг каде тврдат дека имаат 700.000 извештаи на непрофитни организации.
Интерна контрола
Финансиските трансакции на здруженијата на граѓани се и ќе бидат цел на интересирањето, како на заинтересираните корисници на информации поврзани со граѓанскиот сектор, така и на пошироката јавност и медиумите, добронамерните и оние другите.
Основниот инструмент на контрола на финансиските трансакции предвиден со Законот за здруженија на граѓани е органот од член 63 став 1 кој гласи:
„Со статутот на здруженијата на граѓани се утврдува органот кој врши контрола за наменско користење и располагање со средствата и приходите на здруженијата на граѓаните и фондациите“.
Овој орган во повеќето статути е определен како надзорен одбор.
Во контактите и ангажманите кои сум ги имал во здруженијата на граѓани не сум запознал член на надзорен одбор кој ефективно ја остварува контролата предвидена според законот. Тоа се најчесто почесни членства кои ретко одржуваат и формални состаноци, а уште помалку остваруваат увид во трансакциите на организацијата каде се поставени. Законот не предвидува казнени одредби за пасивен надзорен одбор, Управата за приходи не го бара тоа бидејќи оперативно за финансиското и матерјално работење обично е одговорен раководителот на некој од извршните органи, а донаторите не бараат тој да преземе нешто со контролата на извештаите кои им се доставуваат. Неговото ставање во позицијата која според законот и статутите му припаѓа е првиот чекор кон транспарентност и обелоденување на користењето на средствата на организацијата.
Но не може да се очекува тој да се стави во функција без јасни правила според кои треба да се однесува. Тој орган прв би извлекол корист од стандарди за финансиско известување и правилници за сметководство коишто организациите вообичаено ги немаат. Изготвувањето вакви акти е скапо за секоја организација поединечно, но интересот на секторот во целина и државата од своја страна е толкаво што нивното изготвување како општи правила на саморегулирање во непрофитниот сектор би симнало од дневен ред многу паушални оценки на финансиското работење. Тогаш лесно би се одвоиле организациите кои ги почитуваат од оние кои не ги почитуваат правилата. Поткрепено со тврдењето за вистинитоста на финансиските извештаи од страна на надзорниот одбор и нивно обелоденување во јавноста би значело брзо зголемување на кредибилитетот на организациите кои ќе го усвојат ваквиот метод на работа.
Стандардите можат да вклучат многу процедури на интерни контроли, особено во набавките, работата со готови пари и располагањето со основните средства на организациите кои како добри практики ќе овозможат натамошна контрола на наменското располагање со средствата. Тие ќе го дефинираат и пристапот кон деловните евиденции кои често, водени од екстерни сметководители кои за основа ги имаат правилата кои важат во профитниот сектор, не се вистински одраз на потребите за финансиско известување на организациите, па имаме посебни евиденции и финансиски извештаи за донаторите, а посебни за потребите за финансиско известување на ниво на организација која се сведува на минималните барања на законските прописи. Тие најчесто не се одраз на специфичноста на организацијата и од нив не може да се оцени рационалноста на трошењето која не е иста со онаа на профитните ентитети.
Доказ дека организациите можат да работат и поинаку се извештаите кон донаторите од каде што доаѓаат фондовите. Кога ќе им се презентираат јасни правила како што се очекува да изгледа финансискиот извештај кон донаторот, организациите непогрешливо ги следат.
Високото ниво на интерните контроли и интерната одговорност ја намалуваат и можноста државата преку свој систем на контрола да му наметне на граѓанскиот сектор сопствени гледишта и да ја намали можноста од злоупотреби на контролните механизми на власта.
Стандардите за ваквиот систем на контроли треба да бидат недвосмислени и јасни. Само така ќе можат да бидат широко применети.
Надзорниот одбор е еден од органите кои се во оваа функција. Од клучно значење е и избегнување на состојбите на поединец–организација каде целокупната одговорност и контрола е концентрирана кај мал број лица, обично поврзани меѓу себе. Сите членови на управните органи треба да добијат поголеми надлежности и одговорности во интерните контроли на организацијата, а не да бидат само почесни членови. Волонтерите треба да се охрабруваат да стекнуваат повеќе знаење за финансиското работење на организацијата. Така тие ќе можат повеќе да помогнат и во смалувањето на административните трошоци за водење деловни евиденции со водење дел од помошните книги во организацијата и истовремено ќе бидат дел од системот на интерна контрола.
Фискални прописи
Неселективните фискални оптоварувања негативно влијаат на вистинитоста на евиденциите и финансиските извештаи и објективно придонесуваат за нетранспарентност на финансиското известување. Сите трошоци поврзани со физички лица, неопходни за остварување на целите за кои е основана организацијата, се повисоко оданочени од, на пример, издавањето деловен простор, сопственост на граѓани, на трговски друштва со јасни профитни цели. И тука се потребни правила на саморегулирање кои трошоци се навистина неопходни за извршување на функцијата, како ќе се контролира рационалноста и ефикасноста на ваквите трошоци, пред си интерно од организацијата. Дури потоа може да се побара државата да го прилагоди даночното законодавство како одраз на повисока доверба во граѓанските организации коишто ги почитуваат добрите практики.
Сегашната состојба на зголемен број здруженија на граѓани резултира со намалена државна контрола. И за државата е поважно да го применува законот на сите подеднакво отколку да има високи давачки коишто секој се труди да ги избегне.
Финансиски извештаи
Извештаите и особено финансиските извештаи треба да докажат дека здруженијата на граѓани можат да ги потрошат средствата наменети за помош на заедницата поефективно, поефикасно и поекономично отколку владините институции и нејзините органи, да ја покажат способноста да ангажираат донации и волонтери во функција на задоволување на потребите на локалните заедници.
Прикажани во таква светлина тие ќе покажат дека сите бенефиции коишто ги добиваат се оправдани и дека навистина ги користат средствата за остварување на целите за кои се основале.
Остварувањето на оваа цел бара поинакви финансиски извештаи од вообичаените во моментов, финансиски извештаи коишто нема да содржат само трошоци по видови туку трошоци распоредени по одредени проекти и во нив трошоци според видови, средства и обврски утврдени според принципите на настанатост во периодот, а не само паричниот тек. Паричниот тек треба да биде само еден од извештаите во комплетот финансиски извештаи.
Особено се од значење белешките кон финансиските извештаи коишто во моментов не се изготвуваат. А токму во нив место треба да најдат дообјаснувањата на позициите во финанските извештаи, одредените нефинансиски показатели, како и обелоденувањето на одредени спорни моменти во работењето коишто ќе ја заокружат сликата презентирана во билансите на организацијата.
Транспарентност и одговорност
Обелоденувањето ќе и’ помогне на пошироката заедница и на организацијата:
- Да обезбеди основни податоци на медиумите и да ги намали шпекулациите;
- Да се подигне општата информираност за работењето на организациите од граѓанскиот сектор;
- Да се намалат претпоставките во врска со висината на платите и административните трошоци;
- Да се создаде реална слика за трошоците за активностите и резултатите од нив;
- Да се одвојат оние организации каде целите се повеќе лични отколку насочени кон заедницата;
- Да се зголеми довербата во работата на здруженијата на граѓани;
- Да се намалат конфликтите на интереси;
- Да се овозможи потенцијалните донатори полесно да изберат каде да ги насочат средствата;
- Да ги намали можностите за корупција.
Оние организации кои ќе одбијат да ги обелоденат своите финансиски извештаи со право ќе предизвикаат сомневање во своето работење, но тие ќе можат точно да се идентификуваат и нема да предизвикуваат недоверба во целиот сектор. Тоа ќе & овозможи и на државата полесно да определи каде доаѓа до нарушувања на принципите на работење, ненаменско трошење и злоупотреба на бенефициите, со што ќе се избегне примената на решението кое досега најчесто се користи: казнување на целиот сектор со измена на законите и нивна поголема рестриктивност.
Одговорноста на организациите ќе се зголеми. Грешките од незнаење или неинформираност брзо ќе се откријат, пред да добијат пошироки размери. Поголеми резултати во тој дел ќе се постигнат доколку навреме се опоменат оние кои несоодветно се однесуваат, со точно адресирана опомена или казна, отколку со генерално обвинување на целиот граѓански сектор.
Ваквите генерални обинувања одат на рака и на нашиот граѓанин и сопственик на трговско друштво, како потенцијален донатор, кој си ја смирува совеста што не помогнал во рамките на своите можности, со тоа дека и онака неговите пари нема да стигнат таму за каде се наменети. Не е нереално дека зголемената транспарентност и одговорност ќе помогне да отпочнат процеси на собирање средства и од домашни донатори што темелно ќе го измени пристапот на органите на здруженијата на граѓани кон планирањето и начините на прибирање средства.
Свеста за владеење на правото во граѓанскиот сектор е важна и за целокупните состојби во државата. Вработените, раководствата и волонтерите во граѓанскиот сектор се многубројни и нивното влијание постојано расте. Неможноста во овој сектор да се сокриете зад нетранспарентност и тајност во работата и особено во финансиските трансакции кај сите негови припадници ќе создаде свест за потребата и во останатите сектори, особено владиниот, да се воведат слични принципи на транспарентност на трошењето.
Заклучок
Само со транспарентност во работата може да се одржи демократскиот принцип на организирање на граѓаните за цели различни од егзистенцијалните и освојување на власта, а кои ним сепак им се важни. Можноста мала група граѓани да основа правно лице преку кое ќе остваруваат заеднички интерес со минимум почитување на редот и поредокот во државата е брана пред слични неформални организирања кои лесно можат да се прејдат на темната страна на општеството.
Јавноста во работата повлекува одговорност и пред локалната заедница во која организацијата работи и таа ќе знае што може да очекува од активностите на конкретната организација и според тоа ќе може исправно да го вреднува нејзиниот придонес.
Повеќето луѓе се спремни да почитуваат јасно одредени правила и насоки на делување, особено ако се тие реални и фер, еднакви за сите. Во моментов кај финансиските извештаи во непрофитниот сектор доминира влијанието на државата и донаторите. Еден сет на правила коишто финанските извештаи ќе ги претворат во инструмент за претставување на организациите и нивното делување пред добронамерниот дел од граѓаните може да донесе многу користи.
А оние злонамерните? Нив добро им оди во ситуација кога не се објавуваат финансиските извештаи. Се сомневам дека транспарентноста ќе им помогне. |