Јасмина Димишковска-Рајковска, претседател на “Отворена порта” - “Ла страда”
Се повеќе жени во Македонија се жртви на трговијата со луѓе
Некои проценки укажуваат дека секоја година во Европа околу 500.000 девојки и жени се жртви на трговијата со луѓе, кои најчесто завршуваат како сексуални робинки. Македонија на почетокот на деведесеттите беше земја низ којашто жртвите на трговијата со луѓе транзитираа, за потоа да стане земја којашто е крајно одредиште за жртвите, а во последно време с$ повеќе и земја од којашто потекнуваат девојките и жените кои се жртви на трговијата со луѓе. Постоењето граѓански организации коишто се борат за женските права, за заштита и поддршка на жртвите на насилство и трговијата со луѓе е императив во Македонија. ГО “Отворена порта” во своето петгодишно работење својата активност ја насочи кон откривањето на трговијата со луѓе, подигањето на свеста на јавноста за постоење на проблемот, а од од пред три години, во рамките на оваа организација, функционира и СОС-линијата за помош на жртвите на трговијата со луѓе.
Која е мисијата на граѓанската организација “Отворена порта”? Мисијата на “Отворена порта” е да се бори за женските права, како и да ги заштити и поддржи жртвите на насилство и трговијата со луѓе. ГО “Отворена порта” постои од 2000 година, кога и официјално започна со своите активности како “Женско лоби и акција против насилство и трговијата со жени”. Постојаното зголемување на бројот на жените жртви на трговијата со луѓе беше основниот мотив да ја основаме организацијата. Денес во организацијата работат 23 жени кои се специјализирани да работат на различни полиња што го третираат проблемот на трговијата со луѓе.
Од 2001 година “Отворена порта”, во рамките на своето работење, ја имплементира програмата “Ла страда”...
Да. Програмата “Ла страда” е програма за превенција од трговија со жени во земјите на Централна и Источна Европа во којашто членуваат девет земји - Холандија, Полска, Чешка, Украина, Белорусија, Бугарија, Молдавија, Босна и Херцеговина, и Македонија. За успешна реализација на програмата “Отворена порта” таа дејствува на три сегменти, и тоа: информирање и лобирање, превенција и едукација и социјална асистенција.
Инаку, дека работата на организацијата на “Ла страда” е забележана и пошироко покажува и наградата на МТВ Европа (МТВ Еуропе) за 2004 година, кога на “Ла страда” & е доделена наградата “Фрее ѕоур минд”, за исклучителен придонес во борбата против трговијата со жени во Европа.
За овие пет години “Отворена порта” имаше успешни кампањи и проекти. Кои од овие активности би ги издвоиле Вие како посебно значајни? СОС-линијата за помош на жртвите на трговијата со луѓе е еден од нашите најзначајни проекти. На бесплатната линија 0 800 11111 или на (00389) 02/ 2777070 за овие три години постоење евидентирани се 794 јавувања. Јавувањата биле од најразличен вид. Информативни биле 483, исчезнати 69, жртви во моментот 24, преживеани 26, пренасочени во соодветни институции биле 106 девојки и жени, а 86 јавувања се ставени во категоријата “други”. Податоците кажуваат дека бројот на јавувањата нагло е зголемен од 2002 година. СОС-линијата е отворена 12 часа, секој ден од осум до дваесет часот, а за помош се задолжени девет обучени оператори.
Операторите даваат психо-социјална помош, информации за безбедно заминување или работа во странство (меѓутоа СОС-линијата не обезбедува работа во странство) и сл. Тие можат да помогнат и со основен правен совет, како и со информација и асистенција на клиентот во неволја и помош при воспоставување контакти со соодветни релевантни институции. СОС-линијата е финансиски поддржана од УНИЦЕФ, од ОБСЕ и од Македонски телекомуникации.
Многу луѓе не се свесни дека тука околу нас има трговија со луѓе, а не е исклучено дека и тие можат да станат и жртви. Кампањите за подигање на јавната свест се од исклучителна важност. Што направивте вие во тој правец? Во декември, минатата година, “Отворена порт” почна со имплементирање на проектот “Борба против трговијата со луѓе во Македонија”, во времетраење од една година, кој е финансиски поддржан од Католичките служби за помош. Целта на проектот е подигање на јавната свест во однос на трговијата со луѓе, како и обезбедување директна поддршка на претпоставените и идентификуваните жртви. Проектот содржи три кампањи, од кои две се на локално и една на национално ниво, а е реализиран во соработка со сите граѓански организации коишто се дел од неформалната мрежа на НВО “Антитрафикинг партнерс” (Антитраффицкинг партнерс). Во рамките на кампањите имаше медиумски презентации, беа организирани трибини, едукативно-превентивни предавања, работилници, а се делеше и едукативен материјал. Националната кампања, пак, се одржа во јуни годинава, а нејзината имплементација значеше поставување билборди во десет града во земјава, на граничните премини, во кафулиња, како и на други фреквентни места. За целите на овој проект избработен е и едукативен филм што се прикажуваше на повеќе домашни телевизии.
“Отворена порта” продолжува да ја проширува својата соработка и со други граѓански организации…
Точно. Во 2003 година нашата организација започна со имплементирање на проектот “Мрежа на невладини организации и заедничка имплементација на кампања за подигање на јавната свест за трговијата со луѓе”. Проектот е финансиски поддржан од Американската агенција за помош (УСАИД) преку Институтот за трајни заедници. Целта на овој проект беше обезбедување поефикасна превенција и пренесување на знаењето и искуството на “Отворена порта” од областа на трговијата со луѓе на други граѓански организации од Македонија. Со имплементација на овој проект се постигнаа значајни резултати. Обучени се десет граѓански организации за работа на превенција на трговијата со луѓе, издаден е едукативен прирачник, а имплементирани се 33 превентивни лекции во 11 градови и рурални средини. Секако, едно од позначајните достигања на овој проект е и тоа што шестотини лица беа обучени да ја препознаат трговијата со луѓе и како да ја спречат истата. Тие беа од различна возраст и етничка припадност.
Од вкупниот број едуцирани лица, 75 отсто беа на возраст меѓу 14 и 20 години, а деветнаесет отсто беа над 25 години. Шест отсто, пак, од нив беа претставници на граѓански организации. Заокружувањето на проектот е одбележано во ноември минатата година, со официјално објавување на веб-страницата на неформалната мрежа на НВО “Антитрафикинг партнерс”.
На кој начин “Отворена порта” е вклучена во светската кампања против насилството врз жената? На 27 март, 2003 година,”Отворена порта” и “Шелтер-центарот за домашно насилство” организираа добротворна аукција, со што беше одбележан денот против насилството врз жената “Њ-даѕ”.
Основна причина за одбележувањето на Светскиот ден против насилството врз жената е подигање на јавната свест во Македонија за постоењето на проблемот, лобирање во јавните институции, во министерствата и во медиумите да ја поддржат оваа иницијатива, како и запознавање на јавноста со работата на граѓанските организации коишто се борат против насилството врз жената.
Секако, треба да се подигне и свеста на јавноста, дека треба да се даде помош при собирање средства коишто ќе бидат употребени за поддршка на претпоставените и идентификуваните жртви на насилство и трговијата со луѓе.
|