НАСТАНИ
КУЛТУРА
ТЕАТАРСКА МЛАДИНА НА МАКЕДОНИЈА
Се подготвува Отворен театарски универзитет
Театарската младина на Македонија се подготвува за основање Отворен театарски универзитет, што, според плановите, треба да стартува во септември. Како што ни рече претседателот на ова здружение, г. Нелко Нелковски, Отворениот театарски универзитет е наменет на сите млади кои си уште не се во фаза кога професионално би се занимавале со театарот, а кои сакаат да научат што повеќе за "даските кои живот значат".
- Нешто слично како ова што го планираме постоеше во осумдесетите години во рамките на Естетската лабораторија на Филозофскиот факултет во Скопје. Овој проект го подготвуваме во соработка со МКЦ, а треба да опфати повеќе едукативни курсеви за актерство и режија. Преговараме со актери и режисери кои треба да ги држат предавањата. Во рамките на овој проект сакаме да ја прошириме мрежата и да формираме општински организации на Театарска младина во другите градови, со цел да се создаде организиран приод кон театарската култура - вели г. Нелковски. Она што е во моментов актуелно во Театарска младина на Македонија е интернет списанието "Поглед на духот", кое се изготвува во рамките на Македонскиот центар за култура и развој, и секако, популарната емисија "Андерграунд" која се емитува на А1 телевизија и Канал 77 радио (се подготвува и весник!). Во рамките на "Андерграунд" постои и една рубрика, под името "Граѓанинот Кејн", во која се претставуваат здруженијата на граѓани од Македонија. Како што вели г. Нелковски, се планира и монографија (аудио, видео и во печатена форма) на "Граѓанинот Кејн". М.И.
|