Жителите на Беранци и Средно Егри се мобилизираа во име на развојот
Договор куќа гради
Во селото Беранци во коешто живеат 450 жители, 16 деца посетуваат настава од 1 до 4 одделение во подрачното училиште “Кочо Рацин”, за до 8 одделение да продолжат со школување во централното, истоимено училиште во селото Ивањевци. Училиштето во Беранци оваа учебна година го измени внатрешниот и надворешниот изглед. Обновена е една канцеларија, училишниот ходник и двете помошни простории, направена е нова училница, а поправен и е покривот. Фасадата на училишната зграда е со нова боја, која во текот на ноемвриските есенски денови се втопуваше во богатството на боите со коишто изобилува Пелагонија.
Обновата на училиштето е дел од активностите на АМПЕП - Проект за подобрување на животот на луѓето во Македонија и во Албанија, исландска организација со седиште во Битола, која освен во Беранци, годинава работи уште и во 39 села, во пелагонискиот регион, на подобрување и потпомагање на започнатиот процес на децентрализација во земјава. Во своето работење АМПЕМ користи алатка наречена “фонд за развој на иницијативи”, што најчесто ја користат оние села што веќе покажале високо ниво на организираност и мобилизација, а нивниот проект е поддржан од Министерството за локална самоуправа, финансиран од СИДА - Шведска интернационална агенција за развој и соработка. Беранчани по претходно направената селекција од 108 села, добиле можност со понудените средства во висина од 5.000 евра да решат еден или повеќе проблеми од јавно значење во селото и на демократски начин, со изјаснување на сите жители, како приоритет го одбрале реновирањето на училиштето. Со оглед на актуелната економска и социјална положба на селото коешто не се празни (неговите жители земјоделци не се иселуваат), а малкумина работат во фабрики и земјоделски стопанства, тие своето финансиско учество во проектот (што е еден од условите за реализација) го обезбедиле со добивање средства, по претходно барање, од иселениците во Австралија во висина од 3.000 долари.
“Ние учествувавме во проектот со работна рака, но и со дел од парите што ги собираме за водоснабдување. Од општината Могила, преку Министерството за образование, добивме само 2.000 денари за купување материјал за реновирање на училиштето. На почетокот ни беше страв дали ќе можеме да го реализираме проектот, но благодарение на претставниците на АМПЕП кои ни држеа обуки и ни помогнаа во организирање на состаноците во Месната заедница, постепено учевме како да се организираме, да дојдеме до заеднички договор, да ги одредиме приоритетите, да собереме пари и да го обновиме училиштето. На огласната табла, поставена пред месната заедница, жителите имале можност да го следат одвивањето на проектот, во кој учествувале и жени. “Учеството на жените беше и еден од условите со којшто ние немавме проблем во реализиација на проектот” - истакна, меѓу другото, претседателот на Месната заедница, Цане Стојчевски, кој почувствува потреба и да спомене дека сите жители заеднички работеле, без партиски делења. Во ова село, минатата година Македонскиот центар за меѓународна соработка помогнал во поставување дел од водовод за дотур на вода во летниот период, а како што информира Стојчевски, неодамна општината Могила им упатила барање за соработка со ОБСЕ за реализација на нов проект. “Задоволни сме од досега реализираните проекти, кои помагаат за развој на селото, кое с$ уште има една асфалтирана улица, а нема ни амбуланта” - вели претседателот на Месната заедница. Заедно со него, во имплементирачкиот тим на проектот учествувале и помладите жители Розана Ристевска и Оливер Марковски.
При заедничката посета на Беранци, претставниците на АМПЕМ, Лилјана Таневска, Вилијам Христовски и Марија Татарин, напоменаа дека жителите на ова село ги запазиле интересите на сите возрасни групи, мажи и жени, за да се согледа заедничкиот приоритет во решавање на проблемите, додека Беранчани го потенцираа фактот дека имале слобода сами да одлучуваат за материјалот за работа и за мајсторите што работеле на училиштето.
“И порано жителите на Беранци работеа заедно, ние можеме да правиме многу работи сами, но финансиски сме слаби”, потенцира Цане Стојчевски, споменувајќи дека во 1975-76 година жителите со свои средства направиле водовод, но и дека државата многу малку прави во изминатите децении за модернизација на селото. “Немам никакви најави дека општината наскоро нешто ќе прави, но кога ќе почнат изборите, ќе почнат и ветувањата. Тие што нудат? Нудат чакмак и стило, ништо друго” - нездоволен од досегашниот третман на политичарите и пратениците, потенцира Стојчевски.
Средно Егри доби амбуланта
Во сите 40 села коишто успеаја годинава да решат по некој јавен проблем (а во две од нив и по 3 проблеми) се поставени огласни табли со коишто се демонстрира транспарентноста на работењето. Пред една од нив, поставена пред идната нова амбуланта во селото Средно Егри, во близина на македонско-грчката граница, се фотографираа и членовите на АМПЕП. Амбулантата се наоѓа на сретсело, во дел од зградата на Домот на културата, кој во последниве години не може да биде лишен од разни деструкции, па сега, наместо првобитната и уништена, ја добил старата врата на црквата, со два крста. Вратата до неа е новиот влез во адаптираниот простор за амбуланта, на свечен начин промовирана во текот на октомври. И ова село има своја успешна приказна за осовременување на животот, со отворање на амбулантата во којашто жителите ќе ги добиваат потребните лекарски прегледи и основните медицински интервенции, без да мора да одат до најблиската амбуланта во Кравари, одалечена од нив десет километри.
Амбулантата во Средно Егри чека во неа да се смести потребната опрема и да почне да работи околу Нова година. Во нејзината адаптација со свои раце учествувале и жителите, ги активирале и тракторите и другата механизација, за да го расчистат потребниот простор. Тие и претходно со свои сили го осовременувале селото, но она што овој пат остави впечаток при разговорот со претставниците на Месната заедница, Павле Митровски, претседател, и Борис Ристевски, благајник, освен задоволството од завршената работа, беше и потребата да се нагласи, дека жените од селото се заслужни за амбулантата.
“Мажите сакаа со понудениот проект од АМПЕП да се тампонизираат патиштата низ селото, децата да се изградат соблекувални за игралиштето, а жените беа најмногу за амбулантата. Ги слушнавме жените, тие беа погласни од мажите и позаинтересирани за амбулантата и поради тоа ставивме дел од нив и во одборот за реализација на проектот. Меѓу нив е и медицинската сестра Тања Јовановска која ќе работи во амбулантата, заедно со доктор, кој по потреба ќе доаѓа од Битола. Жените ги собираа потребните пари за нашето финансиско учество во проектот, одејќи по куќи. Само пет куќи од вкупно 300 жители не дадоа пари, а нивните имиња заедно со имињата на оние кои ни овозможија да ги собереме потребните 750 евра, ги истакнавме на огласната табла”.
И Средно Егри е земјоделско село, каде жителите се жалат на неисплатените пари за откуп на житото, на оставените домати да гнијат на нивите поради нереализираниот откуп, на невработеноста на младите, на малиот број вработени во државниот и во приватниот сектор.
Митровски и Ристевски напоменуваат дека во претходната територијална организација, кога селото коешто сега припаѓа во општината Битола, било дел од општината Бистрица, биле реализирани низа потфати за олеснување на животот во Средно Егри: водовод, улично осветлување, реконструкција на училиштето, но дека досега, со новата локална власт, работите одат бавно.
И тие ги наласуваат придобивките од реализираниот проект на АМПЕП со којшто имале можност и да научат како да ги приклучат жителите во одлучување за приоритетите во селото, во обезбедување на потребните средства, како да се организираат и да водат состаноци, да ги стават на хартија своите проблеми, но и ресурсите коишто ги поседуваат за да упатат соодветно барање до локалните власти за подобрување на живеењето во руралната средина. Во Средно Егри во 2003 година, во рамките на програмата КАРЕ (ЦАРЕ), е реконструирано училиштето “Кирил и Методиј”, а дел од жителите добиле и пари за развој на сточарстѕвото, за купување пластеници, со помош на Европската агенција за реконструкција е направен пат до селото Жабљани во должина од 5.700 метри.
Искуствата од двете посетени села говорат за моќта на организирањето на луѓето, за чиешто активирање е потребна организациски добро водена иницијатива.
|