|
ONLINE ВЕРЗИЈА |
|
ПЕЧАТЕНА ВЕРЗИЈА |
|
МЛАДИНСКИ СОЈУЗ – КРУШЕВО И МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР – БИТОЛА
Илинден прославен и со младинските пораки за толеранција
Две здруженија на граѓани ја имаа честа да учествуваат во официјалната програма на прославата на 100-годишнината на Илинденското востание во Крушево, на 21 јули и 1 август годинава.
Младинскиот сојуз од Крушево и Младинскиот културен центар од Битола, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, спроведоа интересна културно-уметничка програма, која привлече внимание кај пошироката јавност со својата оригиналност и квалитетот на изведбите.
Еден од најинтересните настани беше Европската младинска конференција со наслов „Европски вредности и толеранција на Балканот”, што се одржа од 28 јули до 1 август, а на која учествуваа околу 150 млади луѓе од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Србија и Црна Гора, Хрватска, Словенија, Шведска, Белгија, Италија и други европски држави. Финалниот документ од оваа конференција, Европската младинска декларација, беше промовиран јавно, на крушевскиот плоштад, на први август.
- Сакавме барем еден ден, крушевскиот плоштад да наликува на плоштадите на градовите во развиениот дел на Европа. Исто така, сакавме да ја пренесеме пораката дека Македонија е еден од стожерите на европските вредности, цивилизација и култура, а Илинденското востание е еден од клоучните настани што го потврдуваат тоа. Крушевскиот манифест е декларација на слободоумноста, толеранцијата и соживотот на сите македонски граѓани, кон што и ние се стремиме денес, ни рече г. Методија Стојчевски од Младинскиот сојуз од Крушево.
По читањето на Европската младинска декларација, на плоштадот се одржа уличен театар со пантомима, проследен со цртање графити.
Претходната ноќ, на замирањето на последниот јулски ден, настапија Гудачкиот квартет Арто и групата Фолтин од Битола, а во крушевскиот амбиент се слушна фламенго-гитарата на Томислав Нешковски од Куманово.
М.И.
|
|
|
|
|