Коментар
Хендикепиран ум
Маријана Иванова
Се сеќавам на една од моите импресии од Прага – откако се созедов од убавината на овој град, забележав дека многу луѓе се движат во колички. Првата мисла ми беше дека тука има многу повеќе „хендикепирани“ луѓе отколку кај нас, но веднаш потоа ми стана јасно дека тие, всушност тука СЕ ДВИЖАТ, излегуваат надвор, живеат нормален живот.
Пред сe, тие таму можат лесно да се движат, бидејќи тротоарите не се толку безмилосно високи и остри за нивните колички, можат лесно да се качат во возилата за јавен превоз – метрото и трамваите, изградени се или монтирани се рампи на влезовите во трговските центри, музеите, амбулантите, има лифтови, платформи, благи премини. Но, што е најважно од сe, таму има добра волја и разбирање за нивниот проблем на движење од страна на оние „кои не се движат во колички“.
Не е воопшто чудно што кај нас „хендикепираните“ лица се определуваат своето секојдневие да го поминуваат дома и што помалку да излегуваат надвор. Верувам дека многу од нив воопшто и не можат да излезат од својата зграда, бидејќи или нема лифт, или пак нема платформа на влезот, што и оние две-три скали кои ние ги прескокнуваме и не забележувајќи ги, за нив претставуваат непремостлива бариера. Потоа, се соочуваат со раскопани тротоари, со остри рабови, со високи скалила во автобустите, со скали во речиси секој јавен објект.
Навистина се срамам што морам, но само со цел да бидам разбрана, да го употребувам зборот „хендикеп“ во смисла на определување луѓе кои имаат некој физички или ментален проблем. Се срамам и постојано во себе се бунтувам што живеам во свет кој е „елитистички“ – тоа е свет прилагоден само за оние кои немаат никаков телесен или ментален проблем. Тоа е свет во кој се прави поделба на „нормални“ и на оние кои не можат да се движат; на оние кои немаат раце; на оние кои имаат раце, но пишуваат и подобро се служат со левата (размислете, дали еден левак би можел да работи како стоматолог, или уште поедноставен пример, какви проблеми има возејќи автомобил); на оние кои се хомосексуалци; или се наркомани; или се болни; или имаат пречки во развојот…
Всушност, признавам само еден вид поделба, на нормални луѓе и на луѓе со хендикепиран ум – ум ограничен од предрасуди, отапен од некаква неразбирлива суета и самосоздадена слика за сопствената величина. За жал, премногу луѓе размислуваат за нечија физичка или ментална пречка како за хендикеп, а не сфаќаат дека хендикеп претставува единствено таквото сфаќање на нештата. Тоа е најголемиот хендикеп, најсериозната пречка која мора да се отстрани за да има правда и еднаквост помеѓу луѓето. Никој не е заслужен за тоа што има две раце, или две нозе, ниту пак некој е виновен што не може да се движи или што има интелектуална попреченост - затоа тука ни најмалку нема место за елитизам и поделби. Но, од друга страна, секој што има ум е виновен што луѓето ги дели и подвојува врз основа на нивниот физички или ментален капацитет.
***
Уште еден грдо и погрешно употребен поим е поимот „инвалид“, употребен за лице со физички проблем. Инвалид, всушност, буквално преведен, значи „невалиден“, нешто што не е важечко, неправилно… Страшно е што овој термин, употребен во таква смисла, го користат и многу организации и институции – така, имаме „Инвалидски дом“ или „Здружение на телесните инвалиди“ или „Инвалиди на трудот“…
|