Вовед
„Виза„ за насловна страна
Деновиве е навистина тешко да се слушне добра вест. И печатените и електронските медиуми се преплавени со информации за лоши, негативни работи. Но тоа не е обележје само на последниве денови, мислам дека таквиот начин на информирање полека станува тренд во Македонија.
Не би сакала погрешно да бидам разбрана, дека не се согласувам со информирањето за неправилностите и за нивното претставување пред очите на јавноста, напротив, ваквата коректорска улога на медиумите е неопходна.
Она што ме провоцира е нееднаквиот однос кон позитивните и негативните приказни. Во оваа прилика би зборувала за нееднаквиот однос кој се однесува на нашиот, невладин сектор. Ми доаѓа да помислам дека она што има позитивен ефект, воопшто не е важно за медиумите, дека тоа се само вообичаени активности на некои таму невладини организации, па што со тоа?!
Во една неодамнешна дикусија на оваа тема некој рече дека состојбата е таква затоа што добрите вести не ги продаваат весниците по трафиките, односно не го продаваат рекламниот простор во електронските медиуми. Тешко ми е да сфатам дека нашиот граѓанин не сака да чита и да слуша добри вести. Уште потешко можам да сфатам дека по сe што ни се случуваше, уште не ни е доста од убиства, од самоубиства, од криминал, од малтретирања, од кражби, од манипулации... Зошто тогаш сите велат дека се надеваат дека ќе биде подобро?! Лажат ли?! Се фолираат ли?!
Не верувам! Не можам да поверувам дека сакаме уште неубави работи, црнила, дека не ни е доста. Не смеам да ги заборавам луѓето околу мене за кои знам дека навистина им е доста од лоши вести. Но, сега прашањето е како добрите вести да се пробијат до вистинското место, да не кажам до какво било место во медиумите.
Она што посебно ме „фасцинираше„ во текот на месецов е топ-темата од последната недела, изборите за студентски лидер што ги спроведе здружението на граѓани наречено Сојуз на студентите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„. Неполитичката и непрофитна, чадор-организација што ги обединува основните организации на студентите од 23-те факултети на скопскиот универзитет, деновиве е најпопуларната невладина организација во Македонија.
Сепак, за приликава би ги оставила настрана причините за нивната „популарност„, односно регуларноста или нерегуларноста во спроведувањето на изборите, евентуалната вмешаност на „партиски прсти„ во исходот на изборите, па поткопаната „автономност на Универзитетот„, итн.
Она за што би сакала да кажам неколку збора е релацијата на медиумите со ваквиот тип вести, од една страна, и условно речено редовните повеќе или помалку позитивни вести од невладините организации, од друга страна. Верувам дека ССУКМ (Сојузот на студентите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„) досега направил некои позитивни работи за студентите, спровел активности кои несомнено наишле на позитивен одѕив, ако не кај сите, тогаш кај поголемиот број студенти, но што се случило - тие не биле доволно интересни за да ги дознае и пошироката јавност. Веста која ССУКМ го крена до нивото на медиумска спектакуларност по правило се однесуваше за една многу негативна работа, неправилност во спроведувањето на изборната процедура при изборот на претседател на организацијата на идните академски граѓани на Македонија, можноста од вмешаност на двете најголеми партии на политичката сцена, информацијата дека на изборите биле присутни „рекетари„, значи можноста за насилство...
Оваа волшебна формула ја доведе организацијата на насловните страници, електронските медиуми ја ставија во топ-најавите на ударните дневници, испратија дури и репортери кои се јавуваа од местото на настанот, веста се искачи рамо до рамо со вестите за безбедносната состојба во земјата и со вестите за останатите скандали кои ни ги соопштуваат катадневно.
Не се согласувам дека нема добри вести. Можеби ги нема во толкав број како лошите, ама и оние што ги има намерно или не се заборавени од страна на нашите "opinion makers-и”. На пример, за потпишувањето на договорот за спроведувањето на програма помеѓу две невладини организации чиј буџет изнесува малку повеќе од еден милион канадски долари известија само два медиума, иако сите уредно беа поканети и информирани.. Ова е една од заборавените или занемарените добри вести којашто пошироката јавност не ја дозна благодарение на медиумите кои решија да направат поинаков "opinion". Сите останати знајни и незнајни, нема сега да ги споменувам.
Но, како да постапиме? Да платиме? Не можеме, а и не би требало да се навлегува во комерцијализација на веста како новинарски жанр, а и не секој од нас и не секогаш има средства тоа да го направи. Потребно ли е да правиме скандали за да добиеме соодветен простор? Како тогаш со скандал да презентираме добра вест? Или можеби треба да одбереме некоја друга методологија? Дали треба да ги презентираме нашите добри вести со методите на противниците на глобализацијата?! Тогаш неизоставно ќе не забележат. Или можеби ќе биде доволно атрактивно да откриеме розов кит во водите на Вардар, за „дотрчаат„ луѓето со камерите?
Извлекувањето на негативните вести прави негативна слика кај секој читател, слушател или гледач. Игнорирањето прави никаква слика. Дали тоа е вистината? Дали нашето граѓанско општество нема доблести и позитивни страни што вредат да ги знае и пошироката јавност. Секако дека има. Само уште да ги натераме актерите во градењето на јавното мислење да го видат тоа. .
Гонце Јаковлеска
|