50 години на Специјалното училиште “Димитар Влахов”
Училиште кое внесува светлина
“Не прави го на некого она што не сакаш да ти го направат тебе”, пишува во училницата на првоодделенците Едис, Берат, Кети, Самир и Димитар кои понекогаш се немирни, како впрочем и сите првачиња, но кога треба да ги учат буквите, и тоа како внимателно ја слушаат својата учителка Снежана Талевска. Наставата тече вообичаено. Децата ги учат буквите на Браевото писмо, читаат четива прилагодени за нивната возраст, а доаѓањето на фоторепортерот и новинарот во нивниот клас посебно го израдува Едис кој ни рече: “Добре дојдовте во нашето училиште, може да не сликате?”, и гушнат со другарите Берат и Кети подготвено позираше пред објективот на фоторепортерот.
Специфични образовни форми
Едис е осумгодишно момче од Прилеп кое од оваа учебна година е ученик во специјалното училиште за деца со оштетен вид во населбата Кисела Вода во Скопје, единствена образовна установа од ваков вид во Македонија. Родителите на Едис, како и многу други кои имаат деца со сличен проблем, се плашеа детето да оди во специјалното училиште, сметајќи дека нивниот син на тој начин ќе биде етикетиран и отфрлен од средината. Но, се случи спротивното. Едис е сега интегриран во образовниот систем, Едис сега учи, Едис сега има другарчиња, Едис има обезбеден бесплатен престој и исхрана во интернатот на училиштето. Ова училиште веќе педесет години им овозможува на слабовидни деца да стекнат соодветно образование изнаоѓајќи специфични образовни форми и методи кои најдобро ќе соодветствуваат на образовната потреба на децата со оштетен вид. Во ова училиште се учат истите предмети како и во секое друго училиште, само што техниката е прилагодена на потребите на учениците. Така, кога учат информатика, тие имаат специјални компјутери, кои не само што ја имаат вообичаената тастатура, туку нивните компјутери имаат и тастатура со Браева азбука, имаат и Браев печатач, на час по македонски јазик го користат апаратот за зголемување на букви - ТВ лупа, во библиотеката имаат компјутери, таканаречени “обични” книги, но и книги со Браевото писмо.
Училиштето “Димитар Влахов” всушност е и основно (вклучувајќи го и подготвителното одделение) и средно училиште, а во средното училиште учениците имаат можност да се образуваат за две занимања: книговезец-картонажер и манипулант на телефонска централа.
Предности
Но, една заблуда мора да се разбие. Учениците кои основното училиште го завршуваат во специјалното училиште за деца со оштетен вид не мора своето образование да го продолжат во истото училиште. Тие школувањето можат да го продолжат и во некое друго училиште, според своите можности и интереси. Многумина од оние кои својата полуматура ја стекнале во “Димитар Влахов” се запишале во гимназија, потоа на факултет, дипломирале, а денес се професори во училиштето каде што некогаш биле ученици. Еден од нив е и Кире Велјановски, кој е професор по англиски јазик. Тој е младо момче полно со ентузијазам и знаење, професор кој е одличен учител, кој има разбирање за своите ученици бидејќи и самиот чекорел по истиот пат.
“Многумина родители имаат чувство дека доколку детето го запишат во ова училиште на некој начин тоа ќе биде загубено за, условно кажано, нормален живот. Тоа е сосема погрешна слика. Отпор имаше и во моето семејство. Мојот татко ми призна дека страшно се спротивставуваше на идејата јас да одам во училиште кое има предзнак ‘специјално’, но за среќа своето образование го започнав токму тука. Зошто велам среќа? Доколку учев во ‘таканаречени’ редовни училишта, ќе бев едно од триесет и петте деца во клас, а бидејќи имам проблем со видот, колку мојата учителка би можела да ми обрне внимание? Во нашето училиште, пак, класовите се составени од еден ученик, двајца, петорица или најмногу во еден клас може да има осум ученика (таква е законската регулатива). Со оглед на тоа што тука работат професори кои имаа и дефектолошка доквалификација, без разлика кој предмет го предаваат, јасно е дека детето со оштетен вид токму тука, во нашето училиште, ќе добие соодветно и квалитетно образование, бидејќи с$ ќе биде прилагодено на неговите потреби, а и околу него се неговите врсници со сличен проблем”, објаснува Кире Велјановски, истакнувајќи дека за време на средношколските денови кога учел во гимназијата “Јосип Броз – Тито” воопшто немал проблеми ниту во однос на материјалот и зададените школски задачи, ниту во однос со своите врсници.
Исто мисли и Мирсада Бакиќ, која во училиштето “Димитар Влахов” предава пијано, а која како и Кире Велјановски е бивша ученичка на своите сегашни колеги: “Не сметам дека сум загубила нешто од детството затоа што сум учела тука. Напротив. Сега предавам пијано и презадоволна сум од своите ученици. Познато е дека луѓе кои имаат оштетен вид имаат посебна дарба, за музика, впрочем секој има некоја дарба само треба правилно насочување”. Мирсада вели дека нема ништо против сите деца да бидат вклучени во “таканаречените” редовни училишта, но затоа треба да постојат одредени предуслови, потенцира таа. “Не можам да сфатам дека некое редовно училиште почнува да запишува деца со специјални потреби, а претходно да не вработи дефектолози или да ги обучи учителите и наставниците за работа со овие деца.”
Проблеми и потреби
“Доверба во можностите на нашите ученици”, е мотото на ова училиште, а наставниците кои предано ја работат својата работа го извлекуваат максимумот од своите ученици.
Професорите истакнуваат дека нивниот успех пред с$ зависи од нивната работа, но и од работата на социјалните служби кои имаат увид во семејства кои имаат деца со специјални потреби. “Едно е јасно, основното образование е задолжително за сите деца”, вели професорката по математика, Снежана Пешевска. “Недопустливо е некое дете, од која било причина да остане вон образовниот процес”, објаснува таа.
Втор голем проблем со кој се соочуваат професорите во ова училиште се учебниците. Точно е дека има многу учебници со Браевото писмо, но по некои предмети професорите се снаоѓаат така што дел од лекциите ги печатат на Браевиот печатач. “Проблемот се создава кога се менуваат школските програми, па дел од учебниците се отпечатени на Браевото писмо, а дел не”, вели Наталија Филиповска, професорка по македонски јазик.
И секако, колку во училиштето атмосферата да е убава и работна, децата еден ден ќе станат возрасни луѓе кои треба сами да продолжат да чекорат по својот пат. Затоа се наметнува прашањето: што понатаму?
“Потребни се нови смерови!”, истакнува Јелена Јурхар, професорка по стручниот предмет “телефонија”. “На смерот на кој- што предавам јас учениците по тригодишното образование се стекнуваат со звање ‘манипулант на телефонска централа’. Меѓутоа, со развојот на техниката, се поставува прашањето: штопонатаму?Полуавтомат-ските телефонски централи се веќе реткост, заменети се со дигитални, така што нашите ученици нема каде да се вработат”. Јурхар смета дека во моментот подобро поминуваат во однос на вработувањето учениците од картонажната струка бидејќи се вработуваат во приватни претпријатија кои се занимаваат со оваа дејност.
“Од Министерството за образование е побарано во нашето училиште да се отвори нов смер и тоа од здравствена струка, физиотерапевти, односно масажери, што би бил голем чекор напред за нашите ученици”, објаснува Јелена Јурхар.
Децата ги сакаат и почитуваат своите професори, но се знае, оценките се секогаш чувствително прашање. Не дека учениците се лутат на своите професори, но сепак поинаква е близината со психологот Соња Фортуманова која учениците во “Димитар Влахов” и буквално ја обожаваат, а често за неа велат дека им е втора мајка бидејќи многумина од нив живеат во училишниот интернат одделени од своите семејства.
“Децата тука се од шестгодишна возраст, па до полнолетството. Значи, најжешкиот период го поминуваат тука со нас, а тоа носи посебна одговорност”, вели психологот Соња Фортуманова. Додека се малечки им организираме забави, дружења, имаат игралиште во школскиот двор, но подоцна кога се тинејџери бараат да одат и на концерти, забави, сакаат да излезат и во некое кафуле. Секако, им излегуваме во пресрет на нивните барања и одиме дури и во диско со нив. Учениците во шега не молат во диско со нив да оди некој од помладите професори, за да може да се вклопи во амбиентот, како што велат тие. Тие се доволно блиски со мене за да побараат и совет кога се во прашање емоциите. Како и сите млади, и тие се соочуваат со првата љубов, но и со првите разочарувања. А кој впрочем не го поминал тоа? Ние сме тука да им објасниме дека и тоа се преболува, но дека примарните обврски остануваат, а животот тече понатаму”.
Марија Кука
|