Загрижени поради сe уште присутната практика на прекршување на основните човекови права, чија заштита ја гарантираат Уставот и законите на РМ;
Загрижени поради зачестените случаи на полициска бруталност (како во Прилеп и во Куманово и други), како и отсуството на соодветен одговор од надлежните институции,
Повикувајќи се на основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот и на владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија (Устав, на РМ, член 8);
Имајќи предвид дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (Устав на РМ, член 9);
Потсетувајќи дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, дека се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување (Устав на РМ, член 11) и дека лицето повикано, приведено или лишено од слобода не може да се присили да даде признание (Устав на РМ, член 12; Закон за кривична постапка, член 3 и 4);
Потенцирајќи дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сe додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука и дека лицето незаконски лишено од слобода, притворено или незаконски осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон (Устав на РМ, член 13);
Подвлекувајќи ја важноста на меѓународните стандарди за човекови права и особено фактот дека со ратификација тие се дел од националното законодавство и не можат да се менуваат со закон (Устав на РМ, член 118);
Давајќи и важност на улогата на граѓанското општество во изградбата на држава со цврсто изграден концепт на владеење на правото, како и на правото секој граѓанин активно да придонесува, поединечно или заедно со други за унапредување и заштита на човековите права (Устав на РМ, член 50);
Ние, долупотпишаните, ги донесуваме следните
ДЕКЛАРАЦИЈА против пречекорување на службени овластувања на полицијата
1. Го осудуваме пречекорувањето на службените овластувања на полицијата во кумановскиот и во прилепскиот случај и други случаи и не прифаќаме несанкционирање или парични казни, кои се нерелевантни за превенција на идни пречекорувања на службените овластувања;
2. Бараме кривична и политичка одговорност:
· Покренување постапки за утврдување кривична одговорност на припадниците на полицијата во Куманово и Прилеп, кои ги пречекориле службените овластувања и ги прекршиле законите на Република Македонија;
· Оставки или разрешување на началниците на Управите за внатрешни работи на Прилеп и Куманово;
· Јавно извинување до жртвите од страна на министерот за внатрешни работи на Република Македонија;
3. Бараме Министерството за внатрешни работи да го почитува принципот на презумпција на невиност и доследно да го штити идентитетот на осомничените лица; и,
4. Ги охрабруваме медиумите понатаму активно да ги следаат случаите на пречекорувања на службените овластувања и заедно со јавноста да помогнат во обесхрабрување на таквите случаи.
ДЕКЛАРАЦИЈА за случајот на Ш. Ј. од Штип
1 . Загрижени сме поради отсуството на активен ангажман на центрите за социјална работа во откривање на семејства со социјални проблеми и асоцијални постапки;
2. Го осудуваме Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Штип за непреземањето службено дејствие во случајот на Ш.Ј., иако отпосле се преземени дел од потребните мерки;
3. Го осудуваме непрофесионалното известување, како и пренесувањето прилози и колумни со кои се поттикнува расизам, шовинизам и меѓуетничка нетрпеливост, во конкретниот случај против Ромите;
4. Бараме покренување постапка за утврдување дисциплинска одговорност за неактивен ангажман и непреземање службено дејствие од страна на одговорните лица во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Штип;
5. Бараме Министерството за внатрешни работи и медиумите да го почитуваат принципот на презумпција на невиност и доследно да го штитат идентитетот на осомничените лица; и,
6. Апелираме до медиумите да ги запазат професионалните новинарски стандарди за известување и да ја зголемат својата свесност за човековите права.
Упатуваме повик до сите државни институции, судството, обвинителството и медиумите за доследно почитување на законите и на човековите права на сите граѓани во земјава!
|