Викторија Јакимовска
Феминизација на сиромаштијата - улогата на граѓанските организации и женските групи во нејзиното спречување
Движењето за полова рамноправност е еден од одлучувачките развојни трендови во светот. Покрај постигнатите резултати и постигнатиот напредок, жените во многу земји, а особено во земјите во развој, с$ уште се на маргините на општеството, с$ уште се соочуваат со дискриминација, како на отворен, така и на прикриен начин.
Глобализацијата на светската економија остави многу големи последици врз многу земји во светот. Трансформацијата на светската економија доведе до ширење огромна сиромаштија. Јазот меѓу богатите и сиромашните земји с$ повеќе се продлабочува со развојот на слободната пазарна економија. Разликата во доходот меѓу богатите и сиромашните земји во 1800 година изнесувал 3:1, во 1900 година 10:1, а во 2000 година 60:1.
Гледано глобално, во најтешка положба се жените. Феминизацијата на сиромаштијата е растечки феномен. Најголемиот дел или поточно 70% од 1,3 милијарда луѓе од целиот свет кои живеат во апсолутна сиромаштија им припаѓа на жените. Околу 900 милиони жени во светот имаат приходи помали од 1¤ на ден. За нив глобализацијата нема хумано лице. Врската меѓу половата нееднаквост и сиромаштијата станува денешна реалност. Жените произведуваат половина од храната во светот и с$ уште заработуваат само 10% од светските приходи и поседуваат 1% од светскиот имот.
Сиромаштијата ја погодува женската популација со најголем интензитет, имајќи предвид дека жената најчесто нема рамноправен пристап со мажот кон економските извори на егзистенција од една страна, а од друга, сиромаштијата го погодува целото семејство, па сепак, поради природата на одговорноста што ја има жената во семејството, сиромаштијата ја погодува многу повеќе жената отколку мажот.
Тековното преструктуирање на економиите на земјите во транзиција исто така остави несразмерно големи последици врз жените, а особено на нивното вработување. Бројот на жените кои живеат во сиромаштија се зголемува во однос на бројот на мажите. Покрај економскиот фактор, значајна улога играат и други фактори, како што се ограничениот пристап на жените до моќ, образование, обука и продуктивни ресурси. Во такви услови жените се принудени да прифатат каква било работа. Често жените работат неплатена семејна работа или прифаќаат вработувања на коишто им недостасува долгорочна сигурност или вклучува опасни работни услови. Во структурата на неплатениот семеен работник жените се повеќе застапени од мажите (58% во 2000 година)[1]. Бројот на жените меѓу сиромашните се зголемува и како последица на неадекватната поделба на одговорностите во домаќинството.
Феминизацијата на сиромаштијата е поврзана со недостаток на пристап до економските ресурси, кредит, наследство, сопственост на земјиште или поточно кажано отсуство на економски можности, продуктивни ресурси, услуги за жената и нејзина автономност.
Постојат повеќе фактори коишто се поврзани со високата стапка на сиромаштија кај жените. Еден од нив е работниот статус на жената. Во Р. Албанија невработеноста на жените изнесува 21% (додека на мажите изнесува 18%). Во Р. Бугарија стапката на невработеност на жените во 2001 година е пониска во однос на мажите (18,4% жени, во однос на 20% мажи). Разликата во стапката на невработеност меѓу мажите и жените не е толку голема, додека поголема е разликата во стапката на вработеност - 10% (46,7% на жените и 56,7% на мажите). Во Србија и Црна Гора невработеноста на жената е во пораст и во однос на невработеноста на мажите е поголема за 26%. Во Р. Македонија во 2003 година 39,3% од невработените им припаѓаат на жените. Меѓутоа, од вкупно вработени во Република Македонија во 2003 година, 40% се жени, а 60% се мажи.
Следен фактор е степенот на образование. Образованието ја нуди најдобрата шанса за подобар живот, а с$ уште 2/3 од една милијарда неписмени во светот се жени. Од 130 милиони деца кои не посетуваат основно училиште, 2/3 се девојчиња. Рамноправноста на пристапот и стекнувањето на образовните квалификации со себе повлекува и подобрување на положбата на жената. Во многу подрачја пристапот на девојчињата до образовните институции е отежнат или оневозможен, пред с$ поради обичајните ставови, раните бракови, раната бременост, предрасудите во однос на половите, оддалечени и недостапни школски установи. Имено, с$ уште постојат размислувања во поглед на приоритет на домашните обврски на девојчињата што често резултира со недоволен интерес во образованието, а тоа понатаму остава долгорочни последици од аспект на економската положба на жената.
Жените често работат неплатена семејна работа поради укинатите субвенции за социјалните установи. Имено, кога се скратува субвенцијата за дневната грижа на децата, жените обезбедуваат бесплатно чување на децата во своите домови. Кога се скратуваат субвенциите за здравствените услуги, жените се тие кои водат грижа за оние кои би биле хоспитализирани.
Посебен вид пречка во поцелосното остварување на правото на партиципацијата на жената претставува возраста. Имено, жените со повисока возраст кои не се социјално обезбедени имаат поголеми пречки за повторниот влез на пазарот на трудот.
Со последиците што ги остави зад себе транзицискиот период се намалија можностите за наоѓање добро платени или заштитени и сигурни работни места, особено за жените над 40 години, жените со понизок степен на образование и оние кои имаат три и повеќе деца.
Новите современи трендови на глобализацијата ги погодија некои особено ранливи групи на жени:
• жените на село; • самохраните мајки; • домаќинќите; • старите жени; • жените припаднички на малцинствата (особено Ромките); • жените со посебни потреби.
Во земјите во развој продуктивниот капацитет на жените треба да се зголемува преку пристап до капитал, ресурси, кредит, земјиште, технологија, информации, техничка помош и обука и продуктивно вработување за да се зголеми нивниот приход и да се подобри нивната положба. Реализирањето на продуктивниот капацитет на жените и нивното зајакнување ќе придонесе за намалување на сиромаштијата и за постигање одржлив развој.
Во поглед на подобрување на економската положба на жената, треба да се пристапи кон креирање економски политики коишто имаат позитивно влијание врз вработувањето и приходот на жените како во формалниот, така и во неформалниот сектор, промовирање на економските можности за жените и еднаков рамноправен пристап до продуктивните ресурси, следење и систематизирање на основните социјални, образовни и здравстевени проблеми на жените кои живеат во сиромаштија.
Меѓутоа, овде се бара и лична одговорност од страна на самите жени - сите заедно треба да дејствуваат во правец на намалување на дисбалансот во застапеноста на жените и мажите во одделните економски сфери и професии.
Дали и колку е жената во состојба да влијае реверзибилно на негативните процеси преку институциите на граѓанското општество? Граѓанските организации се генератори и мошне важни учесници на прогресот во една држава. Граѓанските организации обезбедуваат простор за независна, самостојна и организирана концентрација на сила, која може ефикасно да влијае и да ја промени политичката клима, да ја набљудува и контролира власта и да создава услови за промоција на еднаквост.
Формирањето на женските граѓански организации во едно граѓанско општество значи голем чекор во борбата за полова еднаквост на национално и на локално ниво и истовремено ја поттикнуваат желбата во жените за активност, промена и заедничка помош.
Членувањето во женските организации зависи од нивната мисија и ефективност. Компаративно, женските организации во Македонија се поактивни и бројат поголемо членство од тие во Албанија и во Бугарија. Од анкетата извршена врз намерен примерок на жени во Македонија, во Албанија и во Бугарија, добиените резултати покажуваат дека 35% од анкетираните во Република Македонија членуваат во женски организации, додека 23% од анкетираните во Република Албанија и само 6% во Република Бугарија. Во Република Македонија, во најголем број случаи, истражувањето покажа дека во женските организации членуваат повозрасни жени, жени со средно образование, разведени жени, жени од домаќинства кои немаат член со личен доход и службенички на раководна должност.[2]
Постојат неколку причини поради ниската популарност на женските организации во Република Бугарија. Една од нив е поврзана со фактот дека во почетокот на реформите овие организации беа силно политизирани и играа улога на сателити на политичките партии. Другата причина лежи во фактот што голем број од овие организации имаат краток мандат кој може да ги генерира само краткотрајните женски интереси. Очигледно е дека на женските организации им треба нов имиџ за да постанат вистински генератор во интегрирањето на жените во општеството.
Граѓанските организации и женските групи играат голема улога во заштитата на правата на жената и подобрување на нејзината положба во општеството. Нивните активности се насочени кон:
• Заложба за целосно имплементирање и спроведување на Платформата за акција, донесена во Пекинг на Четвртата светска конференција за жените; • Вклучување жени со различни потреби во своите активности; • Инсистирање на важноста за елиминирање на неписменоста меѓу сиромашните жени како прв чекор кон подобрување на статусот на жената, зголемување на нивните можности, имплементација на нивните права и остварување на нивните капацитети; • Организирање семинари, тренинг-курсеви, едукативни активности насочени кон стекнување нови вештини; • Организирање предавања за сиромаштијата и нејзините последици, но и механизми за нејзино намалување; • Иницирање изработка и поддршка на закони и други правни акти од областа на вработувањето; • Барање финансиски средства за обезбедување пристап до образование, здравство и социјални услуги на жените од сите возрасти кои живеат во сиромаштија, а особено во руралните области кои не се покриени од страна на владините институции; • Во соработка со владата и со други партнери, обезбедување обуки и преквалификации, со цел стекнување широк обем на вештини од страна на жените кои ќе ги зголемат и прошират нивните можности за вработување и ќе им помогнат во исполнување на условите барани на пазарот на трудот; • Покренување кампањи за еднаков пристап на жените; • Креирање проекти за прибирање информации за економската положба на жената, особено на жената во руралните средини; • Промовирање и поддршка на женските бизниси и претпријатија, вклучувајќи ги и оние од неформалниот сектор и еднаков пристап на жените до продуктивни ресурси; • Обезбедување информации за можностите за вработување и остварување контакт со заинтересираните претпријатија.
Во Република Македонија активно работат неколку женски организации на локално и на национално ниво. Тие имаат подобри информации за состојбите на локално ниво, имаат добри контакти со целните групи и имаат изградено добра репутација и доверба. Повеќето од нив мрежно се поврзани за подобра и поорганизирана дејност. Сојузот на организациите на жените на РМ (СОЖМ) е една од граѓанските организации којашто дејствува на национално ниво во Република Македонија, а има особен придонес кон промовирање на женските права и ширење на женската мрежа во земјата и во светот. СОЖМ игра улога на катализатор на нови пристапи во подобрување на положбата на жената во општеството и иницирање на соработката меѓу страните вклучени во развојниот процесс, како што се академските институции, владата, граѓанските организации и женските групи.
Конкретно, во реализирањето на своите цели во рамките на СОЖМ е отворен Бизнис тренинг-центарот за жени, кој претставува центар за едукација, информирање и вработување. Бизнис тренинг-центарот има за цел преку активностите што ги нуди да ја стимулира самодовербата на жените и реализирањето на сопствените способности. Преку реализацијата на тренинг-курсевите за образовно обликување жените ги развиваат своите вештини и го надополнуваат своето знаење. Се иницира мотивација за самовработување меѓу жените. Се остварува медијација при вработувањето на жените и заштита на работничките права на жените кои се вработени преку Бизнис тренинг-центарот за жени. Исто така, во рамките на Бизнис тренинг-ценатрот во тек се подготовките за основање работен центар чии активности се наоѓање и понуда на работа на невработените жени и девојки.
Еден од проектите, реализиран од страна на СОЖМ, “Општеството за демократска култура” од Албанија и “Вредности” од Бугарија, а поддржан од Европската инцијатива за демократија и човекови права, е проектот „Вмрежување за успех”. Овој проект овозможи градење мрежа на балканскиот регион и развивање погранична соработка меѓу жените и мотивација и зголемување на жените во процесот на одлучување.
Зајакнувањето на жените и промовирањето на економската независност на жените мора да биде приоритет на граѓанските и женските организации пред да добие феминизацијата на сиромаштијата пропорции на епидемија во светот.
Граѓанските организации мора да имаат одреден пристап кон женските групи. Тие мора да ги селектираат целните групи и да се фокусираат на нивните конкретни проблеми.
Граѓанските организации мора да овозможат соодветен професионален тренинг на жените за надополнување на нивните вештини.
Женските активистки досега му кажаа на светот дека зајакнувањето на жените е зајакнување на целото човештво. Сите локални проблеми на жените се истовремено и глобални. Длабоко вкоренетите ставови и практики ја овековечуваат дискриминацијата на жената во сите делови на светот. Мобилизирањето на жените ни овозможува да го гледаме светот низ очите на жената. Тој свет е полн со предрасуди, нерамноправност, дискриминација и маргинализација на жените, но и со нова движечка сила, која е с$ помасовна и поорганизирана. Таа сила почна со отстранувањето на идеите за машката супериорност и женската инфериорност, до прифаќањето на концептот на женски права во генералниот мониторинг на човековите права.
Конечно, гласот на жената мора да се слушне со цел жената да излезе од историската затвореност во рамките на традиционално наметнатите стереотипи. Гласот на жената е критично важен за иднината на целиот свет, не само за иднината на жената.
--------------------------------------------------------------------------------
[1] Anketa na rabotnata sila - Dr`aven zavod za statistika na Republika Makedonija [2] “Networking for success – Increasing Women Participation in Decision-Making and Policy Implementation on the Balkans”, European Initiative for democracy and Human Rights, 2002 |