Волонтерството во Македонија
Марија Иванова
Волонтерството во Македонија Радоста на давањето
Вовед во волонтерството
Оној кој не сторил нешто за некого, па макар и за непознат, а притоа да немал никаква лична корист - не ја спознал радоста на давањето, една од највозвишените состојби на човековата свест. Доброволното давање нешто што ни припаѓа нам (нашето време, знаење, искуство, материјални добра), може да биде спроведено на различни начини. Ретки се оние кои безрезервно работат за другите, без остварување лична (материјална) корист, како Мајка Тереза, сестрите од нејзиниот ред и слични благородни луѓе како нив. Но, веројатно многумина, а особено луѓето кои работат во областа на граѓанскиот сектор, ќе се препознаат во дефиницијата на волонтерството, која најчесто се среќава во литературата од оваа област: “Волонтер (терминот потекнува од латинскиот збор волонтариус=доброволец, некој кој е склон кон нешто) е личност која доброволно и бесплатно работи за добробитта на другите луѓе или за некоја општа цел”.
Односно, волонтери се лица кои на некоја организација, заради реализирање одредена активност во служба на заедницата и која придонесува за нејзиниот развој, & ги ставаат на располагање своето време, труд, искуство, знаење, вештини… Она по што се препознаваат волонтерите е нивниот бесплатен труд. Во дефинирањето на волонтерството обично се кажува дека тоа не подразбира остварување лична полза, но тоа е прашање што отвора простор за дискусии - лична полза е и самото чувство на среќа, задоволство и радост од давањето и правењето добро за некого. Или, пак, учењето, стекнувањето нови знаења, усовршувањето на сопствените вештини, запознавањето нови луѓе, референцата која може да ја донесе таквото ангажирање, исполнувањето на слободното време, замената за служењето војска и низа други видови лична сатисфакција и надомест кои луѓето обично ги наведуваат како причини заради кои се решиле да волонтираат.
Исто така, во литературата се толкуваат различно, на пример, мотивацијата за волонтерско ангажирање како замена за служењето воен рок, или пак, дискутабилно е дали доброволното донирање парични средства може да се смета за волонтерско ангажирање. Но, она во што се согласуваат различните пристапи и толкувања на волонтерството е дека волонтерот не остварува лична материјална (парична) корист. Тој, значи, работи бесплатно (но, притоа може да добие одреден надомест што ги покрива неговите трошоци, како превоз, социјално осигурување и слично).
Според податоците на Организацијата на Обединетите нации од 2002 година, во светот имало околу 420 милиони волонтери. Да се надеваме дека нивниот број се зголемил и дека волјата за овој вид ангажирање уште повеќе ќе расте.
Историјат на волонтерството во Македонија
Луѓето на нашиве простори, и во минатото и сега, својата хуманост ја докажувале на различни начини. Во Државниот архив на Република Македонија, на пример, е забележано дека пред почетокот на Втората светска војна, во Скопје работеле хуманитарните здруженија “Тетовска јабука” и Муслиманското добротворно здружение “Шефкет” (во превод од турски = милост), чии членови доброволно и без паричен надомест активно дејствувале помагајќи им на старите, сиромашните, невработените, на сирачињата.
По Втората светска војна масовно се работеше според волонтерскиот принцип на изградбата на земјата - се спроведоа бројни и масовни работни акции во кои претежно младите луѓе доброволно работеа на создавањето голем дел од инфраструктурата која ја користиме и денес. Тој “ударнички”, волонтерски елан траеше долго, некаде до крајот на 80-тите години од 20-от век, кога опадна. Но, беше заменет со друг вид волонтерско ангажирање - во невладините организации чиј број с$ повеќе растеше, особено по распадот на СФР Југославија и осамостојувањето на Македонија, во 90-тите години од минатиот век. Денес, по 15-тина години, на почетокот на 21. век, во Македонија постојат околу 5.300 здруженија на граѓани и фондации, чии членови главно работат на волонтерска основа, без паричен надомест.
Теоретска рамка на волонтерството
Во Македонија речиси не постои литература поврзана со волонтерството. И оние неколку книшки, брошури и истражувања до кои успеавме да дојдеме во истражувањето на оваа проблематика, се исклучиво создадени од граѓанските здруженија и фондациите. Тоа се:
- Прирачник за волонтери, издаден од Националниот демократски центар од Битола, со финансиска поддршка од Фондацијата Институт отворено општество - Македонија; - Прирачник за развивање програми за волонтери, како дел од проект на СОС и ХЗ “Мајка” од Куманово, со финансиска поддршка од холандската фондација “НОВИБ” (во изготвувањето учествуваа претставници на повеќе здруженија на граѓани од Македонија); - Книгата “Општината, тоа сме ние - нема огради за волонтерската дејност”, издадена и финансирана од македонската канцеларија на Фондацијата Конрад Аденауер од Германија; - Анализа на правната рамка за волонтирање во Македонија - истражување нарачано од Меѓународниот центар за непрофитно право (ИЦНЛ) со седиште во Вашингтон, САД, а финансирано од УСАИД/Македонија и Канцеларијата за демократија, управување и социјална транзиција, Канцеларија за Европа и Евроазија, Биро на САД за меѓународен развој (изготвено со учество на експерти и претставници на граѓански здруженија од Македонија).
Тука, секако, спаѓаат и интерните документи и работни материјали кои на оваа тема ги имаат создадено здружението Акција здруженска и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Во библиотеката на МЦМС, исто така, се наоѓа и странска литература поврзана со волонтерството1.
Во нашата држава, исто така, волонтерството не е вклучено во образовниот систем. Не се изучува ниту во рамките на предметот “Граѓанско образование” кој се учи во основните училишта, иако преку тој предмет децата на различни начини стекнуваат поим за овој вид активност. На факултетите и во средните училишта не се изучува ни во редовната, а ниту пак во факултативната настава - колку што во рамките на истражувањето за овој текст успеавме да дознаеме. Исто така, волонтерството не е предмет на проучување на институтите и академските институции.
Во светот, наспроти ваквата состојба кај нас, постојат различни институти за истражување на волонтерството. На пример, Институтот за истражување на волонтерството (Институте фор Волунтееринг Ресеарцх - ИВР) од Велика Британија, еден од многуте слични кои работат главно во земјите од ЕУ, САД и другите кои спаѓаат во категоријата “развиен свет” (подетални податоци на њњњ.ивр.орг.ук). Институтот спроведува проекти и истражувања, издава билтени и книги, иницира и организира волонтерски акции, конференции и различни други настани за промоција на оваа дејност. Од 1 до 7 јуни учествуваше во Волонтерската недела во Велика Британија. На организациите кои примаат волонтери им дава практични упатства (како “Вива Селф Хелп Гуиде”) да ја калкулираат економската вредност од ангажирањето на волонтерите.
Европскиот волонтерски сервис е програма на ЕУ која поддржува неформално образование на млади луѓе преку нивно меѓународно волонтерско ангажирање во области кои се насочени кон развој на општествата. Иако ова не е во вистинска смисла на зборот образование за волонтерството како дејност, младите луѓе учат за практичните аспекти на волонтерската дејност и работат за општата корист.
Во регионот теоретската рамка за волонтерството, но и неговата практична примена, се развиваат многу поорганизирано и побргу одошто во Македонија. Во Србија, на пример, на почетокот на годинава - поточно, од 20 до 22 февруари 2004 година, беше одржан семинар на тема “Управување со работата на волонтерите”, наменет на учесниците на проектите кои ги финансира ЕУ, а кои имаат за цел да го поддржат граѓанското општество во Србија. Во Хрватска е активен “Волонтерскиот центар” од Загреб, кој меѓу другите активности (организирање волонтерски кампови, акции и слично), работи и на афирмација и едукација на населението во областа на волонтерството. Хрватското здружение на параплегичарите и тетраплегичарите, кое исто така активно работи на образованието, промоцијата и јавната свест за волонтерството, на својата веб-страница њњњ.хупт.хр ја има поставено “Општата декларација за волонтерството”, документ усвоен од ИАВЕ - Меѓународната асоцијација на волонтерите, по повод прогласувањето на 2001-та за Меѓународна година на волонтерите. Во Варшава, Полска, во 2002-та година, беше организиран семинар на меѓународни експерти под наслов “Законски проблеми кои се однесуваат на волонтерството во Европа”.
Правна рамка на волонтерството
Во Република Македонија не постои закон што ја регулира оваа проблематика, за разлика од многу европски држави (види во табелата). Единствено споменување на овој термин во македонските закони, како што е истакнато во Анализата на правната рамка за волонтирање во Република Македонија - ИЦНЛ, е во Законот за социјална заштита, каде се наведува волонтерската работа како средство на програмата за справување со социјалните проблеми (член 9 и член 63, Службен весник на РМ 50/97 и 16/2000). Но, освен што се наведува волонтерската работа како работа извршена “со лично ангажирање и без надомест”, овој закон понатаму не го споменува волонтерството, ниту пак на каков било начин ги регулира правата и обврските на волонтерите и нивните корисници. Непостоењето закон кој на сеопфатен начин би го регулирал или уредувал волонтерството, се вели во оваа анализа, како резултат предизвикува недоразбирања во примената на другите закони во случаите во кои се вклучени волонтерите. Односно, и волонтерите и организациите кои ги користат нивните услуги можат да бидат предмет на регулирање на законите за работни односи, законите за договорни односи и законите за социјални бенефиции.
Во Анализата се наведува дека во колективните договори се споменуваат “волонтери приправници”, но тоа може да претставува извор на некои забуни во однос на надоместот на волонтерите - таквите “волонтерски приправници” имаат право на одреден надомест, што секако ги разликува од волонтерите. Според Законот за работни односи, пак, работодавците можат да бидат казнети доколку на лице кое работи во нивната организација не му исплатат најнизок износ на плата определена за соодветната струка. Истиот закон наведува дека е обврзно да се склучи писмен договор за работа со сите лица кои работат во организацијата. Односно, со цел да се заштитат правата на вработените (правото на плата, на ограничено работно време, на годишен одмор, на здравствено и социјално осигурување и друго), законите во Република Македонија го обесхрабруваат волонтерскиот труд, што е најдиректна негативна последица на непостењето соодветна регулатива за волонтерството. Анализата ги разгледува и Законот за облигациски односи (кој ги регулира договорните односи), како и Законот за здравствено осигурување, Законот за персонален данок на доход, кои на еден или друг начин, кои можат да внесат забуни во законското третирање на волонтерството, па дури и да го демотивираат. Во оваа анализа се изнесени и препораки за изготвување закон за уредување на волонтерската дејност како значајно прашање за зацврстување на граѓанското општество во Македонија, како и измени на некои закони (даночните закони и законите за социјални олеснувања), а кои би требало да содржат барем неколку елементи:
- признавање на правниот статус на волонтерите; - нов формален законски инструмент - договор за волонтирање; - заштита на олеснувањата кои ги добиваат волонтерите во случај на невработеност; - измена на даночните закони со кои би им се овозможило на организациите да ги одбиваат трошоците поврзани со волонтерите.
Новиот Закон за одбрана на Република Македонија ја предвидува можноста за волонтерско работење (цивилна служба), наместо отслужување на класичната воена обврска. Таквата можност е предвидена и со Уставот на Република Македонија, како и во Европската конвенција за човекови права чиј потписник е нашата држава.
Што се однесува до статистиката поврзана со волонтерстството, се обидовме да се информираме во Републичкиот завод за статистика. Информацијата што ја добивме оттаму е кратка и јасна - во Република Македонија не се води никаква статистичка евиденција поврзана со волонтерството.
Практични примери од волонтерството (странски и домашни волонтери во Македонија)
Во Македонија работат неколку волонтерски организации (ВОЦА, Пеаце Цорпс) што ангажираат волонтери од странство кои работат главно со граѓанските здруженија во Македонија. Во нашата држава доаѓаат и волонтери кои се канализирани преку волонтерски агенции што работат во странство, или пак кои самоиницијативно наоѓаат начини да го вложат својот бесплатен труд, сакајќи да ја запознаат и да & помогнат на нашата држава.
Ева Шарп е студентка од Велика Британија која летово (во август 2004 година) работеше како волонтер во рамките на манифестацијата Битола отворен град - Меѓународен младински уметнички фестивал. Таа, пред да дојде во Македонија, не знаеше што точно ќе биде нејзиниот ангажман, а нејзиното волонтерско учество беше организирано преку една од британските агенции за волонтери. Македонија ја избра поради тоа што нејзин познаник работел тука, а волонтерскиот ангажман за неа беше начин корисно да го исполни слободното време во текот на летото и да запознае една нова култура.
Флоријан Клинглмилер е студент по математика од Австрија, кој веќе цела година работи волонтерски во Фондацијата Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ), наместо отслужување на воениот рок во неговата држава. Тој вели дека се противи на воениот сервис и како опција избра да работи волонтерски во странство. Барајќи некој ангажман на Балканот, со помош на свои пријатели од Македонија, завршил во ФИООМ. Вели дека повторно би работел како волонтер, бидејќи овој вид работа му нуди сатисфакција, а работењето во нова културна средина е едно од неговите најважни искуства. Тој смета дека е важно да се волонтира, дека тоа е добро да се направи и за другите и за самиот себеси, затоа што човек така се чувстува како дел од заедницата и дека прави нешто добро за неа. Тоа е важно и за секторот во кој работи волонтерот, бидејќи помага да се унапреди истиот.
Виолета Ефтимова е претседателка на Здружението за борба против малигните заболувања “Нов живот” - Штип. Виолета веќе пет години волонтира во Центарот за поддршка на жените заболени од рак на дојката “Нов живот” од Штип. Таа професионално работи во здравствениот сектор и смета дека е важно тоа нејзино знаење да го пренесе и преку својата волонтерска работа да им помогне на оваа група жени. Но, поголем мотив е да го пренесе и своето лично искуство од борбата против оваа болест. Според нејзиното искуство, во Македонија не се вреднува соодветно волонтерскиот труд, но за неа е важна поддршката која ја добива од своето семесјство, а во овој ангажман се пронашла себеси. Вели дека & претставува проблем да привлече и други лица од својата средина да се ангажираат како волонтери. Но, таа продолжува со своите напори, кои вклучуваат и обид да создаде група за поддршка на жени заболени од рак на дојката.
“Помагам од чисто човечки причини. Прва причина, она што ме мотивираше да иницирам основање едно вакво здружение (за борба против малигни заболувања) е фактот што “и јас сум една од нив” - јас сум оперирана од рак на дојката. Првиот контакт го имав во семејството - мајка ми почина од рак. Потоа, моја блиска пријателка се разболе од рак, и со неа ги поминав сите трауми. На крајот - мене ми се случи...
Сум го поминала тој пат, операцијата, третманите, душевната криза... Знам што им се случува на болните од рак, знам какви проблеми имаат. Сакам да им помогнам зашто мислам дека им треба поддршка, како што мене ми требаше кога ми ја кажаа дијагнозата. Мислам дека помагам од чисто човечки причини. Мислам дека можам да им помогнам на болните полесно да се справат со болеста, да им дадам мотив. Сакам да им бидам позитивен пример, сакам да знаат - да им покажам дека не е крај на с$ кога ќе се разболат.
Јас можам слободно да зборувам за болеста (многу луѓе што ги познавам и се оперирани, не сакаат да зборуваат за болеста) и да разговарам со пациентите - за моето искуство, за моите стравови, за мојот сегашен живот, им давам совети за исхраната. Мислам дека на тој начин им помагам и тие да ‘се отворат’ зашто најчесто тие не зборуваат за својата болест; а некако ми се чини дека болеста полесно се поднесува и многу полесно се надминуваат проблемите кога зборуваш за тоа.”
Александра Димова 11 месеци е волонтерка во македонската канцеларија на Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ). Таа започнала да работи во РЕЦ поради обврската, како студент на Интердисциплинарните студии по инженерство за животната средина, да оствари пракса од две недели пред пријавувањето на дипломската работа. Но, по завршувањето на задолжителните две недели, таа самоиницијативно продолжила да работи како волонтер во РЕЦ уште 11 месеци. Вели дека многу научила од работата и дека го препорачува овој вид ангажирање за секој кој сака да научи и истовремено да даде свој придонес.
Мајка Тереза и скалата на Маслов
Што е она што ги мотивира луѓето да го вложуваат својот труд, знаење или вештини? Искуствата и придвижувачките фактори се различни - некој сака да учи, некој сака да запознае нешто ново, некој да им помогне на сличните на себе, некој едноставно да ја почувствува радоста на давањето…
Мајка Тереза кажува едноставна вистина, а Абрахам Маслов ги анализира и категоризира човековите потреби. Едно чисто човечко и едно научно толкување, но и двете важни и корисни да се разбере мотивацијата на волонтерството:
“Ако правиш добро, тоа ќе го припишат на твоите себични цели. Не е важно - прави добро! Доброто што го создаваш, утре ќе биде заборавено. Не е важно, создавај!” (дел од Молитвата на Мајка Тереза)
Познатата Теорија на Маслов (теоретичар на менаџмент), позната како “Пирамидата на Маслов”, човековите потреби ги категоризира на следниов начин:
- На дното на пирамидата се физиолошките, основните потреби (да се задоволат гладот, жедта, потребата од топлина); - Потоа, се надградува потребата од сигурност (заштита од опасности и повреди); - Следуваат општествените потреби (пријателство, прифатеност, припаѓање); - Како што расте пирамидата, се надоврзува потребата за позитивно мислење за самиот себеси (самопочит, статус, авторитет); - На врвот е потребата од самоисполнување, самореализација (развој на споствената личност и способностите).
Во книгата “Општината, тоа сме ние - нема огради за волонтерската дејност”, издадена од Фондацијата Конрад Аденауер од Германија, Хорст Канитц вели “Граѓанскиот ангажман како израз на демократскиот етос во модерната културно-социјална држава е во согласност со претпоставката за човекот во уставот”. Во истата книга, Мари-Луизе Дет вели: “Во училиштата, општествениот ангажман мора да се сфати како суштински и составен дел од воспитната задача. Учениците треба благовремено да се запознаат со сопствениот одговорен ангажман за другите”.
Но, без оглед на мотивацијата и на третманот од страна на државите, волонтерството секогаш заслужува почит и признание. Тоа е израз на сопствената возвишена свест, на достигнувањето на врвот на пирамидата. Односот на општеството, пак, кон волонтерот, е одраз на возвишеноста и развиеноста на самото општество. Но, без оглед на тоа што волонтерството во одредени средини не добива признание, треба да се потсетиме на зборовите на Мајка Тереза: “Не е важно, прави добро!”
|