Работни места во граЃанските организации
Раководењето со човечките ресурси - најголема слабост
Граѓанскиот сектор во Република Македонија во моментов го сочинуваат повеќе од 4.000 граѓански организации од различни профили кои се соочуваат со низа проблеми и отворени прашања во нивното работење. Најголемата слабост на граѓанските организации е во управувачките структури, особено во делот на раководењето со човечките ресурси. Соочени со секојдневните проблеми на преживување од проект до проект, како последица на слабата одржливост, овие организации не водат доволно сметка за луѓето кои всушност и ја “прават” организацијата. Профилот на ангажирани лица во овие организации е разновиден, но во последно време можеме да кажеме дека се повеќе млади и високообразувани кадри се придружуваат кон овие организации, гледајќи можност за развој на кариерата како професионалци во непрофитниот сектор. Раководствата на организациите веќе се соочуваат со проблемите, како што се флуктуација на персоналот, неправилна и нерамномерна распределба на работните задачи и одговорности, што негативно влијае на ефикасноста на организацијата. Една од причините за ваквата состојба се слабостите во раководењето со човечките ресурси.
Како особено важен дел од менаџментот со човечките ресурси во граѓанските организации се наметнува активирањето на кадрите во организацијата, поконкретно одредувањето работни задачи на ангажираните лица. Раководствата на здруженијата се водат од ставот дека ангажираните луѓе се главно волонтери и дека тоа што не добиваат плата за својата работа значи и дека немаат работно место. Така, речиси во сите здруженија, со исклучок на професионалните непрофитни организации коишто, за жал, кај нас ги има малку, не постои опис на работните места. Во граѓанските здруженија се извршуваат работи коишто се од витално значење за функционирањето на општеството. Особено е значајна нивната улога во социјално-хуманитарната сфера (хуманитарни акции, социјализација на лицата со посебни потреби, здравствена едукација на маргинализираните групи), во равојните активности (поддршка и мотивација на населението во руралните подрачја при изградба на водоснабдителни системи, јакнење на свеста) и секаде каде што државата не може или нема интерес да дејствува. Според тоа, потребата за дефинарани работни места во граѓанските организации е евидентна.
Описот на работно место во себе ги обединува сите важни елементи на работата, како што се главните задачи и должности, потребните квалификации и функционалните релации со другите работни места во организацијата. Описот на работно место е документ којшто треба да биде на располагање и на работодавачот и на извршителот, но и на потенцијалниот извршител, па затоа треба да биде напишан јасно, со користење востановена фразеологија и да нуди доволно јасни информации за одговорностите, овластувањата, работните услови, надзорот, потребните компетенции, координацијата, потребните информации.
Не постои универзално прифатен стандарден формат за опис на работното место, затоа што постојат многу различни работни места, но сепак добриот опис на работно место треба да ги содржи следниве информации:
1. Идентификација: назив на работното место, позиција во органограмот, локација на работното место (фабрика, оддел, машина);
2. Содржина на работата: целите и содржинате на работата, односно концизен опис на она што треба да го направат извршителите, како и зошто го прават тоа; детален опис на работата, специфичните задачи, одговорности и надлежности, поврзаност со другите работни места, специфични методи, опрема и техники напишани по хронолошки или логичен редослед;
3. Работна спецификација: менталните вештини, како што се основно образование, познавања на работата и одговорности, физички особини и работни услови се основните компоненти на работната спецификација.
Она што недостасува кај граѓанските организации е точното определување на тоа кои функции или поточно кои работни места им се потребни за непречено функционирање. Ова е отежнато и поради тоа што во организаците нема свест за потребата од прецизирање на работните задачи и надлежности во организацијата и нивно стандардизирање. Исто така, причина е и честото менување на работните задачи поради работењето на различни проекти. Здруженијата си поставуваат премногу општи цели со кои сакаат да опфатат повеќе области за да бидат поконкурентни на “пазарот” на фондови. Од тоа колку повеќе предлог-проекти ќе им бидат одобрени од донаторите, директно зависи нивната одржливост. Финансиските средства коишто ги добиваат се најчесто за краткорочни периоди (шест месеци до една година) и секогаш се однесуваат на различни активности. Сето ова ги прави работните места во граѓанските здруженија многу динамична категорија.
Сепак, работните задачи кои се извршуваат во граѓанските здруженија се неопходни за функционирањето на едно демократско општество. Со тоа се наметнува потребата од професионализација на т.н. трет сектор, што значи и дефинирање на работни места во здруженијата.
(продолжува во следниот број)
Поимник
Поимот работа означува група позиции (работни места) слични во нивните основни функции за остварување на целите на организацијата.
Работно место е една или повеќе работни задачи изведувани од индивидуата во дадена форма за одредено време. Во една организација има толку работни места колку што има вработено луѓе.
Работна задача е посебна работна активност направена за остварување посебна цел (пр. пишување писма, архивирање документи). Секоја работна задача се остварува низ низа операции. За успешно изведување на операциите, индивидуата треба да поседува одредени знаења, вештини и ставови, односно треба да умее, да знае и да сака да ја изведуваа таа операција.
Менаџментот со човечките ресурси овозможува да се воспостави рамнотежа меѓу луѓето и потребите на организацијата. Тоа е збир на активности што треба да гарантираат дека вистинските луѓе се на вистинско место во вистинско време со цел да ги изведуваат планираните задачи. Раководењето со човечките ресурски опфаќа активности за обезбедување, развој, активирање и одржување на персоналот во организацијата.
Лилјана Алчева-Јовановска
|