Вовед
Адресарот на верските заедници во Македонија е прв од ваков вид во Република Македонија. Неговото издавање е една од активностите на програмата Меѓурелигиска соработка во Македонија (ПРМ) која ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со Македонската православна црква (МПЦ), Исламската заедница во Република Македонија (ИЗ), Католичката црква (КЦ), Евангелско-методистичката црква (ЕМЦ) и Еврејската заедница во Република Македонија (ЕЗРМ), како и со другите верски заедници во Македонија.
Целта на публикацијата е да ја подобри информираноста за црквите, верските заедници и религиозните групи во Македонија, како меѓу нив самите, така и кај пошироката јавност.
Терминологија
Името на публикацијата е Адресар на верските заедници во Македонија. Во правниот систем на Република Македонија (Уставот и соодветните закони) се употребуваат термините “верски заедници” и “религиозни групи”. Тие не се обврзувачки за оваа публикација и воопшто за каква било употреба надвор од државните институции. Покрај нив, дел од овие организации се именуваат како “цркви”, а некои и под други свои класификации (пр., филозофски движења, а во еден случај и здружение на граѓани - види подолу “Критериуми за вклучување”). При подготовката на публикацијата, во прашалникот беше дадена можност самата верска заедница да се изјасни за тоа кој термин најсоодветно ја опишува. Податокот за нивниот избор (црква, верска заедница, религиозна група или друго) е составен дел на профилот на верската зедница содржан во овој адесар.
Во Адресарот, освен во случај на наведување на целосните имиња на надлежните државни институции и називите на соодветните закони, конзистентно е користен терминот “верски заедници”, од две причини: практичност (пократка референца за најчество употребуваниот термин) и за да не се наруши правото на секоја од верските заедници да се нарекува и класифицира по свој избор.
Методологија на собирање на податоците, комплетност и точност
Поаѓајќи од своите претходни искуства, МЦМС го организира собирањето на податоците преку анкетари. Основните информации (име на верската заедница, адреса и телефон) беа обезбедени од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Македонија. Анкетарите беа одредени од самите верски заедници, а за нивната работа беше подготвен основен прашалник (со збирни податоци за верската заедница, подготвени во нивните седишта) и поединечен прашалник (со податоци за организациските единици на верската заедница - епархии, муфтиства и сл.) за оние верски заедници кои имаат таква структура.
Анкетарите ги пополнуваа прашалниците со интервјуирање на одговорни лица во соодветните верски заедници или нивните организациски единици, а прашалниците пред доставувањето се потврдени и заверени од поглаварите/претседателите на верските заедници или нивни овластени претставници. Со тоа се направени максимални напори да се обезбеди високо ниво на комплетираност и точност на податоците, како и дозвола да се објават истите.
За дел од прашањата (пр., проценето постоење на верската заедница, број на верници) нема точни податоци во сите верски заедници. Во тие случаи, наведените податоци се проценка на самите верски заедници. За прашањата за кои нема одговор од верската заедница, како и за оние за кои верската заедница сметала дека не се релевантни, не се вклучени податоци во Адресарот.
Критериум за вклучување
Единствен критериум за вклучување во Адресарот беше регистрација во Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Македонија.
Комисијата води регистар, во кој досега се регистрирани 25 верски заедници.
Со Адресарот се опфатени 23 верски заедници регистрирани според Законот за верски заедници и религиозни групи.
Недостасуваат податоците за две верски заедници: Меѓународна црква на Христос и Центарот Сатја Саи. Во првиот случај, податоците кои се доставени во регистарот веќе не кореспондираат со реалноста (на наведената адреса и телефон сега има други лица, кои не се во никаква врска со верската заедница) и не се обновени во меѓувреме. Направени се напори да се утврди дали оваа верска заедница с$ уште постои и работи во Македонија, но без успех, што практично значи дека таа не функционира. Центарот Сатја Саи е во тек на постапка за пререгистрација во граѓанска организација, бидејќи веќе не се сметаат за верска заедница, ниту за религиозна група (како што биле регистрирани) и од тие причини побараа да не бидат вклучени во Адресарот.
Со тоа може да се смета дека со Адресарот е обезбедена целосна опфатеност на постоечките регистрирани верски заедници во Македонија.
Редослед
Редоследот на претставувањето на верските заедници во Адресарот е според датумот на регистрација на верската заедница.
Овој редослед, во случајот на петте верски заедници наведени во Уставот на Република Македонија, се совпаѓа со редоследот по кој се наведени во Уставот.
Заради овие две причини, како и заради поголемиот обем на податоци за тие пет верски заедници, избран е тој редослед, наместо претставување по азбучен ред.
Вклучени податоци
За секоја верска заедница вклучени се збирни податоци за целата верска заедница, а за оние кои имаат посебни организациски единици, прикажани се и основни податоци за тие единици. Така, Македонската православна црква, покрај со основни податоци, е претставена и со податоци за седумте епархии во Македонија и трите во странство; Исламската заедница во Република Македонија со тринаесетте муфтиства во Македонија; Католичката црква со Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат; и Евангелско-методистичката црква со седумте окрузи во Македонија.
Во Адресарот се вклучени следните податоци:
- Општо: име на верската заедница (на официјалните јазици на верската заедница и на англиски јазик), кратенка, податоци за контакт (адреса, телефон, факс, е-пошта, веб-страница), податоци за регистрација, вид на верска заедница, проценето постоење;
- Структура: највисока свештена и световна функција, структура, членови на највисокиот орган на верската заедница, човечки ресурси (свештеници, образовен кадар, вработени, проценет број верници);
- Верски објекти: вид и број на верски објекти, податоци за контакт за главниот верски објект, видови верски служби;
- Образовни институции со основни податоци за контакт;
- Издавачка дејност (основни податоци за контакт за издавачката служба во рамките на верската заедница или посебна организација, доколку е така регистрирана; како и најважните изданија);
- Хуманитарни активности (основни податоци за контакт за хуманитарните служби во рамките на верската заедница или регистрирани здруженија на граѓани). |