Првото сеопфатно истражување за граѓанското општество во Македонија
ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ СЕ ПОЕФИКАСНИ ОД ДРЖАВАТА
Индексот на граѓанското општество на Цивикус (ИГО) е акциско-истражувачки проект што цели кон проценка на состојбата на граѓанското општество во земјите низ светот, со намера да обезбеди основно познавање и да даде придонес на иницијативите за јакнење на граѓанското општество.
Индексот на граѓанското општество прави проценка на четири димензии на граѓанското општество: структурата, околината, вредностите и влијанието.
За потребите на истражувањето направено е набљудување на 4 дневни весници, едно неделно списание и еден месечен магазин, истражуваниот примерок на заедницата опфати 17 заедници и 700 граѓани, а од регионалните советувања се прибрани 118 прашалници. Направен е и извештај за социјално одговорни бизниси, кој се потпира на информациите за 10-те најуспешни претпријатија. Собрани и анализирани се и други релевантни документи коишто даваат податоци за четирите димензии на истражувањето.
Структура
Структурата беше првата оценувана димензија. Оценката требаше да одговори на прашањата: кој е внатрешниот изглед на граѓанското општество и колку е големо, активно и претставително граѓанското општество во смисла на поединци и организации.
Истражувањето откри дека македонскиот граѓанин многу почесто учествува во непартиските политички активности отколку пред 1991 година, а секој четврти е член на барем една граѓанска организација (со исклучок на здруженијата на пензионерите). Граѓанскиот сектор во Македонија, според извештајот е сектор на волонтерите.
Според адресарот на МЦМС (издание од 2003 година), во просек волонтираат 36 луѓе во една граѓанска организација. Волонтерите вклучени во граѓанскиот сектор се активни најмалку 5 часа неделно, во просек. Што се однесува до граѓанскиот активизам во заедниците, дури 32,7% од граѓаните учествувале во добротворни акции во нивните заедници.
Истражувањето ги опфати и добротворните прилози. Според извештајот, 68,1% од испитаниците одговориле дека редовно подаруваат предмети, пари, облека, а 2% донации од индивидуалци се појавуваат како извор на финансирање за граѓанските организации. Што се однесува пак до приватниот сектор, 5 од 10 водечки претпријатија воопшто не донираат во граѓанските организации иако се ослободени од данок до 3% од обртот.
Граѓанските организации не ги третираат приоритетите, како што се: сиромаштија, невработеност, елиминација на корупцијата и др. Тие се занимаваат со прашања важни за заедницата, но со секундарно значење.
Жените малку се застапени во граѓанските организации. Ова се отсликува и на раководствата на организациите каде три од четири членови се мажи.
Најголем дел од организациите се етнички чисти.
Најмалку застапени сепак се најсиромашните и руралните средини.
Во поглед на географската распределба, извештајот го потврдува впечатокот. Дури 43,8% од граѓанските организации се концентрирани во Скопје.
Нивото на соработка со другите актери во граѓанското општество е на ниско ниво. Од 858 организации, само 10,7% разменуваат информации со владата; 15% со локалната самоуправа; 2,3% со деловниот сектор, а 1,2 со медиумите. И соработката внатре во граѓанскиот сектор, за прашања од долгорочен интерес, е релативно ограничена.
Нема конкретна бројка за финансиските ресуси со кои располагаат граѓанските организации. Буџетот на 29 организации членки на Граѓанската платформа на Македонија во 2004 година бил 708.553.733 МКД/11.521.200 Евра, а буџетот на 597 проекти спроведени во 2002-2003, 798.896.353 МКД/12.990.185 Евра (според профил на проекти, МЦМС 2004). Донациите воглавно се од надворешни донаторски грантови, многу малку од локални извори.
Се смета на средна вредност од 1.000 вработени во овој сектор, а бројот на хонорарно ангажирани лица не е познат. Во поглед на опремата и основните услови за работа, најголем дел од испитаниците сметаат дека граѓанските организации имаат скромна инфраструктура, мал број имаат пристап до интернет и до информации од повеќе извори.
Околина
Втората димензија во истражувањето одговори на две прашања: Која е политичката, социо-економската, културната и правната околина во која граѓанско општество постои и дали овие фактори го овозможуваат или отежнуваат постоењето на граѓанското општество.
Извештајот ги разгледува политичките права и политичкиот натпревар. Констатирана е бавност во јакнење на владеењето на правото - слабости во спроведување на законите и судските институции, изолирана и слаба јавна администрација, корупција и организиран криминал.
Во поглед на граѓанските слободи, “Фреедом Хоусе”(2004) ја бодувал Македонија со 3, на скала од 1 до 7, каде 1 е највисока оценка, а кај пристапот на јавноста до информации главниот недостаток е непостоењето закон за пристап до информации од јавен карактер.
На прашањето: колку социо-економската ситуација во земјата претставува бариера за ефективно функционирање на граѓанското општество, извештајот нуди аргумени и за одговорот “да” и за одговорот “не”. Да, затоа што 33,54% од луѓето живеат со 2$ дневно, заради жестокиот етнички конфликт во 2001 година, заради високата стапка на невработеноста (37% од работоспособното население) и заради малиот број граѓани кои имаат пристап до интернет (3,4%). Не, затоа што конфликтот не е во рангот на војна, надворешниот долг не е поголем од БДП (изнесува 39,9% од БДП), стапката на неписменост на возрасните е 4%.
Извештајот открива дека постои општа недоверба меѓу членовите на општеството, дури 87,7% од населението смета дека треба да се биде внимателен со луѓето.
За разлика од довербата, толеранцијата постои. Просечната оценка според показателот за толеранција на Прегледот на светските вредности изнесува 2,08, а наркоманите и алкохоличарите се група луѓе кои не се добредојдени за соседи.
Според скалата на Прегледот насветските вредности показателот за расположение (јавниот дух) изнесува 2,61.
Понатаму, Извештајот како поволни ги оценува: регистрацијата на граѓанските организации и околината за активности за застапување.
Споредбено со земјите од регионот Македонија е на дното по даночни олеснувања за граѓанските организации. Само 3% од бруто-приходот на претпријатието може да се одбие од даночната основа под услов донациите да се наменети за организации финансирани од буџетот или за Црвениот крст на Македонија.
Во поглед на автономијата, 26% сметаат дека државата често влијае врз работата на граѓанските организации; 55% - ретко; 4% - никогаш.
Не постои стратегија или програма на Владата за соработка со граѓанските организации, досегашната соработка се одвива во зависност од личното сфаќање на раководителот на институцијата или личното познавање.
Не постои развиено државно финансирање на граѓанските организации или издвојување средства и од страна на министерствата или владините агенции. Во ретките случаи процесот е нетранспарентен, а критериумите нејасни.
Кај деловниот сектор, пак, има недостаток на свест за важноста на граѓанскиот сектор. Повеќе од 40% испитаници не се свесни за важноста на граѓанскиот сектор и не се запознати со нивните активности, а 17% сметаат дека не се сите граѓански органзиации се професионални, сериозни и работат со добар квалитет.
Кај деловниот сектор, примарна е одговорноста кон профитот, даночните обврски кон државата, па потоа кон заедницата и животната средина.
Вредности
Третата димензија се занимаваше со тоа дали граѓанското општество ги промовира и применува позитивните општествени вредности.
Постои разлика помеѓу перцепцијата и праксата во применувањето на демократијата во граѓанските организации. Дури 76% од испитаниците сметаат дека постои внатрешна демократија во организациите, но кај поделбата на управните и извршните функции се појавува контрадикторност со претходната изјава.
Наспроти сомнежот од јавноста, не постојат докази за корупција помеѓу граѓанските организации. Извештајот ги изнесува наодите дека тие сомнежи се поттикнати од: недостатокот на доверба, меѓусебните обвинувања и недоволната транспарентност во работењето. Граѓанските организации преземаат активности за подобрување на транспарентноста, но сепак тие не се доволни. Некои од нив се: мрежата “Македонија без корупција”; активностите на “Транспарентност Македонија”, активностите на Организацијата на потрошувачите и сл.
Во поглед на толеранцијата, Извештајот констатира дека граѓанските организации создаваат отворен простор, дури 74% од испитаниците сметаат дека граѓанските организации се битни актери во промоцијата на толеранцијата. Сепак, поделеноста на општеството се одразува и во организациите.
И кај родовата рамноправност постојат разлики во перцепцијата и праксата. 40% од испитаниците сметаат дека се преземени мерки за родовата рамноправност, а увидот во пет од организациите покажа дека такви мерки не се интегрирани во документите.
Граѓанските организации не се доволно активни во искоренувањето на сиромаштијата, дури 69% од испитаниците не можеле да се сетат на активности што биле спроведени во оваа насока. Ниту во членството на организациите не се среќаваат лица од оваа категорија.
За разлика од ова, 69% од испитаниците можат да наведат примери на активности за заштита и одржување на животната средина.
Влијание
Четвртата димензија го опфати влијанието, односно кое е влијанието на граѓанско општество и дали граѓанско општество е ефективно во решавањето на социјалните, економските и политичките проблеми, и дали работи за заедничко добро.
Граѓанските организации имаат активно но ограничено влијание врз човековите права и социјалните политики. Влијанието е подобро во меѓуетничките односи, а послабо во невработеноста и антикорупцијата. Поголем успех имаат иницијативите коишто се однесуват на влијанието врз социјалните политики поврзани со жените и лицата со хендикеп, а помалку успешни се оние коишто се поврзани со финансии и коишто бараат поголема транспарентност.
Активно но ограничено влијание имаат граѓанските организации и во барањето одговорност од државата. Информации за постигнувањата на властите се тешко достапни.
Во барањето одговорност од деловниот сектор ограничени се и активностите и влијанието. Недостасуваат активности за градење јавна свест за исполнување на (законските) одговорности за плаќање даноци и други јавни давачки, а нема активности ниту за поттикнување на социјалната одговорност на деловниот сектор.
Граѓанските организации сметаат дека имаат значителна (17%) или ограничена (37%) улога во одговорот на приоритетните општествени интереси.
Според истражувањето, граѓанските организации уживаат голема доверба кај јавноста, 55,1% наспроти 26% за власта и политичките партии.
Граѓанските организации постигнале одредено влијание и во зајакнувањето на граѓаните, и тоа на повеќе нивоа: во информирањето и едуцирањето на граѓаните, во градењето капацитети за колективно дејствување, во зајакнувањето на маргинализираните групи (55% од проектите спроведени во 2002-2003 година се проекти за маргинализирани групи), а граѓанскиот сектор најверојатно е најактивен и најуспешен во зајакнување на жените. Граѓанското општество е местото од каде започнаа првите иницијативи за микрофинансирање. Тоа и денес е активно во микрофинансирањето, во деловното и во професионалното оспособување.
Граѓанските организации направиле повеќе отколку што е познато во лобирањето за обезбедување државни услуги. Не постои дебата за соодветна поделба на работа меѓу обезбедувачите на социјални услуги (државата, деловниот и граѓанскиот сектор). Дел од граѓанските организации сметаат дека треба да бидат обезбедувачи на социјални услуги, како дел од нивната стратегија за одржливост. Дел сметаат дека не треба да ја заменат државата во обезбедувањето на основните услуги.
Граѓанскиот сектор има активности во директно задоволување на итните општествени потреби, во обезбедувањето алтернативни средства за развој и посебно во одговор на хуманитарните катастрофи во 1999 и 2001 (а пред тоа и во 1992/3 година).
Граѓанските организации се поефикасни од државатта, тие им даваат подобри услуги на луѓето на кои им треба помош (сиромашни и сл.). 42,3% од граѓаните сметаат дека граѓанските организации даваат подобри услуги од државните институции (28,3% сметаат дека вторите се подобри).
Сепак, постои предзивик во подрачјата с$ каде сеуште нема доволно активности, а тоа се нјсиромашните од сиромашните - како децата на улица, бездомниците, изолираните етнички заедници.
Национална конференција
Втората национална конференција на Индексот на граѓанското општество се одржа на 7 јули оваа година. Деведесетина присутни ги проследија презентациите и продискутираа за наодите од Извештајот кажувајќи ги притоа своите забелешки.
“Извештајот може да ни помогне да видиме каде сме, што сме и каде понатаму”, рече на почетокот на Конференцијата Сашо Клековски, извршен директор на МЦМС. Тој обрна внимание на неколку наоди од Ивештајот. Најголемиот успех во димензијата влијание, според него, е во делот на зајакнување на жените, а она што произлегува од Извештајот како загрижувачки податок е односнот меѓу урбаните и руралните подрачја, кој изнесува 10:1. “Мислам дека такви јазови мораме реално да ги погледнеме за да не се сопнеме и паднеме во нив, зашто ова е многу длабок јаз меѓу урбана и рурална Македонија. Сакам овој јаз да го нагласам, можеби и намерно, како многу битен во натамошните согледувања не само во структурата, туку и севкупно како граѓанското општество треба да се подобри”, додаде Клековски.
“Јас секогаш сметав дека сме престроги и прекритични во оценувањето и јас лично имам подобра перцепција на граѓанскиот сектор отколку што можеби понекогаш имаат самите актери во просек”, рече Лилјана Поповска, пратеник во Собранието на РМ. “Мислам дека оваа оценка за структурата вкупно треба да биде поголема. Зашто ако зборуваме за широчина на граѓански организации, за волонтерство, инфраструктрурата е подобра отколку што ние самите ја гледаме, или од она што ние сакаме да го имаме и мислам дека некогаш имаме поголеми желби отколку што можеме објективно да ги оцениме работите” додаде таа.
За Флора Љатифи, советник на Претседателот на Македонија за граѓански организации, извештајот е значаен заради две работи. “Прво, дава можност да видиме една слика или реална состојба на нашите граѓански организации, а второ, н$ поттикнува на преземање активности за развој на граѓанското општество во Македонија.
Гонце Јаковлеска
|