Комеморативен ден на македонските Евреи
Одбележан денот на депортирањето на Евреите од Македонија
Еврејската заедница во Република Македонија, по повод комеморативниот ден на македонските Евреи, на 11 март, го одбележа депортирањето на Евреите од Македонија. Пред точно 62 години, од страна на фашистичка Германија, на 11 март 1943 г. беа депортирани 7.200 македонски Евреи во логорот на смртта, Треблинка, во Полска. Комеморативната вечер се одржа во Музејот на град Скопје, каде што говореа претседателот на Еврејската заедница во Македонија, г. Здравко Шами, амбасадорката на Израел за Р. Македонија, Ирит Бен Аба и директорот на Американскиот еврејски дистрибутивен комитет ЏОИНТ, Јехиел Бар-Хаим.
“На 11 март во еврејските маала во Битола, Штип и во Скопје веќе не се слушаше јазикот ладино, повеќе ги немаше трговците Евреи, замреа звуците на песните Ен ла присион, Дурме дурме, синагогите беа празни, а тој ден не се читаше делот од ТОРА (петтокнижието на Мојсеј) каде што се говори за градењето на Шаторот на состанокот. Одеднаш с$ запре, а никој не веруваше дека тоа е воопшто возможно на кој било начин, а особено не на таков брутален и нечовечки. Оттогаш големата еврејска заедница во Македонија згасна, стивна, ја снема...” беа зборовите на од хазанот во Македонија, Ави Козма.
Вечерта беше промовирана и книгата на г-ѓа Жамила Колономос и г-ѓа Јасминка Намичева - “Искрите на македонските Сефарди”, напишана на три јазика, ладино (јазикот на сефартските Евреи, мешавина помеѓу шпански и хебрејски), македонски и англиски.Во спомен на жртвите на Холокаустот, Еврејската заедница истиот ден положи цвеќе на споменикот во кругот на Монополот во Скопје, од каде што започна депортирањето на македонските Евреи, а потоа и на еврејските гробишта во Бутел каде што беше прочитана молитвата кадиш од рабинот на Југославија и Македонија, Исак Асиел, и молитвата “Ав Арахамим” од хазанот во Македонија, Ави Козма.
Д.М.
|