Тихомир Каранфилов
Едукацијата како основа за излез од сиромаштијата
Формирањето една здрава личност која ќе биде способна целосно да се вклопи во општествените односи, а со тоа и да го оствари правото за работа, зависи од повеќе фактори. Еден од главните фактори од кој зависи правилниот развој на поединецот е образовниот систем. Колку степенот на едуцираност на поединецот е поголем, толку е полесно неговото вклупување во современите текови на општествениот живот и многу полесно наоѓа работа на пазарот на трудот.
Едукацијата преставува едно од најмоќните оружја за остварувањата на правата на поединецот. Колку една личност е поедуцирана, толку зазема повисоки позиции во општествената скала. Сето тоа, пак, овозможува и подобар општествен стандард.
Едукацијата како богатство на поединецот претставува и огромен капитал на целата општествена заедница. Зависно од бројот и степенот на едуцираниот кадар, често пати е рангирана и местоположбата на заедницата во меѓународните релации. Истовремено, од овие параметри зависат и интегративните процеси не само на етничките заедници во едно општество, туку и помеѓу народите. Затоа, нема држава која не посветува внимание на развојот на образовниот систем и формирањето посебно на високостручните кадри.
Со самото раѓање, без разлика на етничката или половата припадност, секој се стекнува со правото на образование. За секого, образованието треба да биде достапно под еднакви услови. Република Македонија правото на образование го има инкорпорирано во својот устав во одредбата посветена на економските, социјалните и културните права во членот 44 кој гласи: „Секој има право на образование. Образованието му е достапно секому под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно“. Македонија со овој член, со највисока уставна норматива, го гарантира ова право. Истовремено, Македонија во својата регулатива вклучува една значајна одредба во вид на преземање мерки за обезбедување бесплатно основно и средно образование и нудење финансиска помош во вид на стипендии на оние средношколци на кои таа им е потребна.
За жал, и покрај сите законски регулативи, на околу 30.000 деца родителите не се во можност да им обезбедат средства и помагала за нормално посетување на наставата. Голем е бројот на децата, посебно во руралните средини, кои имаат потешкотии во посетувањето на наставата. Овие деца најчесто живеат во планинските места коишто се оддалечени од училиштата. Загрижува фактот што голем број деца, најчесто Роми, не го завршуваат основното образование, или пак доколку го завршат, не продолжуваат во средно образование. Ова се должи на традиционалната незаинтересираност за продолжување на образованието и негативниот однос, пред сe кај ромските родители, посебно околу едукацијата на нивните женски деца.
Статистички показатели
Податоците коишто ромскиот невладин сектор и ромските политички партии ги изнесуваа во изминатите години за бројот на запишаните ромски деца во основните училишта и бројот коишто го завршуваат ова задолжително образование, како и бројот на оние кои се запишале во средно училиште, а не го завршиле, се застрашувачки. Според нив, од 90% ромски деца кои се запишуваат во основното училиште, само 35-40% завршуваат основно образование. Тие тврдат дека само 10-20% се запишуваат во средните училишта.1 Доколку ги погледниме статистичките показателите од последните години, ќе се види дека во учебната 1999/2000 година во средните училишта во Македонија има вкупно запишани 447 Роми, од кои 178 се од женски пол. Во наредната учебна година 2000/2001 вкупниот број не се разликува многу - 499 ромски ученици, но затоа пак бројот на ученичките кои посетуваат средна школа се зголемува и изнесува 216.
Овие бројки се зголемуваат во учебната 2001/2002 година кога бројот на запишани ромски ученици се покачува, а вкупната бројка изнесува 589 ученици. Од нив, 213 се ученички.2
Бројките на ромските ученици кои посетуваат настава во средните школи, во последните неколку години, ни овозможуваат да забележиме благ пораст, посебно кај женските деца. Со оглед на природниот прираст, односно наталитетот којшто кај ромската популација е голем, можеби овие бројки не се големи, но се многу поголеми од пред една деценија. Радува и фактот што во последните години расте и бројот на оние кои го завршуваат средното образование. Во 1999/2000 година бројот на Роми кои го завршиле средното образование изнесува 115, од кои 53 ученички. Во 2000/2001-та учебна година овој број изнесува 134 ученици, меѓу кои 59 ученички. Сепак, во учебната 2001/2002 постои благ пад на оние кои го завршиле средното образование. Вкупниот број изнесува 117 од кои само 37 се ученички.3 Ваквиот пад на завршени средношколци можеби е резултат на актуелните настани во 2001 година, коишто негативно се одразија на оваа етничка заедница, со оглед на нивната социо-економска положба. Она што паѓа во очи и загрижува е процентот на ромските ученици од вкупниот број средношколци кој изнесува само 0.6 %, што не соодветствува со бројноста на самата популација. Ако се има предвид дека од вкупниот број средношколци во учебната 2001/2002 околу 75.8% се Македонци, 18.1 % се Албанци, 1.9% се Турци, бројката од 0.6 % Роми4 според изјаснувањето не се поклупува ни приближно со статистичките податоци од пописот на населението во 2002 година. Постои една дискрепанца во овие бројки коишто треба да ја загрижат не само македонската, туку и меѓународната јавност. Се раѓа сомнеж дека ромските деца се изјаснуваат како припадници на други етникуми, или пак голем број од нив многу рано го прекинуваат своето образование. Ваквата опсервација можеби не е најсоодветна, но сепак е една забелешка на која експертите треба да обрнат повеќе внимание. Постоечките бројки на запишани Роми средношколци, и покрај сите проблеми со кои се соочуваат, даваат некоја надеж и охрабруваат дека има иднина за ромската популација, иако не се задоволуваат европските критериуми за бројноста на учениците во средното образование.
Во акумулирањето на знаењето крајниот домет не се средношколските установи. Како што сите тежнеат да достигнат високо образование, така и ромската заедница сака да има што повеќе факултетски образован кадар. Ромскиот невладин сектор, како и политичките партии, има забелешки и на универзитетското образование кое е недостапно за Ромите. Нивните поплаки се однесуваат на бројката на дипломираните Роми кои според нив, во последните години, изнесува по еден годишно, вклучувајќи ги тука и вишите школи.
Во 1992 година Владата на Република Македонија воведе квоти за националностите на универзитетско ниво. Оваа квота изнесуваше 10% за сите националности. Овој систем на квоти е променет во 1995 година, кога поради лошите резултати во академската 1995/96 се воведе систем на квоти којшто ќе одговара на процентот на малцинствата во однос на целото население. За жал, според владини извори, сe до 1994/95 година ниту еден Ром не бил запишан на Универзитетот, а во таа академска година се запишуваат 5 Роми. Во наредната година овој број се зголемил на 6, а во 1996/97 година овој број изнесувал девет студенти.5
Системот на квоти за ромската заедница овозможи полесен пристап до високообразовните институции. Од година на година се зголемуваше бројот на запишаните Роми на двата универзитета во Македонија. За жал, како и секаде, така и во системот на квоти настануваат злоупотреби од страна на другите заедници кои се изјаснуваат како Роми, со цел да ги искористат овие бенифиции коишто ги овозможила Република Македонија. Ваквиот непринципиелен однос на универзитетската администрација којашто често пати и свесно ги прекршува овие правила, ја смалува влезната врата за поголем број Роми на двата универзитети.
И покрај сите пречки кои се појавуваат пред ромската заедница во нивната намера за стекнување на високо образование, во 2002 година успеваат да дипломираат 8 Роми, од кои 2 Ромки.6 Полека но сигурно се создава интелектуален потенцијал кој во иднина ќе биде носител на сите прогресивни промени во нивната заедница.
Актуелната социо-економска положба на Ромите во Македонија
Преминот од еден општествен систем во друг и процесот на транзиција на општествениот капитал во последната декада доведе до затворање на многу работни места што многу негативно се одрази врз ромската заедница во Македонија. Многумина ги изгубија своите работни места. Ниската образовна структура и скриената дискриминација Ромите ги постави први на листите за технолошки вишок. Многумина се најдоа повторно во Заводот за вработување. За жал, степенот на образование не им овозможуваше, ниту пак сега им овозможува рамноправен пристап на пазарот на трудот. Единствен излез за преживување на многу ромски семејства е социјалната помош. Доколку повторно ја употребиме статистиката, ќе видиме дека скоро повеќе од 70% ромски семејства се корисници на социјална помош.7 Оваа помош има вредност од еден до два училишни комплета, кога би се апстрахирале од есенцијалните животни потреби.
Како и секоја мајка, така и ромската мајка сака своето дете пристојно да го облече и подготви за училиште. Можностите на повеќето од ромските семејства се минимални, посебно ако имаат повеќе деца. Затоа многу често можат да се сретнат случаи кога се чека едното дете да се врати, па со истиот школски ранец, прибор или облека да се испрати и второто дете. Се менуваат само книгите, доколку се од различна возраст или доколку воопшто се имаат. Ваквата положба на ромското семејство остава последици кај ромското дете кое се чувствува запоставено, нерамноправно во однос на другите ученици, без разлика на која етничка заедница припаѓаат. Социјалните разлики кои драстично се зголемуваат со исфрлањето од употреба на училишните униформи можат да доведат до интровертност, повлекување во себе, што е и една од причините за бегање од образовните институции или целосно напуштање на образовниот процес. Во трката за секојдневна егзистенција родителите ги забележуваат промените кај своето дете дури откако улицата целосно ќе го преземе неговото воспитување. За жал, оние кои се задолжени за спречување на ваквите состојби во последно време како да ги потрошиле скоро сите капацитети и инструменти.
Одалеченост на образовните институции
Социо-економската положба најчесто е причина што ромското семејство одбира помалку атрактивни позициии за живеење. Најчесто живеат во населби каде што се повеќето припадница на истата етничка заедница, а кои се наоѓаат на маргините на градовите. Во овие населби многу ретко или никако не постојат основни или средни училишта. Ваквата оддалеченост на ромските населби од градските јадра и образовните институции преставува дополнителен трошок за ромското семејство кое мора да обезбеди средства за превоз за своите деца. Доколку во Скопје, на пример, ја погледнеме поставеноста на ромските населби, единствена предност имаат ромските деца кои живеат во општината Шуто Оризари или Топаана. Во овие населби или во нивната близина постојат основни училишта, за разлика од населбата Злокуќани којашто е оддалечена неколку километри од најблиското основно училиште. Овие деца се принудени или да пешачат, со што се изложени на опасност од патниот сообраќај или пак да плаќаат за градски превоз со што дополнително се оптоварува родителскиот буџет.
Оддалеченоста на средните училишта од ромските населби е уште поизразена. Неможноста да ги поднесат патните трошоци за своите деца кои учат во средните училишта беше и причина кај ромските семејства да се развие иницијативата за изградба на средно училиште во општината Шуто Оризари, која за жал сe уште нема дадено резултати.
Сe додека не се намалат социо-економските разлики во однос на другите заедници во државата и сe додека не се отворат нови основни и средни училишта кои ќе бидат поблиску лоцирани до ромските населби, ова ќе биде уште еден фактор за малиот број едуциран кадар во ромската популација.
Културата, традицијата и навиките
Социо-економскиот статус на ромската заедница не овозможува толку лесно навлегување на современите општествени текови, напротив, предизвикува затворање во гетоизирани населби каде што постои една сигурност дека си меѓу своите, меѓу еднаквите. Ваквото чувство на несигурност уште повеќе се зголеми по распадот на Југославија и настаните на Косово, во кои Ромите беа повторно жртви. По настаните во 2001 година во Македонија помеѓу двете поголеми заедници, сe повеќе доаѓа до преселби на Ромите од мешани етнички средини во чисто ромски средини. Ова особено е изразено во општината Шуто Оризари каде што се преселуваат сe поголем број Роми од други делови на Скопје или дури и од дрги места. Ваквата сепарација и гетоизација на ромската заедница не овозможува рапидно менување на традицијата и културните навики. Под влијание на родителите, сe уште се случуваат малолетнички бракови кои се една од причините за напуштање на образовниот процес. Посебно ова е изразено кај ромските девојчиња кои многу рано стануваат мајки. Со незавршено образование, младите родители многу брзо стануваат голем товар не само на нивните блиски роднини, туку и на пошироката општествена заедница.
Сепак, дејствувањето на цивилниот сектор, како и на медиумите, чекор по чекор, предизвика одредени поместувања во традицијата и културните навики кај Ромите. Со еманципацијата, ромската жена, која долго време беше подредена во семејството, полека но сигурно го менува својот статус, а со тоа и статусот на своите деца. Во сe поголем број ромски фамилии не само што се менува сознанието за важноста на едукацијата, туку и се смалува притисокот врз сопствените деца за рано стапување во брак. Ваквата промена во размислувањето кај родителите има одредено влијание и кај нивните деца кои сe повеќе сакаат да завршат одредено образование за да можат да најдат своја егзистенција. Ваквата промена може да се забележи и од зголемената бројка ромски девојчиња кои можеме да ги сретнеме не само во средните училишта, туку и во високообразовните институции. Но, за жал, како и многумина млади во Македонија, без разлика на својата етничка припадност, својот животен пат го гледаат надвор од Македонија.
Дискриминација или...
Уште една од причините на којашто се жалат ромските деца во процесот на образованието, а која може да биде причина за нивна фрустрација и напуштање на училиштето, е дискриминаторскиот однос на македонските наставници. Истовремено, тие се жалат дека се тепани или навредувани од нивните професори. Секој кој го поминал нашиот образовен систем, без разлика на етничката припадност, се соочил со чувството на наклонетост или ненаклонетост на одредени професори, без разлика на етничката припадност. Скоро секој бил изложен повеќе или помалку на физичка казна заради непослушност или заради ненаучена лекција. Сето тоа е резултат на ригидниот систем на нашиот образован систем каде што се запоставени педагошките методи кај наставничкиот кадар. Меѓутоа, секоја навреда, секој удар од „туѓ“ наставник, кој не припаѓа на сопствената етничка заедница, добива значење на дискриминаторски чин, колку и да бил добронамерен во одреден момент. Неискуството, недоволната подготвеност за пренос на знаењето, недостатокот на педагошки методи, непознавањето на традицијата и културата на ромската заедница, на наставничкиот кадар кој го спроведува образовниот развој, во одреден момент можат да ги повредат чувствата кај ромските ученици, како и да предизвикаат несакан инцидент којшто лесно може да се протолкува како дискриминаторски. Во една социјална тензија и етничките набои кои постојат во последните години и со коишто се соочува нашата земја, можни се вакви несакани инциденти на коишто имаат забелешки ромските ученици.
Непознавањето на јазикот
Непознавањето на македонскиот јазик на којшто се одвива образовниот процес кај ромските деца претставува уште еден фактор, уште една бариера, во постигнувањето солидни резултати во образовниот процес. Дополнителните напори што се бараат од ромските деца при совладувањето на наставниот материјал предизвикуваат огромен напор којшто создава одреден отпор. Сето ова може да биде уште една причина за предвременото напуштање на образовните институции.
Уште од самото раѓање, целокупното воспитување на децата кај најголем број ромски семејства се одвива на ромски јазик. Деца кои во кругот на своите семејства, во самите населби, зборуваат на својот мајчин јазик, немаат можност за правилно изучување на јазикот на пошироката општествена заедница. Овие деца немаат можности за претшколска подготовка во којашто ќе го совладаат јазикот на кој подоцна треба да се образоваат.
Иницијативита да се започне со образование на ромски јазик не вроди со плод од објективни причини. Непостоењето кодифициран ромски јазик и недоволниот наставен кадар на ромски јазик беа една од причините што оваа иницијатива не ги даде очекуваните резултати.
Правото за образование на својот мајчин јазик ромската заедница се обиде да го реализира уште во 1994 година. Во четири основни училишта во Скопје се организира факултативна настава на ромски јазик. Повеќе од 500 ученици ја посетуваа оваа настава во основните училишта „Јане Сандански“, „Васил Главинов“, „Браќа Рамиз и Хамид“ и „26 Јули“. Според постоечките податоци, „обуката за наставничкиот кадар ја организира педагошкиот центар, додека курсот го завршија дваесетина учесници“8.
Десет години подоцна оваа факултативна настава е некако згасната наместо да се поддржи и во другите места во Република Македонија каде што живее поголем број од ромската популација.
Министерството за образование и ден-денес нема подготвено стратегија за надминување на проблемот на образованието на Ромите.
Запоставување
Република Македонија во овој момент како да нема слух ниту капацитет за решавање на актуелните проблеми на Ромите во образовниот процес. Реформите во сите сфери на општествениот живот и смалувањето на буџетските стапки не оставаат простор за сериозно пристапување кон овој проблем. Целокупниот потенцијал како да е префрлен на задоволување на потребите на постоечките реформи во образованието.
Запоставувањето на барањата и потребите на ромската заедница во однос на образовниот процес можат да имаат негативни последици во иднина. Нерешените проблеми во образовниот процес на ромските деца ја потпомагаат сиромаштијата не само во оваа заедница, туку и на целата општествена заедница, а со самото тоа се намалуваат шансите на Република Македонија за влез во Европската Унија.
Во недостаток од соодветна интервенција на институциите на власта за решавање на проблемите во едукацијата на ромските деца, се отвори широко поле за дејствување на невладиниот сектор. За жал, иако во најголем дел се дефинирани проблемите, сe уште не постои стратегија за дејствување. Исто така, сe уште се нема појавено невладина организација којашто има доволен капацитет и којашто може да биде стратешки партнер на власта во решавање на поголемиот дел од проблемите.
Досегашното дејствување на невладиниот сектор е само парцијално дејствување коешто само ги задоволува потребите на донаторите. Сепак, радува фактот дека постојат активности на подрачјето на образованието за Ромите, како програмите на ФИООМ и на МЦМС коишто даваат надеж. Според нив, „видлив е напредокот во оние програми коишто се дополнителна помош на Ромите за да се редуцира намалувањето на бројот на Ромите во средното и основното образование и оние програми кои се работат како оперативни, како на пример: менторството за средношколци Роми и менторството за студентите Роми од кои изникна ’Рома верзитас‘.“9
Обидот во програмата за промоција на образование на Ромите (групата ПОР), во кои се „развива партнерството на петнаесет ромски организации со училиштата во повеќе места, е едно насочување кон некои перспективите како би требало да се работи“10. “Таа програма којашто веќе трета година опстојува на теренот даде видливи резултати“11 со што се покажа нејзината оправданост. Резултатите што ги постигнаа ромските невладини организации на теренот во оваа програма даваат надеж за нејзино опстојување подолго време.
Сепак, и покрај добрите резултати што ги постигнува невладиниот сектор, посебно ромските невладини организации со помош на ФИООМ и МЦМС, постои чувство дека недостасува поголема координирана активност помеѓу невладиниот сектор и ресорното министерство.
Каде е излезот
Ромската заедница во Македонија е на маргините на општествената скала. Се соочува со проблеми коишто без помош од пошироката заедница во материјални и човечки ресурси тешко дека ќе ги надмине. За таа цел се потребни и финансиски средства коишто кординирано би се насочувале врз основа на приоритети.
Правците на размислување како би ‘и се помогнало на ромската заедница можеби се во формирање фондови слични како во поранешна Југославија, коишто беа намените за неразвиените подрчја. Постоењето еден фонд за развој на ромската заедница би помогнал многу за надминување на проблемите, а со тоа и во образованието.
Без максимално кординирање на активностите помеѓу владиниот и невладиниот сектор тешко дека ќе се надминат сите проблеми во образовниот процес на ромските деца. Министерството за образование мора да направи максимум ангажирање околу целокупниот опфат на децата во прво оделение, додека невладиниот сектор заедно со медиумите мора да работи на убедувањето на заедницата од потребата за образование.
Потребата од подготовка во претшколската возраст на ромските деца за социјализација и изучување на македонскиот јазик бара соработка на ресорните министерства за да се овозможи градинките да бидат подостапни. Во ваквите претшколски установи мора да се размислува за вработување образовани Роми кои наставата ќе ја направат подостапна за децата. Невладиниот сектор којшто веќе дејствува на ова поле своите искуства треба да ги пренесе онаму каде што тоа не функционира.
Во барањето решенија коишто не мора да се нови, кои можеби веќе се прават на одредени места, сепак мора да се размислува и за обука на македонскиот наставниот кадар кој работи со ромските деца. Обуката на наставниот кадар би овозможила избегнување на несаканите проблеми што можат да се протолкуваат како дискриминаторски.
Недостатокот од ромски кадар кој ќе работи со децата бара формирање посебна група на Филолошкиот или на Педагошкиот факултет, кои ќе се едуцираат за работа со ромските деца. Мора да се размислува и за формирање вечерни училишта коишто ќе овозможат постарите Роми, кои немаат завршено основно или средно училиште, да се дообразуваат.
Мора да се бара решение и за изградба на нови училишта кои ќе бидат лоцирани поблиску до ромските населби или да се организира превоз до матичните училишта.
Со децентрализацијата на власта и преодот на дел од надлежностите во локалната самоуправа (урбанизам, здраство, социјала и образование) се отвора можност овие проблеми полесно да се решаваат.
Во секој случај, подобрувањето на социоекономската положба на ромската заедница би овозможила надминување на поголем дел од проблемите, а со тоа и во образованието. Но тука е и најголемиот проблем, како што е ниското ниво на едуцираност што не им овозможува равноправен пристап на пазарот на трудот. Маѓепсаниот круг тешко дека ќе може да го надмине самата ромска заедница без помош на општествената заедница, без помош на невладиниот сектор, или пак без помош на меѓународниот фактор. Тие треба да помогнат да се активираат сите потенцијални ресурси, како материјални, така и човечки, коишто понатаму ќе бидат носители на развојот на сопствениот народ.
---
- Пријатна фикција,, - Ситуација на човековите права на Ромите во Македонија - ; Серија државни извештаи, бр 7; јули 1998; стр. 74
- „Завод за статистика“ - Ученици во редовно средно образование според изјаснувањето за национална припадност, по пол
- „Завод за статистика“ - Редовни ученици во редовните средни училишта кои завршиле училиште, според изјаснувањето за национална припадност
- „Завод за статистика“ - Ученици во редовно средно образование според изјаснувањето за национална припадност, по пол
- „Пријатна фикција“ - Ситуација на човековите права на Ромите во Македонија - ; Серија државни извештаи, бр 7; јули 1998; стр. 74
- „Завод за статистика“ - дипломирани студенти, државјани на Република Македонија според изјаснувањето за национална припадност и странски државјани, 2002 година
- Интервју со градоначалникот на општината Шуто Оризари, Ердоан Исени
- „Пријатна фикција“ - Ситуација на човековите права на Ромите во Македонија - ; Серија државни извештаи, бр 7; јули 1998; стр 77
- Интервју за документарен филм „Ромски граѓански свет“ со Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ
- Интервју за документарен филм „Ромски граѓански свет“ со Сашо Клековски, извршен директор на МЦМС
- Интервју за документарен филм „Ромски граѓански свет“ со Мухамед Точи, „Месечина“ Гостивар
|