ЗНМ
„Овде сме, тепајте“ - протест на новинарите
Скопје – Денеска, помеѓу 12 и 13 часот, пред портите на Министерството за внатрешни работи се одржа протест организиран од Здружението на новинарите на Македонија. Неколку стотици претставници на медиумските куќи во земјава го искажаа својот револт поради односот на власта кон новинарите, што се огледа во четириесетте нерешени случаи на напади врз новинари. ЗНМ, како директен повод кој „ја прели чашата“ го посочи минатонеделното тепање на новинарот Зоран Божиновски на Кумановското радио „Тумба“. 30.09.2002
„Им благодариме на МВР од Куманово за ефикасното реагирање и приведувањето на еден од тепачите на колегата Божиновски,“ се вели во соопштението на ЗНМ. „Меѓутоа, бројните вандали сеуште се на слобода. Нашиот протест ќе биде континуиран до моментот на разоткривање на сите случаи на насилство врз новинарите.“ Бидејќи „молкот е целта на оние кои ги тепаат новинарите,“ организаторите на протестот ги повикаа своите колеги наместо молк, громогласно да го изразат својот револт.
По повод протестот, учесниците носеа пригодни маички, капчиња и свирчиња во тегет боја која асоцираше на боите на полициските униформи. На маичките од предната страна пишуваше „Јас сум новинар“, а од задната беа нацртани траги од шепи од лав и мотото на протестот „Овде сме, тепајте!“.
Во текот на протестот, учесниците бараа министерот Љубе Бошковски да даде објаснение за неразјаснетите случаи. МВР понуди шестчлена делегација да влезе во министерството на средба, но насобраните новинари ја одбија понудата и уште погласно (свирејќи и извикувајќи „Нема да го тепаме“) го побараа присуството на Бошковски.
По извесно чекање новинарите решија да си тргнат по работа и се упатија надолу по улицата кон центарот на градот. Во тој момент се појави потпаролот на МВР, а по него и министерот. Тие безуспешно се обидоа да ја запрат масата која заминуваше.
Бошковски пред неколкуте преостанати претставници на печатот изјави дека го поддржува протестот и споменувајќи дека колегите како да го забораваат случајот со монтажерот на МТВ, рече дека „апсолутно го осудува тепањето на новинарот од Куманово“, чиј сторител е притворен. Тој исто така се заблагодари на поддршката од новинарите во текот на „татковинската војна“ и изјави дека како иден пратеник ќе се залага за подобрување на законската заштита на новинарите. Тој изјави дека сите 40 случаи во времето на неговото министерување биле процесирани (дури и оној од Леуново) и предадени на независното судство, за разлика од оние од времето на СДСМ кога дури и убиства останале нерасчистени.
На новинарското прашање зошто министерството молчело два дена во врска со идентитетот на напаѓачот, министерот изјави дека тоа било во интерес на истрагата, дека осомничениот бил навистина припадник на резервниот состав на полицијата, но не и на единицата за брзи интервенции „Лавови“. Според Бошковски, целта било да се проверат сите податоци. Тој забележа бидејќи, за разлика од поранешните членови на АНА и ОНА, кои станале „симпатични“, „лавовите“ се дочекувани на нож од јавноста.
Во соопштението издадено по протестот, Здружението на новинарите на Македонија, изјавата на Бошковски ја оквалификува како „ирелевантна и целосно безначајна“, бидејќи била дадена во отсуство на сите учесници на протестот, што според нив, било поради немање храброст. „Со ова сакаме јасно да ставиме на знаење дека помина времето кога некој новинарите ги повикуваше во канцеларии и ги злоупотребуваше за дневно-политички цели,“ завршува изјавата на ЗНМ.
|