Бизнис и бајки
Малку е веројатно светските лидери на денешницата да се согласат дека Протоколот од Кјото е добар
Во бајките лесно е да се направи разлика помеѓу доброто и злото. Во реалноста е поинаку. Она што за некого е во ред, за друг не е, па така најчесто, компромисот е единствениот избор. Луѓето самите треба да решат што е во ред, а што не е и да изберат по кој пат ќе тргнат. Протоколот од Кјото од Конвенцијата за климатски промени при Обединетите нации е цврст доказ за тоа.
Несогласувањата околу Кјото не треба да ја спречат итната акција против климатските промени
Активисти, научници и изготвувачи на политики од целиот свет, заедно со владите на Европа, Јапонија и останати земји потписнички го прославија 16 февруари кога во сила стапи Протоколот од Кјото како главно достигнување на заедничката добра волја за заштита на светската клима. Протоколот од Кјото е добар за бизнис. Тој застапува еден нов глобален пазар на кредити од емисија на јаглерод-диоксид и ги изложува најновите технологии. “Потребен е закон за основање пазар, за потоа пазарот да донесе ефикасност”, коментираше Џонатан Леш, претседател на Светскиот институт за ресурси. Европскиот трговски систем на јаглерод-диоксид, регулиран од страна на Кјото, би можел да послужи како модел за светскиот, рече Леш.
Светската здравствена организација го поздрави стапувањето во сила на Протоколот од Кјото како еден вид златна можност за заштита на човековото здравје. Роберто Бертолини, директор на Специјалната програма за здравство и животна средина при Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа, го нарече Протоколот од Кјото “можност за директни здравствени придобивки за денешните луѓе преку намалување други опасности по животната средина, како што е на пример загадувањето на воздухот.
Но, здравиците со шампањско во Кјото не беа избрзан заклучок. Пред договорот да ја добие клучната ратификација од Русија, беше фрлена сенка сомнеж во поглед на самиот ефект кој ќе го има Протоколот врз глобалната клима - а не само врз Соединетите Американски Држави и Австралија, кои се жалеа дека тој би им наштетил на нивните економии, додека за земјите во развој ќе претставува придобивка. Критички се огласи и еколошката заедница, од каде загрижени научници и организации велат дека она што го нуди Протоколот од Кјото е премалку и предоцна. Рајендра Пачаури, претседавач на Меѓувладината панел-дискусија за климатски промени (ИПЦЦ) рече на големата меѓународна конференција во февруари дека тој лично верува оти светот “веќе го дистигнал нивото на опасна концентрација на јаглерод-диоксид во атмосферата”. Весникот Индипендент го цитираше Пачури кој вели дека широко распространетата загрозеност на коралните гребени и брзото топење на арктичкиот мраз го довеле до заклучокот дека опасната точка утврдена од ИПЦЦ којашто треба да се одбегнува, веќе е достигната.
Алексиос Антипас, аналитичар на политиката за животна средина при Универзитетот на Централна Европа од Будимпешта, гледа многу недостатоци на Протоколот: “Кјото ја заклучува (запира) моменталната дистрибуција на моќ и богатство, па поради тоа има мали шанси да ја добие поддршката од глобалниот Југ кој се стреми кон економски напредок”. Во март, Европскиот совет има намера да ја утврди преговарачката позиција на Унијата за климатскиот режим по 2012 година. Повеќето земји-членки на ЕУ сакаат да отворат меѓународни преговори за иднината на Протоколот од Кјото, со тоа што однапред ќе ги предложат квантитативните граници за емисија на штетни гасови по 2012 година, вели новинската служба на Енвироментал дејли (Environmental Daily).
Протоколот од Кјото е секако поволен за Централна и Источна Европа. Повеќето земји од овој регион се соочуват со емисија на штетни гасови под квотите од протоколот, кои се базираат на индустриските нивоа од 1990 г. Во моментот, регионот има нето-вишок емисиски кредити, кои ќе му дозволат да привлече готовина додека ја проширува својата индустриска база. Доколку се базира на обновливи извори на енергија и нови, чисти технологии, ова проширување би можело да го направи регионот светски лидер во ублажување на климатските промени.
Промените во Централна и Источна Европа се лекција за она што може да се стори во поглед на контрола и превенција на загадувањето, рече Леш. “Се надеваме дека резултатот не е следење на целата историја на контролата на загадувањето во САД или во Германија, туку директен чекор кон крајно ефикасни, високотехнолошки средства за производство”, беше неговиот коментар.
Се чини дека новите технологии ќе бидат компромис помеѓу оние кои го фаворизираат и оние кои го критикуваат Протоколот од Кјото. На 24 февруари, претседателот на САД, Џорџ В. Буш, и германскиот канцелар Герхард Шредер, се согласија заеднички да развијат и да употребуваат почисти и поефикасни технологи за поддршка на одржливиот развој и намалување на емисијата на штетни гасови. Малку е веројатно светските лидери на денешницата да се согласат дека Протоколот од Кјото е добар. Многу поважно е тоа што тие се согласуваат дека климатските промени се лоши и дека мора одлучно да се дејствува за да се запрат и свртат тие во обратна насока. Бидејќи, за разлика од бајките, реалниот живот нема секогаш среќен крај.
Павел Антонов
|