Јавното застапување - акција на граѓански организации насочена кон промени
Тања Хафнер
Лобирање и застапување како успешен инструмент за работа на граѓански организации: студија на случај на Амнести интернационал
Лобирање и застапување се често употребувани термини за да го означат феноменот кој во поширока смисла може да се дефинира како активност што донесува општествени промени. Литературата за граѓанско општество и активистите често дискутираат за разликите и сличностите помеѓу двете. Меѓутоа, тие ретко успеваат да покажат како лобирањето и застапувањето конкретно и ефективно се употребуваат од страна на граѓанските организации (ГО) за да донесат позитивни и трајни промени во општеството.
Според тоа, овој текст ќе понуди објаснување за застапувањето и лобирањето како инструменти што можат да бидат успешно употребени од ГО за да донесат институционални и правни промени на глобално и локално ниво. Најважни внатрешни фактори што го детерминираат успехот на ГО се нивниот имиџ, кредибилитет и способност да мобилизираат поддршка на локално ниво, како и да склопуваат меѓународни коалиции. Надворешните фактори што најмногу влијаат на успехот се функционирањето на демократијата и нивото на развој на конкретниот граѓански сектор.
Во првата глава е даден теоретски преглед на дефинициите и актуелните дилеми во однос на двете појави. Во втората глава е презентирана студија на случај на Амнести интернационал (Амнестѕ Интернатионал) како најголема светска организација за човекови права и начинот на кој таа ги употребува техниките застапување и лобирање како детерминирачки фактор за нејзиниот успех. Конечно, текстот завршува со заклучоци за работата со застапување и лобирање на ГО на глобално и локално ниво.
1. Лобирање, застапување и граѓанските организации
1.1. Теоретски преглед Во секојдневната употреба лобирањето и застапувањето обично се заменуваат без да се прави разлика во нивното значење и целта која ја содржат. Иако постојат бројни, понекогаш контрадикторни и исклучиви дефиниции, двете означуваат активност што резултира со општествени промени. Како такви, тие делат некои основни елементи или заеднички именители. Прво, лобирањето или застапувањето е активност, инструмент, стратегија, процес, поддршка, влијание, обид итн. и второ, секогаш е насочено кон промени во дадена ситуација, донесување одлуки, легислатива, односи итн.
Практичари на лобирање и застапување често работат со истиот сет на инструменти што се состои од:
- истражување и документација; - политичко лобирање; - медиумска и јавна свест за одредено прашање; - вмрежување и градење сојузи; - мобилизација.
Фазата на истражување и документирање од циклусот на застапување и лобирање се состои од идентификување на прашањето и разбирање на проблемот за кој се лобира. Наредните фази што водат до градење поддршка преку вмрежување, градење сојузи и подигање на свеста и конечно, конкретни промени, неопходно и незаменливо мора да вклучат и разбирање на климата за застапување, добро планирање и имплементација, како и постојано набљудување, оценување и врз основа на тоа модифицирање на излезните резултати и влијанието. Во циклусот на застапување и лобирање, посебно во случај кога претставуваат едни од главните техники што се употребуваат во работата на една организација, посебна важност имаат постојано набљудување, комуникацијата и доставувањето записници до релевантните актери и притискање кон поставените цели. Понатаму, временската рамка, конзистентноста и легитимноста на организацијата за да лобира и застапува дадено прашање имаат директно влијание врз нивниот успех.
Најзастапено е дефинирањето на лобирањето како потесно, а застапувањето како пошироко разбирање на истиот феномен. Понатаму, тие се разликуваат по актерите и целите на кои се насочени нивните активности. Додека целта и нивото на дејствување на лобирањето и застапувањето може да бидат насочени кон политиката на работа и практичната имплементација (т.е. институционално ниво), како и кон начинот на однесување, вештините, знаењето и ставовите (т.е. индивидуално ниво), сепак во лобирањето најмногу се работи во првото ниво, додека застапувачка активност е повеќе вообичаена за второто ниво на активност. Што се однесува до разликите на агентите што ги користат лобирањто и застапувањето, доминантна карактеристика на првиот инструмент е употребата од страна на кадар специјализиран за вршење притисок на институции и авторитети или механизми за донесување одлуки во организации како владата, меѓународни владини организации или бизниси. Застапувањето, од друга страна, во многу случи на Амнести интернационал се смета за каков било обид од страна на социјални, политички, економски или други групи што вршат притисок, а со цел да донесат позитивни промени за себе и за општеството. Таков притисок може да биде извршен со едно обично писмо, состанок или размена на информации што се насочени кон промена на курсот на дејствување или на структурата.
На пример, во федералната легислатива на САД лобирањето е дефинирано како “обид да се изврши влијание на легислативата, дали директно или индиректно, што е експлицитно дефинирано со закон”1. Од друга страна, БОНД, водечката британска граѓанска коалиција за застапување и лобирање, дава дефиниција за застапувањето како “процес на стратешка употреба на информации за промена на “политиките” (полицѕ)2 што имаат влијание на животот на обесправените лица”.3 Во студијата Зголемување на нивото на застапнички вештини и искуства во Југоисточна Европа спроведени од страна на експертски тим со поддршка од Фондацијата Чарлс Стјуарт Мот, застапувањето е дефинирано дури пошироко како “сите форми на обиди на ГО да се влијае на општествените ‘политики’ и процеси, посебно сите форми на јавно учество и репрезентација (од размена на информации и консултации, до заедничко планирање и граѓанска контрола)”4.
За да се разбере суштината на застапувањето и лобирањето, релевантно е да се направи разлика помеѓу “политики” и политика. Политиката е примарно поврзана со прагматизмот, политичките партии, политичкото договарање и спонзорство. Иако овие се негативни термини, тие означуваат област од животот што на многу длабок начин ги детерминира животите на луѓето преку склопување односи во власта и на стратегии за развој на земјата или на дадено општество. Оваа сфера е отворена за влијание од различни притисоци и интереси, како групни, така и индивидуални. Меѓутоа, според анализите дадени во овој текст, застапувањето и лобирањето се однесуваат на влијанието во промените на “политики” и фундаменталните практики и ставови. Овде “политики” разбрана како стратегија, планираната активност и одговорност, е сферата во која лобирањето и застапувањето на ГО е најчесто примарно фокусирана.
1.2. Лобирање и застапување во ГО Лобирањето и застапувањето претставуваат и инструменти и стратегии на работа на ГО. ГО користат два генерални пристапи во нивната работа, што можат да бидат поделени во пристап за заштита на правата (ригхтс-басед) и развоен (девелопмент) пристап. ГО што се специјализирани во употреба на застапување и лобирање како главна стратегија и инструмент на нивната работа спаѓаат во рамките на првата група на овие организации. Таквите организации како Хјуман рајтс воч (Хуман Ригхтс Њатцх) и Амнести интернационал (Амнестѕ Интернатионал) генерално се нарекуваат надзорни (њатцхдог) организации. Хуманитарните организации и организациите за хитни потреби, како што се Црвениот крст и Црвената полумесечина имаат прифатено развоен пристап во нивната работа. Сепак, со тоа што оваа дистинкција е корисна во теоретска смисла, повеќето организации ги комбинираат двете. Таков е случајот со, на пример, данската развојна граѓанска организација Данчрч Амнести интернационал (ДанЦхурцх Амнестѕ Интернатионалд), што го дефинира пристапот за заштита на правата како “оспособување на луѓето да ги бараат своите права, наместо да бидат пасивни приматели на помош. Фокусот е насочен на учеството и правата да се бара одговорност од владата и другите релевантни актери за исполнувањето на нивните обврски во однос на човековите права”5.
Понатаму, ГО на различни начини работат на менување на “политиките” или на одредено прашање. Аболициски пристап прави обид да влијае на глобалните процеси, структури и идеологии и според тоа потребна му е огромна локална поддршка и има веројатност да биде конфронтирачки и јавно критичен во однос на доминантните идеологии. Реформаторскиот пристап се обидува да влијае на специфичните “политики”, програми или проекти преку конструктивен дијалог со целите зад затворени врати.6
Конечно, нивото на развој на лобирањето и застапувањето во општеството е рефлексија на капацитетот на владата да одговори на барањата на граѓаните и јавноста. Во авторитарните режими би можело да биде практично невозможно да се бара одговорност од владата затоа што нејзината власт не се потпира на одговорноста пред граѓаните и може да спречи каква било јавна кампања против злоупотреба на човековите права, како што е случај со демократските режими. Сепак, меѓународниот притисок од страна на индивидуалните лица, групи и странски влади може да помогне да дојде до ангажирање на домашните ГО во активности со застапување и лобирање. Според тоа, балансот во корист на присуството на надзорни организации во однос на развојните организации во една земја, често е употребуван како фактор за мерење на развиеноста на демократијата којашто функционира солидно.
2. Случајот на Амнести интернационал
2.1. Од апел на една личност, до глобално движење Почетоците на Амнести интернационал датираат од мај 1961 г., кога британскиот адвокат Петар Бенесон го објави прилогот “Заборавените затвореници” во весникот Обзервер како реакција на затворањето на двајца португалски студенти кои наздравиле со чашите вино во чест на слободата. Апелот бил препечатен во други весници низ светот и покренал голема реакција од јавноста. Во истата година, ова се претвори во постојано меѓународно движење во одбрана на слободата на мислење и религија. Првиот меѓународен состанок со делегати од Белгија, од Британија, од Франција, од Германија, од Ирска, од Швајцарија и од САД се случи во јули 1961 г.7
Првото седиште на движењето беше отворено во визбата на правната канцеларија на Бенесон во Лондон и започна со светска кампања на “Мрежи на три” каде секоја група на Амнести интернационал прифати три затвореници од различни географски и политички области, па така демонстрираше непристрасност во работата на групата. Федералниот тип на структурата на движењето со национални секции, Извршен комитет избиран од базата и Советодавни состаноци на националните претставници, на секои две години, беа создадени со цел да се обезбеди локален инпут во организацијата.8
Движењето прерасна од 70 локални групи во седум земји, во 1962 г., на 1.592 локални групи во 33 земји во 1975 г., па на повеќе од 7.500 во 100 земји и територии денес. Постојат 56 формално основани национални секции. Околу половина од нив, како и финансиски најсилните секции, се во земјите на ОЕЦД. Глобалниот буџет за сите операции на Амнести интернационал беше околу 100$ до 120 милиони американски долари. Меѓународниот секретаријат со 350 вработени и 100 волонтери, во 1999/2000 година имаше годишен буџет од 26 милиони американски долари. Во текот на 40 години, Амнести интернационал има работено со повеќе од 47.000 случаи на индивидуални затвореници поради своите политички или религиозни ставови. Најмалку единаесет од најистакнатите затвореници на Амнести интернационал станале водачи на држави или влади откога биле ослободени.9
Визијата на Амнести интернационал е свет во кој секој човек ќе ги ужива сите човекови права вклучени во Универзалната Декларација на човековите права и другите меѓународни стандарди во однос на човековите права. Мисијата на Амнести интернационал е да преземе истражувања и активности фокусирани на спречување и ставање крај на грубите злоупотреби на правата на физички и ментален интегритет, слобода на изразување и мислење и слобода од дискриминација, во рамките на контекстот на нејзината работа за промовирање на човековите права. Централните вредности за кои се залага организацијата се: “глобална заедница на бранители на човековите права со принципите на меѓународна солидарност, ефективна акција за индивидуалната жртва, глобално присуство, универзалност и неделливост на човековите права, непристрасност и независност и демократија и меѓусебна почит”10.
Главните методи на работа на Амнести интернационал вклучуваат разоткривање на злоупоребите на човековите права, точно, брзо и истрајно. Таа систематски и непристрасно ги истражува фактите на индивидуалните случаи на Амнести интернационал и видови злоупотреба на човековите права. Овие заклучоци се презентираат јавно и членовите, поддржувачите и вработените ја покреваат јавноста да изврши притисок на владата и другите актери за да ги спречи злоупотребите. Покрај работата со специфични злоупотреби на човековите права, Амнести интернационал ги поттикнува сите влади да го почитуват владеењето на правото и да ги ратификуваат и имплементираат стандардите на човековите права. Амнести интернационал спроведува широк дијапазон едукативни активности за човековите права и ги охрабрува меѓувладините организации, индивидуалните лица и сите општествени органи да ги поддржуваат и почитуваат човековите права.11
Мандатот на Амнести интернационал претрпе значителни промени со текот на годините, најзабележително е проширувањето на мандатот од граѓански и политички (т.е. прва генерација) човекови права, на вклучување и застапување социјални и економски (т.е. втора и трета генерација) човекови права. До ова доаѓа како резултат од промените во глобалната политика со завршувањето на студената војна и со “успехот на другите глобални организации за човекови права, како што Хјуман рајтс воч (1), промените во интересите на членството (2), и постојаното стекнување знаење за развој на подобри стратегии за промоција на норми (3)”12. Мандатот се промени уште порано, во текот на седумдесеттите и осумдесеттите кога се вклучија недржавни актери како потенцијални нарушувачи на човековите права, како и широк дијапазон на нетрадиционални жртви на насилство. До 2001 г. мандатот подразбираше: барање да се ослободат сите затвореници поради своите политички или религиозни ставови, под услов да не користеле насилство или поттикнувале насилство; барање фер и брзи судски процеси за сите политички затвореници; кампања за укинување на смртната казна, измачувањето и други форми на насилен, нехуман и деградирачки третман или казнување; и, да се стави крај на убиствата и “исчезнувањата” во текот на судските процеси. Меѓутоа, најголемата дебата во врска со мандатот за да се отфрлат рестрикциите ставени на мандатот на Амнести интернационал за практично да се прифати Декларацијата за човекови права на Обединетите нации, која всушност ги постави темелите на работа на Амнести интернационал, резултира со компромис што доведе до бришење на прецизната листа на области опфатени со мандатот. Наместо тоа, новиот мандат на организацијата сега е поширок, како истражување и активност, фокусиран на спречување и ставање крај на грубото кршење на физичкиот и ментален интегритет, слободата на мислење и изразување и дискриманицијата, во рамките на сферата на дејствување за промоција на човековите права.13
2.2. Работата (трацк рецорд) на Амнести интернационал со лобирање и застапување Мандатот на Амнести интернационал, вредностите и централните методи на работа се концентрирани околу основните принципи, како што се хуманост и солидарност, волонтерство и активизам со едноставна порака за надеж симболизирана во нејзиното лого – запалена свеќа со боцкава жица. Овие основни принципи и пораки, со текот на годините биле развиени во успешен транснационален механизам за вршење притисок од страна на обичните индивидуални лица–активисти. Писмата, петициите и демонстрациите како основни инструменти за работа на Амнести интернационал се покажаа дека може да ги привлечат обичните луѓе да дадат поддршка на 350-те професионални работници за човекови права во штабот на организацијата во 1999/2000 г.14 и националните секции во северната хемисфера, што понекогаш го надминуваат годишниот буџет на централата.15
Кампањите на Амнести интернационал вклучуваат методи на застапување и лобирање затоа што пред с$ се потпираат на пристапот за заштита на правата во нивната работа. Техниките на лобирање се концентрираат на практицирање на лобирање кај домашната влада. Наместо работење на конкретни случаи, Амнести интернационал во нивните земји (т.е. правилото за работа надвор од сопствената земја), националните секции и групи лобираат кај нивните влади да обезбедат заштита и промоција на човековите права како главна компонента на владините меѓународни односи, освен тоа и да ги имплементираат меѓународните норми за човекови права, што се содржани во меѓународните спогодби, во домашното законодавство и практика. Домашните влади добиваат извештај на Амнести интернационал или се одржуваат состаноци со нивни претставници (т.е. Министерството за надворешни работи) и/или законодавната гранка (т.е. Парламентот) за да се осигура дека се обезбедени целосни информации пред билатералните и мултилатералните состаноци, како што се годишните сесии на Генералното собрание на ОН, Комисијата за човекови права, министерските состаноци на ОБСЕ и се повикуваат да ги покренат прашањата за човекови права. Директното лобирање исто така вклучува директно вршење притисок врз претставниците на странските влади во сопствените земји од страна на националните секции преку свикување состаноци, информирање или дури јавни протести пред нивните амбасади за да се бара одговорност за нивниот третман на човековите права. Преку склопување или приклучување во глобални коалиции како што е со основањето на Меѓународниот криминален суд, Амнести интернационал лобира кај државните и меѓународните владини организации. Амнести интернационал има статус на набљудувач во Обединетите нации.
Многу често, Амнести интернационал има потреба од употреба на дополнителни застапнички техники за да ги натера владите да преземат нешто во врска со одредени прашања или случаи во врска со човековите права. Поради тоа, организацијата ги комбинира своите директни, внатрешни лобирачки потенцијали преку професионалниот работен кадар за лобирање со надворешните притисоци преку членството и притисокот од широката јавност што се стимулира со медиумите. Таквите техники за застапување обично зависат од утврдената кампањска стратегија што може да биде различна, почнувајќи со пишување писма, петиции, демонстрации, изложби, видео и аудиоматеријали, брифинзи и медиумски конференции, поддршка од славни личности и други јавни настани. На пример, активностите за лобирање и застапување за укинување на смртната казна во домашното законодавство ќе бидат насочени кон уставниот суд и парламентот затоа што се двете најважни структури што имаат моќ да ја укинат смртната казна во земјата. За да се натера судот и мнозинството во парламентот да даде поддршка за ова прашање, организацијата ќе треба да пронајде убедлив аргумент, како и да идентификува можна опозиција. Понатаму, временска рамка и истовременото собирање поддршка од членовите на Амнести интернационал дома и во странство, како и од пошироката јавност, е од суштинско значење за успешно завршување на лобирачката активност.16
Основните принципи на работа и пораката што Амнести интернационал успеа да ја пренесе насекаде по светот направи во своето четириесетгодишно постоење од кампања за затвореници да стане најголемо глобално движење за човекови права во историјата. Кои беа главните елементи на овој успех?
Успехот на Амнести интернационал може најмногу да се припише на развојот на “деталните правила во рамките на тесниот мандат, што & овозможи на организацијата ефикасно да ги употребува ограничените ресурси”17 и стекнувањето меѓународна легитимност и признание. Исто така, беше успешна во адаптирањето на нејзиниот мандат на променетата глобална политичка средина и “според тоа и овозможи на организацијата да остане во центарот на глобалниот дискурс за човековите права без да ја загрози својата конкретна мисија”.18
Второ, комбинацијата од транснационална локална база и професионален и специјализиран работен кадар што спроведува истражувања и дизајнира кампањи за затворениците овозможува мобилизација на луѓе и јавна поддршка за оваа цел. Понатаму, финансиската независност од државните актери и бизниси (што дојде во подоцнежните години од постоењето на организацијата) ја создава политичката непристрасност, објективност и легитимност на организацијата. Највисокото признание на овој потфат беше доделувањето на Нобеловата награда за мир во 1977 г. и наградата од Обединетите нации за “исклучителен придонес во областа на човековите права” во 1978 г., како двете најголеми светски награди за мир и човекови права. Во овие 40 години Амнести интернационал има работено со повеќе од 47.000 индивидуални случаи на затвореници поради лични политички или религиозни ставови и најмалку единаесет од најистакнатите затвореници на Амнести интернационал станаа лидери на држави и влади по нивното ослободување.19
Успехот на лобирањето и застапувањето на Амнести интернационал за затворениците и жртвите би требало да се смета како историски настан. Додека најважните норми за човековите права беа кодифицирани во Обединетите нации, поточно во Универзална декларазија за човекови права, кампањата на Амнести интернационал помогна за ефективна имплементација на истите, затоа што ОН не успеа да донесе целосни решенија што правно би ги обврзувале државите да ги заштитуваат човековите права.
Заклучоци
Успешната употреба на техниките за лобирање и застапување беше еден од најважните фактори за Амнести интернационал да прерасне во најголемата светска организација за човекови права денес. Една од научените лекции од работата со застапување и лобирање на Амнести интернационал што се однесува до работата на секторот на граѓанското општество е дека ГО може да имаат влијание за позитивни и трајни промени во општеството; меѓутоа ова е тешко да се измери.
Силна транснационална и локална поддршка е предуслов за успешна работа зашто демократска контрола може да има само во функционални демократии што исто така претставува предуслов за функционирање на надзорната улога на ГО. Иако Амнести интернационал беше успешна во вршење притисок врз авторитарните режими, ова беше можно само со меѓународен притисок од страна на владите и индивидуалните лица. Авторитарните владини системи немаат контролни и корективни механизми, така развојот и присуството на граѓански организации кои работат со застапување и лобирање е еден вид латмусов тест за функционирањето на демократијата во секоја земја. Понатаму, градењето транснационални коалиции околу едно прашање е од клучна важност за нејзиниот успех. Коалиции може да се градат само со организации што имаат силен легитимитет и репутација на непристрасност и објективност.
Лобирањето и застапувањето често се сфатени како подоцнежна фаза во граѓанските општества во развој, откога директна техничка и итна помош повеќе не е потребна. Лобирањето и застапувањето бара добро планирање, истражување и мониторинг зашто работи со проверка на функционалните демократски механизми и правила. Меѓутоа, во некои земји како Македонија каде материјалните ефекти од лобирањето и застапувањето тешко може да се видат и каде што поради негативниот имиџ што го има политиката и граѓанскиот сектор може да дојде до негативни чувства поради дадената поддршка на граѓанските организации да практицираат лобирање и застапување и да биде перципирана како “мешање во политиката”.
Конечно, иако лобирањето и застапувањето може да бидат техники кои бараат многу од граѓанските организации во смисла на време и професионално обучен работен кадар, тие понекогаш не помагаат во решавањето непосредни проблеми што бараат итна помош во земјите во кои состојбата со човековите права и развојот е најлоша. Во такви случаи, комбинирањето и зајакнувањето на двата пристапи со поддршка од силната база и транснационалните коалиции може да биде единствениот клуч за успех каков што Амнести интернационал имаше во првите 40 години од своето постоење.
__________________________________________
1 САД Збир на закони, «Внатрешен закон за приход 501(ц)(3)» (УС Цоде Цоллецтион, «Интернал Ревенуе Цоде») <хттп://њњњ.лањ.цорнелл.еду/усцоде/хтмл/усцоде26/усц_суп_01_26.хтмл>, (12 јануари, 2005).
2 Македонскиот правопис не прави разлика помеѓу полицѕ (анг.) и политицс (анг.). Двете се преведуват како политика. За потребата на овој прилог првиот термин е преведен како «политики», а вториот како политика.
3 БОНД, “Упатства серија 3” (БОНД, “Гуиданце Нотес Сериес 3”) <хттп://њњњ.бонд.орг.ук/адвоцацѕ/гуидњхатандњхѕ.хтмл>, (23 декември, 2004).
4 Фондација Чарлс Стјуарт Мот (2002).
5 ДЦА (2003) “Пристапот на ДЦА за заштита на правата (нацрт)” ( ДЦА, “ДЦА Ригхтс-Басед Аппроацх”), стр.1-3.
6 Едвардс, М. (1993) “Дали чергата пред вратата за бришење обувки влијае на обувките?” Критични размислувања за британските ГО и меѓународното застапување. Развој во пракса. Том.3, стр. 163-175 (Едњардс, М. (1993) “Доес тхе доормат инфлуенце тхе боот?”: Цритицал тхоугхтс он УК НГОс анд интернатионал адвоцацѕ. Девелопмент ин Працтице, Вол.3, пп.163-175).
7 Амнестѕ Интернатионал (2004) “Првите 40 години на АИ”, (Аместѕ Интернатионал, (2004), “Фирст 40 ѕеарс”) <хттп://њеб.амнестѕ.орг/пагес/абоутаи-тимелине-енг> (13јануари, 2005).
8 Амнестѕ Интернатионал (1992) “Прирачник на АИ” стр. 113-120 (Амнестѕ Интернатионал (1992), “ АИ Хандбоок).
9 Ханс Петер Шмитц (2002) “Од лобирање до симулирање: Еволуцијата на светските активности за човековите права од 1940”. Студијата беше подготвена за Состанокот на здруженијата на интернационалните студии 2002, Њу Орлеанс, март 22-27, прв нацрт, (Ханс Петер Схмитз (2002) “Фром Лоббѕинг то Схаминг: Тхе Еволутион оф Глобал Хуман Ригхтс Ацтивисм синце тхе 1940с”. Папер препаред фор тхе Интернатионал Студиес Ассоциатион Меетинг 2002, Нењ Орлеанс, Марцх 22-27, фирст драфт), <хттп://њњњ.исанет.орг/ноарцхиве/сцхмитз.хтмл> (10 јан., 2005).
10 Амнестѕ Интернатионал (2004) “Статус на Амнести интернационал”, (Амнестѕ Интернатионал, “ АИ Статус), <хттп://њеб.амнестѕ.орг/пагес/абоутаи-статуте-енг> (13 јануари, 2005).
11 Ибид.
12 Ибид.
13 Статус на Амнести интернационал.
14 Шмитц, 2002.
15 Меѓународниот секретаријат со 350 вработени и 100 волонтери во 1999/2000 г. имаше годишен буџет од 26 мил. амер. долари. Само Американскиот оддел на Амнести интернационал независно имаше приход од 33.5 мил. амер. долари во 1998 г. (Шмитц, 2002)
16 Амнести интернационал (1997) “Прирачник за кампањи”, стр. 259. (Амнестѕ Интернатионал (1997), “ Цампаигнигн Мануал, п. 259).
17Шмитц, 2002.
8 Ибид.
19 Шмитц, 2002
|