МЦМС ги додели наградите за граѓанско општество и демократија и за одржлив развој
ОД НАС ЗАВИСИ
На 9 јуни оваа година Македонскиот центар за меѓународна соработка по петти пат ги додели Наградата за граѓанско општество и демократија и Наградата за одржлив развој “Херт Јан ван Апелдорн”. На свеченоста, во хотелот “Александар палас”, во Скопје бројот на лауреати од минатите години се зголеми за осум.
“Постојат две причини поради кои МЦМС реши да ги воспостави и да ги доделува овие две награди”, рече во своето обраќање Сашо Клековски, извршен директор на МЦМС. “Ни требаше долго време за да сфатиме дека работите зависат од нас и дека ‘нас’ започнува со јас. Втората причина е нашиот однос кон добрите и лошите работи. Иако овие вториве постојат, тоа не треба да не оневозможи да ги видиме добрите и да ги истакнеме повеќе”, додаде Клековски.
Наградата за граѓанско општество и демократија МЦМС им ја додели на: Еколошкото друштво Вила зора од Велес, за долгогодишни постигнувања; Организацијата на жените на Свети Николе и Универзитетот на Југоисточна Европа за постигнувања во претходната година и Македонското здружение за борба против ракот и леукемијата кај децата “Пеперутка” за јавност и информирање.
Наградата за одржлив развој “Херт Јан ван Апелдорн” МЦМС им ја додели на: Хуманитарната организација Ел хилал и Сојузот на организациите на жените на Македонија, за долгогодишни постигнувања; Фондацијата за развој на малите и средните претпријатија од Битола и Миле Стојкоски, за достигнувања во претходната година.
Награда за граѓанско општество и демократија за долгогодишен придонес
Еколошкото друштво Вила зора од Велес ја доби наградата за јакнењето на учеството на луѓето во одлуките, кои се однесуваат на нив.
Вила зора иницира и спроведе голем број трибини, јавни настапи, лобирања, митинзи, демонастрации насочени кон заштита и унапредување на животната средина и природата во општина Велес. На тој начин Вила зора ги вклучи граѓаните и јавното мислење во процесот на одлучувањето за нивната иднина.
“Оваа награда не е само награда за членовите на Вила зора”, рече во своето обраќање д-р Ненад Коциќ, претседател на “Вила зора”, “ние оваа награда им ја посветуваме на нашите граѓани кои низ овие години ја поддржуваа работата на нашето друштво. Ова е награда за стотиците велешани кои во 2003 година ја блокираа работата на најголемиот загадувач во градот, за новинарите на локалните и на националните медиумите, кои секогаш ги пренесувале нашите иницијативи и активности. Сакам да ја искажам мојата почит и благодарност кон членовите на друштвото, за нивната љубов и за тоа што во работата на друштвото дале и дел од својата душа, и посветувајќи многу часови работа, делејќи ја радоста и тагата, тие ја заслужија оваа награда”, додаде Коциќ.
Награда за одржлив развој Херт Јан ван Апелдорн за долгогодишен придонес
Сојузот на организациите на жените на Македонија ја доби наградата за унапредувањето на развојот на луѓето, со локални и национални иницијативи во секторите како што се образованието, здравството и социјалната грижа, и за промоција на правото на еднаква можност и пристап.
Главните постигнувања на СОЖМ се на полето на учеството на жените во политичкиот и јавниот живот, преку предлозите и лобирањата за воведување квоти за поголема застапеност на жените на кандидатските листи за локалните и парламентарните избори (внесени како членови во законите за локални и парламентарни избори), лобирањето и застапувањето за јакнење на институционалните механизми за родова еднаквост (на национално и на локално ниво); лобирањето и измените и дополнувањата во Законот за семејство (дополнување во однос на семејното насилство).
“Оваа престижна награда ја добивме затоа што оние што н$ предложија веруваа во нас, оние што н$ избираа веруваа во нас и во резултатите што ги постигнуваме и затоа што и ние веруваме во нас”, рече Савка Тодоровска, претседателка на СОЖМ, примајќи ја наградата. “Веруваме затоа што веќе 15 години знаеме како, знаеме зошто, имаме своја визија, имаме свои цели и знаеме дека нема да има прогрес и демократија ако не работиме заедно”, додаде таа.
Награда за граѓанско општество и демократија за постигнување во претходната година
Универзитетот на Југоисточна Европа ја доби оваа награда за промоција на мерки за изградба на доверба и почит.
Универзитетот на ЈИЕ е првиот универзитет којшто ја искористи можноста за употреба на јазиците на етничките заедници (албански јазик) и истовремено ја задржа довербата на неалбанските заедници (и на студентите и на наставниците). Показател на ова е процентот на неалбански студенти на Универзитетот што изнесува повеќе од 20%. УЈИЕ доследно го спроведува Болоњскиот документ.
“Токму на ова место пред четири години неговата екселенција Макс ван дер Штул собра голем број медиуми и луѓе од политичкиот и општествениот живот за да го објави основањето на Универзитетот,” рече во своето обраќање Џеваир Мемеди, генерален секретар на УЈИЕ. Заблагодарувајќи се од името на Ректоратот, Мемеди ја искажа својата убеденост дека “Универзитетот на ЈИЕ успешно се носи со задачата оваа држава да ја унапреди уште повеќе и да придонесе за успехот во нејзиното припојување кон ЕУ”.
Награда за граѓанско општество и демократија за јавност и информирање
Македонско здружение за борба против ракот и леукемијата кај децата “Пеперутка” ја доби наградата за градење врски, мрежи, размени и комуникација меѓу организациите во граѓанскиот сектор со државниот и со приватиот сектор. Организацијата во 2004 година имаше засилен јавен настап со којшто ги потенцира проблемите со недостатокот на цитостатите за децата болни од рак и леукемија. Јавниот настап предизвика државните институции да реагираат согласно нивните обврски и беа обезбедени лекови за болните деца. Се влијаеше на подигање на јавната свест. Добиена е поддршка и помош за заболните деца од рак и од сите печатени и електронски медиуми. Организирани беа телевизиски трибини со институции, како и пренесување на многу животни стории на болните деца. Беа реализирани над 50 настапи во електронските медиуми. Финансиска помош добиле над 40 деца. Онколошкиот оддел на детската клиника беше делумно реновиран.
“Имаме намера да се завртиме кон општеството и да му соопштиме дека ние сме тие што ги носат промените”, рече Наташа Котлар-Трајковска, претседателка на “Пеперутка”. “Ние навистина започнавме од себеси. Сакавме да покажеме колку можеме самите да придонесеме и да не чекаме некој друг да ни ја заврши работата за која самите сме способни. Ви благодарам и ве повикувам вашата огромна енергија да ја насочите кон сите нас, кон ова општество што сите го сакаме и кое се вика Македонија”, заврши Котлар-Трајковска.
Награда за одржлив развој Херт Јан ван Апелдорн за постигнувања во претходната година
Миле Стојкоски ја доби наградата за промоција и поддршка на правото на еднаква можност и пристап.
За време на Олимпијадата во Грција, Миле Стојкоски го помина патот од Прилеп до Атина во својата инвалидска количка долг 704 км. Миле Стојковски покажа дека лицата со хендикеп не заостануваат зад другите и можат да дадат блескави резултати.
“Она што ме поттикна да го направам овој чекор беше да докажам дека и ние сме дел од тоа општество и дека можеме и сакаме да учествуваме заедно со вас во градењето на нашата држава”, рече Миле Стојковски. “Довидување во Пекинг”, Стојковски ги поздрави присутните.
Награда за одржлив развој Херт Јан ван Апелдорн за постигнувања во претходната година
Фондацијата за развој на малите и средните претпријатија од Битола ја доби наградата за унапредување на економскиот и материјалниот развој.
Фондацијата за развој на малите и средните претпријатија иницира прекугранична соработка во регионот, Преспа-Охрид-Корча-Кожани што претставува активност којашто ги сумира сите активности од областа на: развој на секторот на малите бизниси, претприемништвото, заедничките вложувања, регионалниот развој, развојот на сите форми на туризмот и заштита на човековата околина.
“Кога започнавме да работиме, сфативме дека ако се затвориме во кругот на Битола, нема многу да направиме, затоа и ја започнавме регионалната соработка со Грција и со Албанија”, рече Драган Дамјановски, извршен директор на Фондацијата. “Им благодарам на сите коишто веруваа во регионалната соработка и на МЦМС кој имаше храброст да н$ награди за овие активности”, додаде Дамјановски.
Награда за одржлив развој Херт Јан ван Апелдорн за долгогодишен придонес
Хуманитарната организација Ел хилал ја доби наградата за промоција и поддршка на правото на поединците, групите и луѓето да учествуваат и да уживаат во континуиран економски, социјален, културен и политички развој во кој сите во потполност ќе ги остварат своите човекови права и фундаментални слободи.
Ел хилал веќе 14 години спроведува активности насочени кон јакнење на солидарноста на граѓаните. Во социјално-хумантарната сфера, Ел хилал беше активен во поддршка на бегалците и сиромашните граѓани на Македонија.
Ел хилал исто така ја поддржува едукацијата и образованието на децата од сиромашните слоеви, особено во руралните средини.
“Во моментов се раѓаат пријатни чувства што по толку години работа посветена на хуманоста и солидарноста со оваа престижна награда која го носи името на еден познат хуманист Јан ван Апелдорн, Ел хилал се искачи на пиедесталот на организациите во граѓанскиот сектор во Македонија, место што оваа организација го заслужува”, рече на доделувањето на наградата Бехиџудин Шехапи, претседател на Ел хилал.
|