НАСТАНИ
ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА
МЦМС
Дистрибуција на хуманитарна помош...
Македонскиот центар за меѓународна соработка подготвува хуманитарна помош за 800 раселени лица поради терористичките напади во Арачиново и околината, сместени во три јавни установи: „Ранка Милановиќ”, „Димитар Влахов” и „Партение Зографски” и во два ученички дома: „Здравко Цветковски” и „Томе Стефановски – Сениќ”. За раселените лица ќе се обезбеди храна за подготвување на топли оброци и хигиенски материјали за период од еден месец. Освен тоа, ќе се дистрибуира и постелнина и опрема како и опрема за социјализација за заедничките простории во установите и домовите. Вкупно, вредноста на оваа помош треба да изнесува околу два милиони денари. МЦМС обезбедуваше хуманитарна помош од почетокот на кризата во Македонија. Во текот на јуни, беа дистрибуирани пакети со храна и производи за хигиена како и ќебиња во општина Илинден за околу 70 времено раселени лица од регионот на Арачиново и околните села. Исто така, беше озвршена и еднократна дистрибуција на хигиенски и прехранбени продукти за 3.120 семејства во скопско, кумановски и тетовско, преку организациите „Ѓаконија”, „Ел Хилал”, „Месечина” и Сојузот на пензионерите на Македонија. Преку еколошкото друштво „Натира” е извршена дистрибуција на еднократна хуманитарна помош во липковскиот крај.
... И вода за Медицинскиот центар во Куманово
Со проектот за водоснабдување на Медицинскиот центар во Куманово, во тек се активностите кои МЦМС ги презеде за обезбедување алтернативно, долгорочно водоснабдување на овој здравствен објект. Со реализација на зафатот, медицинскиот центар во Куманово ќе добие постојано количество квалитетна вода, што е посебно важно за Центарот за дијализа, единствен од овој вид во источниот дел на Македонија. Предвидено е да се изгради експлоатациски бунар и пумпна станица, што ќе биде финансирано од МЦМС, заедно со сета потребна електромашинска и санитарна опрема. Медицинскиот центар ќе обезбеди приклучок за електрична енергија и водоводна мрежа во кругот. Овој зафат треба да биде реализран во текот на јули.
|