Историјат на МЦМС: Деценија посветена на развојот
Рехабилитација, интеграција, промоција на мир…
Во 1993 година, во екот на војната која ја распарчи некогашната СФР Југославија, Светскиот совет на црквите со своето екуменско присуство се обидуваше да ги намали последиците од братоубиствената војна на овие простори. Во системот на водечки агенции на ССЦ, Македонија беше под надлежност на Холандската меѓуцрковна помош, чија намера беше воспоставување на подолгорочно присуство во нашата држава со целите да помогне во сочувувањето на мирот и за развој на цивилното општество; и да им помогне на луѓето кои имаат потреба од помош.
Во септември 1993 година, ХМП отвори канцеларија во Скопје. Канцеларијата постоеше сe додека не беше формиран оперативниот партнер на ХМП во Македонија - Македонскиот центар за меѓународна соработка. Основачкото собрание на МЦМС се одржа во декември 2003 година.
Годинава, значи, за МЦМС претставува значаен јубилеј - 10 години растеж и развој за развојот на Македонија. По тој повод, во наредните четири изданија на „Граѓански свет“, на две страници ќе објавуваме текстови посветени на активностите и на развојот на МЦМС. Во овој број, ги претставуваме активностите кои МЦМС ги спроведе во периодот од 1993 до1997 година.
Македонскиот центар за меѓународна соработка стартува како заеднички потфат на Холандската меѓуцрковна помош и на локална иницијатива на група млади луѓе, кои имаа храброст, доблест и визија во хаосот на распадот на СФР Југославија да го препознаат патот. А патот водеше низ лавиринтот на настани: напорите да се излезе од распадот на мирен начин, да се формира младата македонска држава, да се развива демократијата и граѓанското општество во неа, да се сочува мирот.
Патот се покажа правилен и целта стануваше сe поочигледна: придонес кон одржливиот развој на Македонија, преку активности за промоција на мирот, поддршка на маргинализираните групи, локалниот развој, граѓанските здруженија, поттикнување на иницијативноста…
Но, почетоците, како и сите почетоци, не беа едноставни.
1994: Формулирање на целите
Официјално, МЦМС беше регистриран како домашна невладина организација во септември 1994 година. Дотогаш, како граѓанска иницијатива имаше реализирано повеќе значајни активности и ги формулираше своите цели. Главните цели на МЦМС беа: промоција на мирот; организирање на граѓанското општество, и помош на оние на кои имаат потреба за тоа. За спроведување на овие цели, МЦМС воспостави неколку програми.
Програмата за рурален развој беше насочена кон селата погодени од десетгодишната суша, во општините Прилеп, Титов Велес, Свети Николе, Штип, Радовиш и Струмица, а подоцна и планинските села во западниот дел од земјата, во општините Гостивар, Дебар, Кичево, Македонски Брод и Струга. Во рамките на оваа програма, беа спроведени проекти за основна помош (966 семејства од 133 села добија парична помош и средства за хигиена) и проекти за рехабилитација и развој (помош во земјоделски репроматеријали, подобрување на водоснабдувањето и поддршка на вработувањето). Многу семејства добија иницијална помош за закрепнување од последиците од сушата; се започнаа и изградија водоводи, три микроакумулации, се отворија 20 работни места во текстилната фабрика во прилепското село Славеј.
Нови работни места се обезбедија и преку Програмата за промоција на вработувањето, пред сe за ранливите групи - хендикепираните лица, самохраните мајки и други. Со оваа програма се отворија 130 нови работни места.
Преку Програмата за достоинство на хендикепираните и маргинализираните, се спроведоа проекти чија целна група беа Ромите и хендикепираните лица. Беа овозможени неколку иницијативи во институциите „Демир Капија“ (обновување на шивачката работилница), „Ранка Милановиќ“ (изработка на мебел), „Свети Наум Охридски“ (обновување на леглата) и „Бања Банско“ (употреба на термалната вода како алтернативен извор на енергија). За ромското население, се спроведоа проекти за едукација и помош во облека за децата.
Програмата за јакнење на цивилното општество, пак, поддржа активности на неколку хуманитарни и женски здруженија (СОС-телефонот на Организацијата на жените на Скопје, основање на ЕСЕ, помош на Хомос, Даја и Месечина). Во овој период, МЦМС и ХМП издадоа шест броја на билтенот „Дијалог Македонија“, кој од март 1994 година почна да излегува како „Македонски дијалог“ - „МЦМС билтен“. Беа издадени и други информативни публикации.
1995: Фокус на рехабилитацијата и на развојот
Во 1995 година, фокусот на МЦМС беше ставен на рехабилитацијата и развојот, а во помала мера на хуманитарните проекти како дотогаш. Всушност, во овој период се профилира развојниот карактер на МЦМС. Најголемиот број проекти беше насочен кон развојот на селата. Беа спроведени Програмата за водоснабдување (вкупно 56 проекти во 45 села од 10 општини, односно 23.857 жители) преку изградба и реконструкција на селски водоводи и Програмата за селски развојни иницијативи, која опфати проекти за санитација, водоснабдување, образование, комуникации, генерирање приходи и комуникации во пет општини. Повеќе села добија санитарна мрежа, поила, нагледни средства за училишта, радио-станици, производствени погони.
Програмата за поттикнување на вработувањето помогна не само за создавање нови работни места, туку и за обука на многу лица и за создавање економски врски и трговски контакти со компании од западна Европа.
|
ХЕРТ ЈАН ВАН АПЕЛДОРН Човекот кој несебично го пренесуваше знаењето
 Во текот на 1994 година, своите први чекори МЦМС ги правеше со непроценливата помош на еден голем човек - Холанѓанецот Херт Јан ван Апелдорн. Тој, како претставник на Холандската меѓуцрковна помош, несебично го пренесуваше своето знаење, умеење, вештини и контакти на младиот тим кој го формираше и профилираше МЦМС.
Без помошта на ХМП и особено без несебичното залагање на г. Апелдорн, МЦМС немаше да биде она што е денес. | Спроведени беа и осум проекти за достоинство на хендикепираните лица, насочени пред сe кон генерирањето приходи на институциите за згрижување на хендикепираните лица со кои МЦМС работеше претходната година. Во рамките на Програмата за јакнење на Ромите, опфатени се населби каде живеат вкупно 75% од ромското население во Македонија. Поддржани се проекти за подобрување на образованието на Ромите, а во општината Шуто Оризари во Скопје, отворен е НВО и центар за обука на Ромите.
Развојот, секако, не е можен без развој на граѓанското општество. Програмата за цивилно општество беше многу важна компонента на МЦМС и оваа година. Во нејзини рамки беа поддржани 39 проекти на граѓански здруженија. Оваа година МЦМС работеше на поттикнувањето на хуманитарна агенција на Македонската православна црква, како иницијатива зачната уште минатата година. Во 1995 година, Светиот синод на МПЦ донесе одлука да се основа црковната хуманитарна организација „Милосрдие“, а МЦМС помогна за нејзината операционализација.
Во овој период беше започната и една важна активност за застапување - со цел да се осовремени законската регулатива за работата на невладините организации, беше изработена студија за состојбата со законската регулатива во Македонија, споредена со законодавството на други држави. На оваа тема беше одржана и една јавна трибина. МЦМС формира и Центар за поддршка на НВО и спроведе обука за работа на компјутери и Интернет за активисти на граѓанските здруженија. Беше изготвена 4-годишна програма за развој на цивилното општество, која ја поддржа Министерството за надворешни работи на Холандија.
1996: Интеграција на етничко ниво, економски развој
Оваа година предизвик за МЦМС беше интеграцијата на различните етнички групи, намалувањето на продлабочената економска криза, одржувањето на нормалните услови за живот. Оваа година беше значајна и за сопствениот развој на МЦМС, кој се пресели во нови, сопствени простории, во кои работи до денес. Програмата за водоснабдување на селата продолжи да ја донесува животната течност поблиску до домовите. Беа изградени или реконструирани водоводи во 38 села со 25.883 жители во 15 општини низ целата држава. Беше спроведена и обука за организациска структура за изградба и одржување на водоводите, за нивна техничка изведба и одржување, како и за наоѓање извори за финансирање. Програмата за селските развојни иницијативи поддржа иницијативи во етнички мешани средини, како придонес за подобрување на меѓуетничките односи преку развојните иницијативи. Беа одобрени три заеми и беа отворени 11 работни места. Вработувањето беше цели на Програмата за поттикнување на вработувањето, преку која се започнаа четири нови проекти и се отворија уште 14 нови места, главно за жени.
И натаму, МЦМС ги спроведуваше програмите за достоинство на хендикепираните лица и за јакнење на Ромите, преку обуки, вработувања, поддршка на образованието, институционален развој на граѓанските здруженија. Беше поддржано одржувањето на првиот Семинар за Ромите во Македонија, чиј носител беше ромското здружение Месечина од Гостивар. Преку Програмата за цивилно општество, беа поддржани 21 проект, обучени 86 активисти на граѓанските здруженија. Во овој период, МЦМС го издаде првиот Адресар на НВО во Македонија и првиот НВО билтен, од кој во 2001 година израсна „Граѓански свет“. Извршени се подготовки за изготвување текст за Закон за здруженија на граѓани и е одржана трибина на оваа тема. Во струшкото село Калишта, МЦМС ја поддржа и ја финансира Конференцијата на верските заедници на тема: „Религиите и потрагата по мир“, со учество на повеќе од 40 претставници на различни верски заедници од Балканот, Европа и САД.
1997: Развој на локалните заедници
Фокусот на активности на МЦМС во 1997 година се насочи кон локалните заедници надвор од главниот град. Во услови на намалено присуство на странските донатори, МЦМС сепак успеа да одржи 70% од своите проектни активности. Невработеноста и затегнувањето на меѓуетничките односи беа најголемите закани со кои се соочи македонското општество во овој период, а кои МЦМС се обиде да ги намали преку своите програми. Беа остварени 65 проекти, а МЦМС во оваа година го комплетира и својот прв среднорочен, тригодишен план (1995-1997 година). Во овој период се случи еден тажен настан - смртта на г. Херт Јан ван Апелдорн, кој беше голем учител, а пред с$ пријател на МЦМС и на Македонија.
Развојот на селото продолжи со обнова на 15 селски водоводи во 16 села, со што беа опфатени 8.114 корисници, а со Програмата за селски иницијативи е одобрен еден нов и продолжи реализацијата на 11 проекти од минатата година. Во рамките на Програмата за поттикнување на вработувањето, одобрени беа четири кредити со кои се планираше отворање 20 работни места. МЦМС ја издаде публикацијата „Подобрете го вашиот бизнис“ наменета за поддршка на мали и средни бизнис-иницијативи.
Програмата за достоинство на хендикепираните поддржа пет проекти и 13 специјални основни училишта со 28 паралелки во 11 општини (вкупно 397 ученици со лесен и умерен ментален хендикеп). Поддржани се шест установи и издавање Прирачник за вработување на хендикепираните лица, изготвен од здружението Ергос. Програмата за јакнење на Ромите поддржуваше институционален развој, образование, вработување и ургентна помош за ромските граѓани.
Во текот на 1997 година, 26 граѓански здруженија користеа директна помош од МЦМС, преку Канцеларијата за поддршка на НВО, проекти, обука и информации.
Подготвила: Маријана Иванова |