|
ONLINE ВЕРЗИЈА |
|
ПЕЧАТЕНА ВЕРЗИЈА |
|
Иван Петрушевски
Што преземаат граѓанските организации за намалувањето на сиромаштијата
За поимот сиромаштија
Сиромаштијата била константно присутна во човековата историја, но нејзиното значење низ времето се менувало. Повеќето луѓе во традиционалното општество биле сиромашни и таа појава се гледала како природна и неизбежна за разлика од денес каде што позицијата на сиромашност е неприфатлива и е постојан предизвик за изнаоѓање начин за нејзино искоренување. Причини за ваквата промена на гледиштата има повеќе, но меѓу нив можеби најбитна е моралната според која “сите човечки суштества се еднакви и треба да бидат овластени не само со политичките и со граѓанските права, туку и со социјалните права и потреби како што се храна, засолниште, образование и лична безбедност”. Сиромаштијата се разбира како состојба кога основните потреби се поголеми од можностите за нивно задоволување. Не постои една генерално прифатена дефиниција за неа. За некои сиромаштијата е субјективен и компаративен поим, а за други тоа е само морален и еволутивен поим. Една од најинтересните дефинирања на сиромаштијата е од аспект на на човековите права, а наедно и најкомплицирана, бидејќи не претставува збир на статистички податоци, туку има сосема поинаква димензија во која клучната улога ја има конотацијата базирана на депривацијата (од нешто). Првиот обид сиромаштијата да се дефинира од оваа гледна точка е направен од Отец Вресински, основач наАТД Форт ворлд (АТД Фортх Њорлд), според која сиромаштијата е човечка состојба окарактеризирана со константна или хронична депривација (лишеност) од ресурси, способности, избори, сигурност и моќ неопходни за уживање адекватен стандард на живеење и други граѓански, културни, економски, политички и социјални права. Сиромаштијата има многу аспекти. Таа е еден од најбитните фактори што ги условуваат квалитетот на животот и навремената реализација на човековите права.
Видови сиромаштија
Денес постојат два спротивни и широко прифатени концепта за сиромаштија, при што едниот се определува преку границата на преживување и е прифатен во општеството со низок приход и неразвиена економија (земјите од Третиот свет), додека другиот е карактеристичен за државите со висок животен стандард (САД, Европа). Првиот е концепт на апсолутна сиромаштија и се определува како недостаток на доволни количества храна и вода како основни човекови потреби неопходни за преживување на личноста. Другиот е концептот на релативна сиромаштија и значи “недостаток од ресурси на определени поединци, семејства и групи да практикуваат определен режим на исхрана, да учествуваат во определени општествени активности и да живеат во животни услови коишто се вообичаени за општествата на коишто им припаѓаат”. Реалната сиромаштија уште се нарекува и социјално отуѓување. Руралната сиромаштија многу се разликува од урбаната сиромаштија по големите метрополи и бара поинаква програма за нејзино искоренување. Дискрециската природа на сликата на сирмаштијата во едно општество станува многу појасна и веродостојна кога целта е мерење на релативната, а не на апсолутната сиромаштија.
Причини за сиромаштијата
Проблемот на сиромаштија е објаснуван во повеќе правци. Според структуралните објаснувања, оваа појава се анализира во општествен контекст. Тука спаѓаат: 1. Класното објаснување - сиромаштијата е резултат на маргинализација на група луѓе кои се исклучуваат од производните процеси поради што се ограничуваат нивните животни избори; 2. Административното објаснување - сиромаштијата се препишува на грешките и на неефикасноста на државните служби (пр., неспособност на политичките лидери, бирократија и сл.); 3. Нееднаквоста - сиромаштијата е продукт на нееднаквоста во општествената структура што имплицира демантирање на сите можности (пр., расна и полова нееднаквост).
Патолошките објаснувања сирмаштијата ја препишуваат на карактерот и поведението на сиромашните луѓе. Тука се вклучени: 1. Индивиндуалистичкото објаснување - сиромашните се навикнати да бидат неадекватни, да прават лоши избори во животот, а со тоа и самите да си го креираат својот животен стил; 2. Фамилијарното објаснување - верување дека сиромаштијата владее со едно семејство и таквото сиромашно објаснување се одржува со генерации; 3. Супкултурното објаснување - “културата на сиромашните” ги учи сиромашните да бидат поинакви и да се адаптираат на сиромаштијата заедно со елеминирање на секаква амбициозност и верба.
Процесот на осиромашување е многу полош од самата сиромаштија. Во земјите во развој, посебно во земјите од поранешниот Источен блок, во последната деценија се забележуваат деградирачки промени во целокупниот вредносно-морален систем и во начинот на функционирањето на општеството. Закоравеноста на социјалистичкиот дух придонесе за создавање менталитет на пасивност и животна неодговорност за сопствената несреќа во новонастанатите услови. Пасивноста и старите навики помеѓу населението го потпомогнаа и го убрзаа процесот на осиромашување на овие простори. Инертното поведение заедно со бедата како емотивен и етички поим претставен во практика ги разорува срцата и совеста на човекот, а изчезнува среќата, духовноста, добротата, љубовта и сите други слични апстрактни, немерливи вредности. Сиромаштијата се лекува, но бедата потешко.
Затоа клучниот фактор за исчезнување на сиромаштијата е начинот на кој размислуваме.
Социјални системи
Во Европа постојат 3 основни типа социјални системи: англосаксонски, скандинавски и континентален.
- Англосаксонскиот социјален модел (Обединетото Кралство и Ирска) се одликува со минимални социјални бенифиции и голем дел од услужниот сектор и добар дел од болниците и школите како јавни установи се приватизирани. Стапката на невработеност се движи од 4,5% до 5%); - Скандинавскиот социјален систем (Норвешка, Данска, Финска) е карактеристичен по високите социјални повластици - бесплатно здравство и образование и големи социјални бенифиции за социјално загрозените случаи, поради што се плаќаат и високи даноци коишто се неопходни за одржување на скапиот социјален систем. Опасност кај овој систем е т.н. морални штети поради високите социјални бенифиции; - Континенталниот социјален модел е најзастапен на европскиот континент и тој претставува баланс помеѓу скандинавскиот и англосаксонскиот.
Според своите карактеристики, Р. Македонија е најблиску до континенталниот модел што може да се види од законската регулатива.
ММФ и СБ во Р. Македонија
Со одлуките на Бордот на директорите на ММФ од 14 декември 1992 г., Р. Македонија стана членка на оваа организација. Соработката меѓу РМ и Фондот се интензивира дури во првите месеци од 1994 г. Оттогаш до 2004 г. за Македонија се одобрени средства во износ од околу 150 мил. СПВ.
Кредитот ПРГФ за намалување на сиромаштијата и олеснување на растот е одобрен од страна на Бордот на ММФ кон крајот на 2000 г., во износ од околу 13 мил. долари. Условите беа: рок на отплата од 10 години, грејс-период од 5 години, каматна стапка од 0,5% годишно. Главна цел на овој аранжман беше намалување на сиромаштијата со должност за изготвување национална стратегија за таа цел.
Денес услугите на Светската банка ги уживаат 183 членки, меѓу кои и Р. Македонија. Анализите на дејствувањата на СБ во Југоисточна Европа покажуваат дека таа најзастапена била во социјалниот сектор, односно во давањето помош на владите за намалувањето на транзициските трошоци. Изготвената стратегија за помош на Р. Македонија - КАС (Цоунтрѕ ассистанце стратегѕ) што се однесува на периодот 2003-2006 г. предвидува програма во износ од најмногу 165 милиони долари. Покрај другото, Светската банка ги мотивира граѓанските организации со одобрување на т.н. “мали гранд-програми” СмГП (СмаллГранд програмс) во просечни износи од 3.000 до 7.000 долари. Според СБ за намалување на сиромаштијата во Р. Македонија потребно е: развој на приватниот сектор, заради зголемувањето на економскиот раст со прилив на странски инвестиции; организирано висококвалитетно образование, заради подобрување на човечкиот капитал и создавање мрежа на социјална безбедност којашто државата може да си ја дозволи. Заради остварување на овие цели, СБ ги има промовирано следните проекти: проект за реформи на правните регулативи и судството, проект за развој на финансискиот сектор, проект за програмска процена на сиромаштијата, проект за подобрување на пристапот до образованието, студија за социјален развој и др. Во почетокот на 2002 година беше формиран специјален тим за подготовка на стратегија за намалување на сиромаштијата, по сугестија на Светската банка и на ММФ, а рокот за нејзино донесување беше една година. Државната стратегија за намалување на сиромаштијата не даде резултати со тоа што ниту се намали невработеноста, а ниту го подигна степенот на образование кај сиромашните.
Македонската сиромаштија (последни статистички податоци)
Република Македонија, несомнено, спаѓа во групата на сиромашни држави. Во последните 4 четири години бројот на сиромашните поресна за околу 120.000 лица. Според податоците на Државниот завод за статистика за релативната сиромаштија во РМ, индексот на сиромаштија во минатата година изнесува 29,6 отсто, а тоа значи дека повеќе од 600.000 илјади луѓе се сиромашни. Овој процент е минимално намалување во споредба со 2002 и 2003 година кога измерената сиромаштија изнесуваше 30,2 процента. Во периодот меѓу 1997 и 1999 г. индексот на сиромаштија се движел меѓу 19 и 21 отсто, за да скокне во 2001 год. на 24,6%. Последните податоци покажуваат дека стапката на сиромаштија се зголемила за пет проценти, или секоја година бројот на сиромашните луѓе растел за 30.000. Спорд податоците за 2004 г. највисока е стапката на сиромаштија кај семејствата со деца - 35,1%, додека најниска е кај старечките домаќинства - 18,2%. Вкупниот индекс на релативна сиромаштија е највисок кај семејствата со 6 и повеќе члена - 42,4%, а најнизок кај двочлените семејства - 16,5%. Во 2004 година најсиромашни семејства биле оние чии носители се на возраст до 39 години. Најсиромашни се невработените, или 39 отсто од анкетираните сиромашни се невработени.
Според статистиката, процентот на невработеноста во првиот квартал од годинава достигнал 38,6%, т.е. 321.381 лица без работа. Ова покажува дека стапката на сиромаштијата е тесно поврзана со стапката на невработеноста.
Највисоката стапка на релативна сиромаштија е регистрирана кај лицата без образование - 57%, а најниската кај оние со високо образование - 9,1 отсто. Според годишниот, регионален извештај на УНИЦЕФ, едно на секоии пет деца во Р. Македонија живее во сиромаштија, имајќи предвид дека 22% од македонската популација преживува со 1,7 долари дневно.
Улога на граѓанските организации во борбата против сиромаштијата
Во чл. 1 од Уставот, Р. Македонија, покрај другото, се декларира и како социјална држава. Понатаму, едни од 11-те уставни вредности претставуваат и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Членот 20 од Уставот ја гарантира слободата на здружување на сите граѓани.
Проблемот на сиромаштијата во изминатите години обично се сметаше дека е проблем на државата, на национално ниво, кој треба да биде решаван од страна на самите државни институции. За зголемувањето на сиромаштијата беше виновна само власта и нејзината администрација. Изготвената државна стратегија за редукција на сиромаштијата беше само убаво изготвен текст којшто во практика не покажа никакви ефекти, како што се гледа од статистичките податоци коишто укажуваат на посотјаното зголемување на бројот на сиромашни. Значи, државата, т.е. владите, требаа да бидат главни и единствени актери во борбата против сиромаштијата. Овој начин на размислување не се покажа како оправдан. Светскиот тренд на девоерба кон државните институции е присутен и во РМ (што се гледа од бројот на излезеност на гласачите на изборите). Во Р. Македонија завладеја општа апатија проследена со слабеење на македонското граѓанско општество што се препознава преку: 1. Недостаток на чувството за солидарност во заедницата; 2. Висока стапка на криминал. Сето тоа ја поткопа македонската економија, иако овој однос може да се гледа и спротивно (слабата економија е причина за слабостите на граѓанското општество). Заклучокот е дека во современото капиталистичко општество државата не може сама да се бори против социјалниот неред во кој се наоѓа. Американскиот аналитичар Роберт Вутноу тврди дека дури 40% (75 милиони) од населението во САД членуваат во т.н. “мали групи”, кои се граѓански организации формирани од граѓаните и за граѓаните. Тоа е доказ за богат граѓански живот.
Во РМ моментално постојат над 3.000 ГО коишто се регистрирани во судовите, од кои за 500 се смета дека се активни во полето на социјалната заштита. Граѓанските организации организации можат да бидат од клучно значење за намалување на сиромаштијата во РМ и во регионот, бидејќи тие се најблиски до потребите и интересите на сиромашните. Состојбата на пасивно општество треба да биде изменета со активирање на граѓанската свест од страна на третиот сектор, а сето тоа да е поддржано од државата.
Не треба да се заборави дека лиѓето на овие простори можат лесно да ја изгубат довербата во граѓанските организации поради т.н. “перење пари”.
Соработката помеѓу државата, ГО и граѓаните може да продуцира креирање општоприфатена социјална политика, каде сите три страни ќе вршат контрола, како на дејствата, така и на потрошените средства за нив, со што ќе се зголеми меѓусебната доверба. Како пример за ваква соработка може да послужи Шведска каде пред 20-тина години граѓанските организации, потпомогнати од владата, формираа курсеви со кои беа оспособени 70.000 обични луѓе, кои можеа да подготвуваат и поднесуваат приговори и амандмани во врска со енергетската политика. Ова придонесе за поширока вклученост на граѓаните во создавањето една национална политика. Сиромаштијата е мултидимензионален проблем. Нејзиното анализирање потребно е да биде извршено од повеќе аспекти, односно да биде гледана во нејзината целост. Во создавањето на социјалниот неред имаат влијанија повеќе фактори: финансиите, образованието, криминалот, корупцијата, меѓуетничката нетрпеливост и маргинализација, половата дискриминација и др. Кон овој проблем треба да се пристапи од сите страни, што значи дека треба да бидат вклучени сите организации чии дејства имаат допирни точки со социјалата, а со тоа индиректно да се создадат партнерства што ќе имаат единствена цел - “победа над сиромаштијата”. За подобро функционирање и контролирање на партнерствата, тие ќе бидат организирани по региони, со што ќе се олесни и следењето на проектите (пр., “Создаваме за нас”, програма за регионални саеми на ГО). Често се случува во пограничните места да постои голем број сиромашни и невработени, а близу нив, во соседните држави, да се појави недостаток од стручна работна сила. Оваа можност може да биде искористена со оспособување на тоа население од страна на стручните здруженија и организации, а државата да го олесни меѓуграничното движење на работниците. Поради неповолните услови за живот, во некои делови на Македонија (посебно руралните) доаѓа до масовна миграција на населението во поразвиените (урбани) места. Оваа појава води кон драстично различна регионална и економска развиеност, а ја зголемува и урбаната сиромаштија. Граѓанските организации своите дејства ќе треба да ги прошират во руралните делови (со мотивирање на продуктивниста на руралните дејности или со создавање нови) и со кооперативност помеѓу организациите од различни региони (олеснување на интеррегионалниот транспорт за сиромашните) да се создаде регионална економска рамнотежа, односно да се намали социо-економскиот диспаритет помеѓу општините.
Реинвестицијата во човековиот капитал е потребна не само заради намалувањето на сиромаштијата, туку и за подигање на свеста и културата помеѓу населението. Третиот сектор во овој случај може да врши преквалификација или доквалификација на луѓето со ниско или со неадекватно образование, преку бесплатни курсеви, да реализира проекти за зголемување на пристапноста и транспарентноста на високото образование со едукација на управниот и на наставничкиот кадар, а сето тоа да биде потпомогнато од државата. Хуманитарните организации треба да ја засилат пропагандата за обновување на чувството за солидарност помеѓу сите припадници на заедницата, без разлика на староста, етничката припадност, расата или полот.
Сите овие мерки треба да бидат насочени кон локално ниво, а преговорите со локалните влади по с$ изгледа дека ќе бидат полесни по најновата децентрализација. Во Р. Македонија голем проблем претставува и финансирањето и создавањето постојани фондови за организациите. Соработката помеѓу организациите и приватниот сектор (бизнис-секторот), која во моментот и не е најдобра, ќе треба да се продлабочи и да се интензивира.
Примери од Македонија и од регионот
Граѓанските организаци во Македонија, поради комлексноста на сиромаштијата, приоѓаат кон најзината редукција на различни начини, односно методи на работа. За подобро следење на состојабата, постојано се вршат неофицијални анализи и истражувања помеѓу населението, а доколку организациите се занимаваат со меѓуетничката толеранција или рушењето на стереотипите, тие истражувања се вршат над одредена група од населението (пр., податоци за бројот на Ромите кои живеат од социјална помош во Прилеп). За разлика од пред неколку години кога главниот начин на работа беше преку директни хуманитарни мерки на непосредно доделување средства и помош, денеска повеќе се прибегнува кон индиректните, долгорочни програми, кои длабински го зафаќаат овој проблем. Тука спаѓаат проектите преку коишто се организират семинари и работилници за едукација или преквалификација на социјалните случаи; преку курсеви се врши обука за разни струки, а посебно за оное од кои има потреба на пазарот на трудот (во соработка со работничките универзитети). Образованоста и стручната спремност се главните услови за вработување. Токму преку подобрување на овие карактеристики, организаците се обидуваат да го постигнат посакуваниот степен на вработеност, со што ќе се намали и сиромаштијата. Мал проблем претставува нецелосната регистрираност во Заводот за вработување што е битно при селектирањето на социјалните случаи коишто учествуваат во проектите (тогаш единствен доказ остануваат работничките книшки). Понекогаш и самите организации хонорарно ги вработуваат сиромашните и раселените лица. Така, непосредно пред последната олимпијада во Грција беа ангажирани околу 30-тина млади социјални случаи, кои работеа во уредувањето на патарината и автопатот во близина на Куманово, за што добиваа и дневни надоместоци (ИПЦ Куманово). Меѓу последните 73 одобрени проекти на Фондација Институт отворено општество – Мкедонија (ФИООМ) се наоѓаат и околу 20-тина проекти од области на вработувањето, образованието или развојот на руралното земјоделство и сточарство. Понатаму, граѓанските организации, а посебно хуманитарните, постојано се грижат за децата на сиромашните кои немаат доволно средства за соодветно образование: се отвораат бесплатни дневи престои-градинки, се делат учебници, храна, облека и сл. Лобирањето исто така може да даде поволни резултати, доколу се спроведува. Тоа значи дека организациите можат да преговараат со работодавачите со цел да се донесат одлуки за вработување на најзагрозените. Исто така, тие често и се борци за еднаков пристап на работните места за сите, без разлика на националната припадност или политичката определеност.
Заклучок
Од сето ова, погоренаведено, станува јасно дека спектарот на можностите со кои граѓанските организации можат да влијаат во подобрувањето на социјалната слика во Република Македонија, е широк и разновиден.
Сиромаштијата во Македонија и поблискиот регион во последните години доживува експанзија, останува негативен тренд којшто се продлабочува, главно поради големата разлика во примањата и високата стапка на невработеност.
Богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни.
Сепак, постојат уште многу механиизми со коишто можеме да бараме решение.
Ќе направиме прогрес во борбата против сиромаштијата само ако дејствуваме сите заедно - развиените и неразвиените земји, меѓународните институции, приватниот сектор и секако - граѓанското општество во сите негови форми.
|
|
|
|
Крај на почетокотТоа што треба да го изнесам во овој простор, не е вообичаениот став , туку коментар за последниот број на „Граѓански свет” во оваа форма.
|  |
Кампањата “Учиме за ЕУ”
Прашањето за уставното име на Македонија го засени интересот за УнијатаШто е Европска Унија? Кои се земјите членки на ЕУ? Која е целта на проширувањето на ЕУ? Кои се симболите и химната на ЕУ? Зошто е создадена Европската Унија? Ова се некои од прашањата кои им се поставуваат на основците и средношколците од 102 училишта во земјава, како дел од кампањата “Учиме за ЕУ”, којашто ја реализираат Секретаријатот за европски прашања во Владата и Министерството за образование и наука. |  |
Реализирана најголемата еколошка акција кај нас
Македонија засади над два милиони саднициНад 2 милиони садници засадени во еден ден е апсолутниот рекорд кој го постигнаа граѓаните на Македонија на 12 март, Денот на дрвото. Во граѓанската акција “Ден на дрвото - засади ја својата иднина” учествува околу 200.000 граѓани, вклучувајќи ги и децата од градинките, учениците, студентите и дипломатите. Граѓанската акција за пошумување на Македонија од самиот почеток ја иницира еден од нашите најпознати уметници, оперскиот пејач Борис Трајанов, а вклучени беа и близу 170 познати имиња од јавниот живот, меѓу кои и Калиопи, Каролина Гочева, Индира Кастратовиќ, Бубо Каров и други. |  |
Катерина Хаџи-Мицева
Кодекси на добро однесувањеКодексот на добро однесување се дефинира[1] како доброволен договор помеѓу неколку организации со заеднички интерес, за одредени принципи или стандарди на однесување, коишто даваат насоки, или пак се обврзувачки за организациите, развиен преку заедничко учество и соработка во донесувањето. Бидејќи кодексот е механизам кој се донесува доброволно и е вид на саморегулирање, начинот на неговото спроведување мора однапред да биде одреден и механизмите треба да бидат вградени во кодексот |  |
Граѓанска организација Англунипе - Тетово
Факултативната настава на ромски јазик - препознатлива активностГраѓанската организација „Англунипе” од Тетово дејствува во областа на развојот на образованието на ромската популација и на човековите и материјалните ресурси на Ромите во земјава. Се залага за вклучување на Ромите во институциите на системот, за надминување на проблемите на заедницата на локално и на национално ниво. Освен програми за образование, спроведува и програми за развој на економските ресурси и за унапредување на правата на децата Роми и на жената Ромка |  |
Донација
Нов парк од Космофон за штитениците на заводот во Демир КапијаСпецијалниот завод за лицата со посебни потреби во Демир Капија доби нов спортско-рекреативен парк, донација од компанијата Космофон. Паркот е изграден во дворот на заводот на површина од 280 метри квадратни. Неговите штитеници ќе можат да се рекреираат на игралишта за ракомет и мал фудбал, во посебниот дел со нишалки, патеки од павер-елементи и фонтана, а целата околина е засадена со зеленило |  |
Проект на Биосфера од Битола
Уреден дворот на Домот за доенчиња и мали децаВо изминатите седум месеци Центарот за едукација и заштита на животната средина и природата Биосфера од Битола работи на проектот “Со љубов за нашите деца”, чија цел е прибирање средства од локални извори за просторно уредување на дворот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола |  |
|
|