ТЕМА ЗА ДЕБАТА
Дали лобираме?
Дали здруженијата на граѓани лобираат и, што е исто толку важно, дали знаат како да го прават тоа?
„Граѓански свет” отвора дебата на својата веб-страница на која ве поканува да ги изнесете своите мислења, ставови и искуства во врска со лобирањето како едно од средствата за делување на граѓанските здруженија. За почеток ви претставуваме мислења на оваа тема на четири лица активни во граѓанскиот сектор.
Ве повикуваме на активно учество во текот на овој месец на Форумот отворен на веб-страниците на „Граѓански свет” (www.graganskisvet.org.mk i www.civicworld.org.mk). Во наредниот број на „Граѓански свет” ќе објавиме делови од таа интернет-дебата и ќе ја најавиме темата за наредната.
Јордан Бајрактаров: „Мислам дека граѓанските здруженија во Македонија се обидуваат да лобираат, но тоа не е вистинско лобирање, со сите елементи и техники кои се применуваат во западноевропските демократии и САД. Далеку сме од она вистинското лобирање, а за да го достигнеме, потребна ни е едукација. РЕЦ организира формирање лоби-група која ќе работи на Архуската конвенција и нејзината имплементација во Македонија, како неформална група. Но, сметам дека недостасуваат посебни здруженија, со единствена мисија и улога да лобираат за остварување одредени цели.”
Наташа Габер: „Во Македонија лобирањето како средство за остварување одредена цел недоволно се користи. Има само неколку примери за лобирање. Сметам дека е важно, пред се, оној што иницира остварување одредени прашања од интерес на одредена група, да оствари конструктивна атмосфера на дијалог, да се обрати до сите чинители, да создаде атмосфера дека тоа е од корист на сите. Исто така, овој метод треба да се применува за остварување мали нешта, за понатаму да се остварат некои поголеми, глобални цели.”
Савка Тодоровска: „Во светот лобирањето е процес. Но, според моето десетгодишно искуство во невладиниот сектор, нашите луѓе лобираат, но не знаат дека го прават тоа. Лобираат на сопствен начин, неуко и несоодветно. Затоа треба да се отвори процес за едукација за лобирањето. Македонското женско лоби, кое работи една година, може да оствари многу повеќе ако има добра обука како да го користи ова важно средство за остварување на своите цели.”
Јосиф Таневски: „Сега е вистински момент макдонските граѓански здруженија да почнат да лобираат. Добиено е во масовност и квалитет, имаме многу добри и квалитетни здруженија, постигната е и одредена свест кај владиниот сектор за нивната сила и важност. Треба да се организираат и да го применуваат лобирањето како метод. Кај нас нема традиција ниту знаење за овој метод на делување, и затоа е потребна обука на овој план.”
|