Светски социјален форум, 2004, Мумбаи (Бомбај), Индија, 16 - 21 јануари 2004 година
Поинаков свет е возможен
Светскиот социјален форум 2004 година во Мумбаи (Бомбај), Индија, по четврти пат собра голем број организации и движења на граѓанското општество, по претходните три одржани во Порто Алегре, Бразил.
Светскиот социјален форум е дијалог за формулација на поинаков свет: плурален, праведен, одговорен и споделен свет со еднакво достоинство и права за сите луѓе. Како таков, ССФ е во опозиција на неолибералните економски политики. Светскиот социјален форум ја декларира убеденоста дека “поинаков свет е возможен”.
Алтернативите коишто се предлагаат на ССФ стојат во опозиција на процесот на глобализација под команда на големите мултинационални корпорации и на владите и меѓународните институции подредени на овие корпорациски интереси. Алтернативите треба да обезбедат мислење дека “глобализација на солидарноста” ќе надвладее како нов период од светската историја. Тоа беше засновано на почитување на човековите права и на сите граѓани - мажи и жени, на сите нации и на околината.
Светскиот социјален форум обезбедува отворен простор за стотици дебати, семинари, работилници. Само мал број активности се во организација на ССФ, како отворањето и затворањето и главните утрински и вечерни конференции. Голем простор е отстапен за самоорганизирани работилници на организациите учеснички. Оваа година, секој ден се одржувше еден голем јавен настан, 12 конференции и панели и 300 работилници. Во овие настани учествуваат десетици илјади учесници и делегати. Проценките се дека оваа година учествуваа над 75.000 учесници. Статистиките од овој форум се уште не се достапни, за разлика од оние претходните коишто се дадени во прилог.
Оваа година највидливи беа различните женски групи, како и разните левичарски групи, вклучувајќи и екстремни групи и марксисти. Значително е влијанието на христијанските движења и агенции, како левите католички движења од Јужна Америка или протестанските групи за солидарност од Европа. Иако антиимперијалистичките настапи на моменти добиваа отворен антиамерикански тон, Форумот е поддржан од организации од САД, а учесниците од САД се меѓу најпрестижните.
Македонија на ССФ заедно со мене и Александар Стамболиев од МЦМС ја претставуваа и Јасмина Фриншиќ од ЕСЕ, Скопје, Алберт Муслиу од АДИ, Гостивар, На Форум учествував по втор пат.
Во неколкуте дена се одржаа над илјада настани. Главниот фокус беше ставен на негативното влијание на неолибералната глобализација, којашто создава мала глобална владејачка класа и голема класа на ранливи и сиромашни во секоја земја. Некои од мегатемите беа “Глобализација, глобално владеење и националаните држави”, “Медиумите, културата и знаењата”, “Политичките партии и социјалните движења” и други. Меѓу големиот број настани, можеа да се најдат значителен број посветени на трговијата. Значителен е отпорот на начинот на кој се прави трговската либерализација од страна на Светската трговска органзиација (СТО), или како се распоредува добивката во меѓународната трговија. Некои од темите беа “Земјоделието по Канкун”, “Канкун и потоа”, “Искуства во организација на текстилните работници” или “Животот не е за продажба”. Тука посебно би ги нагласил и темите поврзани со употреба на водата, односно можната приватизација “Водата на испит”, “Водата, заедничко наследство или корпорациска стока” или “Алтернативите на приватизацијата на водата - управување на водите од луѓето”. Беше расправано и за “еколошкиот долг” како нова категорија.
Голем број теми беа поврзани со човековите права. Посебно внимание привлече работилницата “Надминување на неказнивоста (анг. импјунити)”. Врвни говорници, како Мери Робинсон, поранешна претседателка на Ирска и поранешен висок комесар на ОН за човекови права, Ширин Ебади, овогодишната добитничка на Нобеловата награда за мир од Иран и други, говореа за надминување на неказнивоста или неодговорноста. Се водеше дијалог за државата како најголем кршач на човековите права и неказнивоста или неодговорноста, како еден од битните проблеми.
Секако, кај темите за човекови права доминираше проблемот на кастите во Индија, односно на дискриминацијата на Далитите. Оваа дискриминација не е на верска или етничка основа. Некои по жестината ја споредуваат со политиката на апартхејд во Јужна Африка.
Навистина е тешко покрај стотиците теми да се одберат најважните. Многу настани имаше на тема “справување со конфликт”, “промоција на мир”. Многу критики паднаа на унилатерализамот на САД и на воените интервенции. Значителен простор имаа женските движења, родовата еднаквост и сексуална различност. И многу други.
Дијалогот на ССФ се одвиваше и преку културни настани; изложбени штандови, презентации на групи. На осум локации постојано се одвиваа културни настани, во повеќе хали имаше изложбени штандови.
Заедно со мирисите и вкусовите на Мумбаи (Бомбај) и Индија, Светскиот социјален форум е вистински промотор на различноста и плурализмот, на алтернативите за поинаков свет.
Организација и партнери (поддржувачи) на ССФ
Организатор на ССФ е Меѓународниот комитет и локалниот организациски комитет (оваа година Индискиот генерален совет го сочинуваа над 200 организации и организациски комитет од 57 луѓе).
Партнери (поддржувачи) на ССФ се:
- повеќе познати невладини агенции, како ЕЕД и Фондацијата Хенрих Бол (Германија), ИЦЦО и Новиб (Холандија), Фондацијата Тидес (САД), ЦАИД и Оксфам (В. Британија); - индиски владини институции, пред се Владата на Индија и Владата на Махараштра, странски владини агенции, како СИДА (Шведска) и СДЦ (Швајцарија); - доброволни групи, како Бабел - меѓународна мрежа на преведувачи и Фондацијата Слободен софвтер.
Што е Светскиот социјален форум
Светскиот социјален форум е отворен простор за средби за размислување, демократска дебата на идеи, формулација на предлози, слободно споделување искуства и вмрежување за ефективна акција на групи и движења од цивилното општество, коишто се спротивставуваат на неолибарализмот и на светот доминиран од пари и која било форма на империјализам. Тие се посветени на градење планетарно општество насочено кон плодотворни односи меѓу луѓето, и меѓу нив и Земјата.
ССФ е перманентен процес во потрагата и градењето алтернативи коишто не можат да се редуцираат на настаните што ги поддржуваат. ССФ е светски процес.
ССФ ги доведува заедно, и меѓусебно ги поврзува организациите и движењата на цивилното општество од сите земји на светот, но нема намера да биде тело коешто го претставува светското цивилно општество.
Средбите на ССФ не се средби на ССФ како тело и затоа никој нема право да изразува ставови, тврдејки дека се ставови на сите учесници. Ставовите декларирани од една група или група на организации, ССФ без цензура и рестрикција ќе ги дистрибуира како ставови на таа или на тие организации.
ССФ во опозиција на СЕФ
Светскиот социјален форум (ССФ) за првпат се собира во градот Порто Алегре, федерална единица Рио Гранде до Сул во Бразил, од 25 до 30 јануари 2001 година. Целта е да се застане во опозиција на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија. Од 1971 година, Светскиот економски форум игра стратешка улога во формулација на идеи и мисли коишто ги промовираат и застапуваат неолибералните политики во целиот свет. Организациски, СЕФ е швајцарска фондација која функционира како советодавно тело на ООН и е финансирана од повеќе од 1.000 мултинационални корпорации.
Методологија на ССФ
ССФ работи на пет тематски подрачја, и тоа:
- Демократски одржлив развој; - Принципи и вредности, човекови права, различност и еднаквост; - Медија, култура и противхегемонија; - Политичка сила, граѓанско општество и демократија; - Демократски светски ред, борба против милитаризација и промоција на мир.
ССФ вклучува: конференции, панел-дебати, сведоштва, дијалог и тркалезни маси за контроверзни прашања, семинари, работилници.
Се одржуваат и тематски и регионални форуми (како Европскиот социјален форум којшто во ноември 2003 година се одржа во Париз).
ССФ низ статистики
Прв ССФ 2001 г. Втор ССФ 2002 г. Трет ССФ 2003 г.
Учесници (приб.) 20.000 50.000 125.000
Делегати 4.702 12.274 20.763
Организации учеснички - 4.909 5.717
Држави 117 123 156
Новинари 1.870 3.565 4.094
Дебати, работил. и сл. 420 745 -
|