РЕПОРТАЖА: ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ
Ден за мајтап, но и тркало на развојот
Секоја година Карневалот во Вевчани е ново доживување, па, многумина верно ја посетуваат оваа манифестација, вклучувајќи се во паганската атмосфера на бркање на лошите духови, оние кои лебдат околу нас, но и оние во нас. Вевчанскиот карневал привлекува с$ повеќе гости, а покрај граѓаните на Македонија, за него слушаат и го посетуваат и странците кои престојуваат во нашата држава, а доаѓаат и гости од Грција, Бугарија, понекогаш и од подалеку…
Маријана Иванова Фотографии: Анастас Ќускоски
Велат - никогаш не се пробивајте во првите редови кога поминуваат поворките од Горна Маала и од Долна Маала за време на Вевчанскиот Карневал. Бидејќи, може сешто да ви се случи - да бидете полеани со вода, натепани со камшик од коњско влакно, и слични “мајтапштини”. Годинава, оние кои сакаа маските да ги посматраат од првите редови, беа испрскани со малтер и со кал кои градежната тајфа, една од групните маски, со лопати и мешалка ги фрлаа врз публиката. Имаше викање и пискање, но никако лутење. Се знае - карневал е, а тогаш е с$ дозволено. Јас го послушав советот и гледав “сеир” отстрана.
Тој 13 јануари во Вевчани беше можеби минус осум целзиусови, но студот никој не го забележа. На сите вевчанци и на сите кои тој ден дојдоа да го видат овој прочуен карневал, температурата им беше качена од општата возбуда. Додуша, се делеше и вино и топла ракија.

Бркање на лошите духови
И годинешниов Вевчански карневал беше сосема посебен и сосема уникатен, како и многу други кои се случиле во текот на 11-те века традиција. Никогаш не се повторуваат истите маски, секогаш има различни ѓаволи, вампири, разно-разни чудовишта, вамп-дами (всушност мажи), чудни животни, политички актуелни маски… Секоја година Карневалот во Вевчани е ново доживување, па многумина верно, секоја година, ја посетуваат оваа манифестација, вклучувајќи се во паганската атмосфера на бркање на лошите духови, оние кои лебдат околу нас, но и оние во нас. Така, сите се вклопуваат во настанот, катарзично викаат, играат, пеат.
Лиле, Анастас, Тоше, градоначалникот Васил Радиноски (кому, патем, му беше и именден) - нашите домаќини, се трудеа да ни ја појаснат сета таа збрка и подвижна галерија на фантазија. Она што секогаш се повторува, разбравме, се невестата (пак маж) и младоженецот, кои, предводени од другите “василичари” мораат да поминат во секоја куќа, а на секого што ќе го сретне, “невестата” ќе му бакне рака, по што, се знае - тој треба да даде некој денар. Во Вевчани овој адет е начин на собирање средства кои се слеваат во еден фонд за хуманитарна помош.
За време на Вевчанскиот карневал секоја куќа е отворена за секого. Но, најмногу време се минува на улиците. Маскираните се шетаат низ целото место, ги пресретнуваат и ги плашат минувачите, “паѓаат” најразлични шеги и мајтапења, а иако се кажуваат и пцости и “простотии”, никој ниту се лути ниту се навредува. На тој начин луѓето сосема се ослободуваат од тензиите и притисоците на секојдневието и се ослободуваат од лошото во себе. Всушност, тоа е и идејата - да се ослободиме, да исфрлиме с$ што не чини од себе, за да влеземе чисти во Новата година.
А Новата година обично се пречекува на Вевчанските извори. За вевчанци Новата година почнува на 14 јануари и тоа мораат да го прифатат и нивните гости. Го при- фативме и ние, а тоа беше едно од најубавите места каде ја имам “пречекано” Новата година. Нова или Стара-Нова, не е важно. Важно беше што си честитавме и посакавме “за многу години” во амбиент како од бајките: покрај чудесните извори, под небото преполно со ѕвезди, на земјата која бисерно светеше од мразот, во маглината која се креваше од водата, опкружени со бујната вегетација и мистиката на ова место, додека во далечината “бесно” пиштеа василичарските зурли и удираа тапаните…
|
Вевчани во мрежата на карневалски градови
- Вевчани во 1993 година стана член на ФЕЦЦ - Здружението на европските карневалски градови. За зачленувањето важен момент беше посетата на претседателот на ФЕЦЦ, г. Хенри Фердинанд ван дер Крон, кој го проследи Карневалот и беше воодушевен од него. Со зачленувањето Вевчани беше назначен и како седиште на ФЕЦЦ за Македонија - ни рече градоначалникот на Вевчани, г. Васил Радински, кој ни ја покажа и необичната капа какви носат „функционерите“ на ФЕЦЦ, а која тој со гордост ја носи во сите настани поврзани со Карневалот.

|
Планови за развој
Карневалот продолжува и наредниот ден, со традиционалните обичаи - се подготвува таканаречен кашаник со паричка, а потоа се оди на гости кај сите кои се викаат Васил. И натаму се игра и се свири на улиците, парадираат маските, се слави цел ден доаѓањето на Новата година, а симболично заминувањето на злите и настапувањето на добрите духови.
Овие два дена мајтапење за Вевчани се многу повеќе од мајтап. Пред с$ и можеби и поважно од с$, тоа се денови кои ја зближуваат заедницата, ги поврзуваат и ги помируваат жителите. Другите позитивни ефекти се создавањето позитивна енергија, катарза на душата и на умот, негувањето на традицијата…
Но, Вевчанскиот карневал с$ повеќе станува и тркало на развојот. Тој привлекува с$ повеќе гости, а покрај граѓаните на Македонија, за него слушаат и го посетуваат и странците кои престојуваат во нашата држава, а доаѓаат и гости од Грција, Бугарија, понекогаш и од подалеку. Ретко кој, којшто бил во Вевчани, не посакува да дојде уште еднаш, да ги види Вевчанските извори и налето (тие се уредени, поставени се огради, мовчиња, а навечер се осветлени - со финансиска помош од Министерството за животна средина и просторно планирање), да ги проба вевчанските гурмански специјалитети во ресторанот Виа игнација, со прекрасна бавча, и во новоотворениот ресторан Домаќинска куќа, со одлична кујна и топол, автентичен амбиент.
Наскоро во Вевчани ќе може и да се престојува - се планира отворање мал хотел, што ќе биде уште едно нешто кое ќе ги задржи гостите кои доаѓаат за Карневалот - тие нема да мораат да си одат првиот ден или пак да преспиваат во некој од струшките хотели (тие, патем, годинава немаа греење!), туку ќе можат да ја поминат ноќта во магичната атмосфера на Вевчани, за изутрина да бидат разбудени од василичарските тапани.
Она што му недостасува на Вевчани се можеби некои туристички елементи - сувенири, организирани посети на околината, соби за приватно сместување. Но, планови во општината постојат за развој на туризмот кој се базира на традиционалното и на природното наследство. Најглавно е дека вевчанци го имаат Карневалот!

|
Вевчани - жив музеј
Во настаните околу популаризирањето и ставањето на Карневалот во функција на локалниот развој поддршка даваат и домашните и странските фондации. Во Вевчани се спроведува проектот “Вевчани - жив музеј”, кој е дел од Програмата “Живо наследство”. Како што може да се насети од насловот на оваа програма, нејзината цел е да помогне локалното културно наследството да се искористи како импулс за развојот на заедниците. Програмата “Живо наследство” во Македонија ја спроведуваат белгиската фондација Крал Бодуен и Фондацијата Институт отворено општество - Македонија. Проектот “Вевчани - жив музеј” има за цел да го популаризира културното и природното наследство: Карневалот, обичаите, фолклорното наследство, вевчанските извори и останатите елементи на овој вид наследство, преку организирање фото-изложби за Вевчанскиот карневал, обнова и презентација на народните ора и обичаи, уредување на околината на изворите и издавање водич за светилиштата околу Вевчани. Карневалот и неговата популаризација го помогна и МЦМС, преку финансирање публикација и издавање ЦД под наслов “Вевчански карневал”. Изложбата на фотографии за Карневалот и промоцијата на оваа публикација и ЦД го означија почетокот на годинешниов Вевчански карневал, а беа поздравени од министерот за култура, г. Благоја Стефановски, кој зборуваше за значењето на Вевчанскиот карневал како една од најважните и најатрактивните културни манифестации во Македонија. | |