Граѓанските организации и територијалната организација
Заеднички став за поддршка на демократската трансформација
Организациите членки на Комитетот на Граѓанската платформа на Македонија на 23 јули 2004 година одржаа јавна дебата со претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, за процесот на децентрализација на земјава, односно за предлог-законот за територијална организација на локалната самоуправа. Учествуваа над 50 граѓански организации. Трибината уследи по нетранспарентното водење на процесот на договарање и преговарање за новата територијална организација, при што во услови на недостаток на информации на граѓанските организации им беше тешко да заземат став во врска со ова прашање.
Директниот дијалог со претседателот Црвенковски требаше да им овозможи на граѓанските организации да си ги појаснат дилемите што им ги наметна предлог-законот. Осврнувајќи се на Рамковниот договор, Црвенковски потенцира дека децентрализацијата не е пат кон федерализација, туку механизам да се елиминираат тежнеењата за федерализација или кантонизација, и дека децентрализацијата во исто време е гаранција за унитарниот карактер и територијалниот интегритет на РМ.
Претставниците на граѓанските организации го прашаа претседателот Црвенковски како ќе се помири ставот дека постои етнички критериум во територијалната организација и дека нема територијални решенија за етничките прашања, дали некој од политичките субјекти ќе им објасни на граѓаните дека територијалната организација не е територијална поделба, како ќе се одрази косовското прашање на процесот на децентрализација и територијална организација и др.
Според Претседателот, прашањата покажуваат дека Владата не ја нашла вистинската формула да ја информира јавноста за целиот процес на децентрализација.
Ден по дебатата, група од осум граѓански организации на прес-конференција ја објавија својата заедничка изјава во врска со процесот на изготвување и решенијата на предлог-законот за територијална организација на локалната самоуправа во РМ, а подоцна изјавата беше поддржана и од други организации.
Поаѓајќи од универзалните принципи на почитување на разликите, ненасилството и партиципативната демократија, и поаѓајќи од основните принципи на Рамковниот договор (отфрлање на употреба на насилство за остварување политички цели; зачувување на суверенитетот, територијалниот интегритет и унитарниот карактер на Македонија, како и на мултиетничкиот карактер на македонското општество; исполнување на потребите на сите нејзини граѓани и развојот на локалната самоуправа), а уверени дека одговори на проблемите секогаш треба да се бараат низ отворен и траен дијалог, темелен врз полна меѓусебна почит и доверба, ние, претставниците на граѓанските организации, ја испраќаме следната
ЗАЕДНИЧКА ИЗЈАВА
Го поддржуваме развојот на децентрализирана власт
Го поддржуваме Рамковниот договор како единствена можна варијанта за демократска трансформација на македонското општество и интеграција на Македонија во Европската Унија.
Децентрализираната власт не е само суштински дел од Рамковниот договор, туку е и од витално значење за почитувањето и негувањето на идентитетот на заедниците и за развојот на непосредната локална демократија.
Несоодветен процес
Процесот со којшто е дојдено до предлогот за територијална организација на Република Македонија беше воден нетранспарентно, при што не се водеше сметка за принципите на партиципативноста, јавноста, отвореноста и искреноста пред граѓаните, што е неопходно при креирањето на вакви суштински промени.
Зад етничките проблеми стојат скриени партиски интереси
Зад дел од расправата поврзана со територијалната организација стојат скриени партиски, групни и лични интереси.
Ескалација на недовербата
На видливата мајоризација на власта, опозицијата и другите политички партии надвор од Парламентот, во претходната фаза на предлогот за територијална организација, одговорија со општински референдуми. Сега состојбите отидоа дотаму што политички структури се подготвуваат за национален референдум којшто може да н$ вовлече во ризиците на етничките мајоризации со што, сосема е извесно, би навлегле во бескрајната спирала референдуми, кои ќе имаат етнички предзнак.
Прекин на ескалацијата на партиска и етничка поларизација
Бараме решително да прекине ескалацијата на партиска и етничка поларизација.
Бараме политичките партии, поединците, сите учесници во јавната дебата да се воздржат од употребата на насилство и од говорот на заканата и омразата.
Заедничко решение за територијалната организација
Во оваа ситуација, од претседателот на државата бараме да отвори процес на барање заедничко решение за територијална организација, којшто ќе вклучи активно и искрено учество на политичките партии потписнички на Рамковниот договор и на Демократската унија за интеграции (ДУИ).
Поддршка на употребата на јазиците на заедниците
Ја поддржуваме употребата на јазиците на заедниците и сметаме дека тоа на никаков начин не ја загрозува употребата на македонскиот јазик.
Мултиетничкиот карактер на Република Македонија го чинат и малите заедници.
Етничките заедници на Турците, Србите, Власите, Ромите и Бошњаците се оставени на маргините на процесот на политички преговори за територијалната организација на Македонија, со што се нанесува голема штета, не само на демократијата, туку и на мултиетничкиот карактер на државата.
Заради тоа, а и за да се зачува мултикултурниот карактер на македонското општество, бараме доследна примена на принципот на недискриминација и правична застапеност на малите етнички заедници, како и право на употреба на јазикот и кога не сочинуваат 20% од населението на локалната самоуправа.
Територијалната организација и меѓуетничките односи
Сосема е јасно дека во неколку решенија предложени од власта бил битен и етничкиот критериум. Овде сакаме да ги искажеме нашите дилеми околу тоа дали примената на овој критериум е во согласност со основните принципи и духот на Рамковниот договор.
Исто така, сметаме дека власта мора сосема отворено да објасни дали, доколку се применети етнички критериуми во територијалната организација, едновремено се обезбедени и доволно квалитетни механизми, кои би ги исклучиле ризиците за отворање процеси на кантонизација и федерализација врз етничка основа, како и поттикнување етничко чистење во каков било облик.
Децентрализација на Рамковниот договор
Заради градењето доверба во идните локални самоуправи, како и заради негување на климата на доверба, бараме примена на принципите на Рамковниот договор, од национално ниво да се имплементираат целосно и на локално ниво, и во случаите кога припадниците на мнозинскиот македонски народ се малцинска заедница на локално ниво.
Тоа треба да вклучува недискриминација и правична застапеност и посебни процедури за гласање во советите на локалната самоуправа – Бадинтерово правило.
|