среда, 05 јуни 2013

english version

Прва страница
Документи и публикации
Документи
Извештаи
Публикации
Водичи
НВО САЕМ
Настани
Галерија
Архива
Архива на онлајн вести
2003
2004
2005
2006
2007
2008
Адресари
Луѓе од граганскиот сектор
Проекти на граѓанските организации во Македонија
Адресар на верските заедници во РМ
Адресар на граѓанските организации во Македонија
Адресар на општини во Република Македонија
Билтен на МЦМС
Билтен за меѓурелигиска соработка
Перспективи
Граѓански практики
Контакт

ПЕЧАТЕНО ИЗДАНИЕ
Последно издание
Нарачка преку e-mail
Контакт
Архива
Коментар
Настани
Граѓанско општество
Деца
Студенти
Здравство
Животна средина
Календар
Прашања и одговори
Балкан-експрес
Европа
Свет
Тема
Репортажа
Интервју
Погледи
Претставување
Публикации
Историјат на граѓанското општество
Луѓе
Мобилизација на ресурси
Искуства од регионот
Избор






ONLINE ВЕРЗИЈА
ПЕЧАТЕНА ВЕРЗИЈА

  Број 3

   

Славко Саздовски

Образованието  – излез од „магичниот круг“ на проблеми кај Ромите

Наместо вовед
Чин први

Вторник...11:30... раскрсница кај НИП Нова Македонија, сообраќајна гужва, долга редица од автомобили кои бавно се поместуваат... ситуација тргни–застани... вообичаена нервоза поради неможноста брзо да стигнеш до посакуваната локација... Но што ли толку ја кочи колоната? Милиметарски бавно се приближувам до семафорите и некаде пред мене ја гледам причината за бавното движење: колска кола со впрегнат коњ, на колата натоварени неколку големи картони, тркало од велосипед, акумулатор и други ситни дребулии. Колата ја тераат две деца на дванаесет–тринаесет-годишна возраст во парталава облека. Си велам „деца Роми - требаше да претпоставам дека тоа може да е причина за бавното движење“. Кога им се приближив со мојот автомобил, забележувам дека едно од децата е мој ученик од ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“. Чинам детето се вика Суад. Им свирнав со сирената со желба да ги поздравам, но сфатив дека згрешив затоа што додадов уште еден тон во нервозната симфонија од свирки што им ја упатуваа другите возачи, а дополнително беше очигледно дека Суад се почувствува непријатно кога ме препозна, веројатно затоа што во тоа време требаше да биде на училиште.

Чин втори

Среда... 7:25... почеток на нов училиштен ден... Во холот на споменатото училиште го гледам Суад во облека не многу поинаква од онаа што ја носеше вчера. Ми вели „Добро утро наставнику!“ „Добро утро“, му велам, и го прашувам каде му се книгите? „Немам книги“, следуваше едноставен одговор и си замина на час. Во тој момент и долго потоа ме остави замислен колку од децата во училиштево ја делат истата судбина. 

Тоа за мене беше поттик да започнам мало истражување за ситуацијата на Ромите во образованието, од аспект на наставник во средина каде што најголем процент од учениците се Роми. Базирајќи се на статистички податоци и интервјуа со лидери Роми и релевантни образовни фактори во државава, се обидов да си ја разјаснам состојбата во образованието на Ромите и причините за неа и да ги согледам евентуалните алтернативи за подобрување.


Образованието на Ромите низ бројки

Статистиката е наука базирана на бројки и не остава многу простор за субјективно презентирање на состојбите и анализа базирана на сопствени мислења и чувства. Бројките се многу јасен показател за состојбите, а нивната анализа го прикажува трендот во минатото и моменталниот тренд. Нема простор тоа да биде неприфатливо, осбено ако наодите се базирани на официјални податоци. Затоа, иако повеќе ромски граѓански организации располагаат со бројки коишто укажуваат на тоа дека состојбата е уште полоша, јас решив да се потпрам на официјалната статистика. Во текстов се користени публикувани податоци од Државниот завод за статистика, и тоа: Попис 1994 година, Анкетата за работната сила и редовните годишни извештаи за образованието.

Следува преглед на податоците релевантни за образованието на Ромите претставени во табели во периодот од 1997 година до денес или во последниве 5 (пет) учебни години.


Табела 1. Ученици Роми во редовните основни училишта по учебни години, според пол

Учебна година

Вкупно ученици Роми

Женски

Процент на Роми ученици во однос на вкупниот број на ученици во РМ

1997 – 1998

7148

3253

2.8 %

1998 – 1999

7602

3430

3.0 %

1999 – 2000

7757

3588

3.1 %

2000 – 2001

7970

3836

3.2 %

2001 - 2002

7868

3738

3.2 %

 

Табела 2. Ученици Роми кои завршиле основно училиште по учебни години и пол

Учебна година

Вкупно ученици Роми

Женски

Вкупно ученици кои завршиле основно училиште во РМ

1997 – 1998

385

144

30741

1998 – 1999

372

147

30389

1999 – 2000

400

174

30564

2000 – 2001

518

241

30252

2001 - 2002

598

260

31090

 

Табела 3. Ученици Роми во редовно средно образование по учебни години и пол

Учебна година

Вкупно ученици Роми

Женски

Процент на Роми ученици во однос на вкупниот број на ученици во РМ

1997 – 1998

351

124

0.4 %

1998 – 1999

450

152

0.5 %

1999 – 2000

447

178

0.5 %

2000 – 2001

499

216

0.5 %

2001 - 2002

569

213

0.6 %

 

Табела 4. Ученици Роми во редовните средни училишта кои завршиле училиште по учебни години и пол

Учебна година

Вкупно ученици Роми

Женски

1997 – 1998

69

32

1998 – 1999

93

31

1999 – 2000

115

53

2000 – 2001

134

59

2001 - 2002

117

37

 

Табела 5. Запишани студенти Роми за првпат во прва година 

 

Година

Вкупно студенти Роми

1997 – 1998

20

1998 – 1999

19

1999 – 2000

30

2000 – 2001

57

2001 - 2002

46



Табела 6. Дипломирани студенти Роми државјани на Р. Македонија според пол
 

Година

Вкупно студенти Роми

Жени

Мажи

1997

3

1

2

1998

2

1

1

1999

16

10

6

2001

5

3

2

2002

8

2

6


* податоците за 2000 година во моментот на истражувањето не беа достапни.

Анализата на приложените статистички податоци во апсолутни бројки покажува позитивен тренд на зголемување на бројот на Ромите ученици во рамките на образовниот систем во основното, средното и високото образование. Но и покрај позитивниот тренд на прв поглед, подеталната анализа на податоците укажува на одлевање на Ромите ученици од образовниот процес коешто се случува во повеќе етапи. Имено, ако следиме една генерација по завршување на основното училиште и ако го споредиме со тоа колку ученици од истата генерација завршиле средно училиште (види табела 2 и 4) ќе видиме дека бројот на учениците е преполовен, и повеќе од тоа, всушност околу 70% од учениците од истата генерација не завршиле средно образование. Со одредена осцилација во процентот, ова е показател и за годините наназад. Ова е всушност првото и најголемо одлевање на ученици Роми од образовниот процес.

Второто големо одлевање од образовниот пороцес се случува кога само приближно околу 30% од учениците Роми кои завршиле средно училиште запишуваат високо образование (види табела 4  и 5).

И, конечно, третото одлевање од образовниот процес се случува кога само еден мал број студенти Роми го завршуваат високото образование. Следејќи го трендот низ годините, се забележува значително зголемување на бројот на студенти Роми кои завршуваат високо образование од 1999 па наваму (табела 6). Тоа, според некои луѓе кои го следат и се инволвирани во образованието на Ромите, се должи на започнувањето на злоупотреба на квотите за етничките заедници од страна на студенти кои за да се запишат на факултетите се претставуваат како Роми, а всушност не се.

Статистиката вели дека во опфатениот период нема магистри и доктори на науки.

Од аспект на наставник во основно училиште каде што најголем дел од учениците се Роми, сметам дека на горните бројки можеме да го додадеме и бројот на ученици кои од различни причини се откажале од образовниот процес уште за време на основното образование за што нема податоци, но е реално присутно. Ова особено се случува при преминот од одделенска во предметна настава кога бројот на предмети расте, а со тоа се зголемува и обемот на наставниот материјал. Овој премин во погорните одделенија носи товар врз децата во совладувањето на материјалот, бидејќи не можат да добијат помош и поддршка од своите родители поради нивното ниско ниво на образование.

Ако на ова додадеме дека одреден број од ромските деца воопшто и не се тргнати на училиште може само да н‘е загрижи во која насока оди образованието на младата ромска популација.

Интересен е и податокот дека во Република Македонија наставата во основните училишта се одвива на 4 (четири) наставни јазика.  Претставено тоа низ бројки за учебната 2000–2001, изгледа вака:

Табела 7. Број на ученици кои посетуваат настава во основно училиште според наставен јазик

Наставен јазик во основно училиште

Број на ученици

Македонски јазик

242770

Албански јазик

76087

Турски јазик

5874

Српски јазик

616


Ако го споредиме бројот на ученици кои посетуваат основно училиште според наставниот јазик, што подразбира дека најголемиот дел имаат и соодветна национална припадност, со бројот на ученици Роми кои посетуваат основно училиште, а тој за учебната 2000 – 2001  изнесува 7868, само по себе се наметнува прашањето дали, имајќи го предвид бројот на ученици Роми, тие не треба да посетуваат настава во основно училиште на сопствен јазик?


Последици од нискиот степен на образование 

Ниското ниво на образование кај Ромите води до многу тешки последици коишто се одразуваат на социо-економската положба и на сите сегменти од секојдневниот живот.

За да дојдеме до одговорите на прашањето како ниското ниво на образование на Ромите и нивното одлевање од образовниот процес влијае на нивната конкуретност на пазарот на трудот, ќе се повикаме на податоците од Анкетата за работна сила.

Табела 8. Работна сила според националната припадност во периодот 1998-2000 година

Година

1998

1999

2000

 

Враб.

Невраб.

Враб.

Невраб.

Враб.

Невраб.

Вкупно

539762

284064

545222

261451

549846

261711

Македонци

455946

187743

460009

176298

459200

180164

Албанци

50915

61275

49131

52782

53866

52062

Власи

1845

598

2759

533

1555

734

Роми

4166

12115

4458

11337

3589

9776

Турци

12564

10036

10676

9500

12474

7834

Срби

7350

4240

9879

4115

7416

4277

Друго

6976

8057

8310

6885

11747

6864

Големата невработеност е генерален проблем во државата, што е евидентно од табелата 8 и се движи на ниво од околу 32% од работоспособното население. Меѓутоа, проблемот е драстично поголем кај ромското население достигнувајќи број од 74% невработени од вкупно работоспособните (во1998). Ако понатаму побараме подетални податоци за вработените 4166 Роми во 1998 г., ќе може да се види дека најголем процент од Ромите работат како работници за услуги, рудари, индустриски и сродни работници или се работници без занимање, додека во секторот на управни административни и сродни работници нема вработено ниту еден Ром. Ова е директно поврзано со ниското ниво на образование. Поради тоа, Ромите се неконкуретни на пазарот за трудот, во контекст каде што и луѓето со високо образование во голем процент се без работа. Во една ваква ситуација, каде што Ромите не поседуваат образование и квалификации со коишто би се наметнале како конкурентни за одредено работно место, а исто така и присутните предрасуди кон ромската популација и дискриминацијата од страна на работодавците ги принудуваат Ромите да прифаќаат каква било работа, најчесто неатрактивни работи коишто бараат тежок физички труд.

Невработеноста и слабо платените работни места го туркаат ромското население во исклучително неповолна материјална и социјална положба, којашто поткрепена со ниската свест за значењето и предностите на образованието меѓу дел од родителите го прават овој проблем многу сложен и тежок. Економски слабото ромско семејство принудено е да живее на работ на егзистенција и секој член на семејството, вклучувајќи ги и децата, се принудени да заработуваат и да придонесуваат во семејниот буџет. Во една таква тешка ситуација инвестирањето во образованието на децата го зголемува оптоварувањето на семејниот буџетот, па така тоа не е приоритет. Токму ваквата ситуација го натерала и Суад, нашиот јунак од воведот, да ја тера коњската кола со дребулии, да изостанува од училиште и да доаѓа без книги.

Значи слабата економска моќ на ромското население поткрепено со ниската свест за ефектите од образованието предизвикува одлевање на учениците Роми од образовниот процес. Одлевањето на учениците од образовниот процес и неговото незавршување предизвикува нивна неконкуретност на пазарот на трудот. Нивната неконкуретност предизвикува неможност за вработување, а невработеноста и слабата заработка ги турка назад во економска немоќ. Ваквите причинско-последични врски го плетат “магичниот круг на проблеми” поврзани со образованието на Ромите.

Слабата економска моќ и нискиот степен на образование има силно влијание и во секојдневниот (традиционален) живот на ромската популација. Малолетничките бракови поддржани од семејството не се реткост. Сиромашните семејства каде што има женски деца ги поддржуваат ваквите бракови, а во некои семејства дури и ги форсираат со цел да се вдоми ќерката во друго семејство и грижата за неа да ја преземе друг. На тој начин ќе се олесни семејниот буџет од една страна, а од друга страна ќе се зголемат роднинските врски и можноста за заедничка меѓусебна помош.

И малолетничката деликвенција и криминал се поттикнати од сиромаштијата и необразованието. Во потрга по какви било средства, децата прибегнуваат кон дејства спротивни со законот, а потпомогнато од нивното слабо образование, тие стануваат идеална алатка за манипулирање во рацете на оние кои нивните проблеми знаат да ги искористат во своја полза и да профитираат од нив.

Сето претходно наведено ја прави состојбата на Ромите исклучително тешка. Но има ли излез од ваквата ситуација и што се презема по тоа прашање?


Поглед на состојбата и можните решенија од перспектива на некои релевантни фактори

Ромските лидери во нивните работни средини како интелектуалци во различни сектори на дејствување во образовниот процес, во политичкиот живот како политички лидери, пратеници и во граѓанскиот сектор како активисти и членови на здруженија на граѓани се особено важен сегмент во процесот на детерминирање на проблемите поврзани со ромската популација и образованието од една страна и изнаоѓање решенија за решавање на состојбата од друга страна. Тоа се луѓе коишто произлегле, живеат и работат заедено со ромската популација и како такви најдобро ги познаваат и чувствуваат проблемите на Ромите во секојдневниот живот и проблемите поврзани со образованието и во таа смисла веројатно е дека најдобро можат да ги препознаат најприфатливите решенија. Од овие причини, ромските лидери мораат да бидат вклучени во изготвување на каква било стратегија поврзана со нивното образование. Токму поради ова, барајќи ги одговорите на прашањето поставено погоре, а за потребите на овој текст, направив низа интервјуа со лидери Роми, активисти во граѓанскиот сектор и претставници на релевантни институции  од областа на образованието, меѓу кои и Шаип Исини, директор на ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“, Ибрахим Ибрахими, координатор на програмата за образование на Ромите – Ромаверситас, Драган Недељковиќ, директор на Агенцијата за образование на заедниците при Министерството за образование и др. Еден дел од интервјуата е фокусиран на причините за ваквата состојба на образованието кај Ромите, а вториот дел имаше за цел да даде препораки за подобрување на состојбата.

Оценувајќи го образовниот систем во државата и колку тој оди  во прилог на ромската популација, ромските лидери укажуваат дека државата и општеството треба да им посветат повеќе внимание на Ромите затоа што од една страна има зголемен интерес кај младата ромска популација да се образува во рамките на образовниот систем во основното, средното и високото образование, но од друга страна лошата економска моќ на Ромите во целина не им го дозволува тоа на најголем број ученици. Значи, државата треба да најде начин да им излезе во пресрет на потребите и интересите на младата ромска популација. Според Агенцијата за образование на заедниците, Законот за образование во Македонија е еден од најлибералните закони во земјите на југоисточна европа и во земјите на бивша Југославија, а тоа значи дека сите етнички заедници кои не се мнозинство во РМ имаат право на основно и средно образование. Наставата се одвива на македонски, на албански, на турски и на српски јазик, а факултативно се изведува настава на ромски, на влашки и на бошњачки јазик. Согласно Охридскиот рамковен договор, треба да се направи измена на законската регулатива и да се вклучат и Ромите во образовниот процес на сопствен јазик, вели Драган Недељковиќ од Агенцијата за образование на заедниците. Меѓутоа, основен проблем тука е недостатокот на образовен стручен кадар кој ќе може да ја води наставата на ромски јазик, а за да може развојно да се оствари тоа, еден од начините со кои државата им излегува во пресрет на Ромите е и таканаречената „позитивна дискриминација“ преку утврдување квоти за запишување студенти во државните универзитети на РМ.

Барајќи ги причините за послабата вклученост на ромската популација во образовниот систем, постои согласност дека има повеќе причини, а една од најголемите причини е нивната економска и социјална карактеристика којашто е многу неповолона. Втора причина се традиционалните ставови околу раниот брак и родовата поставеност во рамките на семејството, жените треба да се грижат за куќата и децата, па така немаат време за образование. Третата причина е недоволното познавање на наставниот јазик поради што децата потешко се вклопуваат во наставниот процес.  Четврта причина е недоволната писменост на родителите, па така предвидениот наставен материјал на училиште нема со кого да го утврдат дома, нема кој да им појасни или да им помогне околу совладување на материјалот.

За дилемата дали јазикот на којшто се изведува наставата е еден од проблемите во образовнието кај Ромите, ромските лидери сметаат дека е проблем што ромските деца од раѓањето до поаѓање на училиште говорат на ромски, а во прво одделение се соочуваат со проблемот на јазикот,  којшто донекаде е како странски за нив. Поради слабата економска моќ, родителите не ги носат децата во градинка каде што би можеле да се подготват подобро за наставниот јазик во училиштата, па им е потребен подолг период да се прилагодат низ наставата во училиштето. А во Агенцијата за образование на заедниците сметаат дека еден од главните проблеми со коишто би се соочувала реализацијата на наставата на ромски јазик е недостигот на стручен кадар за реализација на наставната програма, а за подготовка на таков кадар е потребно време.

Во врска со конкретните чекори коишто државата би требало да ги преземе за да се подобри ситуацијата со образованието кај Ромите, се истакнува дека би било добро државата  да вработи барем еден од родителите во семејството, со што би се подигнала економската моќ на семејството и децата би можеле донекаде да го надминат финансискиот проблем поврзан со трошоците околу образованието. Тоа ќе води до поголема вклученост на Ромите во средното и во високото образование. Шаип Исини, директор на ОУ “Браќа Рамиз и Хамид”, смета дека со оглед на тоа дека Шуто Оризари е голема општина, постоење на средно училиште во неа ќе мотивира повеќе деца да ја продолжуваат наставата во средно образование. Господинот Драган Недељковиќ од Агенцијата за образование на заедниците смета дека поволно би било ако се овозможи отварување катедра за ромски јазик во рамките на Филолошкиот факултет што би придонело за подобрување и зголемување на стручниот кадар меѓу Ромите. Понатаму, исто така добро би било ако во местата каде што има голема концетрација на ромско население, како на пример општина Шуто Оризари, се отвори училиште за средно образование. На тој начин ќе се намалат трошоците за превоз меѓу учениците Роми, а тие ќе бидат помотивирани да го продолжат средното образование. Посебно е важно за оние Роми кои завршиле високо образование да се најде начин државата да ги вработи за тоа да претставува позитивен пример за останатите Роми. Владата, во соработка со здруженијата на граѓани и политичките ромски лидери од земјава и странство, почна со изготвување образовна стратегија којашто треба да биде подготвена до крајот на 2004 г. Во подготовката на стратегијата ќе бидат вклучени и министерствата за здравство и труд и социјална политика затоа што проблемот е сеопфатен, истакнува Недељковиќ. 

Во врска со отворањето средно училиште во општината Шуто Оризари постојат видувања коишто се на друга линија од претходните. На пример, Ибрахим Ибрахими, координатор на програмата за образование на Ромите – Ромаверситас, смета дека тоа би придонело за уште поголема сегрегација на Ромите. Најголемиот број од ромските ученици би го посетувале ова средно училиште, додека бројот на учениците од други националности би бил мал. Со намалување на контактите со учениците од другите националности, според него,  ромските ученици уште повеќе ќе се затворат во својата заедница што води до натамошна сегрегација, што е спротивно од потребите за интеграција на Ромите во општеството. Според него, подобро би било да се отвори уште едно основно училиште, затоа што постоечките училишта не ги задоволуваат просторните потребите според бројот на сите ученици во општината.


Заклучни согледувања и насоки

И покрај растечкиот интерес на младата ромска популација за вклучување во образовниот процес, и тоа главно во основното образование, и понатаму одреден број деца од најразлични причини не се запишуваат во основно училиште, иако државата го предвидува како обврзно. Имајќи го предвид и малиот опфат на ученици Роми во повисоките нивоа на образование, како и проодноста на тие нивоа, не можеме да кажеме дека образованието на Ромите оди по некоја проектирана нагорна линија за која е осмислен соодветен стратешки пристап.

Има цела низа причини за состојбата во образованието на Ромите и сите тие се причинско-последично поврзани, но се чини дека сепак клучна е економската моќ на ромското население. Овој фактор треба да биде земен како клучен во креирањето на идните стратегии и програми за образование на Ромите.  Посебно е важно да се има на ум дека во образованието прво треба да се вложи, па подоцна да се ефектуира знаењето и да се очекуваат конкретни резултати. Економската ситуацијата ги тера Ромите да трчаат по каква било заработка уште од “мали нозе”, што им го одвлекува вниманието од образованието. Затоа е потребно да се работи на зајакнувањето на економската моќ, но и на развивањето и јакнењето на свеста на Ромите дека образованието е долгорочен пристап кој ќе донесе ефекти, видливи резултати и подобрување на ситуацијата на подолг рок. 

Размислувајќи за идните пристапи за подобрување, се наметнуваат најразлични можности, почнувајќи од едноставни мерки за директна поддршка и помош на Ромите, до сложени одржливи промени и проекти коишто бараат вклучување и долгорочен ангажман на цела низа институции, на пример:

  • Создавање повеќе можности за вработување: државата да води грижа за вработување на барем едно лице од секое семејство, обезбедување работни места за Ромите со високо образование, поттикнување на отворање приватни бизниси и оживување на занаетчиството;
  • Мерки за надминување на дискриминацијата на Ромите при вработување и на работните места;
  • Економска (материјална) поддршка за сиромашните семејства во форма на учебници, бесплатен или субвенциониран превоз, стипендии, субвенционирано сместување во интернатите и студентските домови и сл.;
  • Стручна кфалификација или докфалификација за одредени занимања со што ќе се зголеми конкуретноста на Ромите на пазарот на трудот;
  • Обезбедување полесен пристап за талентираните ученици Роми до компјутери, курсеви за англиски јазик и сл.;
  • Координација на различните пристапи коишто во своите проекти ги применуваат многу здруженија на граѓани, коишто се активни на полето на образованието на Ромите. Потребно е да се согледаат и можностите за интегрирање на успешните проекти како дел од редовната образовна програма.


Линкови
Граѓански организации и фондации
Медиуми
Институции
Регион и свет
Странски организации и претставништва во РМ
Сервиси
Огласи за обуки
Слободни работни места
Конкурси
























НОВОСТИ
Крај на почетокот
Тоа што треба да го изнесам во овој простор, не е вообичаениот став , туку коментар за последниот број на „Граѓански свет” во оваа форма.
Кампањата “Учиме за ЕУ”
Прашањето за уставното име на Македонија го засени интересот за Унијата
Што е Европска Унија? Кои се земјите членки на ЕУ? Која е целта на проширувањето на ЕУ? Кои се симболите и химната на ЕУ? Зошто е создадена Европската Унија? Ова се некои од прашањата кои им се поставуваат на основците и средношколците од 102 училишта во земјава, како дел од кампањата “Учиме за ЕУ”, којашто ја реализираат Секретаријатот за европски прашања во Владата и Министерството за образование и наука.
Реализирана најголемата еколошка акција кај нас
Македонија засади над два милиони садници
Над 2 милиони садници засадени во еден ден е апсолутниот рекорд кој го постигнаа граѓаните на Македонија на 12 март, Денот на дрвото. Во граѓанската акција “Ден на дрвото - засади ја својата иднина” учествува околу 200.000 граѓани, вклучувајќи ги и децата од градинките, учениците, студентите и дипломатите. Граѓанската акција за пошумување на Македонија од самиот почеток ја иницира еден од нашите најпознати уметници, оперскиот пејач Борис Трајанов, а вклучени беа и близу 170 познати имиња од јавниот живот, меѓу кои и Калиопи, Каролина Гочева, Индира Кастратовиќ, Бубо Каров и други.
Катерина Хаџи-Мицева
Кодекси на добро однесување
Кодексот на добро однесување се дефинира[1] како доброволен договор помеѓу неколку организации со заеднички интерес, за одредени принципи или стандарди на однесување, коишто даваат насоки, или пак се обврзувачки за организациите, развиен преку заедничко учество и соработка во донесувањето. Бидејќи кодексот е механизам кој се донесува доброволно и е вид на саморегулирање, начинот на неговото спроведување мора однапред да биде одреден и механизмите треба да бидат вградени во кодексот
Граѓанска организација Англунипе - Тетово
Факултативната настава на ромски јазик - препознатлива активност
Граѓанската организација „Англунипе” од Тетово дејствува во областа на развојот на образованието на ромската популација и на човековите и материјалните ресурси на Ромите во земјава. Се залага за вклучување на Ромите во институциите на системот, за надминување на проблемите на заедницата на локално и на национално ниво. Освен програми за образование, спроведува и програми за развој на економските ресурси и за унапредување на правата на децата Роми и на жената Ромка
Донација
Нов парк од Космофон за штитениците на заводот во Демир Капија
Специјалниот завод за лицата со посебни потреби во Демир Капија доби нов спортско-рекреативен парк, донација од компанијата Космофон. Паркот е изграден во дворот на заводот на површина од 280 метри квадратни. Неговите штитеници ќе можат да се рекреираат на игралишта за ракомет и мал фудбал, во посебниот дел со нишалки, патеки од павер-елементи и фонтана, а целата околина е засадена со зеленило
Проект на Биосфера од Битола
Уреден дворот на Домот за доенчиња и мали деца
Во изминатите седум месеци Центарот за едукација и заштита на животната средина и природата Биосфера од Битола работи на проектот “Со љубов за нашите деца”, чија цел е прибирање средства од локални извори за просторно уредување на дворот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола
Еколозите против нанотехнологијата во прехранбената индустрија
Еколошката групација “Пријатели на планетата Земја” (ФОЕ) повика да се воведе мораториум на користењето на нанотехнологијата во прехранбениот синџир, укажувајќи дека недоволно е истражено влијанието врз човековото здравје и природната средина
 

©MCMS - designed by KOMA