|
ONLINE ВЕРЗИЈА |
|
ПЕЧАТЕНА ВЕРЗИЈА |
|
Филип Андревски
Може ли да се намали сиромаштијата?
Сиромаштијата во Република Македонија е мошне изразена. Граѓанскиот сектор има релативно ограничени можности да влијае врз општите услови и околности за надминување на овој проблем. Сепак, искуствата од директни акции, а уште повеќе придонесот кон градење граѓанско општество на поширок план, се ветувачки дека ќе се помогне во ублажувањето и во потрајното разрешување на сиромаштијата и последиците од неа.
Вовед (или преглед на основните информации за сиромаштијата во Република Македонија)
Во јавноста често се зборува за сиромаштијата во Република Македонија. Се изнесуваат податоци од анализи, истражувања, согледувања. Има мали разлики во нив, но општ и неспорен заклучок е дека сиромаштијата во земјава е драматично присутна, со неа е зафатена една четвртина, а можеби и една третина од населението.
Какви информации кружат и се пласираат во јавноста и во масовните медиуми?
...Според сиромаштијата и невработеноста, Македонија е прва во Европа. Од година на година стапката на сиромаштија се зголемува. Додека во деведесеттите таа во Македонија изнесуваше 2 проценти, во 1997 година, кога се направени првите мерења на степенот на сиромаштијата, достигна 19,1 отсто; во 1998 – 20,7, во 1999 – 21, а според последните објавени податоци за 2001 година, таа изнесува загрижувачки 24,6 проценти.
Секој четврти жител во земјава е сиромашен. На списокот држави од поранешната ЈУ-федерација, Македонија, според просечната плата од 190 евра, е единствено подобра од Србија, каде што платите се пониски. Според стапката на сиромаштија од 24,6 проценти, Македонија се наоѓа на врвот на најсиромашните земји во Европа, што во почетокот на 2001 година, со помош и поддршка на Светската банка, послужи како основа за подготовка на Стратегија на намалување на сиромаштијата, за што беше формиран специјален експертски тим.
Во стратегијата за развој, изготвена уште пред десетина години во МАНУ, приоритетно место им беше дадено на проблемот на невработеноста и на сиромаштијата во земјава, но за жал, до денес, понудените решенија не најдоа примена во практиката...
...Податоците за сиромаштијата и за невработеноста се поразителни. Македонија е длабоко пропадната во сопствената социјална бездна. Невработеноста се доближува до рекордната бројка од 400.000, секој четврти граѓанин во земјава живее под долниот праг на сиромаштијата, странските инвестиции се премали за да апсорбираат дел од слободната работна сила на пазарот, индустриското производство стагнира, а внатрешните долгови се околу 3,7 милијарди долари. Ова се поразителни податоци за крвната слика на економската состојба во која се наоѓа земјава. Дали е допрено дното или уште ќе пропаѓа, никој не знае. Она што се знае е дека не се забележува никаков обратен тренд што овој лош развој на настаните би го придвижил во обратна насока.
Сиромаштијата е состојба во која основните човекови потреби се поголеми од можноста за нивно задоволување. Најпогодени се семејствата на невработените или отпуштените работници, семејствата што ги издржува пензионер со ниски примања и семејствата кои живеат од социјална помош. Кога едно четиричлено семејство од просечна плата, која статистички изнесува 11.000 денари, ќе ги исплати месечните потреби за храна, за трошење остануваат уште 370 денари или 6 евра. Со нив треба да се школуваат децата, да се плати струја, вода, телефон, да се купат чевли и, евентуално, бензин.
Сиромаштијата е секојдневна драма низ која поминуваат многу семејства. Ако одиме според статистиката, тоа се 500 илјади граѓани, но ако одиме според вистинскиот живот, тоа се 500 илјади души понижени и доведени во ситуација да се срамат од својот социјален статус и од својата беда. Замислете ја несреќата на тој родител кој на своето прваче не може да му купи нови книги. Или пониженоста на тој домаќин што зема пари на заем за да може да прослави семејна веселба. Или повреденото достоинство на пензионерот кој нема ни 100 денари за да го израдува своето внуче. Има луѓе што веќе немаат ни телефони, што немаат топла вода и што штедат и на исхрана. Сиромаштијата прави луѓето да не се дружат како порано. Нема веќе одење на одмор, нема заедничко излегување на вечера во ресторан со пријателите, нема веќе игранки и кино. Дури поретко се оди и на гости, затоа што гостинот нема пари да купи нешто за да однесе, а домаќините немаат пари да купат нешто за да послужат. Беспарицата не поштедува никого, ни по етничка ни по партиска линија. На сите им е згазено достоинството, а неизвесноста, фрустрациите поради мизерниот живот и срамот од сопствениот неуспех им се заеднички чувства на сите. Болката предизвикана од неможноста да се живее нормално е голема. Уште поболно од сиромаштијата е самиот процес на осиромашување. Тоа е еден константен материјален пад на кој пред 7-8 години & припаѓале на стабилната средна класа, а денес мораат да се научат да преживеат со средства коишто се премали за потребите. Овој болен пад е проследен и со пад на оптимизмот, а не ретко и со нарушено здравје, нарушување на односите во семејството и пад на моралот. Стравотно беше да се слушне дека лани 63 брака во Прилеп биле растурени, главно, поради влошени брачни односи предизвикани од сиромаштија. Какви ли драми биле тоа, си знаат само тие луѓе што ги имале тие несреќи, кои ние го примаме како статистичка анализа. Впрочем, несреќата не може статистички да се измери...
...Освен во Лесото, во Руанда, во Судан и во Сомалија, од глад и немаштија се умира и во Македонија. А многу помасовно се гладува одошто се умира, бидејќи мнозина се од онаа страна на границата на смртта, а од оваа страна на границата на гладот. Гротесно и трагично звучи изјавата на рудар од Каменица дека треба да прима инсулин и тоа половина час пред јадење, но не може да го прима бидејќи нема пари за јадење. Што да прави? Да краде или да убива за храна?
Од кого да краде и кого да убива, кога сите тие таму во Саса и Каменица немаат што да им се краде, па и да ги убиеш. А тие се државни службеници, бидејќи фирмата е под стечај, но е државна фирма: веќе петнаесет години, државата не може да ја продаде или активира; Стечај или нестечај, но тоа е државна фирма. А рударите, некогаш гордост на оваа земја, гладуваат со штрајк. Многу се граѓански послушни.
Никој не ја принуди државата, пратениците, владите, министрите, функционерите и другите бирократи, од сите бои и партиски определби, од 1991 година наваму, да ги прогласуваат општествените и тогаш самоуправни претпријатија за државни, да го апроприраат и прогласуваат нивниот имот за државен. Кој ги натера на тоа, сиот јавен, општествен, имотен и управувачки капацитет да го присвојат? И потоа, партиски, политички, семејно, локално, лично да си го делат, употребуваат, да го купуваат за мали пари, да си ги назначуваат за “менаџери” синчињата, внуките, деверите и балдезите, а да не зборуваме за снаите, сопругите, кумашините и сваќите; ниту да не зборуваме за етнички “нашите”. Државата, без да н$ праша – н$ прејде, бидејќи сите мислевме – државата, а тоа излезе – внуците, сваќите, тестовите, деверите, членовите на партиите итн. на оние од државата. А овие другиве, од Саса и од Каменица и од многу други Каменици – не се токму свесни дека, според законите, нивни газда, сопственик и директор е државата, а не стечајниот управник. Стечајните управници, се разбира не сите, има и убави и благородни примери, но обично, гледаат да ставаат во џебот – што повеќе.
Просветните работници? Макар што не се само тие. Ги има многу други: административци, здравствени работници, полицајци, офицери и војници, да не говориме за пензионери, болни пензионери и пациенти и кој уште не. Просветните работници, со своите бедни 9.000 денари, од кои 7.000 денари треба да одделат за комунални трошоци, а не можат да го сторат тоа. Трошоците & ги должат на државната ЕСМ – за струја, и на државната МРТ за ТВ, и на државниот водовод, канализација, хигиена. Просветарите изјавуваат дека примањата од 9.000 им стигнуваат само за леб и млеко; дека сметките за државните компании за струја, вода, хигиена итн. ги чуваат, односно не ги плаќаат. На тој начин стануваат крадци и криминалци.
Сиромаштвото изгледа се надвило како чума над Македонија. Владата ги крие податоците. Во “Светскиот извештај на ООН за човековиот развој”, во ниту една година досега, од независноста на државата, нашите влади не го искажуваат индексот на сиромаштија. Владата на РМ досега не им дала извештај на Обединетите нации каков е индексот на гладот и сиромаштијата. Не известила за имплементацијата на Планот на ООН (т.н. Милениумски план), според кој секому треба да му се обезбеди долар дневен приход за преживување.
Во меѓувреме, рударите од Каменица изумираат од глад. И пензионерите, 100 отсто осигуреници, исто така, бидејќи никој пред 40-50 години не им беше рекол дека откако ќе се пензионираат, на власт ќе дојдат некои мангупи и ќе речат – вашето осигурување било во социјализмот, а во демократијата тоа нема да важи. Немаме инфлација, демократскиот дефицит го совладуваме, имаме с$ повеќе мир и стабилност, не се краде како во сиромашните земји. А сепак, животниот век н& стагнира и дури се смалува. Наталитетот значително ни е смален. Нема врска – етнички или генерациски. Во богатите земји наталитетот се смалува поради луксузирањето. Во средноразвиените се покачува. Потребна им е работна сила. Во сиромашните, како Македонија, се смалува поради бедата. Во најсиромашните – повторно се зголемува зашто не знаат што е ситост. Ние сме некаде на таа граница – помеѓу гладот и ситоста. Но, ние сме специфика: изумираме бидејќи нема веќе кој и со што да ја финансира репродукцијата...
Теоретски аспекти на сиромаштијата
Заводот за статистика на РМ дефиницијата за сиромаштија ја презема од програмата на Еуростат. Според неа “за сиромашни се сметаат сите лица, семејства и групи на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво коешто ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат”. Покрај терминот сиримаштија, кај нас се употребуваат и беда, минимум егзистенција, социјално слаб, минимален животен стандард и слично.
Постои една тешкотија со која се соочува секоја дефиниција на сиромаштијата, а тоа е дали ќе ја третираме на релативен или на апсолутен начин.
Кога говориме за апсолутна сиромаштија тогаш предвид го имаме минималниот стандард којшто може да се примени за сите општества и сите поединци кои кога ќе се најдат под таа линија ќе се сметаат за сиромашни. Луѓето се во сиромаштија ако немаат средства за да преживеат. Сиромашни се оние чии приходи не се доволни да се задоволат основните потреби или како што се нарекуваат “темелни физички потреби”, како што се прехраната – мерено во фактори преку калориите и белковините, живеалиштето – мерено низ квалитетот на станот, неговата големина, хигиена и слично. Во ова група елементи спаѓаат и степенот на смртноста на доенчињата, квалитетот на здравствените услуги и по нешто друго коешто се смета за неопходно и без коешто не е можен нормален живот. Некои автори поимот на апсолутна сиромаштија го прошируваат и во сферата на “темелните културни потреби”, каде најчесто се наведуват шансите за образование, сигурноста, користењето слободно време и слично. Определбите на апсолутната сиромаштија се базираат врз сфаќањето за постоење основни потреби коишто се заеднички за сите луѓе, без разлика каде живеат и на кои социјални групи им припаѓаат.
Приврзаниците на концептот на релативната сиромаштија (многу поприфатлива за социолозите) поаѓаат од ставот дека луѓето се многу различни, живеат во општества коишто се разликуваат по степенот на материјалниот развој, но и во однос на разликите во културата и дека е тешко да се дефинираат потребите што би важеле за сите, на пример: потребите од храна, а да не се земе предвид занимањето, кое претпоставува разлики во внесувањето калории во организмот што се неопходни за извршувањето на некоја работа. Минималните потреби што се неопходни за опстанокот на човекот зависат од многу други фактори и се различни во секоја култура и општество. Со поимот релативната сиромаштија сме поблиску до една реална и поцелосна дефиниција на сиромаштијата. Имено, поимот релативна сиромаштија се однесува на стандардите на едно конкретно општество и во конкретно време. Релативните дефиниции упатуваат на индивидуален и групен кусок на ресурси во споредба со другите членови на општеството, односно нивниот релативен животен стандард.
Слободно можеме да кажеме дека сиромав е оној кој не располага со средствата за задоволување на некои основни потреби; има помалку отколку другите во иста заедница.
Иако постои голем економски напредок во сите делови во светот, с$ позачудувачко е сознанието дека приближно една милијарда луѓе од овој свет живеат на “работ на егзистенцијата”. Половина милијарда од жителите на планетава се хронично гладни, исто толку и неписмени. С$ почеста е појавата на искористување евтина работна сила – детската работна сила, во индустријата, на плантажите, по хотелите и рестораните, со вршењето недозволени облици на трговија и слично.
Лажен е впечатокот ако мислиме дека појавата сиромаштија е типична само во неразвиените земји, земјите од Третиот свет (Азија, Африка, Средна и Јужна Америка) или земјите од некогашниот “комунистички комонвелт” (Југоисточна и Источна Европа). Таа е присутна во целиот свет, односно и во развиените земји.
Да се биде сиромашен во богато општество можеби не е исто што и да се биде сиромашен во сиромашно општество, но некои карактеристики се заеднички за сите сиромашни, без разлика каде живеат и на кој економски и социјален степен се наоѓа конкретното општество.
Д-р Јорде Јакимовски нуди резултати од едно истражување на едно прашање: “Ве молиме посочете кој вид на модалитет (одговор) најмногу одговара на финансиската состојба на Вашето домаќинство?”. Добиени се следниве одговори:
- нема доволно пари да купи храна ..................................... 23,1% - има доволно пари да купи храна, но постојат тешкотии за купување облека и обувки .............. 38,4% - има доволно пари да купи храна, облека и обувки, но не може да си дозволи да си купи скапи работи (бела техника, мебел и сл.) ............................................... 31,7% - може да се купи скапи работи, но не и с$ што сака ............... 5,8% - може да се дозволи речиси с$ што сака ............................... 1,0 % вкупно 100%
Проф. д-р Весна Димитриевска вршела квалитативно истражување на сиромашните. Еве ги резултатите коишто нудат опис на сиромашните семејства (во РМ).
Мислење на домаќинствата кои постојано биле сиромашни
Оваа категорија испитаници го има прифатено начинот на живеење и задоволување на потребите на едно многу ниско ниво. Не чувствувале посебна непријатност кога говореле за себе како за сиромашни. Приоритет кај нив имале потребите од храна, потоа малку огрев и покрив над главата. Нивните изјави не се исполнети со силни емоции на негодување. Тие го имаат ваквиот начин на живеење како нешто неминовно. Хигиената во живеалиштата им е сведена на минимум, живеалиштата им се стари, често пати со испукани ѕидови, покривите се во лоша состојба (кога врне протекуваат), вратите и прозорците често пати не се затвораат добро. што се однесува до покуќнината, често недостасуваат кревети, маси, столови, фрижидер, електричен шпорет, телевизор и слично. Затоплувањето најчесто е на дрва, но тоа не ги задоволува ниту најниските стандарди. Оваа категорија луѓе немаат никаква потреба од посета на културни манифестации, воопшто не читаат книги, ниту пак весници.
Мислење на домаќинствата што осиромашиле
Оваа категорија испитаници многу се разликува од претходната, пред с$ во изразувањето силни емоции (зборување со покачен тон, чести пцости, плукање, треперење од возбуда и слично) и остри осуди, критики (претежно насочени кон актуелната власт и директорите на претпријатијата кои ги присвоиле со “кражба”). Обично живеат или во сопствени индивидуални куќи, односно станови, или во индивидуални куќи, односно станови од родителите или пријателите. Нивните станови претежно им се опремени со мебел и покуќнина коишто се претежно стари и дотраени, купени од порано. Честа е појавата, кај оваа категорија сиромашни, во недостаток на пари да се продава дел од покуќнината. Образовното ниво им е различно: доминираат со средно, но има и со вишо и со високо образование. Најголемиот број од нив се невработени.
Дел од оваа категорија го бараат излезот од сиромаштијата во нелегалната или полулегалната трговија.
Анализа на расходите на сиромашните домаќинства
Посебно внимание им беше посветено на ризичните групи (самохрани мајки/татковци; пензионери; инвалидизирани лица; домаќинства каде нема вработено ниту еден член и домаќинства каде има вработено некој член, но приходите им се минимални или нередовни).
Кај домаќинствата од првата категорија е забележано конзумирање производи, купувани по евтина цена на пазарите, често пати со критичен рок на траење, често пати собирани од пазариштата како неподобни за продавање или собирани од нивите, за кои производителите ги оцениле како непотребни. Конзумирањето на основните производи, потребни за нормално живеење, сведено е под пропишаните стандарди, освен употребата на производи од жито и преработки од истите и витални масти, кои се движат во рамките на дозволеното.
Овие домаќинства сите пари ги трошат на храна. Сосема минимални средства трошат за хигиена, некои домаќинства дури воопшто не трошат – на пример: осумчлено семејство во текот на еден месец користи едно тоалетно сапунче од 150 грама, 5 ролни тоалетна хартија, 2 кг прашок за перење, една паста за заби од 50 мл. Интересно е тоа што оваа категорија сиромашни семејства не се откажуваат од цигарите. Истото осумчлено семејство за петнаесет дена троши 56 кутии цигари или 1.288 денари, а само 700 денари за месо, риба, јајца итн.
Втората категорија има некоја промена во начинот на живеење.
Овие домаќинства малку повеќе одвојуваат средства за хигиена. Режиските трошоци ги плаќаат, но со мало задоцнување. Нешто помалку трошат за облека и обувки (евтино и од пазар). Како и претходната група, и овие не се откажуваат од цигарите, и покрај фактот што останатите производи ги употребуваат под пропишаните стандарди. Интересно е дека доста пари трошат на лижавчиња, смоки, грицки и мастики. Оваа категорија многу често игра игри на среќа (лото, бинго).
Општ заклучок е дека сиромашните семејства во основа се исхрануваат неквалитетно и под предвидените нормални стандарди. Поразновидна им е храната во пролетниот период, но е под предвидените стандарди. Сите домаќинства употребуваат производи од жито и преработки од истите, витални масти, шеќер. Употребата на зеленчукот најчесто е сведена претежно на грав, компир и зелка.
Општо за сите домаќинства е дека тие трошат многу повеќе отколку што им се реалните приходи. Оправдувањето за недостигот од пари мора да го објасниме со честите позајмувања, одложеното плаќање и свесното пречекорување на дозволеното салдо на тековната сметка.
Како да се намали сиромаштијата
Со помош на истражувањата и нивните резултати се отворија одговорите и начините на справување со овој (актуелен) проблем.
? Создавање услови за повисок и стабилен економски растеж. Станува збор за брзо и успешно спроведување на реформите – поддршка за програмата за праведни структурни реформи, со цел да се создадат услови за пораст на БДП, зголемувањето на вработувањето и индивидуалниот стандард, а извори на овој растеж се порастот на извозот и инвестициите;
? Да се отстранат слабостите во промовирањето на секторот на претпријатијата, односно да се зајакнува правната рамка на вработените – редовна исплата на платите, исполнување на обврските кон пензиско–инвалидскиот фонд и здравствено осигурување;
? Посебно внимание во РМ треба да му се посвети на подобрувањето на достапноста и пристапноста на инфраструктурата и социјалниот сервис на оддалечените, изолираните и маргинализираните заедници;
? При давањето предимство на инвестициите, неопходно е да се има предвид дека со неизградена инфраструктура, апсорпцијата на инвестициските капацитети во недоволно развиените подрачја е мала. Со цел да се обезбеди потполно искористување на човечкиот капитал и материјалниот потенцијал, во сиромашните подрачја се смета дека првенствено значење имаат инвестициите за подобрување на комуналната инфраструктура;
? Во РМ треба да се вложат значителни напори во реорганизацијата на средното образование, образованието на возрасните и преквалификацијата за да им се помогне на работниците при промена на работните места, во согласност со побарувачката на пазарот. Децата треба да имаат пристап до квалитетно образование, при што во училиштата треба да се организира квалитетна настава и да се обезбедат модерни технолошки средства за едукација;
? За натамошна достапност и квалитет во здравствените услуги потребно е фокусирање на здравствената политика кон сиромашниот дел од населението. Станува збор за финансирање на основната здравствена заштита, со пристап кон услугите и квалитетот на здравствените услуги коишто се од исклучително значење за сиромашните групи;
? Треба да се дефинираат критериумите за примање социјална помош, со цел да се овозможи правична и порамномерна распределба на средствата кон најсиромашните групи;
? Постојана грижа на државата треба да биде политиката за унапредувањето и вработувањето како ефикасна мерка за борба против сиромаштијата и промовирање на социјалната интеграција;
? Зголемување на можностите за формирање приватни претпријатија и пристап на микропретпријатијата до кредити и технолошки иновации;
? Во РМ треба да се настојува да се формира посебно тело составено од стручни лица од разни социјални институции и научни работници кои работат на односната проблематика;
? Развивање на претприемништвото, кое има најголем удел за унапредување на македонската економија.
Граѓанскиот сектор и сиромаштијата
Како што се гледа, ова е широко прашање, со сиромаштијата се зафатени многу слоеви од населението од земјава. Значи, тоа е проблем на целото општество, па и на меѓународната заедница (и преку специјализирани институции за проблемите на сиромаштијата и преку други организации за економски и општествен развој).
Што прави и што може да направи граѓанскиот сектор, популарно познатите невладини организации, за разрешување, поточно речено за ублажување на проблемите на сиромаштијата?
Досегашната практика познава определен број активности и мерки на граѓанските организации. Акциите со помал дострел директно насочени кон одделни сиромашни делови од населението се поднесуваат на организирање народни кујни (во Скопје, во Битола, во Струмица), на доделување друг вид помош во облик на храна, хигиенски средства, облека (во Куманово, во Крива Паланка, во Прилеп). Се практикува и помош со поголема вредност (мебел, бела техника, радио и телевизиски апарати) за семејства со поголем број деца (Скопско, Кумановско), настани кои добиваат јавност во медиумите.
Граѓанските организации имаат и пошироки зафати, директно или индиректно поврзани со надминување на сиромаштијата, почесто со заложби и акции за отстранување на причините за сиромаштијата.
Така, се реализираат проекти за радикално подобрување на ситуацијата на живеење на ромското население со негов поцелосен опфат во образованието, во здравството, во демократските процеси.
Преку граѓанските организации се градат повеќе објекти од инфраструктурата коишто придонесуваат за поквалитетен живот на населението (патишта, водоводи, улици).
Во зависност од сферата на дејствување, граѓанскиот сектор стимулира и директно помага акции во економската област (мали и средни претпријатија), со што се раздвижува стопанската дејност со што се зголемува вработеноста и се влијае врз подобрување на животниот стандард на луѓето и врз намалувањето на бројот на сиромашните лица.
Самиот факт што во граѓанските организации има определен број вработени или преку нивните активности поголем број лица доаѓаат до извесни финансиски и други средства зборува за директно–индиректниот придонес за намалување на сиромаштијата во општеството.
Меѓутоа, најголемиот придонес на граѓанскиот сектор во процесите на надминување на сиромаштијата треба да се гледа во нивната долгорочна мисија за изградба на граѓанско, демократско општество во најширока смисла на зборот, за подобрување на квалитетот на животот во целина, па и на сиромашните слоеви од населението. Таа се гледа во повеќе линии:
? Индентификација на сиромаштијата и нејзините карактеристики;
? Идентификација на конкретните слоеви, делови од населението кои живеат во услови на сиромаштија;
? Правењето анализи, согледувања, истражувања поврзани со проблематиката на сиромаштијата;
? Поттикнување на надлежните институции за соочување со феноменот на сиромаштијата и за преземање мерки за нејзино ублажување, надминување и целосна елиминација;
? Создавањето свест дека сите луѓе имаат право на пристојни и достоинствени услови за живот – развој.
Прегледот на активности и позитивни практики во некои од земјите во непосредното и поширокото соседство на Република Македонија нуди релативно познати процеси, акции и мерки во намалувањето на сиромаштијата. Во Србија и Црна Гора граѓанскиот сектор во изминатата деценија и половина се ангажираше во спречување на сиромаштијата настаната како последица од воените дејства на просторите на поранешната СФР Југославија (акции за снабдување со леб и брашно, прехранбени производи, облека). Слични активности се регистрирани и во Република Босна и Херцеговина. Во Република Албанија масовна е сиромаштијата и акциите на граѓанските организации имаат ограничен дострел (главно на поединечно, односно семејно ниво).
Можно е да се издвојат две ситуации: во Република Бугарија токму граѓанскиот сектор пред десетина години иницира, а потоа ја стимулира широката јавна расправа за сиромаштијата, со нудење анализи, аргументи и решенија, што подоцна станаа дел од вкупните напори на општеството за економски подем и за отстранување на основите на сиромаштијата.
Во Република Хрватска граѓанските организации не ја исцрпија својата функција и мисија во сферата на демократијата и беа најгласни и најупорни за посебни проекти во туризмот, во инфраструктурата, во прехранбената индустрија и слично што резултира со економски раст и развој и стратешки чекори против сиромашното општество.
Неодамна, самоиницијативно, определен број граѓански организации од земјава ги објавија извештаите за својата работа во 2004 година (најкус пресек на активностите и синтетизиран извештај за финансиската ситуација). Од извештаите може да се види дека определен број акции биле најнепосредно поврзани за стандардот на луѓето и за прашањата на сиромаштијата. Во поширок контекст гледано, повеќе проекти помагале за процесот на поквалитетно живеење и спречување на осиромашувањето.
Врз основа на досега кажаното, може да се заклучи, во најкуси црти, дека граѓанскиот сектор во Република Македонија ги има предвид прашањата и проблемите на сиромаштијата, реализира конкретни акции за нејзино ублажување, а неговата потрајна функција, сама по себе, претставува придонес во зафатите за помал број сиромашни лица.
Продолжувањето на овие чекори, нивното интензивирање, поддршката на напорите за надминување на сиромаштијата, градењето свест (во јавноста и во “прозивањето” на надлежните органи, организации и институции) за неопходноста од пристојно и достоинствено живеење, како и понудата на креативни идеи, се темелите на кои треба и може да се гради и доградува придонесот на граѓанскиот сектор во борбата против сиромаштијата. Сиромаштијата инаку може да се искорени само со таканареченото “македонско економско чудо”.
Користена литература и извори
1. Тенденциите на сиромаштијата и можностите за нејзино надминување, Научен собир, Фондација “Фридрих Еберт”, канцеларија – Скопје, 18 и 19 декември 2000, Скопје.
2. Маршал, Гордон: Оксфордски речник по социологија, Скопје, 2004.
3. Група автори: Социо-економска структура и проблеми на населението во Република Македонија, Скопје, 2001.
4. Социјалната сигурност на населението во Република Македонија во услови на транзиција - реферати и дискусии, Научен собир, Фондација “Фридрих Еберт”, канцеларија – Скопје, 27 ноември 1997.
5. Ланди, Катерина Л.П. и Варм, Барбара Д: Социологија – прозорец кон светот, Нелсон, Канада.
6. Социјално раслојување во Бугарија и во Република Македонија, Фондација “Фридрих Еберт”, Институт по социологија БАН, Институт за социолошки и политичко–правни истражувања – Скопје, Софија, 1998 година, Издателство “ЛИК”.
7. Весници: “Дневник”, “Утрински весник”, “Време”.
8. Десет години против, граѓаните во Србија во борба за демократија, 1991–2001. Белград, Медија-центар, 2001.
|
|
|
|
Крај на почетокотТоа што треба да го изнесам во овој простор, не е вообичаениот став , туку коментар за последниот број на „Граѓански свет” во оваа форма.
|  |
Кампањата “Учиме за ЕУ”
Прашањето за уставното име на Македонија го засени интересот за УнијатаШто е Европска Унија? Кои се земјите членки на ЕУ? Која е целта на проширувањето на ЕУ? Кои се симболите и химната на ЕУ? Зошто е создадена Европската Унија? Ова се некои од прашањата кои им се поставуваат на основците и средношколците од 102 училишта во земјава, како дел од кампањата “Учиме за ЕУ”, којашто ја реализираат Секретаријатот за европски прашања во Владата и Министерството за образование и наука. |  |
Реализирана најголемата еколошка акција кај нас
Македонија засади над два милиони саднициНад 2 милиони садници засадени во еден ден е апсолутниот рекорд кој го постигнаа граѓаните на Македонија на 12 март, Денот на дрвото. Во граѓанската акција “Ден на дрвото - засади ја својата иднина” учествува околу 200.000 граѓани, вклучувајќи ги и децата од градинките, учениците, студентите и дипломатите. Граѓанската акција за пошумување на Македонија од самиот почеток ја иницира еден од нашите најпознати уметници, оперскиот пејач Борис Трајанов, а вклучени беа и близу 170 познати имиња од јавниот живот, меѓу кои и Калиопи, Каролина Гочева, Индира Кастратовиќ, Бубо Каров и други. |  |
Катерина Хаџи-Мицева
Кодекси на добро однесувањеКодексот на добро однесување се дефинира[1] како доброволен договор помеѓу неколку организации со заеднички интерес, за одредени принципи или стандарди на однесување, коишто даваат насоки, или пак се обврзувачки за организациите, развиен преку заедничко учество и соработка во донесувањето. Бидејќи кодексот е механизам кој се донесува доброволно и е вид на саморегулирање, начинот на неговото спроведување мора однапред да биде одреден и механизмите треба да бидат вградени во кодексот |  |
Граѓанска организација Англунипе - Тетово
Факултативната настава на ромски јазик - препознатлива активностГраѓанската организација „Англунипе” од Тетово дејствува во областа на развојот на образованието на ромската популација и на човековите и материјалните ресурси на Ромите во земјава. Се залага за вклучување на Ромите во институциите на системот, за надминување на проблемите на заедницата на локално и на национално ниво. Освен програми за образование, спроведува и програми за развој на економските ресурси и за унапредување на правата на децата Роми и на жената Ромка |  |
Донација
Нов парк од Космофон за штитениците на заводот во Демир КапијаСпецијалниот завод за лицата со посебни потреби во Демир Капија доби нов спортско-рекреативен парк, донација од компанијата Космофон. Паркот е изграден во дворот на заводот на површина од 280 метри квадратни. Неговите штитеници ќе можат да се рекреираат на игралишта за ракомет и мал фудбал, во посебниот дел со нишалки, патеки од павер-елементи и фонтана, а целата околина е засадена со зеленило |  |
Проект на Биосфера од Битола
Уреден дворот на Домот за доенчиња и мали децаВо изминатите седум месеци Центарот за едукација и заштита на животната средина и природата Биосфера од Битола работи на проектот “Со љубов за нашите деца”, чија цел е прибирање средства од локални извори за просторно уредување на дворот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола |  |
|
|