Киро Козаров
Придонес на граѓанските организации на патот кон евроинтеграциите
Насочувањето на своето внимание кон процесите на приближување на нашата земја кон ЕУ спаѓа во редот на многу важните активности, ако се држиме до правилото дека граѓанските организации треба да се свесен и активен сведок во процесот на градбата на конструкцијата на своето општество.
Во моментот, без сомнение, се наоѓаме на самиот праг на завршувањето на концептот, стратегијата на кој начин тој процес побрзо би го завршиле. Но, кон нашата цел мораме да се движиме со голема претпазливост, свесност и трпение. Секако, многу значајно и мудро однесувања на човековата дејност е соработката, стекнувањето нови искуства и сознанија, учење од другите народи и култури, правење сојузи заради подоминантни и поусовршени локални и глобални системи.
Еклектичкиот принцип на влегување во современиот свет е веројатно најдоброто решение за Македонија. Внесувањето на ваквите вредности во нашата меморија, дневна и општопостоечка, е секако од драгоцена природа. Како ќе се доближиме и ќе ги реализираме стремежите на човечкиот род да создадеме норми за поубав живот во систем најблизок до човековата природа, ако не работиме самите ние, ако не сме организирани во граѓански иницијативи (во соработка, се разбира, со официјалните организатори на општествениот и државниот живот).
По логиката на својата општествена слобода на размислување и дејствување, надвор од (понекојпат) стерилните протоколарни норми и лично засегнати од конкретни прашања (зашто така и се формирани) граѓанските организации ја имаат шансата да го кажат своето мислење, својата идеја, да го одработат својот дел.
Во контекст на насловот на текстот не оптоварени од меѓудржавните протоколи тие, во соработка со граѓанските организации во земјата и надвор (во другите земји), можат да направат многу значајни активности коишто потоа можат да му помогнат на владиниот сектор или своите придобивки да ги иницираат пред официјалните државни органи и тела.
Така размислувајќи и дејствувајки, организираните граѓански иницијативи и идеи ги ставаме на вистинското место на општествената скала. Оттука, треба да ја интензивираме и мотивираме активноста на граѓанскиот сектор во локалната и во глобалната активност кон евроинтеграциите.
Теоретски преглед
Невладиниот сектор с$ повеќе и повеќе го манифестира својот капацитет и искуство во реализацијата на важните општествени задачи и ја демонстрира својата важност како битен дел на системот. Граѓаните дефинитивно го имаат вистинскиот модел за влез во системот преку којшто ќе го креират својот живот.
Процесот на приближување и вклучување на еден систем (општество) кон поголем и поразвиен, подразбира подолгорочна активност, и тоа на два фронта: Активности на внатрешен и меѓународен план.
Токму активностите на меѓународен план по прашањето на “Придонесот на ГО на патот кон евроинтеграциите” треба да отпочнат што порано, да ја интензивират меѓудржавната граѓанска иницијатива и да дејствуваат кон презентирање и афирмирање на нашите позитивни вредности во културата, во историјата и во демократските процеси пред земјите на Европа.
Имајќи предвид дека граѓаните на Македонија од разни причини се расфрлени низ сите страни на светот, логично е дека тој аргумент треба да го искористиме и да работиме на свеста дека секој од нас може и треба да одработи макар и еден непристојно мал дел од работата.
Ако ништо друго, во својата лична свест ќе вградиме вистински сознанија за европското мислење за нас. Свеста на Европа за Македонија е повеќе кон границата на непознавање на нашата реалност, отколку да ги познаваат вредностите (тоа е посегање кон војна, конфликти, недоволно развиена култура, проблематични средини, конфликти со соседите). Најчесто проблемот се инкасира на нашето конто. Нашите вредности треба силно, континуирано и бескомпромисно да ги афирмираме заедно со нашите поддржувачи (пријатели) пред Европа.
Борбата на внатрешен план е уште поважна и потешка. Процесот на промена на свеста и новите културни навики бара јасна стратегија и време. Опасности демнат од сите страни. Промените секогаш се тешки и ризични. Прифаќањетро на европските вредности не смее да ги потисне вредностите на Македонија или (ние) брзоплето и некритички да ги препознаеме само надворешните вредностите како единствено вредни и лесно прилагодливи и прифатливи кај нас, а во исто време засенувајќи ги, потиснувајќи ги или целосно бришејќи ги нашите. Овој таканаречен процес на прием во ЕУ треба добро да го разбереме и обработиме. Македонија ќе ја афирмираме од аспект на нејзината долга традиција, Христијанска историја, посебен менталитет, прекрасни обичаи, соседите, националната разноликост - тоа треба да се укомпонира во нашата вистинска слика. Ние ја промовираме оптимистичката, сврзувачката карактеристика на нашиот начин на живеење.
Работата е долгорочна и макотрпна, но има свој почеток и крај, а тоа охрабрува.
Граѓанските организации ги утврдуваат понатамошните чекори во својата работа и дејствување како: Лоцирање, односно дефинирање на предметот (темата) на своето дејствување и начинот, односно инструментите преку коишто ќе дојде до својата цел.
ГО треба во својот стручен и утврден капацитет да се насочи на строго утврдена цел и со помош на утврдените инструменти да ја реализира својата програма.
Инструменти
1. Истражување кон утврдување на начинот на дејствување; 2. Формирање сојузи, односно поврзување со исти такви организации во други земји; 3. Користење на јавните медиуми во земјата и надвор (придобивање новинари кон својата организација); 4. Консултирање со меѓународни стучни институти и иницирање нивна активност по своите прашања; 5. Формирање лоби -групи; 6. Директни контакти со значајни личности од културниот, од политичкиот, од економскиот живот на земјата во којашто вршиме дејност во моментот; 7. Изнаоѓање начини за контакти и соработка со слични ГО заради дефинирање на проектот и контакти со значајни институции од политичкиот и од културниот живот во сопствената земја; 8. Соработка и меѓусебно информирање со граѓански организации, институции во странство; 9. Иницирање и организирање презентации на Р. Македонија во странство пред клубови, ГО и секаде каде имаме можност и поддршка да го сториме тоа; 10. Објавување публикации за Македонија или материјали за конкретните проекти и програми.
Истражувањето кон утврдувањето на начинот на дејствување треба да ги дефинира формите и нивото на активноста. Имајќи ја предвид природата на ГО, тоа треба да биде активност на кадри со исто таква ориентација и интерес за таква активност, да се волонтерски насочени и со блиски меѓусебни пријателски односи. Заедничката цел треба да биде доминантна.
Заради организиран и полесен начин на реализација на своите активности во други земји, неопходна е организацијата во сојузи за да имаме во другите земји свои канцеларии, технички помагала, материјални средства, а тоа значи тамошна помош во вршењето на техничките и други работи во наше име и за нас. Обратно, ние за нив ги вршиме активностите кај нас. Тоа се активности коишто битно ги смалуваат трошоците за работа на нашата ГО, отколку за секоја активност да се патува и да се трошат средства и време.
Лоби-групите се најзначајниот елемент во реализацијата на планот што сме го зацртале. Нивната активност е од големо значење зашто во ист момент решава неколку проблеми.
Информирање, финансии, посигурна реализација на целта. Посебно е интересен моментот дека тие го одредуваат времето на дејствување, ангажираат кадри и најдобро познавајќи ја средината во којашто дејствуваат, имаат најголем ефект.
Соработката со новинарите и придобивањето на нивните симпатии кон нашата активност и нивно придобивање како членови или само симпатизери на нашта активност, придонесува тие самостојно да ја следат или да се активни учесници во програмата што ни дава нам голема предност во информирањето на јавноста на најдобар можен и објективен начин. Се разбира, симпатиите во информирањето се неизбежни.
Да се организира една макар и скромна презентација за нашата земја, за активноста на нашата граѓанска организација бара големи материјални средства, кадар и технички помагала. Но, ако неа ја организираат нашите колеги во дотичните земји и со помош на тамошните институции (на пример, собранието на градот и со помош на нивни спонзори), тогаш многу едноставно, со мали финансиски средства и со голем ефект, се завршува еден сложен, а понекогаш и неизводлив проект.
Помошта што ја дават тамошните организации во тој случај е материјална, многу ангажирана, подразбира вклучување значајни личности.
Примерот на Унисоно Струмица
Некаде околу 1986 година група новинари, културни работници, политичари, наши иселеници во Германија собрани околу идејата за презентирање на своите култури пред нивните пријатели во тамошните средини (Германија, Швајцарија) и создавање посебен систем за меѓусебно презентитање на своите земји во културата, а посебно ние Македонците да придонесеме за поцелосно претставување на Македонија во Германија и да им помогнеме на нашите иселеници - ја конструиравме во своите глави идејата дека: “Во културата и историјата нема големи и мали, тука сите сме еднакви” и “Таму каде нема да се разбереме со зборови, ќе се разбереме со музика”.
Сакавме да го искористиме целокупниот човечки потенцијал на нашите иселеници (независно на стручноста) и да го организираме и доближиме до нашата идеја. Така, Унисоно од Синделфинген почна да ги организира нашите луѓе, да ги насочува нивните активности и да им дава можност за нивни иницијативи, решавање на проблемите, организирање македонски средби во коишто токму обичните луѓе (дотогаш изгубени во новиот и непознат свет) беа вклучени како организатори и реализатори (со помош на Унисоно).
Со текот на годините, почна да се јавува потребата од попрофесионална организација и поддршка (кадровска и искуствена), која, се разбира, можеше да се најде во својата матична земја. Контактите се множеа, а бројот на луѓето постојано растеше. Контактите се проширија меѓу градоначалници, бизнисмени и политичари.
Тргнавеме од поединечни средби и контакти со луѓе од културата, новинари, политичари и стигнавме до мај 1997 г. на основачкиот конгрес на УНИСОНО ЕВРОПА ЕВИВ (УНИСОНО ЕВРОПА ЕВИЊ) во Синделфинген, Германија. (Основачи беа претставници на Португалија, на Шпанија, на Полска, на Германија, на Русија и на Македонија).
Со целосна посветеност и љубов и настојување кај структурите во Синделфинген Германија - Фридрих Фаустен ја придоби наклонетоста на проф. д-р Ритха Сисмут, тогашен претседател на Германскиот бундестаг, да го преземе почесното претседателство на Унисоно Европа.
Како пример во оваа насока, може да се набројат активностите коишто ги реализира Унисоно Европа ЕВИВ во изминатиот период, како заеднички проекти од областа на културата, печатење и објавување заеднички информативни и пропагандни материјали. Унисоно Европа организира округла маса на тема “Македонија во Европа”, а ја реализира Меѓународниот институт Либертас. Неколку десетици репортажи за Македонија беа реализирани во германските и во португалските весници, радија и ТВ-станици. Објавена е првата книга за Македонија на португалски јазик “Бем виндо а Мацедониа”. За време на “Европската година против расизмот”, Унисоно Струмица ја организира изложбата на “Македонските егзодуси 1913-1948” во Португалија. Изложбата содржеше над 40 фотографии од настаните помеѓу 1913 и 1948 година.
На 24 април 2004 г., во рамките на прославата “30 години од Револуцијата на црвените каранфили во Португалија”, имавме официјална презентација за Македонија, каде имавме и посета на Собранието на Португалија. За време на кризата, Унисоно Европа организира посета на 17 новинари од повеќе земји и ги посетивме кризните подрачја во РМ .
Заклучоци
Една вака обемна и долгорочна активност е можна само со координирана, стручна, а пред с$ и со локална и со меѓународна акција. Резултатите можеби не доаѓаат секогаш брзо, но доаѓаат. Може да констатираме и да кажеме дека граѓанските организации станаа универзитети преку коишто нивните членови (со којзнае колку членство) се едуцираат, претворувајќи се во граѓани со образована и искуствена основа што допрва ќе го даде својот придонес во позитивна промена во целокупниот имиџ на новото општество коешто е на самиот праг на новата животна ера.
Улогата на секоја граѓанска организација е немерлива и посебно важна во процесот што го нарекуваме Афирмирање на Македонија и затоа мораме да работиме долгорочно и со добро осмислени принципи.
|