НВО “Цивил” и граѓаните заедно

За побезбедна Стара чаршија

Невладината организација ЦИВИЛ со британска помош и соработка со еснафот во Старата скопска чаршија, со полицијата, со општината Чаир, вклучувајќи ги и граѓаните, прави напори да ја направи чаршијата побезбедно место за живеење. Враќањето на животот во стариот дел од градот ќе се реализира со поблиска комуникација помеѓу сите вклучени субјекти кои работат на оваа идеја, а замислата е дел од  проектот „Планови за побезбедна заедница”. 

„Сакаме да ја подобриме граѓанската свест, за да одговориме на потребите на граѓаните. Проектот донесе нови квалитети и прогласени сме за најдобри во регионот”, вели Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, кој напоменува дека се реализира токму фазата којашто е дел од напорите за справување со насилството, особено вооруженото, во правец на јакнење на безбедноста и сигурноста на заедниците, што е една од главните задачи на ЦИВИЛ и Акциската група за безбедност и сигурност во Чаршијата. Нивната цел е токму активирањето на граѓаните во овие процеси и јакнењето на довербата, соработката меѓу нив и општинските власти.

За таа цел, на четирите влеза во стариот дел од градот поставени се минибилборди за информирање на граѓаните за сите настани, особено за  виталните интереси на чаршијата, за безбедноста и сигурноста на нејзините жители, граѓаните, посетителите, туристите, сопствениците на дуќаните, како и учество на граѓанското општество во процесите на заедницата.  На билбордите ќе се најдат и информации од секојдневниот живот на чаршиските луѓе, ќе има одбележување на датуми важни за нив, денови на попусти и културни манифестации. На конструкцијата на билбордите ќе бидат поставени и метални кутии за анонимна комуникација со полицијата и општинските власти, која има за цел да ги приближи граѓаните, полицијата и локалните власти.

Акциската работна група редовно ќе ги празни, класифицира и доставува пријавите и писмата на граѓаните до полицијата и општината. Исто така ќе врши и анализа на брзината и квалитетот на реакцијата на структурите кон кои се обратиле граѓаните, а резултатите од тоа Акциската група ќе ги објавува на четирите минибилборди. 

С.К.