Здравствено образование во училиштата – судир на религиски и световен дискурс
Католичката црква дејствува како „продолжена рака” на Министертството што & е овозможено со една од Ватиканските спогодби со кои Република Хрватска се има обврзано дека католичките вредности ќе станат дел од образовниот систем од градинка до универзитет. Минатата година кардиналот Божаниќ ја организира првата средба на директорите на градинките и училиштата со цел да разговараат за образовни прашања. На таа средба државниот секретар Невио Шетиќ изјави дека „католичката веронаука е ‘рбетен столб на хрватското образование”. Оваа изјава од страна на високиот функционер на министерството не само што дава посебно место на католичката веронаука како круцијален предмет во образовниот систем, туку тоа прави и да се почувствува (не)службениот став на главната световна институција одговорна за образование. Ова се само некои од примерите кои ја потврдуваат тезата на социологот Срѓан Врцан дека католичката црква во Хрватска има монопол на гледишта во сферата на образованието. Тезата се покажа како точна и со примерот на воведување здравствено, односно сексуално образование во училиштата.
Програмата на ГРОЗД, исто како и Тин стар (Теен СТАР) пред неа, се заснова на католичкото учење за сексуалноста и репродукцијата што накратко значи: спротивставување на абортусот, одобрување сексуални односи во хетеросексуална „посветена” врска, т.е. брак, подучување за спречување на „штетната навика” на мастурбација, промовирање на природни методи на контрацепција, додека механичките се отфрлаат како некорисни и „ја менуваат суштината на сексуалните односи”, третирање на хомосексуалноста како „помалку вреден избор” и осуда на разводот и квалификување на тој чин и разведените лица, како оние кои не биле „способни за вистинска љубов” (деталната анализа на програмата на ГРОЗД е достапна на веб-страницата на Коалицијата СТОП РПО) .
Во јавна дискусија за програмата за здравствено образование, вредностите имаа централно место со оглед на тоа што постојано беше нагласувана поларизација помеѓу либералната (ФСО) и конзервативната (ГРОЗД) програма за сексуална едукација. Вредностите дури се сметаа и за главни критериуми при изборот на програма за сексуална едукација, бидејќи според мислењето на ГРОЗД, програмата за сексуална едукација треба да го почитува системот на вредности на родителите и системот на вредности и културниот контекст на државата. Во земја како што е Хрватска, со висок процент на религиозно население, социолошките истражувања на вредносните ориентации и религиозноста укажуваат на фактот дека религиозните испитаници ги прифаќаат традиционалните вредности кои вклучуваат патријархални, авторитетни, етноцентрички и национални обележја, додека нерелигиозните повеќе прифаќаат модерни вредности кои вклучуваат либерални ставови, родова рамноправност и недискриминација. Ставот на ГРОЗД наведува на заклучок дека ако мнозинството хрватски граѓани се религиозни и имаат традиционални ставови кон социолошките истажувања, тогаш нивниот систем на вредности би требало да послужи како основа за соодветна програма за сексуална едукација. ГРОЗД константно ја нагласуваше едукацијата која се заснова на вредности, а и мислењата дека родителите треба да бираат предмет на сексуална едукација во согласност со сопствените системи на вредности. Тие покренаа и потпишување петиција во која еден од потписниците нагласува „вредности, како што се бракот, семејството и почитувањето на родителите се клучни за програмата за сексуална едукација со оглед на тоа што тоа се вредности кои им се важни на хрватите”. Програмата на ГРОЗД е пример на конзервативен пристап кон сексуалната едукација каде доминираат католички сексуални норми и родови стереотипи кои се поврзуваат со националната традиција. „Природен” родов поредок каде се знае што е машко, а што женско и што треба да прават (т.е. патријархален систем), е составен дел на нивната програма, бидејќи категоријата род и без тоа се смета за „феминистичка измислица” која одбиле да ја вклучат во програма, бидејќи Комисијата за здравствено образование при Министерството за образование го побарало тоа од нив.
Последните истражувања евидентирале и зголемена религиозност помеѓу младите. На ниво на вредности, младите кои себеси се сметаат за религиозни имаат спротивни ставови за сексуалноста од оние кои ги застапува нивната вера и црква. Кај младите, световните идеи и вредности егзистираат со религиските вредности. За повеќето религиозни млади предбрачните сексуални односи се прифатливи, голем број од нив користат контрацепција, многумина одобруваат абортус и се противат на дискриминацијата на хомосексуалците, разводот им е прифатлив, како и врските со лица кои се во брак, раѓање вонбрачни деца и живот вон брачната заедница. Постоењето световни вредности и ставови за сексуалноста помеѓу младите дава потполно поинаков поглед на програмата на ГРОЗД за сексуална едукација. Се поставува прашањето колку програмата на ГРОЗД, која првенствено цели на религиозното население, има смисла и може да биде корисна кога стварноста во која живеат млади верници и нивните ставови изгледаат целосно поинакви.
Во јавна дискусија, ГРОЗД честопати нагласуваше дека нивната програма го напаѓа радикалното хомосексуално и феминистичко лоби кое ги прогласува нивните вредности за невтемелени и противзаконски. Оваа изјава покажува целосно неразбирање за концептот на човековите права. ГРОЗД ја презентира својата религиска парадигма како доминантна (бидејќи во Хрватска има 88 % католичко население) и неподложна на законско санкционирање. Католичките кругови нагласуваа дека „во моменти кога гласно малцинство, без разлика кои му се целите, ги наметнува своите вредности врз мнозинството, потребно е да се протресе заспаното мнозинство”. Системот на вредности на „мнозинството”, т.е. католичкиот систем на вредности, се користи како оправдување на дискриминирачката програма за сексуална едукација на ГРОЗД, која ги ограничува и крши сексуалните и репродуктивните права на младите.
Спротивно на овој религиозен дискурс во јавната расправа, световниот дискурс, односно дискурсот на човековите права, остана невидлив и помалку важен. Приврзаниците на овој дискурс се прогласувани за застапници на либерални вредности, иако човековите права се дел од правниот систем на државата, а не вредносна ориентација на населението. Правобранителките негативно ја оценија програмата на ГРОЗД врз основа на законите и конвенциите за човекови права, а не врз основа на своите либерални гледишта. Во јавна дискусија овој аспект честопати се забораваше така што расправата се сведуваше на судир помеѓу либералниот и конзервативниот дел од општеството, каде проблемот ќе го реши родител кој ќе одбере програма соодветна на неговото либерално или конзервативно гледиште. Во световниот пристап, односно дискурсот на човековите права, централна преокупација не се вредностите, туку нудењето вредносно-неутрални информации за сексуалноста, почитувајќи ги сексуалните и репродуктивни права на младите. Информациите се поставуваат над вредностите, бидејќи сите млади, па така и верниците, имаат право на точни, целосни, проверени и научно втемелени информации за сексуалноста. Правобранителката за деца и правобранителката за рамноправност меѓу половите дадоа негативно мислење за програмата на ГРОЗД за сексуална едукација, истакнувајќи дека не е во согласнот со хрватското, но и меѓународното законодавство. Правобранителката за деца истакна дека програмата е вредносно пристрасна и содржи невтемелени изјави. Хрватската конференција на бискупи веднаш реагираше и ја обвини дека непримерно се вклучила во јавната расправа за програмата за здравствено образование.
|
|