Основни категории на Законот за персонален данок од доход

Што е персонален данок од доход


Актуелниот Законот за персонален данок од доход е донесен во 1993 година (Сл. весник на РМ бр.80/93). Во него се регулираат сите исплати кои се однесуваат на физичките лица во РМ, без разлика дали станува збор за жирална или готовинска исплата, односно се регулира начинот на оданочување на доходот на граѓа­ните.

Општи одредби од законот

Согласно член 6 од наведениот закон, персонален данок на доход не се плаќа на следниве исплатни категории:

-  Награди што ги доделуваат ООН и други меѓународни организации
-  Награди за животни достигнувања во науката, културата и спортот
-  Стипендии и кредити на студенти и ученици кои ги доделуваат орга­ни­те на државната управа или фонда­ции согласно законот
-  Награди за спортисти за постигнати резултати на официјални меѓуна­родни натпревари
-  Стипендии за спортисти
-  Надомест за патни и дневни тро­шо­ци за службени патувања, терен­ски додаток и одвоен живот на вработените лица
-  Надомест на трошоци за превоз до и од работа, надометок за исхрана и регрес за годишен одмор на вра­боте­ните лица
-  Надомест за инвалидност, плата и пензија на инвалидни лица
-  Детски додаток
-  Паричен надомест за време на невра­ботеност
-  Помош во случај на смрт на член на семејството
-  Помош за претрпени штети од еле­мен­тарни непогоди
-  Надомест за здравствено осигу­рување
-  Помош за социјална заштита
-  Надомест за телесно оштетување
-  Надомест на штета по основ на осигу­рување
-  Камати по јавни заеми
-  Камати по штедни влогови, теков­ни сметки и депозити
-  Алиментации и други надоместоци по судски одлуки
-  Отпремнина при заминување во пензија
-  Ендократен надомест во вид на испратнина заради трајно анга­жирање на работници под услови и начин утврдени со закон.

Сите останати исплати кои не се на­ве­дени во споменатиот член се исплати кои подлежат на пресметка и уплата на персонален данок од доход. За секоја исплата која не се наоѓа на овој список (значи, не е ослободена), мора да пресметате и уплатите персонален данок од до­ход. Истите (се мисли на исплатите или остварениот доход) законот ги поделил како:

1.  Лични примања по основ на работен однос (плата)
2.  Приходи од земјоделска дејност
3.  Лични примања од стопанска и професионална дејност
4.  Приходи од имот и имотни права
5.  Други видови приходи.

Даночен обврзник

Даночен обврзник е лицето кое прет­ставу­ва примач на исплатата, но одго­ворно лице за пресметка и уплата на дано­кот е лицето (субјектот) кој го исплатува личното примање. Во прак­са, тоа би било вака: даночен обврзник е лицето на кое му испла­ќате одреден надомест, но одговор­носта за пресметка и уплатата на пресметаниот данок е кај оној што го извршува налогот.

За секоја поединечна исплата еден примерок од аконтативната пресметка обврзно му се дава на примателот на исплатата, а најдоцна до 15 февруари наредната година, обврзно му се дава збирен податок за вкупните пре­сме­тани и платени аконтации за персонален данок од доход.

Даночна основа

Даночна основа претставуваат сите приходи (на секој поединец) оства­рени во земјата и во странство намале­ни за една четвртина од просечната плата остварена во државата.

Даночна стапка

Стапката која се користи при пресметка на персоналниот данок од доход е променлива (прогресивно) и зависи од нивото (основица за пресметка) на исплатата, па така за исплати кои се во висина:

-  до 25,500.00 МКД (нето) или 31,500.00 (бруто) МКД се користи стапката од 15%
-  за сите исплати над 25,500.00 МКД (нето) или 31,500.00 МКД (бруто) се користи стапката од 18%.

    Ова значи дека на сите приходи ќе платите 15 % персонален доход до 25,500 (нето), а за секој износ над тоа стапката на оданаочување е 18%.