Предговор


Почитувани читатели,

Пред Вас е првото издание од Адресарот на верските заедници во Македо­ни­­ја. Со ова издание Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го про­дол­жу­ва и про­ши­ру­ва позитивното искуство од Адресарот на граѓанските организации во Ма­ке­донија (7 из­да­нија, последното во 2003 година) и Адресарот на единиците на локал­на­та са­мо­уп­ра­ва во Македонија (2002 година). 

Адресарот има за цел да ја подобри информираноста за црквите, верските заед­ни­ци и религиозните групи во Македонија, како меѓу нив самите, така и кај пошироката јав­ност. Ова е една од целите на програмата Меѓурелигиска соработка во Македонија (ПРМ), во чии рамки е овозможено печатењето на овој адресар.

Со Адресарот се опфатени 23, од вкупно 25 верски заедници, ре­гис­трирани во Ко­ми­­си­­­ја­та за односи со верски заедници и религиозни групи во Република Македонија, според Законот за верските заедници и религиозните групи (Сл. весник 37/1997-1426). Со оглед на тоа што едната од овие две неопфатени верски заедници не ги обновила податоците од првичното ре­гис­три­рање, а другата е во процес на пререгистрација во здружение на граѓани, може да се смета дека Адресарот обезбедува целосна опфатеност.

Адресарот ги содржи основните податоци на верските заедници (податоци за контакт, свештените функции и хиерархиската структура, видот и бројот на верските објекти, верските обреди и празници, активностите и институциите за верско образование, издавачката дејност), како и фо­тографии од седиштето и позначајните верски објекти.

Адресарот е издаден на македонски јазик, а во скратена верзија и на албански и ан­глис­ки јазик. Адресарот е публикуван благодарение на интензивната и добра соработка со сите црк­ви, верски заедници и религиозни групи во Македонија, а особено со членките на Уп­равувачката група и Издавачкиот совет за програмата ПРМ: Македонската православна црква (МПЦ), Исламската заедница во Република Македонија (ИЗ), Католичката црква (КЦ), Евангелско-методистичката црква (ЕМЦ) и Еврејската заедница во Република Маке­до­­нија (ЕЗРМ). Основните податоци за контакт ги обезбеди Комисијата за односи со верските заед­ни­ци и религиозни групи во Македонија.

Издавањето финансиски го поддржаа Дан­ска­та црковна помош и Норвешката црковна помош.

На крајот би сакал да им се заблагодарам на сите нив, како и на сите други учесници во подготовката на ова издание, кои со својот придонес го овозможија неговото публи­ку­ва­ње.

 

Сашо Клековски
Извршен директор