Отворете ги прозорците
“Кумствата” ќе го одржуваат центарот
Активистите на здружението „Отворете ги прозорците” во текот на октомври го повикаа бизнис-секторот да им даде поголема поддршка, а институциите поголемо разбирање за нивната работа, овозможување пристап до информатичката технологија на лицата со хендикеп. „Новите технологии треба да ги надминат старите бариери, а не да создаваат нови”, рече, во таа прилика, претседателката на здружението, Лидија Крстевска-Дојчиновска.
Активноста за мобилизирање локални ресурси на здружението „Отворете ги прозорците” се нарекува „Кумство”. Компаниите што ќе одлучат да станат „кумови на здружението” се обврзуваат да издвојуваат месечни средства што се наменети за создавање услови за директна работа со децата кои доаѓаат во Центарот на здружението каде добиваат пристап до информации и знаење, користејќи ја пристапната информатичка технологија.
Во моментов корисници на Центарот се лица од 5 до 35-годишна возраст, а целта е да се отворат и нови центри каде лицата со хендикеп ќе имаат пристап до компјутерите.
Во „Отворете ги прозорците” се задоволни од одѕивот на идните „кумови”. „Само за еден месец (по промоцијата), трипати се зголеми бројот на заинтересираните во однос на периодот јули-октомври”, рече Крстевска-Дојчиновска. „Досега се собрани 2.500 евра (заедно со опремата) и ние сме задоволни од тоа како течат работите. Некои од нашите сегашни ’кумови’ и самите се јавија и ни понудија поддршка. Ќе продолжиме понатаму со оваа активност затоа што тоа многу ќе ни помогне да го одржуваме Центарот и понатаму”, додаде Лидија Крстевска-Дојчиновска.
Некои од „кумовите” на Здружението се компаниите: Микрософт, Дуна компјутери, Неоком, Рудине, Медикус хелп, Акцент... Активноста се реализира во рамките на Програмата за грантови за филантропија раководена од Центарот за институционален развој, во рамките на Проектот за зајакнување на граѓанското општество, финансиран од УСАИД, а спроведен од Институтот за трајни заедници.
Г.Ј.
|
|