Организатор: Нов живот/Македонски волонтери за акција
Панел-тема: “Волонтерството во Македонија”
Волонтерите треба да се категоризираат според тоа дали се со постојан или повремен ангажман и јасно да им се одредат одговорностите. Освен во граѓанските организации, одлична можност за развој на волонтерството во Македонија е и волонтирањето во државните институции
“Волонтерството не е нешто ново на овие простори. Во Месечина нема постојано вработени лица и сите активности се реализираат на волонтерска основа. Сепак, на волонтерите им се покриваат направените трошоци”, рече Мухамед Точи од ХДЗР “Месечина”, Гостивар, во своето воведно излагање. Граѓанските организации треба да имаат соодветни процедури за работа со волонтери и треба да се дефинираат активностите за кои е нужно или за кои е можно да се ангажираат волонтери. Има потреба тие да се категоризираат според тоа дали се со постојан или повремен ангажман и јасно да им се одредат одговорностите. Соња Арсовска од СОС телефон за жени и деца, Куманово, ја потенцираше потребата од закон за волонтерство и развивање соодветни програми за работа со нив во граѓанските организации. Одлична можност за развој на волонтерството во Македонија е и волонтирањето во државните институции. Катерина Хаџи-Мицева од Меѓународен центар за непрофитно право, говореше за искуствата во земјите од Југоисточна Европа. Некои веќе тоа го регулирале со закон или имаат нацрт-закон, во други има само истражувања или иницијативи за регулирање. Правното дефинирање на волонтерот е "лице кое дава услуги на или за доброто на друго лице (заедница), со слободен избор и без надомест".
Рамка 1: Тодор Пашоски градоначалник на општина Кочани, го изрази своето задоволство од соработката со волонтерите и наведе повеќе примери во општина Кочани во кои клучна улога имаат волонтерите, како манифестацијата "Пазар на можности" и изградбата на канализација во ромската населба Полатски пат во соработка со МЦМС.
Рамка 2: Су Роситер од британската „Прекуморска волонтерска служба” ги пренесе нејзините искуства околу волонтерството. Во Британија, годишно, волонтираат над 22 милиона луѓе (секој трет жител) во вредност од над 60 милијарди евра годишно. Често се смета дека еден час волонтирање има иста вредност како и времето на платениот персонал и затоа волонтирањето се смета како посебен вид донација. Обуката е најчесто споменувана причина за волонтирање, а Владата ги охрабрува претпријатијата да ги поттикнуваат вработените за волонтирање со давање слободни денови за тоа. Негативен аспект на волонтирањето е можноста средствата потрошени за регрутирање и обука на волонтерите да се употребат за директни услуги на корисниците, како и фактот дека организациите во руралните подрачја имаат помали можности да мобилизираат волонтери и се помалку конкурентни од организациите во урбаните подрачја.
|