ИО “Димитар Влахов”

55 години извидништво
 

Извидничкиот одред “Димитар Влахов од Велес, на 19 април 2008 година, го прослави 55 годишното постоење. На свечената седница, која што се одржа во спортската сала СОУ “Јовче Тесличков” во Велес, се собраа претставници на седумте водечки генерации, кои што 55 години го предводеа извидничкиот одред “Димитар Влахов”. Извидничкиот одред е еден од најстарите младински организации во Македонија, а најстар извиднички одред во Република Македонија.

Во текот на 55 години постоење низ одредот поминале околу 32.000 извидници. Членовите на ИО Димитар Влахов во текот на сите години на постоење учествувале на активности ширум целиот свет, промовирајќи го животот во природа, ориентацијата и топографијата, првата помош и заштита и неформалното образование за млади до 20 години. Членството било активно и во раководењето на голем број на младински асоцијации како што биле: РК ССММ, ОК ССММ - Велес, Средношколскиот сојуз на Македонија, Младинскиот сојуз на Велес, Сојузот на невладини организации на Велес.

На свечената седница, во името на Европскиот скаутски регион зборуваше г-дин Јордан Бајрактаров, кои што присутните ги запозна со активностите на Светската организација на извидничкото движење, потоа директорката на Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус”, г-ѓа Весна Шкортова, која се осврна за сите големи достигнувања на извиднички одред Димитар Влахов на полето на развојот на граѓанското општество.

За активностите на одредот во последните пет години (2003-2008) зборуваше довчерашниот старешина на одредот Ангелче Гушев, кој за прославата пред пет години ја напиша и  Монографијата на одредот „Извидништвото во Велес” 1953 – 2003”.

Во рамките на програмата на свечената седница беше емитуван и документарен фил „Програмските активности на одредот 2003 – 2008” кои што беше изработен од членството на одредот.

На крајот на свечената седница беа доделени и јубилејните признанија наменети за членството на одредот и тоа: ЈУБИЛЕЈНА МАРАМА за 5 години активно учество, Повелба „СОНЦЕ” за  10 години активно учество, МЕДАЛ на извиднички одред Димитар Влахов за 15 години активно учество и ПЛАКЕТА на извиднички одред Димитар Влахов 20 години активно учество во реализацијата на програмата на одредот и голем број на Благодарници и Пофалници за донатори, спонзори и поддржувачи на извидничкото движење во Велес.

Со посебно признание на ИО Димитар Влахов беше одликуван братскиот извиднички одред „Мија Станимировиќ” од Ниш - Србија, со кои веќе 10 години активно ја спроведуваме младинската извидничка програма.